новинарка

(Не) е тешко да се остане дама во новинарството

Интервју со
Јадранка Костова
17 октомври 2018

„Новинар нема ни сабота, ни недела“, ми рече Јадранка Костова кога ја договаравме нашата средба, за што неопходно беше да комуницираме и за викенд.

Оваа нејзина реченица сосема го опиша темпото што го носи професијата во која е повеќе од дваесет и пет години. Таа е едно од најеминентните имиња во новинарството, години наназад е уредник во неделникот „Фокус“, а многумина ја паметат и по култната емисија „Без наслов, но со повод“.

Да се има соговорник кој зад себе има големо професионално и животно искуство е секако предизвик, но кога и тој е од истата бранша, тогаш предизвикот е уште поголем, а истовремено немаш сомнение дека разговорот буквално „ќе тече“. Ја прифати поканата да се најде од другата страна – да биде мој соговорник, а во разговорот и ми откри дека токму непредвидливоста и ритамот на функционирање, што подразбира сè само не канцелариско седење, биле едни од клучните работи што ја привлекле во нашава професијата.

-Сосема случајно станав новинар. Студирав на Правен факултет. Уште во основно училиште се замислував како адвокат или судија, многу гледав американски филмови, каде борбата за правдата е мошне изразена. Кога дипломирав, конкурирав во Окружниот суд, каде имаше конкурс за приправник. Бараа разни услови кои јас ги задоволував и бев прва на ранг листата. Но, во потесниот круг влегов од второ до петто место и тоа ми беше такво разочарување... Замислете, Окружен суд, кој одлучува за живот или смрт, во тоа време сè уште постоеше смртна казна, спроведува конкурс кој беше карикатурален. Бев многу разочарана и реков дека ќе тужам - така и беше - ја започна приказната Костова.

Меѓутоа, додека траела судската постапка, таа добива покана да се јави во МРТВ.

-Тогашниот директор решил да покани студенти со висок просек од четири факултети и со нив да работи. Никола Солдатов беше ментор. Тогаш имав слободно време, не сакав да седам бадијала, па се запишав и на германски и одлучив дека ќе одам и во МРТ. Одевме два-три пати неделно. На крајот, го добив спорот, во меѓувреме се смени и претседателот на судот и ме повикаа да конкурирам повторно, овој пат да бидам примена. Но, јас одбив! Веќе влегов во тој новинарски „филм“ што повеќе ми одговараше на карактерот. Нема фиксно работно време, се работи и ноќе, сум одела и на прскање комарци во три наутро, или на штрајк на машиновозачи.... Но, ми стана интересно и ми беше лесно да ја донесам одлуката дека ќе останам во новинарството - вели Јадранка.

Денот го почнува со ритуал од кој со години наназад не се откажува.

-Прво земам мед и лажичка вода. Во последно време гледам да си исцедам и пола лимон со млака вода... А потоа пијам три кафиња едно по друго, додека не се свестам, со цигари, е потоа денот може да започне.

А денот секогаш е непредвидлив. Дека ниту во новинарството не е сè песна, како и во животот, ќе го почувствува и на своја кожа, а тоа посебно ќе доживее кулминација во еден период од нејзиниот  живот, кога не крие дека посакала никогаш повеќе да не се занимава со оваа професија.

-Тоа е периодот кога Никола Младенов го отвори дневниот „Фокус“. Во тоа време имавме канонада од тужби за клевета, во кои јас секогаш бев и јас тужена како главен уредник, висев на суд по два-три пати неделно, каде тужителите немаат ни цел да се заврши судењето, тие постојано ги одложуваа рочиштата и тоа претставуваше класичен мобинг. Потоа сфатив дека веројатно ме слушале, бидејќи јас му се жалев на Никола, дека ова што ми се случува е понижувачки и дека треба да стави друг уредник. Му реков: „Не можам, ќе се откажам и од новинарство“. Навистина беше стресно, губев енергија пред која си немоќен и го гледаш судството на колена. Веројатно, колку повеќе сум се жалела, така доаѓаа сè повеќе тужби. Во едно од последните телевизиски појавувања на Младенов тој кажа дека „Ти доаѓа да фатиш гитла од професијата“... Тоа беше еден период на кој не сакам да се сеќавам. Спомените се главно мачни, болни...

Научена во животот да се бори, сфаќа дека не треба да се откаже. Ни таа, а ни тимот, бидејќи „Фокус“ за неа е најмлаку работно место...

-После смрттна на Никола си реков, зошто потклекнавме? И не знам, проработе еден инает во мене. Ја дадов идејата на сопругата на Никола, Билјана Младенова, да ја продолжиме мисијата со неделникот. Тука беше и неговата сестра Билјана Трошановска која ги водеше финансиите. Никола и нè остави да работиме сами, тој не ни се мешаше во содржините ниту пак ни кажуваше како да работиме, тој се појавуваше на крајот за да одбере што ќе оди на насловна. Еден колега од редакцијата рече: „Никола како да претчувствувал, па ве остави две години да работите така, сами“. Тоа допре и до Билјана. Добивме грант од Сорос за почеток, Билјана го имаше заштитено брендот, јас ја основав фирмата, заеднички склучивме договор двете, се одбра тим. Во таа прва година ми беше многу мачно, чувствував одговорност, си реков: „Ако ова не успее, јас ќе бидам виновна, бидејќи јас го иницирав“.  Меѓутоа, издржавме и тоа ми е голема сатисфакција. Без оглед на коментарите и кога ни се лутат за насловите - потенцира уредничката на „Фокус“.

Неделникот доби и електронска верзија, а со неа се појавија и коментарите дека новите трендови влијаат врз репутацијата која „Фокус“ ја има од аспект на содржина.

-Да, често има реакции за дел од насловите, но реално, „Фокус“ отсекогаш бил таков. На Никола му беа специјалност провокативните наслови. Кој го познавал, го знае тоа. Можат и архивата на „Фокус“ да ја видат, за тоа какви наслови оделе. Тоа беше неговата идеја. Со тек на време, се менуваат трендовите и мораш да бидеш во тек со нив. Проблем е што светски тренд е да опаѓа продажбата на печатот, поради електронските верзии. Ние веќе извесно време зборуваме за тоа дека ќе мораме да направиме и електронска претплата на неделникот, затоа што ако од старт започнеш нешто бесплатно, потоа никако не можеш да почнеш да го вреднуваш. Треба малку да ни се искрчка идејата до крај, иако има луѓе кои се зависници да си купат весник и да си читаат од хартија. Ќе мора да менуваме некои работи. Јас и за време на дневниот „Фокус“ му зборував на Никола дека ќе мораме да одиме и со електронска верзија. Неколку месеци пред да загине, тој ми даде „виза“ да го направиме тоа. Така што, со рестартирањето на неделникот, започна и електронската верзија, задоволна сум и од посетеноста и од содржините. Некогаш има забелешки за „лајф“ делот, каде има текстови за забава. Приговараат најчесто колеги кои се научени или да добијат странски грант или да ги потпомогне владата или газдата. Ние во „Фокус“ сме научени да работиме пазарно, што ретко кој овде е научен да функционира така – од продажба, од читаност. Огласувачите бараат да видат каков е фидбекот од содржините, од читателите. Токму тие содржини за кои колегите некогаш ни замеруваат, често се најчитаните. Па, кога некој ќе влезе на порталот ќе може да прочита и тоа, но и сериозна истражувачка сторија, на пример за корупција - вели Костова.

Животот денес е исклучително стресен, хаотичен, стана како ќе рече Јадранка, лудница, од која би сакала да се дистанцира.

-Во овие години сега, посакувам да живеам некаде надвор од Скопје, во природа. Само да имам интернет, за да можам да си работам и да си пишувам. Во ова животно доба, сакам да постигнам хармонија со природата. Можеби звучи „шашаво“, но оваа лудница во градот ми пречи. Има предности и живеачката во центар. Но, кога за викенд на пример ќе отидам во природа, си ја враќам енергијата, се чувствувам препородено. Во моментов ми е „опсесија“ да имам една малечка куќичка, некаде надвор од градот... Возам, така што не би ми претставувало проблем и да патувам малку...

Во контекст на ова ја прашав, го чува ли сѐ уште детето во себе и измамив насмевка:

-На моменти, сè уште си се чувствувам дека сум со паметот некаде факултет кога студирав - вели низ шега и додава: „Имаме обичај со неколку пријателки што работевме во скопска програма во МТВ, десетина жени сме, секоја сабота да си одиме во кафеана на музика. И баш сме „подетинети“, дружбите ни се со многу смеење, со позитивна енергија. Последниве две години одевме на одмор на остров блиску до Атина каде една од пријателките има куќа. Се потсетив на екскурзиите во гимназија. Се потсетив дека можеш да си направиш забава и на потивко место, а и покрај тоа што сме многу жени, да се организираме и секој да прави што си сака - јас многу читав. Делевме обврски, навечер излегувавме, шетавме и тоа ми ја враќа енергијата. Детето никогаш и не излегло од мене – признава.

Додека се подготвуваше за фотографирањето, Јадранка го побара својот црвен кармин, за кој вели дека во последно време ѝ е имиџ.

-Никогаш не сум сакала црвен кармин, но последнава година не знам што ми се случи... Добив многу позитивни коментари и сега сум во тој, „црвен“ филм. Стилот го менував со годините, едно време одев од една крајност во друга, а сега со години наназад фармерките ми се омилено модно парче. И тоа тесни, без оглед на тоа каква е модата. Во нив се чувствувам најубаво, а и секој си го наоѓа стилот според тоа во што се чувствува свој и во што му е најудобно. Од друга страна, кога ќе влезам во некоја продавница за облека, точно знам кој фустан за која пријателка е. И обратно, тие ми кажуваат каде има нешто за мене -сподели Костова.

Но, кога се работи за имиџ на новинар, тогаш зборовите се пресудни.

-Имиџот на еден новинар го прави пред сè стилот на пишување. Тоа им го кажувам и на колегите, секој да си го пронајде својот стил и да не бидеме „униформни“. Јас точно знам кој од нив што може најдобро да сработи, дури и знам кој како ќе почне. Ги терам да си го негуваат тоа. И да не е потпишан текстот, јас ќе знам кој го пишувал. Колумнистите ни се различни, со различни ставови. Тоа е богатството. Не треба да тежнеете да бидете како некој, туку да имате своја автентичност. Важно е да биде професионално, да е издржано, а секој има и свој вокабулар. Некогаш во колумните се користи и скопски жаргон и тоа не е страшно, а за истражувачките стории важат други правила на игра...

Во светот денеска сè повеќе се потенцира на родовиот јаз, на нееднаквоста и дискриминацијата на жените во сите професии, па и новинарството. На прашањето, го почувствувала ли таа тоа и има ли сè уште потреба да се зборува до каде се жените во новинарството, ќе каже:

-Не, јас никогаш не сум го почувствувала тоа на своја кожа. Напротив. Секаде каде што работев, бев вреднувана според она што го работам. Мислам дека не може некој друг да ти ги среди работите, ако сам не се бориш за нешто. Јас и во бракот и со пријатели и на работа сум таа што сум. Затоа, не можам да кажам дека некогаш имало пресија или дискриминација, дури и не сакав да бидам уредник, секогаш ме буткале луѓето кај што работам, затоа што јас сум индивидуалец, повеќе сакам сама да работам.

А како да се остане дама во новинарството?

-Тешко... ама и лесно - ако си дама... При толку валканици што доминираат, пред сè по социјалните мрежи и порталите, на сите тие провокации за да останеш, условно речено дама, потребно е да ги игнорираш. Но, тоа што ги игнорираш, не значи дека ги замолчуваш. И тоа ми е тема за дебата... Ние си мислиме дека ако бидеме на висина, (под дама го подразбирам тоа - да имаш некакви манири на едуциран и културен човек), при вакво царство на некултура што доминира, мислам дека тука е тешко. Затоа што, ниту со повлекувањето не ги решаваш проблемите. Понекогаш тие „шлапатарења“ со невистини повеќе допираат до овој обичен народ што гледа турски серии, отколку сите наши стории со факти, искази и документи. Така што, колку сум останала јас дама, треба да проценат тие што ме следат или ме читаат.

На прашањето која особина кај луѓето ја смета за преценета, вели дека никогаш не сакала да ги генерализира работите.

Зависи, јас индивидуално ги гледам луѓето. Ме нервира таа групна философија. Луѓето сакаат веројатно да се идентификуваат со група. Во социјализмот тоа беше работничката класа, сега е нацијата. Јас сум индивидуалец и давање карактеристики на цели групи не ми е својствено. Има една фина мисла од Хемингвеј која вели: „Поблизок ми е добриот Кинез, отколку злобниот Шпанец“, затоа можам да кажам која особина е преценета кај конкретна личност, отколку кај луѓето генерално.

Токму затоа, го учи и синот да почитува секого, да има вредности кои почиваат на љубов и разбирање. А го учи токму и на борбеноста и за свесноста дека не секогаш работите ќе бидат онакви какви што сакаме ние.

- Го советувам да се бори, дека во животот не оди сè така лесно. Ние децата ги направивме сè на тацна да им биде. Колку допирам не знам... Го советувам да не мрази, дека омразата ги труе душите на луѓето, особено во ова време кога се стимулира омраза кон поинакви од себе. На тој план успеав. Како растеше, во пубертетот посебно имаш влијание од сите страни... Но, секогаш велам, на дете можеш сè да му оставиш и пари и сè и да ги „прокоцка“. Треба да го научиш да се бори самиот. Ние со најдобри намери правиме нешто, но колку тоа ќе допре и колку ќе остави последици да се сеќава на некои зборови, ќе видиме, затоа и повторувам некои работи по сто пати. И јас во животот се сеќавам на некои мисли и совети. На пример, учителката во трето одделение ни кажа: „Во животот ќе имате многу тешки моменти, но никогаш не се откажувајте, борете се“. Иако сум имала девет години, тоа ми останало во меморијата и така функционирам.

Некаде на крајот од разговорот, се вративме повторно на новинарството и на тоа каква иднина ги чека печатените медиуми, но и оваа професија генерално.

-Иднината е под знак прашалник. Заради сите проблеми, формиравме здружение на печатени медиуми. Сега се очекува да се види дали ќе има помош. Значи не бараме пари, туку олеснувања, барем во поглед на хартија или печатење, да речеме. А за новинарството... Денеска, кога секој може да пишува и да објавува сè што сака, кога осамнуваат портали во кои има само плуканици и клевети, а тие се претставуваат како новинари, е тоа е тажниот дел од новинарството во Македонија.

На прашањето, дали повторно би го избрала новинарството наместо работата во судството вели:

-Веројатно.... Било што кога би работел човек, не би одело како подмачкано, во таа смисла немам илузија дека ако бев судија би било подобро. А со оглед на тоа какво ни е судството, веројатно би ме избркале веднаш, бидејќи не работам по нарачки.

 И како што го привршувавме разговорот, почувствував потреба да ја прашам и дали е среќна.

- Откако почнав со јогата, навистина почнав да си се чувствувам посебно, ме релаксира, ме враќа да си се посветам себеси, на внатрешноста, на поинаква енергија, да чувствувам дека самиот треба да си го живееш животот, со очекувања дека кога ќе станеш и овој ден е убав. На оваа перцепција многу ми влијаеше и Билјана Младенова. Кога и да сум нешто изнервирана, од ситница дека се скршило нешто, па до некои можеби и покрупни работи, кога ќе ги споделам со неа, нејзината реплика секогаш е: „Ама жива си? – Жива!“. Жива сум.  Неодамна си купив прекрасни очила за сонце, но на пазарче ми ги украде некој. Ѝ се јавувам на Билјана и ѝ се жалам, бидејќи немаше друг таков пар. Добивам одговор: „Ај жива си, а ги имаш и старите наочари“. После една недела во Охрид ми паднаа некаде и останав и без тие старите и ѝ се јавив и ѝ реков: „Билјана, жива сум, но веќе немам очила за сонце“. И така, од тие нејзини реакции, јас почнав безмалку да славам што сум жива. Така реагирам веќе и во секојдневието и дома со сопругот или синот, кои дури и знаат да се пошегуваат со мене на таа сметка – со насмевка одговори Јадранка.

 

 

Фотографии и реализација: Fashionel.mk

Шминка и фризура: Elena Luka Hair and Make Up studio

Сино палто и марама: Елена Лука

 

Објавено:
17 октомври 2018
Прочитано:
749 пати