музичар

Не нѝ треба причина да сме среќни, бараме причина да сме тажни

Интервју со
Васил Гарванлиев
25 октомври 2018

Конечно, Васил се врати дома! Веројатно првата асоцијација која ја имате за него е детскиот евергрин „Марионка“, но Васил Гарванлиев изминатите години направи многу повеќе од тоа. Настапуваше како солист во познатиот Чикаго театар, во Карнеги хол, пееше како придружен вокал на многу од светските ѕвезди, посети фантастични места, за на крај, да се врати во Македонија и да нѝ го подари „Ѓердан“. Песната за кратко време стана една од најслушаните, а тој открива дека работи на нова музика во која сме сигурни дека повторно ќе се вљубиме. Ние имавме можност со него да поразговараме за целиот оној период помеѓу „Марионка“ и неговото враќање дома, а сите детали ги читате во продолжение во интервјуто.

-Што се случуваше со Васил помеѓу Марионка и конечното враќање дома?

Умре и се разбуди (се смее). Живеев во Чикаго, Милано, Торонто, Лондон...Се едуцирав, настапував со многу познати од кои учев и на кратко кажано, ја презентирав Македонија низ цел свет, односно бев нејзин амбасадор преку музиката.

-Кој е градот каде повторно би се вратиле?

Би се вратил да ги посетам сите места што ги видов. Семејството ми е во Чикаго. Станав маж во Торонто (се смее). Сите градови ми се убави, но кога би се вратил некаде да живеам, тоа би било Торонто. Таму има брз начин на живот како во Америка, но луѓето се со европски менталитет.

-Во периодот на „Марионка“ многумина ќе кажат дека сте уживале неверојатна слава. Ви годеше ли вниманието од девојчињата?

Многу вистинито. Искрено, бев мал и не се сеќавам многу, но од приказните што ми ги раскажувале, скоро секој ден имаше девојчиња кај мене пред куќа, а имаше и моменти кога не можев никаде да одам. Се сеќавам на еден концерт во Гостивар кога го презентиравме албумот, имаше група на девојчиња кои ја срушија оградата пред мене и пред да успеат да ме тргнат, тие буквално скокнаа врз мене и едната ме гризна за образот, по што долго време носев белег на лицето.  Ми годеше сето тоа, но не бев свесен што се случува. Искрено, во тоа беше моќта и магијата, зашто бев мал и не знаев што правам, само одев на училиште, пеев и толку. Постојано одевме од студио во студио, мајка мѝ ми беше менаџер и бев заедно со неа, што беше супер. Постојано заедно бевме и со Сања Ристиќ со која и до денеска се дружиме и се гледаме често.

-Како се случи „Марионка“?

Бев на аудиција за „Златно славејче“ со Летка (раководител на хорот), која ми рече дека имам феноменален глас, но не ме пушта да пеам додека не најде соодветна песна. Се сеќавам, бевме на семеен одмор во Турција и таа нѝ се јави веднаш да дојдам во Охрид бидејќи имала песна за мене. Отидовме таму и се сеќавам, влеговме во една сала каде сите „славејчиња“ ги пробуваа своите песни и дојде на ред „Марионка“ која мене воопшто не ми се допадна. Тогаш Летка покажа со прст накај мене и знаев дека ќе морам да ја пеам, дури и плачев од што не ми се допадна. Но, таа само кажа дека знае дека тоа е вистинската песна за мене и за Македонија и знае колку ќе биде успешна и така и се случи.

-Сања Ристиќ се појавува во Вашиот нов видео запис. Имаше ли дружба помеѓу „Златните славејчиња“ тогаш и колку често знаете да се сретнете и денес?

Па да, има една мала група од пет, шест луѓе со кои се среќавам кога и да сум тука или било каде и да сме низ светот. Интересно ми е што секој од таа генерација е амбасадори на Македонија од некој креативен аспект, можеби не сме сите во музика, но сите на еден начин сме креативни. Сепак, комуникацијата со Сања остана најсилна.

-Дали „Ѓердан“ значи ново поглавје во Вашата кариера?

Се надевам да. „Ѓердан“ ме врати во Македонија. Многу долго време барав песна што ќе ме претстави во вистинско светло и не е случајно што се погоди баш во вакво време. „Ѓердан“ е песна за сите нас, за судбините, искуствата, за сите оние кои се дел од таа енергетска алка која нè прави посилни заедно. Тоа е всушност поентата на песната, а јас се надевам дека ова е само една алка од многуте. Сега подготвувам втора песна, но не сакам да брзам, бидејќи сакам да направам нешто квалитетно. Желбата ми е да направам нешто за нас, но тоа и да го проширам, да нè претставам и надвор во вистинско светло.

-Сте соработувале со голем број светски ѕвезди и сте пееле на сцени на кои секој посакува да застане. На што сте најмногу горд?

Имав чест да настапам како солист во познатиот „Чикаго театар“. Диригент и пејач тогаш беше Боби Мекферин (Don’t worry, be happy), кој има толку многу направено во тој музички свет и тоа искуство со него од кого научив толку многу работи е нешто што нема никогаш да го заборавам. Првиот пат кога настапив како солист во „Карнеги Хол“ е нешто што исто така нема да го заборавам, тоа чувство кога си во таа сала не се опишува. Преку хорот, имав чест да пеам во Вашингтон кога беше претседател Буш и пеевме на 20 најпознати луѓе во светот заедно со Барбра Стрејсенд. Таа лекција беше нешто единствено и нешто што не се учи на училиште.

-Кога и каде бевте најсреќен?

Колку и да ми е тешко, јас секогаш наоѓам начин да сум среќен. Последен момент што прв ми доаѓа на памет беше снимањето на спотот за „Ѓердан“. Тие четири дена си поминавме неверојатно и токму тие, малите моменти, ме прават среќен. Јас секогаш велам, не нѝ треба причина да сме среќни, бараме причина да сме тажни. За да си среќен, малку треба. Кога и да се случи нешто тешко си велам, ок, тука си, имаш кров над глава, можам да јадам, а има луѓе кои тоа го немаат. Причина за среќа не нѝ треба.

-Дали мислите дека стипендијата на Џулијард ќе Ве однесеше на други патишта? Жалите ли за пропуштената шанса?

Дали ќе ме одведеше на друг пат - да, дали жалам за тоа - не. Бев премлад, сега сфаќам дека тие огромни институции се фабрики за глас, ти буквално си нивни производ. Сфатив дека тоа не беше патот за мене. Пред една година повторно имав понуда да се придружам на Метрополитан операта, на Џулијард, како постдипломец, но одлучив да не одам. Кога ќе се навратам наназад, знам дека ми беше многу тешко, но сега сум благодарен и сфаќам дека сите имаме свој пат.

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Музиката ми е број еден...Пријателите, семејството, храната, облеката...

-Што е највкусното нешто што сте го пробале?

Каде и да одам, во било кој ресторан, без разлика за каков станува збор, ако има бургер на мени, дефинитивно ќе го пробам. Најубавиот сум го пробал во ресторанот „Инсомниа“ во Торонто и би се вратил сега само за да пробам уште еднаш.

-Важите за човек со уникатен стил. Во што се чувствувате најудобно и што е она што прво Ве привлекува кога ќе го отворите плакарот?

Ако инвестирам во нешто, ќе инвестирам во чевли, палто, мали модни додатоци и црна обична маичка. За поуникатни работи, обожавам кожа и со години барам вистински кожени панталони, а тоа е толку тешко да се најде. Обожавам едноставни линии, носам искинати фармерки, обична маичка, кожено палто... Обожавам остри линии, симетрија.

-Имавме можност да Ве чуеме како извонредно ја изведувате песната „Rise Upво едно видео на Вашиот канал. Се идентификувате ли со истата?

Тоа е многу убава приказна, тажна. Јас секогаш кажувам дека учиме од болката. Тоа се лекции кои мора да се поминат и нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека не се каеш за ништо. Си бил низ болка, но ако си научил лекција, доаѓа подобро утре. Тоа е моќта на таа песна и со задоволство ја пеам.

Објавено:
25 октомври 2018
Прочитано:
298 пати