балерина, кореограф и уметнички директор на НОБ

Моќта на жената е убавината на нејзината душа

Интервју со
Олга Панго
5 декември 2019

Кога некој ќе ми речел дека професијата му е живот, секогаш сум помислувала дека се работи за клише, наместен одговор кога некој сака да се претстави во подобро светло. Но, овој пат, кога спроти мене за соговорник ја имам Олга Панго, навистина би можела да ја употребам таа синтагма без да биде клише. Четириесет години во љубов со балетот, тоа навистина е живот.

Балерина, кореограф, уметнички директор на балетот при Националната опера и балет, жена од искуство, жена на позиција, жена-мајка, сопруга и наш соговорник. Во динамичниот распоред, одвои време за разговорот во кој зборувавме за културата, за животните премрежја, како се соочува со годините, кои нема никаков проблем да ги каже гласно... Но, пред сè за нејзината борба да стане балерина:

-Пред 40 години почнав да се занимавам со балет, денес има 48. Почнав да одам во нижо музичко училиште, свирев пијано, си ја сакав музиката. Но, мојата природа е потемпераментна, сакав да играм, да трчам, да се движам. Вежбањето пијано е врзано со седење и вежбање. Тогашната моја професорка, Снежана Филиповска, дојде во „Песталоци“ каде учев, и кажа дека има нови уписи во балетското училиште, кој сака да оди. Јас две раце кренав. Имав уште две другарки кои веќе одеа на балет, но мајка ми сметаше дека тоа би ми било премногу и дека нема да можам да постигнам. Сепак, јас отидов, но дома не кажував за тоа. Кажував дека одам да работам етиди во четири раце. Инаку, балет се учи секојдневно, а на музичко одев два пати неделно, но сега одев секој ден и на мајка ми не ѝ беше јасно зошто. Јас повторно ѝ кажував дека одам за да вежбаме етиди во четири раце – ја започна приказната Панго.

Сепак, криењето на вистината не траело премногу долго.

-Во еден момент се јави мојот професор по пијано Драги Апостолов и мојата професорка по солфеж, Нада Гајиќ и кажаа дека воопшто не доаѓам на музичко. Мајка ми била запрепастена. Тогаш веќе морав да признам дека почнав да одам на балет. Имав големи притисоци и борба околу тоа. Не можеа да разберат дека јас треба да се занимавам со балет. Тетка ми, која и ми купи клавир и ме запиша на музичко, беше единствена која ме поддржа. И ја почнав мојата приказна, така што ѝ ветив на мајка ми дека ќе завршам нижо музичко и дека можам паралелно да одам на балет. Ми беше тешко, бидејќи престанав да сакам да вежбам клавир. Нада Гајиќ, која ме обожаваше, се симна долу во балетско, имавме некој јавен час и се распрашуваше за мене, потоа ѝ се јави на мајка ми и ѝ рече: „Ќерка ти е најдобра, пушти ја, не малтретирај ја веќе да оди на музичко, остави ја да се занимава со балет“. Секако, мојата мајка ќе биде мојата најголема поддршка во целокупниот развој понатаму.

Од балетот, што научивте за животот?

-Научив да сум дисципланирана. Тоа е основа број еден за секој што сака да се занимава со оваа професија. Научив многу за уметноста, музиката, драмата и самата моја професија. Научив да бидам широкогледа, да ги гледам работите малку поинаку. Балетот е професија која природно му дава на човекот вдахновение. Го прави многу побогат од она што е. Со повеќе душа. Битието излегува на површина. Јас многу ја сакам мојата професија. Од првиот момент кога влегов во балетска сала, знаев дека ќе бидам балерина. И многу жртва сум направила по целиот пат. Но, балетот од мали нозе те учи на точност, на што смееш, што не смееш, тој почива на дисциплина. Дури и да си најталентиран на свет, ако немаш самодисциплина тогаш ништо. И на работа. Балетот те учи и на работливост.

Балетот е и компетитивен. Како да не се изгори во амбицијата?

-Сите гориме. А и што значи да се биде најдобар? Талентот е појдовна точка, но сето друго е работа. Секогаш има многу игри. И во балетското училиште, а во театарот и да не зборувам. Постојат игри дали те сакаат или не, кому си љубимец - кому не... Јас многу сум горела... Но, ме спасила љубовта кон професијата и работливоста. Сè што сум направила, било со многу труд, мака и сама. До тука до каде што стасав, успеав сама. Моите родители не се од оваа бранша, не сум била ничија љубимица па да сака да ме бутка... Не сум имала партиска позадина и затоа секогаш ќе стојам на нозе. И сатисфакцијата е поглема. Никогаш не се плашам од ништо. Во секој период од мојот живот имав луѓе, професори, првин беше Снежана Филиповска, па Елисавета Кушевска, која дадоа сè од себе да бидам тоа што сум и ме поддржуваа. Благодарна сум и на моите репетитори во МОБ, Тони Баталаков, Јагода Сланева, кои виделе нешто во мене, па работеле со мене. Луѓето што ме поддржале да станам кореограф, директор... Би ја издвоила и Рисима Рисимкин со која работев долго време, а која секогаш ми велеше: „Јас во тебе не гледам само балерина, ти ќе бидеш нешто многу повеќе“... На Академија имав поддршка од професорите – Петар Локанов, Хикмет Мехмедов, Лили Драгулева... Во секој период сум имала поддршка од луѓе, но за она што сум, а не за да ме буткаат таму каде што не ми е место.

Постои ли денес чиста уметност, во светот, но и кај нас? И ако постои, како да опстои?

-Сметам дека уметноста само таква треба да биде, но не знам дали постои како таква веќе... За жал, сите мешаат многу прсти во уметноста и автоматски веќе не е чиста. Политика е премногу влезена, но тоа не е само кај нас. Сметам дека политиките во другите театри, големи национални, се многу пострашни. Балетските уметници и тоа врвни, доживуваат страшни падови и сопки. Не е тоа тука само кај нас. На глобално ниво е проблем, но вистинскиот уметник секогаш си го наоѓа патот.

Сметате ли дека културата е елитистичка?

-Ме радува што во последниве 10-15 години, некако балетот и операта станаа поинтересни на “обичната“ публика. Секако, балет и опера, за разлика од драмата, спаѓаат во елитистичка уметност. Секогаш, било каде да одите, карите за балет и опера се тројно поскапи отколку за драма. Тоа е така бидејќи нашите претстави се огромни, има огромни костимографии, сценографии, оркестри, комплексна е работата. Многу сум среќна што и обичниот човек во Македонија почна да се интересира и за опера и за балет. Но, гледам дека секогаш класиката преовладува. Сакаат Чајковски да го слушаат, Верди... Но, ние правиме и друг тип на претстави, мора да бидеме во тек со светот, онолку колку што можеме, колку што ни овозможуваат нашите македонски услови. Ме радуваат тие податоци, затоа што и јас сум посреќна како раководител на секторот и генералниот директор сигурно, а и самите уметници се среќни кога играат пред полна сала. Сатисфакцијата е таа. Ние работиме во сала, и сè што правиме од 10 часот наутро, со секојдневни вежби, е за претставата. Таа е нашиот краен продукт. Треба да имаме што да понудиме. Треба да имаме репертоар. Не сме голема популација, но сепак навистина сме посетени. Имаме претстави кои се распродаваат и се бара карта повеќе, имаме и некои со помал интерес... Но, салата има 700 седишта, тоа не е малку да се наполни.

Покрај квалитетот и крајниот продукт, како и интересот на гледачот, сметате ли дека влијание има и цената на билетите, кои би можеле да ги наречеме пристапни?

-Па да, се пристапни. А реално, можеби и не би требало, но мора да е така. Стандардот македонски не го дозволува тоа. Сме оделе на варијанта да се и малку поскапи, како што и си личи, но не можеме. Еве на пример, доаѓа „Оревокршачка“ и четиричлено семејство сака да ја гледа. Подобрите карти се сепак 500 денари, значи треба 2.000 денари за да дојде цело семејство на една балетска претстава, што воопшто не е малку. Сепак, имаме и карти на 50 проценти попуст итн.., но цената е соодветна на стандардот.

Балерина, догодина ќе прославите 15 години кореографска дејност, уметнички директор... Професионалниот пат се менуваше и надградуваше, но како низ годините се менувавте лично? Чувствувате ли промена?

-Да, апсолутно. Кога си балерина и кога мислиш само за себе, тоа е природно - како ќе излезеш на сцената, како ќе ми биде косата... Размислуваш за себе. Кога почнав да се бавам со кореографија, почнав да размислувам за општата слика и за претставата. Сфатив дека не можам да ги гледам од своја точка и морам да застанам на друго место и да ги погледам. Ја гледаш општата слика и размислуваш за играчите. И за сè она што ја сочинува претставата – од музика, сцена, костими... Правењето претстава е голема организација, но и креација. Меѓутоа, мора поединечно да се работи со секој лик, со ансамбл... Има поинаков пристап. Од тој момент престанав да размислувам за себе како играч, туку да ја гледам сликата глобално. И автоматски почнав да се менувам. Тргнав по еден друг пат. Кога се запишав на академија во Пловдив, не бев сигурна дали сакам да се занимавам со балетска педагогија, балет- мајсторство и кореографија. Се запишав затоа што сакав да се надоградам. Бев во зенит, имав 27-28 години, ми се пружи шанса, академијата беше многу добра во тоа време, имавме руски професори и сметав дека е добро да го направам тоа. Таму поминав пет години со сè мастерот и како поминуваа годините, почнав да се менувам и поинаку да ги гледам работите, иако јас сè уште бев балерина, имав 32 години. Сакав да сум на сцена. Јас и денес сакам да сум на сцена, секако нели на тоа што можам да одговорам поради годините. Со педагогија многу подоцна почнав да се занимавам, бидејќи почнав прво да кореграфирам – опери, драми, мјузикли – едно по друго се редеа работите.

А кога станавте уметнички директор?

-Кога станав уметнички директор, тогаш сфатив дека комплетно работиш за другите. Одговорноста е друга. Правиш престава, ја завршуваш и таа секогаш останува на играчите. Сметам дека балетските уметници се многу важни и никогаш кореографот, педагогот, ниту директорот може да е тоа што е, ако не се балетските играчи. Тие се најважното ткиво во оваа професија. На синџирот сè друго доаѓа после. Тие постојат за да ние постоиме. Затоа и имам таков однос кон колективот и со колегите со кои сум веќе 30 години. Ние сме големо семејство, функционираме заедно. Имам колеги со кои повеќе време и подолг период сум со нив, отколку со семејството дома. Секогаш се трудам да ги балансирам работите, затоа што сметам дека така треба. Сметам дека секогаш јас треба да сум таа преку која ќе одат копјата, за работата да тече непречено. И да не се создава јаз меѓу луѓето, за да не се функционира подоцна. Не треба така. Јас така го терам овој мој раководен пат. Многумина мислат дека можеби треба да сум поостра, да удрам на маса, но јас знам како да го спроведам тоа на најдобар начин.

Олга Панго со Бисера Чадловска

Дали и приватно сте таа преку која одат копјата и премрежја за да бидат работите во ред?

-Имам голема поддршка од сопругот и од мојот син. Тој е веќе голем, израсна со мојата професија, од мало дете доаѓа во театар, повремено учествуваше во претставите. Учеше музичко, убаво пее. Но, и тој сфати - мама е на работа, мама има работа... Сфати дека тоа е тоа што ме исполнува, ме прави среќна, во крајна линија заработувам за семејството и тоа така треба да биде. Имам голема поддршка од сопругот, бидејќи моето отсуство од дома е големо. Често патувам. Работам кореографии и надвор, држам и мастер класови надвор, баш неодамна бев во Турција. Можеби физички не сум со семејството, но сметам дека многу правам за да опстоиме.

Наутро, кога ќе се погледнете во огледало, што гледате? Што си кажувате?

-Гледам дека ден по ден сум постара : ) А искрено, немам многу време да се гледам во огледало и да се анализирам. Макар што мислам дека ми треба некоја поправка на лицето : )

Значи ли тоа дека се плашите од стареењето?

-Не, воопшто. Имам многу млад дух, имам 48 години и воопшто не ги чувствувам. А се забележуваат, како не. Телото има промени... Но, сметам дека духот го одржува телото, а духот ми е многу млад. Многу ме интересира животот. Заинтересирана сум комплетно за животот, за она што е убаво што го сочинува. Секако доаѓаат и тешки и лоши моменти што мора да ги соочиме. Но, мислам дека добро “терам“ и така ќе биде додека сум жива и здрава.

Го споменавте телото... Балетот го доведува телото во постојана борба, до максимални граници... Какви се придобивките и штетите што се рефлектираат во младоста, но и сега, во позрелите години?

-Во младоста е многу убаво. Балерините се исправени, мускулите се убаво дефинирани. Има разлика и со другите жени што вежбаат, балерините имаат грациозност. И мажите што се занимаваат со балет имаат убави мускули, грб, исправеност... Но, од друга страна, балетот е тотално неприроден. Сите имаме проблем со кичмениот столб, спондилози, дископатии, дискус хернии, коленици, зглобови... Јас со години имам спондилоза и кога ми го снимаа вратот се чудеа колку ми е прав. Затоа и имаме бенифициран стаж. Не може да се игра многу долго, а сепак има исклучоци. Балетот е професија за млади.

Која е моќта на жената?

-Убавината на нејзината душа. Во ништо друго. Ако е убава од внатре, тогаш ќе биде и до надвор. Но, мора да внимава на себе. Ако е запуштена, неуредна, тоа е првото нешто што „публиката“ го гледа, да се изразам сценски. Но внатрешната убавина е најважна од сè.

Задоволна ли сте од себе?

-Да, но секогаш мислам дека можам повеќе. Лимит никогаш не ставам за ништо, бидејќи секогаш мислам дека може повеќе. Задоволна сум каков ми бил текот на животот, доста ми било макотрпно и на професионален и на приватен план. Но, секогаш многу давам. „Рака што дава не се суши“ ми е животна девиза. Сметам дека многу давам, но ми се вратило секогаш со убаво, ми се отварале вратите на поинаков, убав начин.

Сега кога разговараме, носите маичка со знакот на Супермен. Се сметате ли за супержена?

-Се сметам, од време на време се сметам, бидејќи во текот на денот правам многу работи.

И кога сме кај облеката, каков стил преферирате?

-Секогаш сум се облекувала спортски, имам повеќе од 20 пара фармерки и кога останав бремена тоа ми беше најголема болка, како не можам да си ги носам фармерките. Се сеќавам, патував за Шведска, па од H&M си купив неколку пара за трудници. Немам некој посебен стил или омилена боја. Но, многу сакам шопинг. Многу сакам да си купувам облека, чанти, шминки, обувки, тоа ми е издувен вентил, ме одмара... Ќе купам нешто, ќе го облечам еднаш, па маж ми вика дека пак носам едно те исто, така што и тоа е точно, но ете немам друго издувен вентил. Сакам црна, бела, црвена боја...

Годинава е на изминување. Професионално, како сте задоволни од 2019 година, во која како институција прославувате 70 години балет...

-Годинава ја изработивме во рамките на можностите. И претходно кажав, колку пари добиваме од Министерство, така можеме да располагаме. Од предвидениот буџет добивме помалку од половина, па не успеав за јублејот да ја направам „Бајадера“ која ми беше сон. Останавме со „Кармен“ и „Валпургиска“ кои поминаа одлично. На 14 декември ќе имаме гала концерт со гости од надвор и подготвуваме изложба, со која ќе го заокружиме и јубилејот 70 години балет и годината. Со оглед на тоа колку пари добиваме, задоволна сум. Сепак најдов начин, за „тури-претури“ сум мајстор, така сум и дома :). Следната година кон крајот на март ќе имаме премиера на „Жизела“ и посакувам конечно да ја направиме „Бајадера“.

Какви чувства Ви буди овој предновогодишен период и што би си посакале за следната година?

-Пред Нова година секогаш имам многу работа, години наназад декември месец ми бил „пеколен“, така што немам многу време да ја почувствувам празничната атмосфера. А ќе си посакам среќа, здравје на мене и најблиските бидејќи без тоа не може ништо друго да се постигне.

Објавено:
5 декември 2019
Прочитано:
1.005 пати