Фешнел за Мовембер

Мустаќи - кој пробал, знае!

Интервју со
Богдан Илиевски
11 ноември 2015

Ако во октомври зборувавме за розовата панделка и лицата со Даунов синдром, месецот ноември ни е во знакот на „Мовембер“. Покрај тоа што пишувавме за приказната што се крие зад ова движење и за значењето, одлучивме да поразговараме со неколку интересни мажи со мустаќи. И брада. Или и двете.

Со интересен и забавен разговор и исто таква фото-сесија, Fashionel.mk одлучи да зборува за нешта што навидум се забавни, но истовремено и сериозни и се приклучува кон подржувачите на Мовембер,.

Прв соговорник на оваа тема ни е архитектот и блогерот, Богдан Илиевски, или како што можеби повеќемина го знаат „Бетмен Велит“. А, што „велит“ тој за мустаќите и мажите, читате во продолжение.

Маж без мустаќи е...

- Фудбалер? Сериозно, загрижувачки е колку малку фудбалери имаат мустаќи денес. Маж без мустаќи е Џорџ Клуни, маж со мустаќи е Том Селек. И Гоце Делчев. Мустаќите се како текила во 2 наутро. Можеш и без неа, ама... кој пробал знае.

Мустаќите се дел од изглед или идентитет?

Нема или. Мустаќите растат од внатре, не се купуваат во маркет. Визуелен идентитет. Не се парфем или трегери.

Мустаќите се дел од историско наследство, мода или начин на изразување на машкиот сексапил?

- Мустаќите се влакна кои растат меѓу усните и носот, нели? И бемката на кожата е некрозно ткиво. Е сега, кај Мерилин Монро такво некрозно ткиво стана секс симбол на цела генерација, кај некој друг бемките на лицето даваат поразличен ефект. Мустаќите од тебе не може да направат секс симбол, алфа маж или модна икона. Одат во пакет со „пилето“ кое го имаш – или го немаш.

Зошто мажите си ги допираат мустаќите?

- Што знам, сакаме да допираме работи? И за да се осигураме дека не останало сведоштво за јогуртот или чорбата од доручекот. Плус, од време на време треба да ги погалиме за да знаат дека ни значат. Да ги тренираме да се посилни, поспремни за хемиски покомплициани предизвици од јогурт и чорба. Плус, има некоја чудникава аура на длабока мудрост проаѓањето со рака околу мустаќи. Ќе ги погалиш, ќе ги протриеш неколку пати со палец и показалец и моментално започнуваш да делуваш дека си длабоко замислен и сосредоточен, фокусиран на нешто крајно сериозно, изгледаш како мислител кого го мачи егзистенцијална дилема. А ти во моментот размислуваш дали може да прднеш, а никој да не чуе. Тоа е моќта на мустаќите.

Мустаќите од хипстерска супкултураа станаа искомерцијализирано лого што може да се сретне на многу производи....

- Сè уште не научив што точно е хипстер и која е неговата супкултура, па не можам да направам споредба, ама мустаќите постоеле десетици милениуми пред да измислиме таква супкултура. Така што, коментарот би требало да биде за тоа како мустаќите од украс на лицето на хомо еректусот станаа искомерцијализирано лого – и одговорот е дека веројатно на луѓето им здосадија мазните лица, па мустаќите започнаа комуникација со оние зони во потсвеста кои не штедат пари кога се во прашање „пополнувањата на дупките“ во позитивното себечувство на секој човек.

Што е всушност „Мовембер“?

-Движење кое го менува односот на мажот кон сопственото здравје – во светот. Противниците на машкото здравје во оваа кампања се ракот на простата, ракот на тестиси, менталното здравје и физичката состојба, мустаќите се соларните панели кои ја прибираат сончевата енергија (океј, парите) која после се користи за загревање на котелот во кој се овие противници. Намерата е да им направиме да им е пекол (се смее). Е сега, кај нас малку потешко се менува односот на мажот кон сопственот здравје бидејќи балканскиот карниворен мажјак тешко се убедува дека нему нешто може да му фали, па затоа не оди на доктор да се проверува. Има и теории дека наведениот примерок се плаши од болести и затоа ги замижува дури не поминат, ама тоа се тези пласирани од конспиративците кои веруваат во вонземјани, хемтрејлс и во македонската фудбалска репрезентација.

Колку Македонците се информирани за ова или повторно станува збор само за површен тренд?

- Од година во година се информираат сè повеќе и повеќе. Добар дел од нив не знаат зошто (тие или другите) носат мустаќи, но ќе научат. Затоа и основачите на Мовембер одбрале да пуштаат мустаќи, бидејки се визуелно доминантни и ги отвораат каналите на комуникација. „Мовембер“ е поддржан и од жени, се разбира. Нема ништо без дамите. Секоја може и да се регистрира како поддржувач на кампањата и каузата.

Кога последен пат си бил ти на преглед?

-Јас сум балкански карниворен мажјак.

Навистина ли жените повеќе сакаат мажи со мустаќи? И зошто?

- Гледате како фино си одговоривте на првиот дел од прашањето, поставувајќи го вториот дел од прашањето?

Објавено:
11 ноември 2015
Прочитано:
1.188 пати