Оперска певица

На сцена најчесто играм улоги на грофици, кралици и силни жени

Интервју со
Мила Јаневска
8 мај 2019

Со своите 22 години, Мила Јаневска веќе може да се пофали со врвни, светски достигнувања како млада оперска певица. Откако го завршила средното музичко образование во родното Скопје, без размислување нејзините амбиции биле да го продолжи образованието во Виена, матичниот град на операта. Со постојана работа и вложување во себе и во својата пасија, успеала во огромна конкуренција од 600 кандидати од целиот свет, да влезе во најтесниот круг од дваесетина студенти што ќе имаат привилегија и ретка можност да студираат на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Виена. За тоа каков бил патот до Виена, какво е искуството да се настапува на импозантни сцени, каков е концептот на образовниот процес таму, што е нејзина најголема гордост до сега, но и каде се височините кон кои ита, разговаравме со Мила додека беше на краток престој во Скопје.

Раскажете ни за Вашите први средби со класичната музика?

-Паралелно со запишувањето во основното училиште, го започнав и моето образование во нижото музичко училиште, каде што посетував часови по пијано, солфеж и теорија на музиката. Така започна моето вљубување во музичката уметност. Покрај свирењето пијано, имав голема желба за пеење, која што ја реализирав преку учество во хорови, меѓу кои најзначајно место има детскиот хор ,,Изворче" под диригентската палка на маестро Запро Запров. После осум убави години дружење со класичната музика, многу спонтано и природно дојде моето запишување во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј", а бидејќи преовлада љубовта за пеењето, се запишав на отсекот за соло пеење во класата на проф. Александра Коцевска. Во текот на моето школување постепено ги откривав тајните на класичната музика и оперското пеење и се' повеќе ја сфаќав сериозноста на професијата. Вежбав секојдневно,посетував концерти и оперски претстави и уште од почетокот на средното образование, па се до завршувањето, учествував на многу натпревари по соло пеење, каде што освојував награди и воспоставував контакти со реномирани професори од целиот свет. Истовремено, посетував мастер класи по оперско пеење, каде што го надградував стекнатото знаење и се дружев со најдобрите млади уметници од светот.

Иако сте млада, зад Вас имате импресивно професионално портфолио. Откако го завршивте средното образование во музичкото училиште „Илија Николовски – Луј" во Скопје, Ваша следна дестинација беше престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Виена. Зошто овој Универзитет беше Вашиот избор?

-Од самиот почеток бев свесна и цврсто решена дека школувањето ќе го продолжам во странство, а предизвик ми претставуваше запишувањето на најдобриот Универзитет во областа на уметноста во Европа, а и во светот. Исто така, Универзитетот се наоѓа во Виена, којшто е центар на класичната музика, а посебно на оперското пеење. Една од најважните причини поради која го одбрав овој факултет е големиот избор на врвни професори. Јас ја имам таа чест и привилегија да студирам во класата на проф. Габриеле Лехнер, која покрај нејзината светска кариера во минатото, има и огромни успеси во педагошката дејност.

Може ли да ни ја доловите генералната слика, како изгледа образoвниот процес на овој престижен Универзитет?

-На запишувањето на овој факултет му претходи тежок приемен испит, кој се состои од различни делови и трае пет дена. Има голема конкуренција, бидејќи доаѓаат околу шестотини кандидати од целиот свет, а после долгите тестирања и аудиции се примаат само дваесет идни студенти. На овој факултет се создаваат комплетни кадри, кои понатаму високо котираат на светските сцени. Тоа е резултат на квалитетното и сеопфатно образование кое што го нуди овој факултет. Покрај основниот предмет-соло пеење, имаме разновиден спектар на часови, како што се часовите по глума, спорт и танц, сценско движење, различни корепетиции, изучување на многу странски јазици, како и теоретските предмети. Голема поддршка добиваме од сите професори, кои се во секое време достапни за студентите. Многу важна работа, е што универзитетот нуди учество на мастер класи и многубројни продукции. Јас ја добив шансата да нaстапувам во две универзитетски продукции до сега, кои се одржуваат во прекрасниот театар Schlosstheater Schönbrunn, кој важи за еден од најубавите театри во Виена, каде што во минатото настапувале врвни уметници и композитори како Јозеф Хајдн. Таму дебитирав со улогата на мајката во операта „Ивица и Марица", која што ја пеев две сезони, а потоа настапив во улогата на втората дама во Моцартовата „Волшебна флејта".

Сте имале можност да настапите на импозантни сцени. Која од нив до сега Ви оставила најфасцинантен впечаток?

-Покрај настапите во театар Schlosstheater Schönbrunn во горенаведените опери, како и концертите на истата сцена, минатото лето добив шанса да ја испеам мојата прва професионална улога. Настапував на огромната сцена на летниот фестивал Seefestspiele Mörbisch, во улогата на Мања во оперетата „Грофица Марица" во текот на јули и август 2018 година. Чувството да се биде дел од таа продукција и да се дели сцената со докажани и реномирани уметници, кои настапуваат во најдобрите светски театри е неописливо. Нема никогаш да заборавам како ја пеев мојата арија, качена на големата виолина која беше дел од сценографијата, на висина од 14 метри, а пред мене гледајќи ја многубројната публика од 6.500 посетители, на 22-те претстави.

Во Македонија до сега имате одржано два солистички концерти. Може ли да ни повлечете паралела меѓу македонската и австриската публика?

-Првиот солистички концерт го одржав во Музејот на град Скопје по завршувањето на средното образование, неколку дена пред да заминам на студии во Виена, а вториот во Камерната сала на Македонската филхармонија пред само неколку месеци. Освен овие концерти (кои сама ги организирав) за жал не добивам шанса да настапувам и да се претставам пред македонската публика. Со самото тоа, не можам да направам некоја реална компарација помеѓу нашата и австриската публика. Во Австрија има голема култура и интерес за следење на вакви концерти, па затоа и сите сали се секогаш полни до последното место.

Дали може да препознаеме некоја Ваша лична карактеристика, што е заедничка за сите улоги што досега сте ги играле?

-Интересно прашање... Јас сум млад драмски сопран и за мојот глас улогите се најчесто од типот на грофици, кралици, мајки и силни жени. Мислам дека имам многу заеднички карактеристики со улогите кои ги играм, како што се самодовербата, грациозноста, елегантноста и јакиот карактер, така што не морам многу да се трудам да глумам (хахаха).

А имате ли улога која Ви е особено драга?

-Не би можела да изберам само една улога. Има многу улоги, кои се надевам дека некогаш ќе ги отпеам. Многу важна работа за оваа професија е трпението и носењето на добри и мудри одлуки. Со моите 22 години сум уште млада за да ги изведувам главните и носечките улоги на оперите, кои во иднина ќе ги реализирам во текот на мојата кариера. Улоги од соништата ми се главните ликови од оперите на Џакомо Пучини, како Тоска и Турандот.

Која е највисоката точка кон која целите во Вашата кариера?

-Дефинитивно тоа е сцената на Виенската опера.

Каква е Виена низ очите на една млада, талентирана Македонка?

-Овој град ме пленеше со својата убавина, уште со првото доаѓање во него. Веднаш сфатив дека тука сакам да го поминам својот живот. Прекрасната архитектура, огромните паркови и зелени површини, средениот градски превоз и високото ниво на култура се само дел од работите што го прават овој град посебен. Впрочем, неслучајно секоја година е избран за најдобро место за живеење во светски рамки.

Која е Мила надвор од грандиозната оперска сцена, какво е Вашето секојдневие?

-Јас сум многу едноставна девојка и уживам во младиот урбан живот, што го нуди Виена. Покрај секојдневните обврски на факултет и многубројните проби, слободното време сакам да го поминувам со моето момче и најблиските пријатели, кои ми се колеги на факултет и доаѓаат од разни делови од Европа и пошироко. Сакаме заедно да шетаме низ паркови, да се напиеме чаша пиво или вино, да вкусуваме храна од различни делови на светот и доколку имаме можност и време да патуваме.

 

Објавено:
8 мај 2019
Прочитано:
1.030 пати