Панк-рок бенд

Миле Кекин: Кратко, јасно и без заобиколување кажуваме што мислиме!

Интервју со
Hladno Pivo
26 ноември 2019

Една од ретките домашни културни манифестации што успеа нашата земја да ја позиционира на светската музичка мапа и го одржува тој континуитет веќе 21 година, „Таксират“ во организација на Password, годинава ќе го „преврти градот наопаку" на 7. декември. Ќе се журкаме во „Борис Трајковски" А1 арената, а и овојпат ќе ни биде понудена палета која спојува различни нијанси на музички жанрови.
Се радуваме на секој артист и изведувач посебно, затоа што секој со себе носи чиста енергија која ни е сериозно неопходна во прочистувањето на загаденото секојдневие.

Со појачан интензитет, со габарит од 30 години искуство, 8 студиски албуми и над илјада одржани концерти, агендата на годинешново издание на Таксират ќе ја збогати и најпрепознатливиот хрватски панк-рок состав „Hladno Pivo".

Имавме ексклузивна прилика да бидеме на линија со фронтменот Миле Кекин и од прва рака да ви пренесеме каква енергетска „бомба" ве очекува. Во разговорот со Миле опфативме теми за кои веруваме дека со право ќе го задржат вашето внимание, а се однесуваат и на социјални, општествени и културолошки прашања...

Вашите фанови во Македонија со нетрпение го очекуваат големото финале на 21-то издание на „Таксират", каде повторно сте дел од главната програма. Каква е вашата музичка агенда за повторната средба со македонската публика?

-Минатата година прославивме 30 години постоење, па веројатно ќе направиме некој мега микс од стари и нови песни. Имаме осум албуми зад себе и неколку стотици песни, па и ние точно не знаеме што ќе се најде на репертоарот. Никогаш не сме имале строго дефинирана сет листа, туку импровизираме, гледаме како реагира публиката и оставаме таа да нè носи низ концертот. Обично ги договараме првите три песни, а потоа се случува организиран хаос.

На вашите турнеи, Македонија е честа дестинација. Имаме добро пиво, амбиент, енергија, публика...? На што најмногу се радувате кога ни доаѓате на гости?

-Во Македонија имаме силна фан база, но и многу пријатели, па затоа сакаме да навраќаме барем еднаш годишно. Ни се допаѓа климата, вкусниот зеленчук, пинџурот, ајварот, а и пивото (нема да го рекламирам)... Добро ми доаѓа после добра свирка.

По повеќе од 30 години на сцена, 8 студиски албуми и над илјада концерти, кој е главниот тригер што ве провоцира да креирате во континуитет?

-Тригер секогаш е животот. Ако одиш низ животот со отворени очи, тогаш немаш проблем со инспирација, темите доаѓаат сами по себе. Освен тоа, сакам да патувам и да свирам, веќе многу години живеам од и за музика.

Што е во вашиот професионален фокус периодов?

-Периодов активно работиме на новиот албум, со оглед на тоа дека последниот излезе во 2015-та година. Сакаме следната година да објавиме барем еден сингл што ќе ја подготви публиката за новиот албум. Покрај тоа, јас имам свој бенд со кој исто така настапувам. Во последно време, и самиот многу работам, пишувам, читам, свирам на гитара, се трудам лудилото околу себе да го претворам во стихови.

Што „не е така сиво" генерално во нашето секојдневие на овие простори? Каде наоѓате причина за позитивна мисла?

-Па морам да признаам дека не е лесно да се задржи оптимизмот. Се трудам да ја дозирам консумацијата на интернет, да не трошам време на социјалните мрежи, туку да се видам во живо на пијачка со реалните пријатели. Често „бегам" во природа, се занимавам со спорт, доста читам... Уживам со семејството и децата, избегнувам луѓе што „цицаат" енергија.

Жив ли е панкот на Балканот? Од ваша перспектива каква е актуелната алтернативна сцена?

-Тешко ми е да кажам нешто за алтернативната сцена на Балканот, бидејќи веќе долго време не сум на таа сцена. „Hladno Pivo" сега е веќе „диносаурус", настанавме во време пред интернетот, пред „You tube" и „Facebook". Знам дека има многу добри бендови бидејќи ги слушаме по фестивали на кои заедно настапуваме. Ми се допаѓаат „M.O.R.T" од Сињ, како и тоа што го работи Vojko V, а исто така и „Repetitor" ми е навистина добар бенд. Не знам колку веќе и тие се алтернативни.

Се промени ли некој код во идентитетот на „Hladno Pivo" низ годините? Иста ли е вашата кауза пред 30 години и денес?

-Мислам дека нашата филозофија е иста. Кратко, јасно и на енергичен начин да кажеме што мислиме без многу заобиколување. Секако дека како личности веќе не сме истите од пред 30 години, во меѓувреме на сите ни се случуваше живот кој нè обликуваше, но и понатаму заедно уживаме на сцена. Сè додека е така, ќе продолжиме да свириме.

Меѓу вашите фанови имате и широка база млада публика, што е за респект. Препознаваат ли младите генерации квалитетна музика со оглед на тоа што им е сервирано од гигантите во музичката индустрија?

-Очигледно дека препознаваат. Ако беше поинаку, ние не би успееле толку долго да жвееме од музика, ако ги немавме лојалните фанови од кои голем дел се и дупло помлади од нас. Јасно е дека еден жанр на музика се врти по радио станиците, а поради друг публиката плаќа карти за концерти.

Какво мени оди најдобро со ладно пиво?

-Јас сум еден од оние кои пијат пиво пред ручек, па не знам. Велат дека оди со мрсно и солено, но мене најмногу ми одговара кога сум гладен.

Пред нас е нова деценија. Што си посакувате за претстојните 10 години?

-Да останеме здрави, млади и секси! Да продолжиме да уживаме во музицирање, пишување и патување.

На здравје и се гледаме на Таксират!

Објавено:
26 ноември 2019
Прочитано:
191 пати