пејачка

Не дозволувајте лошите зборови на луѓето да допрат до вас

Интервју со
Валери Димовска
12 јуни 2019

Валери Димовска е млада пејачка за чии успеси допрва ќе слушате. Нејзините песни за кратко време станаа ултра популарни, а не поминува ден да не слушнеме некоја од нив на македонските радија. Во моментов е актуелна со соработката со раперот Нешо и песната „Ќе биде“ во чиј спот се појавува македонскиот ракометен шампион Столе Стоилов кој во еден момент искрено ја раскажува неговата приказна. Во интервјуто за Fashionel, таа најави нова песна и спот многу наскоро, настапи низ цела Македонија, а поразговаравме и за нејзиниот специфичен стил и како се грижи за себе. 

-Сите песни што ги објави во последно време вклучувајќи ги „Само ти“, соработката со Нешо и „Доволни“ се меѓу првите места на топ листите. Очекуваше ли ваков успех?

Па, се изненадив што сите песни беа прифатени, особено „Ќе биде“. За таа песна некако очекував, бидејќи таму има навистина посебна порака за сите луѓе и песната е многу мотивирачка. За таа знаев дека „ќе биде“. За „Доволни“, не се ни сомневав дека ќе биде прифатена, бидејќи и таа е навистина добра песна. „Само ти“ е мојата омилена песна од сè што досега имам снимено. Таа песна настана многу спонтано. Имав нешто снимено на телефон и му се јавив на мојот продуцент Темелко и му реков дека мислам дека имам добра песна. Отидов во студио кај него, без текст, но кога почнавме да снимаме веднаш ми дојдоа зборовите и така настана мојата омилена „Само ти“.

-Отсекогаш ли сакаше да станеш музичар? Размислуваше ли во некој друг правец?

Како мала сакав да бидам ветеринар, многу сакам животни. Но, секако, сакав да бидам и музичар и уште од мала многу пеев. Мајка ми секогаш ми раскажува дека постојано сум пеела низ дома, дури и кога сум ѝ барала пари за лижавчиња, сум барала пеејќи (се смее). Многу ја сакам музиката, а дома имам многу музичари што се кријат. Многу се гордеам со сите нив.

-Има ли некоја посебна приказна и инспирација зад твоите музички дела?

Сите искуства во животот и сè низ што сум поминувала. Момче, тековни работи, буквално сите искуства.

-Постои ли некој артист со кој би сакала да оствариш соработка во иднина?

Имам повеќе. 6 Lack и J Cole се на прво место. Тие ми се омилени, често ги слушам и се надевам дека во иднина би можела да остварам некаква соработка со нив.

-Каква порака сакаш да му испратиш на светот преку твојата музика?

Јас имам една порака во животот, секогаш да се мотивираш себеси кога ќе имаш незгодни моменти во животот, се тешам за да ми биде подобро и секогаш верувам во себе. Не смеете да дозволите зборовите на луѓето лесно да допрат до вас и секогаш бидете горди на себе.

-Размислуваш ли за пласирање на твојата музика надвор од македонскиот пазар?

Сега сум фокусирана на македонскиот пазар, но имам и песни на англиски и тоа многу. Ова лето планираме да пуштиме едно летно хитче на англиски, а сите останати планираме да ги ставиме на Spotify.

-Твојот изглед е навистина специфичен и уникатен. Колку сметаш дека истиот е важен за комплетната слика на еден музичар?

Секако дека е важен. Јас сакам да се облекувам многу едноставно, но сепак да го задржам тој некој хип – хоп стил. Многу сакам да носам капчиња. Се стилизирам сама, а инспирација секогаш наоѓам во хип – хоп артистите. Големо внимание ѝ посветувам и на мојата кожа и речиси никогаш од дома не излегувам без соодветна крема и заштита за лицето. Негата е многу важна, „опседната“ сум со маски за лице, иако внимавам бидејќи имам многу проблематична кожа.

-Која е симболиката на твоите тетоважи?

Имам 10 тетоважи, дел од нив имаат посебно значење, а некои се сосема случајно нацртани. Пред две недели направив нова, дело на Пикасо кое особено ми се допаѓа и си реков дека морам да ја имам. Имам една што не е доправена, на таа има змија, а знаеме дека тие ја оставаат кожата зад себе, па така некако и јас во некои моменти. Оставам нешто зад себе и си продолжувам. Имам бик што се бори, после битката тие повторно застануваат на нозе и пак се борат. Имам неколку натписи – Cold heart warrior, Fear is a Choice, и тоа е навистина така. Ти одлучуваш од што ќе се плашиш и она на што ќе потклекнеш. Имам месечина на ногата, таа ја обожавам бидејќи сум заљубена во месечината и ноќта.

-Кој е најдобриот концерт на кој си била?

Последен пат бев на концертот на Лени Кравиц и можам да кажам дека тоа е најдобриот концерт на кој сум била.Многу е важно друштвото со кое ќе бидеш. Јас бев со мојата најдобра другарка која знае колку го сакам Лени и таа всушност ми ја купи картата. Тоа беше многу добро изненадување. Ми кажа дека ми купила карта само четири часа пред почетокот на концертот, се спремивме и отидовме. Ако си во добро друштво, секогаш можеш добро да си помине. Огромна желба ми е да одам на концерт на Ерика Баду и на Акуа Нару и Хинди Захра кои ќе настапат на Д фестивал, а морам да кажам дека и ние со Нешо ќе имаме настап.

-Какви се твоите планови за летово?

Настапи имам низ цела Македонија, особено за викенд. Можете да очекувате нова песна и спот наскоро. Продукција, аранжман е на мојот продуцент Темелко Андреев кого многу го почитувам. Можам да кажам дека тој ми го смени животот. Секогаш знае со зборови да ме мотивира и секогаш е тука за мене. Да не го фалам многу (се смее).

-Ако би можела да го опишеш твојот живот со една песна во моментов, која би била таа?

You’re beautiful од Џејмс Блант.

Објавено:
12 јуни 2019
Прочитано:
1.114 пати