актер

„Наше Маало“ ме направи она што денеска сум!

Интервју со
Фисник Зеќири
21 ноември 2016

Веројатно кога и да се спомене серијата „Наше Маало“ во вас се будат некои чувства кои денеска речиси ништо и да не може да ги разбуди. Воопшто не е важно која генерација сте, бидејќи „Наше Маало“ го гледаа сите генерации, во секое време, на секое место. Сосема нормално, секој еден актер од екипата денеска е целосно променет, а некои од нив до неверување. Ние имавме чест да поминеме неколку часа со „Бени“ кој не врати во најубавите години од животот кога најголема грижа ни беше да не ја пропуштиме серијата од која тој беше дел. Фисник Зеќири денеска е актер со редовно работно време во Албанскиот театар, исклучително талентиран и забавен млад човек со кој ние успеавме да поразговараме за она што го радува денеска, колку „Бени“ му помогнал во животот и за споредбата на детството тогаш и денеска.

Уживајте! 

Кој е вистинскиот Фисник Зеќири?

Вистинскиот Фисник е актер кој работи во театар, постојано е посветен на актерството и нормално, тоа што го сака тоа го прави (се смее).

Како Ве опишуваат пријателите?

Не знам... Најверојатно како „флегма“ човек кој заспива каде стигне (се смее). Ако ме нема на сцена кога ќе ме викнат, сите знаат дека спијам некаде.

Ви пречи ли тоа што и денеска луѓето Ве препознаваат како Бени од „Наше Маало“?

Не, не ми пречи. Тоа сепак беше првиот чекор за јас и професионално да почнам да се занимавам со актерство. Баш ми е омилен и мил лик од детството. Би сакал пак да се вратам на тие години и тоа време. Тоа беа златни времиња за мене.

Дали сѐ уште контактирате со останатите од серијата?

Па не се гледаме многу често, но се слушаме. Се гледаме најчесто на некои заеднички интервјуа, па правиме еден вид reunion. Некои се многу сменети, дури ни јас можев да ги препознаам. Поминаа 15, 16 години и тоа беше еден шок кога се видовме, но во секој случај многу интересно и убаво.

Можете ли да направите споредба со детството тогаш и денес?

Денеска животот е подинамичен и некако се губат тие детски игри во маало, се губи контактот меѓу децата, меѓу луѓето воопшто, како резултат на Интернетот и социјалните мрежи. Мислам дека се губи човечното во човекот. Нормално, децата денеска се една поинаква генерација, поинаку размислуваат. Не знам дали им недостасуваат проекти како Наше Маало, не дека во глобала фалат проекти, но можеби нешто такво конкретно. Ни фали живот воопшто. Тој живот што ние го живеевме со серијата Наше Маало. Потребен е еден таков проект со кој децата ќе растат. За такви проекти требат пари и сега сѐ зависи од тоа. Треба да се има цел, дали да се инвестира во нешто такво и децата со тоа да растат и да им се даде една таква насока на размислување за да има едно здраво општество. Целиот фокус денеска е погрешно насочен, се заборава и на деца и на живот и на сѐ друго. Начинот на размислување е погрешен кај нас.

Сметате ли дека прераснавте во добар актер?

Улогата на Бени ми отвори и ми олесни многу патишта во животот, ми даде насока во животот. Да не беше „Наше Маало“ не знам што би станало од мене (се смее). Наше Маало ме направи она што денеска сум. Фисник, актер што работи професионално во театар, ангажиран во многу претстави, а дали сум добар тоа, мора другите да кажат (се смее).

На кој успех најмногу се гордеете? На која улога?

Не знам, можеби на „Пер Гинт“. Тоа е претстава која се разликува од другите поради начинот на работа со професорот Унковски. Претставата траеше три часа, истата беше поделена на новиот, средниот и стариот Пер Гинт. Јас го играв младиот Пер Гинт и тоа ми беше навистина интересен процес, така што тоа е улогата која би ја издвоил.

Што ќе бевте да не станевте актер?

Не знам што би бил, еднаш баш размислував да не ме примеа на ФДУ, што ќе направев? Баш ме исплаши таа тема.

Кој е филмот во кој би сакале да ја игравте главната улога?

Можеби „Narcos“, Пред некој ден завршив со сите епизоди и ми остави голем впечаток. Одамна немам гледано подобра серија од секој аспект.

Кој е најголемиот херој во Вашиот живот?

Кога бев дете, го сакав Мајкл Џексон, сега немам некој. Игравме по дома, му ги слушавме песните постојано, тој за нас беше еден вид икона на успехот. Начинот како се појавуваше на сцената, гламурот, сѐ што одеше заедно со него.

А најголемата љубов?

Најголемата љубов според мене е тоа да се работи она што се сака. Што значи, работата ми е најголемата љубов. Ја работа со сета душа, навистина ме исполнува.

Месец ноември е месец на машкото здравје. Колку Вие внимавате на здравјето?

Па се грижам да, не премногу, но доволно. Има периоди кога сакам да одам да вежбам, но има и кога тотално заборавам на тоа. Понекогаш ќе ми текне да се хранам здраво, потоа ќе се уморам од тоа и ќе почнам по старо (се смее).

На што најмногу внимавате кога е во прашање модата?

Многу сакам да носам шалови и патики. Ова лето ми текна дека многу сакам и маички, па се сеќавам дека купив и огромен број маички на што подоцна се чудев. Сакам класични работи, да нема многу накитени детали. Она што е убаво и она во што се чувствувам убаво, го купувам.

Што Ве води низ животот?

Добра и позитивна енергија. 

Објавено:
21 ноември 2016
Прочитано:
5.787 пати