Гејмери, креатори на компјутерски игри

Млади ентузијасти креираа игра што ќе ја донесе Македонија поблиску до светскиот пазар

Интервју со
Workbench Entertainment
1 февруари 2019

После четири години работа и без буџет, млади и талентирани ентузијасти од Македонија, креираа компјутерска игра која преку најпознатата гејминг платформа „Steam" ќе ја донесе нашата земја поблиску до светскиот пазар. „Wounded" важи за првата македонска хорор игра зад која стои тимот Workbench Entertainment што го сочинуваат другари со голема желба и визија да фатиме чекор со светската гејминг платформа. Низ нашите страници секогаш оставаме простор за млади и иновативни луѓе кои и покрај сите „услови" се охрабруваат да гледаат далеку и да ги донесат светските текови во нашето општество. Несомнено, во низата такви се и нашите соговорници од Workbench Entertainment...

4 години работа, 0 денари буџет, ама наспроти тоа огромен мотив... Кој беше главниот стимул што ве „крепеше" низ сите предизвици при создавањето на „Wounded"?

-Имавме поминато безброј неспиени ноќи напорно работејќи и осмислувајќи што би било она што ќе доведе до нешто ново (досега невидено) на овие простори (Македонија). Огромен предизвик ни беше да создадеме нешто со потполно 0 буџет, но нашата пасија, желба, љубов кон гејмингот и упорност беше она што нè натера да продолжиме понатаму! Ни беа потребни 4 години да го изработиме овој проект, воедно и учејќи го софтверот/енџинот Unity (UNITY е софтверот во кој се изработува играта) целосно сами. Некои од нас беа дури и приморани да паузираат со факултет, дадовме сè од себе!
Исто така како битен фактор кој влијаше врз нашиот мотив беше тоа што за демото на Wounded, еден од најпознатите светски YouTube-ри Markiplier изјави "Ова е одлично, немам играно толку добра инди хорор игра како оваа". Видеото има околу 5 милиони прегледи.

За сите ние кои сме лаици во светот на гејмерите, како ќе ни го објасните овој проект?

-Првичниот план за овој проект беше да биде игра долга максимум 10 минути која би ја играле само наши блиски луѓе, но со текот на времето како што почнавме да го учиме сè повеќе и повеќе енџинот/софтверот "UNITY" сфативме дека можеме да креираме и создадеме нешто многу повеќе од тоа да биде само 10 минутна игра. Почнавме да креираме плус нови нивоа и да го прошируваме светот на "WOUNDED", со самото тоа што создадовме и додаовме плус локации сфативме дека можеме исто на овој свет да додадеме и приказна.

Која е приказната на „Wounded"? Се работи за првата македонска хорор видео игра?

-Играчот го управува главниот карактер Тим, татко кој е во потрага по својата исчезната ќерка во едно напуштено и мистериозно место. Полека, соочувајќи се со многу препреки, ги открива тајните „закопани" под мотелот „Big Rock".

"Wounded" може да се класифицира како првата македонска игра од жанрот на хорор игри.

Кои се основачите на вашето студио "Workbench Entertainment"?

-Основачи на нашето студио се: Бојан Веселиновиќ, Тимоти Глигоров и Васко Атанасовски. Без трудот и жртвите кои тие ги направија, ништо од ова немаше да постои.

Паралелно со создавањето на играта го учевте и софтверот, без дополнителни претходни познавања?

-Почнавме без никакви предзнаења и тоа беше една од причините зошто почетокот не ни одеше баш сјајно, гледано од временски аспект. Еден од најголемите предизвици беше да најдеме квалитетен програмер кој ќе сака да се нафати на ваков проект. После голем број неуспешни обиди со различни луѓе, го најдовме нашиот драгоцен Шиме Тадиќ.

Доловете ни го амбиентот и процесот, како се создаваше играта...

-Бевме многу лимитирани со опрема, немавме ништо освен еден компјутер кој можеше да го поддржи софтверот. Подоцна, после голем број обиди да добиеме било каква финансиска поддршка или спонзорство од некои од поуспешните фирми во државава кои тотално нè игнорираа, се решивме сè да земеме во свои раце. Немавме студио, работевме од дома и секој трошок го плаќавме од свој џеб. Тоа е малку проблематично кога си средношколец.

28 февруари е официјалната дата кога вашата игра излегува на познатата платформа за игри „Steam“. Како го доживувате овој момент?

-Возбудено и исплашено. Кога толку долго време работиш на нешто и конечно ќе дојде денот да го презентираш на светот, тремата е доста голема.

Зошто се одлучивте да ја создадете „Wounded“, имате ли некои конкретни очекувања и зацртани цели кои сакате да ги постигнете?

-Сакаме да ја подигнеме свеста во државава и да го развиеме гејм дизајнот. Сметаме дека тука има многу талент и може многу да се постигне доколку се инвестира во оваа дејност.

Што после „Wounded"?

-Се надеваме дека после нашата прва игра, ќе можеме да продолжиме да креираме уште пософистицирани игри кои ќе бидат направени со голема љубов, труд и буџет.

 

Објавено:
1 февруари 2019
Прочитано:
1.454 пати