Архитект и креативец

Може да се заработува од тоа што те прави среќен

Интервју со
Стефанија Пејчиновска
16 септември 2016

Со нејзините фантастични ракотворби се запознав сосема случајно на социјалните мрежи. Вниманието ми го привлекоа маркантните кукли што ги изработува од рециклирани материјали, а се буквално како ликови од некој футуристички филм, со свој лик, карактер и животна приказна. А потоа лесно се пуштив во авантурата низ нејзиниот креативен и колоритен свет... Се почувствував како во некоја нова димензија на моето детство. И не се двоумев да ја контактирам. Стефанија Пејчиновска твори фантазија зад нејзината етикета Damaja Handmade. Со неа ве запознаваме во продолжение.


На еден несекојдневен и уникатен начин давате современа димензија на архаичните занаети карактеристични за нашата традиција. Како започна целата идеја околу Damaja Handmade?

-Damaja Handmade пред се' e производ на мојата одлучност да работам за себе и потребата да се изразувам креативно. Се обидов да работам за други, сменив неколку работни места, но импулсивна личност сум, не знам да премолчам кога сметам дека нешто не е фер. Па така и не можев да молчам дур работев за некој по 8-9-10 часови дневно за срамежлива македонска плата како инженер архитект. Потоа за да ги излечам насобраните фрустрации во текот на работниот ден истата ја трошев на кафиња или облека, а паралелно главата ми вибрираше од идеи за нешто убаво. Но, ништо не е случајно. Да не го доживеев тоа, можеби немаше толку интензивно да се посветам на Дамаја. Понекогаш работам и по 15 саати на ден, и сабота и недела, ама барем знам дека работам за себе и го живеам 24/7 тоа што го сакам. Со Damaja Handmade конечно му дадов форма и функција на она што го изработувам откако знам за себе, комбинирајќи ја потребата за рачна работа во детали, љубовта кон природата и вербата дека може да се живее и заработува од тоа што те прави среќен, а не како што не' воспитувале нашите родители дека тоа треба да е само хоби. Зарем не би бил поубав овој свет кога сите би станувале наутро и би оделе на хоби наместо на работа? Како што вели Славој Жижек: "Не ги мразите понеделниците, го мразите капитализмот." Капитализмот кој не' направи бескруполозни конзуматори кои заборавија на зборот 'доста'.


Чии се вештите раце?

-Јас сум Стефанија Пејчиновска, дипломиран инженер архитект на Архитектонскиот Факултет. Вештите раце најверојатно ги наследив од покојната ми баба Милица. Деновите со неа во детството ми се најживописно врежани во мојата меморија, која е прилично селективна. Дури и во комбинацијата и употребата на боите во секое мое дело ја гледам неа. Уште на времето сите баби ткајачки, нејзини пријателки употребуваа прилично темни и монотони комбинации на бои - нијанси на црвена, бела, црна. Баба ми беше смела, ведра и никогаш досадна, па така и боите на нејзиниот разбој. Таа ме научи да плетам, да везам и рацете никогаш да не ми бидат уморни.

Рековте дека Вие сте дипломиран архитект, па колку тоа ви помага во „градењето" на поинаков, „имагинарен" свет на бои, текстури и форми?

-Секако дека ми помага. Одлуката да се запишам на архитектонскиот факултет ми беше првата важна одлука која ја донесов сама и никогаш не зажалив. Студирав 7 години и тие години ми се едни од најисполнетите години во животот. На Архитектонскиот Факултет се запознав со еден поинаков свет и поинакви луѓе и конечно се почуствував дека некаде припаѓам. Не знам сега како е, но во времето кога јас студирав тоа беше една магична конекција помеѓу луѓе. Среќна сум што сплотивме таква убава енергија да го привлечеме тоа животно искуство. Идејата со која се запишав како студент и ентузијазмот за она што јас си го имав замислено за студии по архитектура изчезна уште во втората година студирање, кога увидов дека не е тоа една бескрајно креативна професија за која мечтаев. Продолжив да студирам затоа што немав храброст да се откажам, во главата ми ѕунеше реченицата: "Заврши факултет, човек да станеш." Искрено многу повеќе ме инспирираа дружбите со луѓето отколку предавањата кои ги посетував. Можеби затоа што не бев целосно во филмот: сакам да бидам архитект и ништо друго на овој свет.

Колку „детето" во Вас има улога во создавањето на ракотворбите?

-Детето во мене е се' уште видно присутно и работам на тоа никогаш да не ме напушти. Го хранам со инспирација секој ден и тоа ми ги шепка сите идеи, јас само ги изработувам.
Всушност детето треба да биде присутно во секого од нас. Децата го живеат вистински денот и моментот без да се грижат за утре, затоа што знаат дека утре се' ќе биде во ред (се грижеле или не). Децата се водени од моменталната инспирација и никогаш не грешат. Кога едно дете е подржано во својот сон тоа ќе биде најсреќното дете на светот. Сакајте си ги децата и хранете ги нивните соништа, но сакајте го и детето во себе, и чувајте го засекогаш затоа што тоа дејствува со срцето, а не со разумот. Умот зборува од искуство и сака да живее со својата конфорт зона, а срцето може да не однесе до непознатото и да откриеме работи кои никогаш не сме ги ни замислувале.

Вашите везови се импресивно прецизни. Како ги стекнавте вештините?

-Благодарам. Како што спомнав претходно, баба ми ме запозна со процесот на везење, но сепак на почетокот тоа не беше толку прецизно како на производите што ги гледате денес. Како и се' друго и везењето си бара време и пракса,посветеност и љубов која треба да се негува. Има повеќе везачки техники, јас практикувам само две, и буквално везам како што во моментот мислам дека би бил поверодростоен приказот на содржината. Освен контурна скица или цртеж, немам претходни планови или спремни нацрти за детално остварување на везот. Грешам се разбира, но една од работите кои ми ја олеснува работата е што секоја грешка е лесно поправлива, одвези - навези.


Какви производи изработувате?

-Започнав со изработка на перници, продолжив со ташни, несесери, футроли за мобилен, торби за апарат, перници и играчки за деца, држачи за завеса, везени портрети, украсни ѓерѓеви за на ѕид, најнова страст ми е изработка на кукли, но имам уште многу идеи на ум. Везењето е бавен процес, нo никаде не брзам, има време за се'. Колку што не го сакам брзиот начин на живот, толку уживам во бавната изработка на секој производ. Многу од идеите за производите ми ги предложиле клиентите, никогаш не велам не на нечија идеја пред да дадам се' од себе за да ја изработам.

Какви техники и материјали користите при изработката?

-При везење користам две техники : стандардна и french knots. Сега за сега добро се снаоѓам во остварување на замисленото и со овие две, но си ветив дека ќе научам нови во блиска иднина. Исто така собирам мали парчиња - остатоци од рециклираните материјали кои ги користам, па од нив правам текстилни колажи, комбинација од рачно шиење и везење и шиење на машина. Текстилните колажи најчесто ги изработувам во форма на перници.

95% од материјалите кои ги користам се рециклирани од стара облека, чаршави и винтејџ текстили. Почнав да собирам неупотреблива облека и материјали кои ги наоѓав дома, а сега сите фини луѓе околу мене штом решат да се ослободат од парче со убав дезен ми го донираат. Таа среќа за мене е паралелна на среќата која за други ја носи шопингот. Како што тие си креираат комбинација во глава за новото парче облека, така јас си кројам нова Дамаја приказна за старото.

Рециклирањето е мојот придонес за подобар свет што и му дава вистински смисол на она што го работам. Купувам материјали само кога тоа е неизбежно и кога клиенотот има специфични барања. Зошто да купувам кога текстилната индустрија е втора загадувачка индустрија во светот, кога земјите во кои првично се произведува облеката се земји со брда од текстил. А наспроти тоа во облеките спремни за отпад има толку многу потенцијал, но ние не можеме тоа да го видиме, заслепени од новата преубава колекција во Зара, слична на онаа претходната.

Колку се важни деталите?

-Ја сум деталиста, цепидлака, буквалиста, па да, прилично (ми) се важни деталите. Не пуштам ништо од мои раце додека не е секој "конец" на место. Работам до последен момент, сакам да бидам сигурна дека сум дала се' од себе и сум го направила по моја "мера". Конкретно за ова што јас го работам сметам дека деталите ја чинат суштината на завршниот производ. Секое чувство и емоција се манифестира во секој повлечен конец. Секој нерв треба да е сконцентриран и смирен, истраен до крај. За мене везењето е медитативен процес, така да уживам во секој детаљ и среќна сум што луѓето го чувствуваат тоа и ми овозможуваат јас да медитирам секој ден.

Каде може да се купат Вашите производи?

-Повремено одам во Берлин, производите ги изложувам и продавам во неколку продавници таму. Тука се' уште немам отворено ателје или студио каде би можел секој да ме посети, се надевам наскоро! А до тогаш доколку има некој заинтересиран за моите производи или има идеја за нови може да ме исконтактира преку facebook или на меил: contact@damajahandmade.com

Објавено:
16 септември 2016
Прочитано:
1.568 пати