Проект „40-те се новите 20-ти

Моќта на жената е во зборот!

Интервју со
Јана Манева Чупоска
8 октомври 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Дамата со која овој пат разговаравме е декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, професор, уметник и дизајнер. Таа е Јана Манева Чупоска (44), а во оваа пригода ни откри на што ја научил нејзиниот татко, уметникот Коле Манев, на што размислува кога ќе се погледне во огледало, во што е моќта на жените, како и зошто оваа декада од животот е посебна. 

Во продолжение погледнете и прочитајте за една поинаква, но сепак своја Јана.

Што научивте од животот досега?

-Од животот научив да го правам тоа што сакам да го правам. Среќна сум и што искуството можам да го споделам со некој друг. Тоа е главното мото што ме држи да бидам позитивна и исполнета со љубов. Второ, и мојот сопруг е од областа на уметноста и културата, сметам дека и тој сегмент е многу важен да се разбираме и  поддржуваме за сите работи кои што следуваат во тој контекст. Среќна ме прави семејството најмногу, особено мојот син што животот ми го направи уште поубав од претходно. Мислам дека сето тоа поврзано во една целина, дава убав призор.

Кои се предностите на жените во 40-тите години од животот?

-Убедена сум дека жената е најзаводлива во овие години, бидејќи е многу зрела, има став, знае што сака, има изграден стил – од животен до моден, до професија итн.  Жена може да зрачи и да не е толку физички убава, затоа што има сопствен шарм, затоа што знае да разговара, да ги почитува луѓето, да биде среќна и сето тоа ја прави да биде убава. Имате и обратен случај. Имате девојки што се физички беспрекорно убави, но кога ќе седнете со нив две минути да разговарате, сфаќате дека недостасува нешто. Според мене, идеална убавина е кога има баланс помеѓу духовното и физичкото. И јас се стремам токму кон тој баланс.

Која е Вашата слика за една реализирана жена?

- Го подржувам секој оној што верува во својата лична слобода, а тука мислам на сопствен избор за многу работи. Тука се вклучени и оние општествени и традиционални норми што сите ги знаеме. Но, според мене, чувството кога една жена ќе стане мајка е незаменливо. Сметам дека тоа е приоритет. Некои жени не можат, некои не сакаат да имаат деца... Не е мое да судам, ниту да искажувам некој ригорозен став. Но, животот добива поразлична смисла кога вашето тело, од најфизички аспект, создава едно ангелче кое носи сè што вие носите од гени, но со сопствен идентитет. За мене тоа е најсовршената улога на жената од било кој аспект – сакате од научен, естетски, медицински, од феминистички во крајна линија. Сметам дека тоа е врвот. Секако, треба да се создадат идеални услови, да се има идеална свест, без патетики. Денес многу се дискутира на таа тема и мислам дека тоа изгледа патетично, но многу зависи каков став имате.

Се чувствувате ли секси?

-Да, од време на време, не секогаш. Секоја жена треба да е секси, заводлива.  Но, тука не мислам на идеални пропорции. Секси може да биде секој оној што добро знае своето тело да го истакне. Иако јас многу повеќе ја почитувам девизата на Шанел, која вели дека, секси е сè она што повеќе ќе го сокриете. За мене секси не е кога ќе ги извадите градите надвор или ќе облечете претерано кусо мини здолниште.

Сексот на 20 или на 40?

- На 20 е поинаков. На 40 е апсолутно поубав. Ја контролираме повеќе ситуацијата. Едноставно сè е пофино.

Задоволна ли сте од себеси?

-Да, задоволна сум. Моите цели се поскромни, немам мечтаења од типот да имам милион долари, да имам куќа на Хаваи, да возам не знам каков автомобил... Мојот извор на задоволство го прикажав погоре.

Што гледате кога ќе се погледнете во огледало?

-Во последно време кога се гледам мислам само на обврски, бидејќи периодов ми е работен. За годините не размислувам, бидејќи мене таа бројка апсолутно ништо не ми значи. Дури, ако ми верувате, и кога ми е роденден, јас никогаш не знам колку полнам. Таа бројка е само човечка потреба за мерење на времето. Создадени сме на Земјата да функционираме така како што е, во секое животно доба, така што доста сум смирена во тој поглед. Мислам дека тоа е еден неизбежен процес. Јас сум православен христијанин и почитувам многу работи од тој аспект, чувствувам сигурност и немам дилеми за тоа што после смртта. Верувам и сакам да верувам дека Бог е тој што ќе мисли за нас. Во ова денешно време кога владее синкретизам од различни духовни аспекти, драго ми е што живеам во центарот на една земја која има историја во делот на Православието и невозможно е да не го почувствувате, било каде да одите, тргнувајќи од Охрид или Св. Јован Бигорски итн. И тоа секако влијае врз желбите и оформувањата.

Отсекогаш ја негувате долгата коса. Сметате ли дека Вашата моќ е во неа? И генерално, која е моќта на жените во 40-тите?

-Мислам дека е зборот. Тоа е поврзано со личниот став, со сигурноста во себе, желбата кон професијата, семејството. Сметам дека е клучно тоа што го говорите. Таа убава женска зрелост, според мене, тежи најмногу во зборот. Физичкиот изглед ми е второстепен. Не велам дека не е важен, јас припаѓам во делот на дизајнот и тоа ми е многу важно, но не и најважно. Ако мислите дека косата ми е Ахилова пета, не ми е (се смее). Некако во делот на естетиката имам квота во која се движам и тоа сум јас. Но, може ако побудалам на стари години, ќе се ишишам кратко и ќе станам русокоса. Сè е можно. Уметноста е креативна лудост, таа сè дозволува. Јас не сакам да имам норми во тој дел. Косата не ја негувам нешто претерано, таа е едноставно мој имиџ.

Какви промени Ви донесе оваа животна декада?

-Не би можела ништо конкретно да кажам. Ми донесе поголема професионална активност, поголема амбиција за работа. Желбата за креација не се намалува, туку се зголемува. Тоа е веројатно карактеристика на овие години. Навистина сметам дека сум во најдобрите години, кога можам да го достигнам мојот личен врв професионално.

Колку Вашиот татко имаше влијание во она што Вие сте денес и приватно и професионално?

-Има огромно влијание. Првата работа што ја научив од мојот татко е да се почитувам себеси. Втората работа што ја научив, бидејќи тој е пред сè уметник и знае колку се важни тие слободи за што говорев и претходно, посебно во уметноста, е да ја имате личната слобода. Да правите што сакате, не во анархистичка смисла на зборот, туку да го изберете тоа што вие сметате дека треба да го работите. Од него научив да бидам многу вредна, бидејќи тој е многу вреден и комплетно посветен на својата уметност. Научив да не се жалам, бидејќи уметноста е благородна, убава состојба и среќна сум што припаѓам таму. Некогаш ме прашуваат дали се замислувам поинаку и јас велам: „Никако!“.

Но, постои генерациска разлика помеѓу желбите во однос на уметноста на мојот татко и мојата. Јас сепак припаѓам на една современа генерација, на едно поразлично време и ги користам технолошките алатки што ми ги нуди. И на уметност што подразбира интердисциплинарност. Тука влегува сликарство, музика, филм, глума, фотографија, видео. И добро е што можам да бирам, бидејќи имам искуство во фотографија, дизајн, видео-артот, сликарството, и тоа е ваш израз, препознатливост и креативен идентитет. Така што, татко ми не ми беше товар. Јас сум горда што сум ќерка на Коле Манев. Морам да признам дека тоа не секој така го гледа. Горда сум што имам таков татко. Во многу земји ме прошетал, одблиску да ја почувствувам уметноста, а прво уште како мала во неговото ателје. Начинот, како животен стил, беше поразличен од оние во мојата средина, каде што го поминав детството, а тоа е населбата Ченто, каде татко ми сè уште живее... Ретки беа уметниците тогаш.

Дури и би рекла дека можеби некои и ни позавидуваа што имаме таков убав склоп на семејство, кое често патува, има убави услови за живот, опуштен, релаксиран. Секако сме имале и проблеми, не сакам да направам идила, но навистина имав среќно детство и многу е подобро кога родителот ви е уметник. Полесно ќе се разберете и ќе имате поддршка за многу работи. Вечно ќе му благодарам што, тоа што сум јас денес во голем дел има и тој влијание, што ми помогнал во клучни моменти, кога сум се наоѓала пред животни избори и за поддршката и разбирањето.

Помага ли уметноста подобро да се разбере животот?

-Без уметност нема живот. Како велат Art is life, life is art. Тоа е моето мото и јас верувам дека е така. Замислете го тоа општество без уметност, само со економисти, правници, лекари, со почит кон сите професии. На што би личел животот без уметност? Без уметност не може. Уметноста е живот.

Сметате ли дека 40-тите се нови 20-ти?

-Да. Знаете што е клучно? Во една пригода реков дека, кој како сака нека го разбере, но мислам дека сме среќна генерација. Можеме да разликуваме различни општествени периоди, од една Југославија, знаеме каква беше и како нè оформи... Фативме клучни историски периоди кои нè направија да бидеме помудри, похрабри, подостоинствени. Има разлика од генерација до генерација, иако секој за својата вели дека е најдобра. Но, 90 проценти од луѓето од оваа генерација станаа успешни и тоа кажува нешто. Тоа значи дека имаат однос кон себе и кон професијата, тоа им е важно и придонесуваат за некое општо добро. Улогата на уметноста во еден дел е и тоа. Горда сум што припаѓам на таа генерација и можам да кажам дека добро функционираме.

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Елена Лука

Мakeup: Елена Лука

Објавено:
8 октомври 2015
Прочитано:
4.363 пати