Пејачка

Наташа Малинкова: „Хеј мама“ е трансформацијата што публиката сака да ја види

Интервју со
Наташа Малинкова
21 ноември 2017

На неодамна одржаниот Македонски радиски фестивал – МАРС, нашата поп пејачка Наташа Малинкова беше наградена со признанието за Радиски хит изведен од женски вокал за „Хеј мама". Со овој поп хит во пакет видовме една визуелна и концептуална трансформација кај Наташа која како што вели и самата цели кон она што е глобален тренд во музичката индустрија.

Покрај ова, поводот за нашето интервју беше да се запознаеме со онаа Наташа која балансира помеѓу својата кариера и мајчинството. Затоа во нашето студио ја поканивме заедно со нејзините две ќерки, Султана која е веќе тинејџерка и малата Емилија која ги освои нашите симпатии од прва. За фотосесијата да биде уште позабавна, друштво ни правеше и нивната пудлица Боно.

Разговорот го започнавме навраќајќи се на времето од бендот „Багаж" во кој Наташа беше вокал, а твореа кога македонската поп сцена беше во својот зенит.

-Едно од нештата за кое посебно се радувам е тоа што навистина творев во најубавото време кога македонската музика беше во експанзија. Сите тие фестивали, дружење колеги, ќе ги паметам цел живот и ќе останат мои најубави спомени од почетоците на мојата музичка кариера. Сега со право можам да кажам дека работите многу се сменија. Излегоа многу правци на музика која ни е наметната од надвор и ние нормално, сакаме да ги следиме истите па мора да работиме на македонска музика со нов „саунд". Јас навистина се пронаоѓам во новите музички трендови и мислам дека одлично се вклпуваме со последните мои синглови. Сметам дека треба да се прават промени, трансформации, само така ќе бидеме поблиску до новите трендови, а во време на лесно достапен интернет, социјални мрежи, јутуб итн... не можеме да стоиме во место, младите сакаат да слушнат македонска песна спакувана во модерен аранжман, вели Наташа.

„Хеј мама" е еден нов визуелен и музички концепт што е последица на актуелните тенденции во глобалната музичка индустрија. Ја прашавме Наташа колку ваквата трансформација што е компатибилна со актуелните трендови е пресудна или значајна за успехот на еден поп пејач?

-Мислам дека токму таа трансформација придонесе да и ја пренесеме „Хеј мама" во вистинското светло на публиката . А фановите сакаат да ве видат и во друго светло, сакаат да слушнат и нешто ново, а ние како професионалци во нашата работа, треба да се потрудиме да им го дадеме тоа.

По „Хеј мама", следува актуелната „Ново време". Инспирирани од насловот ја прашавме дали има некаква симболика...

-„Ново време" е уште една тема од тој ланец на синглови на кој што работи мојот долгогодишен автор Столе Аврамов. Инспирација е новото време во кое живееме и колку е се непредвидливо и колку не можете да ги држите работите под контрола. Сепак станува збор за љубовна тема, ама во едно ново време.

Со оглед на постојаното „жонглирање" помеѓу професионалниот и приватниот живот, одговорноста кон предизвиците на јавната сцена и одговорноста како родител, нашиот разговор го продолживме во контекст на прашањето дали успехот има цена?

-Мојот најголем успех се моите две деца и семејството на купче. Кариерата, трката по пари, слава, се релативна работа, секој ги има своите 5 минути, некогаш порано, некогаш подоцна, ќе се случат. Но, јас како мајка и пејач со 17 годишно музичко искуство на естрада знам дека успехот има многу висока цена. Некогаш и не вреди да се плати. Но, љубовта, желбата за музиката секогаш ќе ме водат кон мојата цел, а тоа е да испеам што повеќе македонски песни кои ќе бидат запишани во антологијата на македонската музика. А како мајка имам сосема друга мисија.

MUA: Fran

А која е Наташа во нејзиниот приватен свет, дома меѓу своите?

- Приватно сум исто така темпераментна и позитивна како на сцена. Сметам дека таа природност ја чувствува и публиката. Конкретно во мојот личен свет сум многу емотивна , ранлива, плачам.... Во тие моменти наоѓам некоја креативна работа што ќе ми го одвлече вниманието и ќе ме врати назад, искрено ни одговори Наташа.

Центарот на нејзиниот свет, двете ќерки, кои нѐ дружеа на фото сесијата, од неа ги добиваат најсуштинските совети што една мајка може да им ги посочи на своите деца.

-Моите две деца ги советувам да се почитуваат, да знаат да сакаат, да веруваат во себе, да бидат позитивни , вредни и упорни.

А ние за тоа можевме да посведочиме и за време на нашата заедничка дружба.

Разговорот го завршивме со најава за следните проекти што Наташа ги подготвува со својот тим.

-„Ново Време" е мојот последен сингл, а деновиве го завршивме и следниот кој носи работен наслов „Нестварно е"... Тоа е една поп ар-ен-би балада со одличен текст и носи многу голема емоција. Едвај чекам да го промовираме синглот, а мојот автор веќе подготвува стратегија на синглови што треба да ги издадеме на пролет и на почетокот на летото.

 

Објавено:
21 ноември 2017
Прочитано:
2.684 пати