хокејарка

Не дозволив да ме маргинализираат во хокејот бидејќи сум жена

Интервју со
Моника Пижевска
18 март 2019

 Има 21 година, амбициозна е, сестрана, убава и единствената жена хокејарка во Македонија. Нејзиното име е Моника Пижевска. Во овој, како што многумина го нарекуваат женски месец, разговаравме со девојка која ги руши стереотипите кај нас, а воедно извојувала своја победа за рамноправност.

Нејзината спортска приказна започнува со уметничко лизгање, за да се префрли на хокејот за кој и таа во почетокот верувала дека е „машки спорт“ што не ѝ прилега.

„Почнав да лизгам кога имав двеипол години. Интересно беше што татко ми ме однесе на Кале, ме остави на сред лизгалиште, облечена со лизгалки и ми рече: „Снаоѓај се“. И тоа е најдобар начин да се научиш. Ако те држи некој ќе имаш потреба од потпора постојано, а вака ќе мораш да научиш сам да се движиш. Така почнав. Еден круг, втор, трет... Но, проблемот беше што лизгалиштето работеше само во зима, значи околу три месеци, а воедно и во тој период имаше денов кога не работеше, па немав континуитет, што не е добро. Многу ми се допадна, на Еуроспорт гледав како лизгаат девојчиња во убави фустанчиња, првенства, Олимпијада и ми се роди љубов да почнам посериозно да се занимавам со тоа. Татко ми ме поддржа и тој ми беше тренер 15 години, иако тој и не знае да лизга, ниту пак некогаш се занимавал со тој спорт. Купивме лизгалки, на старо, искористени, но вршеа работа. Тоа беа почетоците со лизгањето“, вели Моника.

Нејзината желба да се занимава со спортот на кој му се восхитува од малите екрани ќе стане реалност кога ќе дознае дека во салата „Борис Трајковски“ има школо за уметничко лизгање.

„Тогаш имав околу 13 години и ми беше шок, бидејќи никогаш претходно не сум учествувала во таков процес на учење, групно. Затоа што лизгалиштето тогаш сè уште не беше изградено, имавме тренинзи на суво. И беше навистина напорно, но тие години беа многу убави и ми оставија голем впечаток. Елементите што требаше да ги правиме на лед, ние ги правевме на суво. Бевме многу деца, вежбавме во големата сала на „Борис Трајковски“. Имавме само една тренерка. Но, после таа нè групираше по групи, според тоа кој до каде е со знаењето. И тогаш за првпат го осетив натпреварувачкиот дух, бидејќи не знаев со кој сум опкружена и имав порив да дадам сè од себе. Во првите два месеца, стасав до највисоката група, каде бевме 20-тина и имавме потешки тренинзи, но беше нависитна многу убаво.“

Една непријатна случка ќе доведе до нов развој на работите.

„Лизгањето на лед е различно секако од „сувото“ и поопасно. Скршив нога и морав да стагнирам. Три месеци бев во гипс и требаше да учам да одам, докторите не ми даваа да лизгам, но јас не само што се вратив туку и отидов на натпревар. Сепак, атмосферата на тренинзите беше многу сменета. Бев маргинализирана од тренерката, мислеше дека поради тоа што сум била повредена веќе ништо не можам да понудам. Тоа траеше многу долго, а јас бев во пубертетски години и реагирав бурно на тоа да не можам рамноправно да вежбам. Веќе одењето на тренинг не ми беше хармонично. Сè ми дојде премногу. Еден ден, после нашиот тренинг, дојдоа на тренинг хокеарите. И нивниот тренер зборуваше со татко ми и му посочи да пробам хокеј. Кога ми спомена татко ми, јас се изнасмеав. „Од елеганцијата на уметничко лизгање, ќе одам во машки спорт. Има девојчиња таму – нема? Епа не гледам поента да одам“, му одговорив одлучно“, се присетува Моника.

Сепак, после две недели ќе се предомисли.

„Си реков зошто да не пробам. Лизгалките за уметничко лизгање и хокеј се сосема различни. За уметничко лизгање се како на потпетица, железото од двете страни има забец. А на хокеј нема никакви запци, затоа што тие не смеат да се сопнат. Првите тренинзи беа многу смешни, бидејќи играчите не беа навикнати на женско во тимот и не знаеја што да прават со мене (се смее). Не знаеја каков пристап да имаат кон мене. Почнавме да тренираме заедно, па се опуштија. Кога ќе видиш женско облечено во таква опрема, навистина е чудно. Тешка е опремата, не толку колку што изгледа, но се навикнуваш. Сѝ е лесна пластика и со сунѓери. Голманите имаат најтешка опрема. Тие имаат посебни штитници, а и самата кацига е поголема и потешка, за да не се случи никаква повреда, бидејќи накај нив лета пакот. Во почетокот почувствува нееднаквост, најголемиот шок кај нив беше тоа што го гледаа како „машки клуб“, тие се машките, главните и јас им влегувам на теренот. Искрено, не ми беше многу тешко, затоа што јас не се оптоварував со нивните перцепции, си тренирав, не дозволував да ме маргинализираат бидејќи сум жена, или да ме ставаат на втор степен. Истото е и во животот. Ако ти не дозволиш сам, ако се поставиш како свој, никогаш нема да дозволиш некој да те спушти. И тоа ми е најголемата поука од сето ова“ потенцира 21 годишната девојка, која смета дека феминизмот во денешно време си ја вршти работата онака како што треба – со изедначување на правата.

„Меѓутоа, сè уште се гледа нееднаквоста, без разлика дали се работи за работно место, општествен живот, политичката култура во Македонија. Има уште многу работа. На одредени моменти забележувам поместување, но оддруга се разочарувам дека има луѓе што имаат сè уште примитивни размислувања, као тоа дека мажот мора да е супериорен над жената. Уште повеќе ми пречат оние што сметаат дека жените се супериорни над мажите. Студирам политички науки и пробуваме да се едуцираме во таа насока, па сметам дека дали преку спортот, или политиките во државата, може да се постигне едаквост меѓу половите“.

Хокејот ѝ потврдил дека жените се дефинитвно поупорни и поистрајни.

„Морав да си купам лизгалки за хокеј и тогаш сфатив што е права игра. Најголем впечаток ми остави кога дојде една група од Канада, се работеше за мешана група – машки и женки и тогаш првпат играв со жени и тогаш за првпат заиграв со жени и ептен ми остави впечаток. Инаку, тренерскиот процес е сосема различен. И можам да кажам дека жените повеќе се даваат и поиздржливи се. Тренинзите за уметничко лизгање што ги имавме се толку напорни, тоа се тренинзи за Олимпијада. Брутални. На пример, имавме ситуации каде скалите во „Борис Трајковски“, требаше да се поминат 30 пати, скокање на една нога, па на друга, па преку една скала, па преку три скали, без паузи. Кога на мажите им рекоа дека треба да го направат тоа, првин негодуваа, а ќе направат пет пати, но не поради тоа што не можат, туку бидејќи немаат волја. Жените имаат огромна волја“, заклучува Моника.

Сепак, и покрај тоа што кај нас не може да се натпреварува бидејќи не постои женска екипа, а и мешаните не се дозволени, таа најде начин како својата љубов кон овој спорт и знаење да ги насочи.

- Добив еднаш покана од тимот од Канада, кој лани во Европа правеше турнеја и ме повикаа да играм со нив, но за жал не бев во можност да го реализирам тоа.

Преклани пак, бев во Финска на камп за развивање на хокејот. Тоа беше женски камп. Секој ден имавме предавања, за детска психологија, за децата во спортот, за хоккеј, како децата правилно да се развиваат во хокејот, кои се стратегиите, што треба да се направи. Ми се допадна што беа опфатени сите аспекти на спортот, не само тоа што гледаме на телевизија. Имавме работа со преку 60 дечиња, сите од Финска од 6 до 9 години, кои беа поделени во групи и секој ден се ротиравме по двајца тренери. Сите бевме од различни држави. Тогаш беше вистинското развивање на хокејот бидејќи ние требаше да смислуваме нови вежби за да им биде интересно, затоа што ако го прават истото, ќе им здосади. Инаку, беа неверојатно дисциплинирани и правеа сè што ќе им кажеме, без разлика што некои од нив не разбираа англиски сосема. Имавме вежби на суво и на лед и беше прекрасно. Овде тоа го нема, првин затоа што нема услови, а второ затоа што нема волја“, објаснува спортистката.

Стекнатото знаење веќе се труди да го пренесе во родната држава:

„Со самото тоа што не можам даучествувам на натпревари, барем не со нашите тимови, туку само на пријателски натпревари, каде не е задолжително да биде само машка или женска екипа, морав да се пренасочам. Сега се трудам со тренер од Турција кој е заинтересиран за Македонија и е поврзан со нашата репрезентација, пробуваме да направиме поголема заинтересираност за хокејот. Сето тоа што го научив во Финкса, да го имплементирам тука. Оваа зима, имавме три дена во неделата бесплатни часови на лизгање и вовед во хокејот за децата што се прва година средно. Одѕивот беше одличен, имаше многу деца. Со оглед на тоа дека сезоната за лизгање заврши, се трудиме да ги задржиме децата со други активности, на пример натпревари по други спортови, ролерки, кои се супер за задржување на духот на хокејот“, посочува Моника.

Покрај спортот, ужива во готвењето, сака да чита книги, а и модата ѝ е посебна страст.

„Порано многу повеќе сакав класичен стил, бела кошула, здолниште, фустанчиња. Последниве неколку години, сум потренди, бидејќи ми здосади малку. Најмногу сакам да носам црна, иако некогаш малку претерувам. Мајка ми порано шиеше и отсекогаш сакав дизајн, ми било пасија. Мислев дека тоа и ќе студирам моден дизајн, но откако видов дека Македонија е поограничена, дека за поквалитено образование би требала да одам во Париз или Милано. Том Форд и Балман ми се омилени дизајнери. Ми се допаѓа оној стил кога си дотерам без премногу труд, францускиот стил“

Низ разговорот ја допревме темата за социјалните мрежи и трендовите кои владеат меѓу нејзината генерација.

„-Од една страна, социјалните медиуми се потребни, но од друга не. Од неодамна имам идеја да ги избришам фотографиите од Инстаграм, бидејќи се прашав која е поентата. Што пробуваме да направиме ние, пробуваме да го смениме начинот на кој што некој не гледа, а тоа не сме ние. Тоа е лажна слика и впечаток за нас. Многу повеќе сум заинтересирана за вистинската верзија на луѓето. Кога ќе видиш нечии слики, си помислуваш, зошто јас немам ваков живот, а ниту на другите можеби не е ни проближно таков. Затоа, не сакам да учествувам во тој процес каде некој ќе се депримира и ќе си прави лажни перцепции за мене. Ако сака да ме види, ќе излеземе на кафе и муабет, па после може да создаде сопствена прцепција за мене. А преку социјалните мрежи се губи тоа, се губи квалитетот, личноста се губи. Можат да се искористат за едукација, информираност. За хокеј имаме страница за тоа како беше тренерскиот процес за учесниците од средните школи и таа страна ја следат само оние што учествувале“.

Со оглед на амбицијата, младоста, ја прашавме и каде се гледа во иднина и со каква цел оди низ животот.

„Често ме прашуваат ова. Но, искрено немам некоја одредена желба да заминам. Од една страна сакам да останам тука, тука ми е семњејството, животот, сè, но од друга, јас сум многу прилагодлива личност. Не сум ограничена. Ако ми се укаже некоја можност што не се пропушта, би ја искористила, сега за сега немам цврст став и одлука околу тоа.  Сестрана личност сум и не сакам да се ограничувам со една дејност. Сега за сега се уште ме интересира хокејот, спортот и уметничкото лизгање. Тоа е еден убав спорт, каде се соединуваш со музиката, со елеганцијата... Од друга страна, хокејот е компетитивен спорт, тимски, две различни работи се, па затоа и не сакам да се ограничам. Студирам Меѓународни односи и дипломатија, но ме интересира и психологија, моден дизајн, сакам да учам јазици и да патувам. Пробувам да избалансирам сè и оди некако“, вели на крајот Моника, чија приказна се надеваме ќе биде инспиративна и ќе ги поттикне сите млади луѓе да се борат за своето место и да го извлечат најдоброто од секоја можна ситуација.

 

фото и реализација: Fashionel.mk

место: Roosevelt Bar

Објавено:
18 март 2019
Прочитано:
505 пати