музичка група

Не сакаме да се ставиме во рамка

Интервју со
Funk Shui
30 октомври 2018

Непосредно пред викендот „Funk Shui“ ја почестија публиката со нова песна – „Крик“ и видео спот за неа. Ние пак се дружевме со Лука, Михаил и Давид неколку дена пред тоа. Уште тогаш ни најавија дека со  нетрпение очекуваат да излезе најновото од нив, верувајќи силно во она што го прават.

Веројатно никој од нас не знаеше што да очекува на средбата, како што и инаку бива кога со некого се запознавате за првпат и покрај тоа што претходно имате некои познвања. Резултатот е непосреден разговор, во кој зад хуморот и смеата, од нивна страна силно стои љубовта кон музиката, младоста, ентузијазмот, но и одговорноста, по малку можеби и неизвесност и збунетост од она што го живеат и доживуваат сега, во овој момент, а од наша љубопитноста и интересот што подобро да ги запознаеме и да ја пренесеме нивната енергија и преку пишан збор.

 Зборувајќи за новата песна, веднаш потенцираа:

-Имаме проблем да се ставиме во некој жанр или да се ставиме во рамка. Ние сме толку претенциозни што не сакаме да се ставиме во рамка, па дури и смисливме нов правец што се вика free flow. Колку е претенциозно, толку е и смешно, толку е и слободно – вели Лука.

-Тоа претенциозно некогаш може да се сфати и како иронично, но некогаш и не. А дали ќе нѐ сфатат тоа зависи и од проникливоста на другите – дополнува Давид.

И некако тој почеток на разговорот го наметна и прашањето дали се согласуваат со определбата дека се алтернативен бенд и тогаш добив истовремен и сосема спротивен одговор:

Лука: Не

Давид: Да

Михаил: Не

Давид: Ако жанрот мора некако да се пише, нека биде како што рековме, free flow.

Лука: Не си ми некако сигурен. Ај следниот час да те прашам.

Давид: Ај следниот час да се спремам подобро, сега немав време. Имав ручек кај баба ми вчера и немав кога да се подготвам.

И целиот разговор би можеле вака да го конципираме, како драмски текст. Во нивниот „дијалог“ има динамичност, интимност, сарказам, иронија, но и хумор, вистина, искреност... А сето тоа произлегува и од вистината дека одлично се познаваат и секојдневно минуваат многу време заедно.

-Седум дена во неделата, по седум часа. Без седум часа вежбање и гледање не излегуваме. Без седум часа дневно немаш бенд. Додека не си ископаме очи – се пошегува Лука, за Давид веднаш да се надоврзе:

-Се знаевме од поодамна, ама се „фативме“ во 2010 година. Се „мувавме“ два месеца, ама знаевме дека ќе се фатиме. Сите мислиме дека музиката е најдоброто нешто. Сметам дека таа е најубав вид на уметност и сè што правам во животов сакам да има што повеќе врска со музика. Кога реков дома дека сакам да свирам на тапани, ми рекоа дека нема каде да ги ставиме. Ми купија гитара и ми рекоа: „Прави го ова две години, па ќе видиме“, и после две години беа тапани.

Михаил пак ќе рече дека интерес за музика имал отсекогаш

-Токму поради тоа почнав да свирам гитара. Се најдовме со Лука и сфатив дека тој е подобар гитарист од мене и рековме: „Што ќе свириш ти гитара, подобро бас“, фатив бас и еве тераме уште :) - а на неговата приказна се надоврза и Лука:

-Него не го бива, а јас се менувам на полошо, а Давид е со сите петки и добро тераме. Јас уште од мал сум со музика. Првин свирев клавир, но не ми се допаѓаше тоа, особено откако ги видов „Red Hot Chili Peppers“ како настапуваат голи со чорапи, ама не на нозе. И си реков, ова сакам да го правам. Баба ми беше единствениот дипломиран уметник што го обожував, бидејќи не сакав многу дипломирани академици, a дали знаете кога ми купија гитара? Во седмо, кога првпат завршив со сите петки. И немав другари во основно, бидејќи сите го слушаа Аца Лукас и имаше малтретирања. Кога отодов во средно, немав другари, освен еден најдобар, Стефан, првиот басист на „Funk Shui“. Во основно гитарата ми беше главна преокупација и колку и да си по емоциите и сензибилитетот, понекогаш мораш да се браниш (па и со бокс) како што морав јас.

Разговорот продолжи во насока на тоа колку се смениле, а динамиката повторно иста:

Лука: Да, јас можам да кажам дека сум на лошо сменет. Не ме сакаат веќе другарчињата од бендот – се пошегува Лука, а на мојата констатација дека пак на сметка на тоа девојките го сакаат, ќе каже:

Лука За жал, тоа те прави само поосамен.

Давид: Повеќе си играме со претенциозноста.

Лука: Пробуваме да си играме со претенциозноста. Да, ова е најкомплицираниот збор што го научивме, па го повторуваме често за да изгледаме поинтелектуално :). Понекогаш се „зезаме“ на банално, глупаво, надреалистично ниво, што некогаш ниту ние не знаеме кога се зезаме, а кога не.

На моето прашање дали тоа им пречи во меѓусобната комуникација и уште повеќе, во перцепцијата што другите ја имаат за нив, Лука вели:

-Сигурно им пречи, но не и нас (во однос на другите). А интерно, понекогаш, бидејќи  понекогаш не знаеме до каде одиме, не со острината на шегата, туку со формата. Надреалистични. Понекогаш не можеме да се сфатиме. Самиот процес на создавање е судир на фантазијата со реалноста. Тоа е и нашата смислата за хумор, барем јас тоа така го гледам.

Во тој микс од мисли, енергии и емоции се случува и креативниот процес.

-Инспирација, мотивација црпиме индивидуално, потоа си ги судираме трите страни и функционира, барем за сега – смета Давид.

Михаил, или Мики како што си го викаат нагалено, е најтивкиот меѓу нив и се чини го држи балансот. Тој се осврна на почетоците и како сега се соочуваат со нешто сосема ново.

-На почетокот немавме очекувања, почнавме да правиме нешто што сакаме и тоа го правиме сè уште. Сега, работите ескалираат на друго ниво, а тоа ни се допаѓа. Сепак, остануваме слободни како што сме.

А за тоа што значи слобода за нив ќе речат:

Михаил:Да имаш услови да го правиш она што сакаш да го правиш. Да немаш никакви препреки од страна.

Давид: Слобода во израз, „Грла јарци“, „Крик“...

Лука: Слобода во израз, мислам дека најдобрата проценка за тоа што значи слобода и дали сме успешни во нашето бивање слободни е реакцијата што ја добиваме од други луѓе. На пример и од вас. Веројатно во ова студио доаѓаат многу луѓе, и одеднаш дојдоа и тројца млади дечки кои ве вадат од клише, па дури и премногу, но мислам дека ви е ок, барем по реакцијата што ја добиваме.

И кога веќе ја споменавме реакцијата од другите, на ред дојде и „одобрувањето“ на публиката за „Сомнежи“ и но и тоа како тие тројца го восприемаат тоа што се случува.

-Никогаш не очекуваме „фидбек“ после објавување, промовирање. Каков и да е отпосле, нè исполнува. Па посебно ако е и негативен – потенцира Давид.

-Негативни коментари секогаш ќе има. Многу интересна работа се случи. Колку и да сме претенциозни во интервјуа, никогаш не сме претенциозни во музиката. И дозволуваме таа да води за разлика од тоа кога сме во улога на интервјуирани. Никој од нас не поаѓа од тоа наменски да прави песна, или со мисла: „Ова ќе биде хит!“, или ќе има толку гледаност, или ќе биде број еден на радио. Ова што се случува сега за нас е изненадување. Малку ни е тешко да се носиме со улогата, бидејќи имаме друг однос кон музиката и кон создавањето. И најголемиот шок од сè, што ме тера малку и да се преиспитам, е моментот што го доживеавме на „Skopje Calling“. Има и видео запис, кога публиката почна да пее... Ако преслушате убаво, ќе забележите како гласот ми оди во повисоки тонови, како да ми мутира и тоа не е од страв, туку од шок. Од тоа што во моментот си велиш, „Што се случува?“. Тоа е шокантно за нас, бидејќи никогаш така не „паѓаме“. Така што, ова што ова што ни се случува е исто како мојот хумор, на граница со премногу – објаснува Лука.

Давид моментот на „шок“ го памети во уште една ситуација.

-Шокантно е да, но јас тоа чувство го осетив на песната „Стаклени нозе“, напишана во 2010 година. Одамна, на настап во живо, само што почна песната, имаше прекрасна реакција дека ќе ја свириме песната, и кога почнаа да ја пеат, јас буквално се наежив... Прекрасно е чувството... дека тоа што го создаваш и други го препознаваат.

А за тоа имаат ли тие сомнежи или пак што е најголемиот сомнеж со кој се соочуваат, Лука го дава одговорот во име на тројцата.

-Израснавме заедно за да  можеме да се наоѓаме на вакви теми. Омилениот сомнеж ми/ни е тој што астрономите, научната јавност, го има кон планетата Плутон, кон нејзиното бивање наспроти небивање.  

Како што рекоа, работите за нив ескалираа на ново ниво, а во тоа спаѓа и фактот дека зад нив ја имаат „Авалон продукција“.

-На почетокот кога сме го правеле ова сами, по гаражи, подруми кога се снимавме сами, го правевме бидејќи сметавме дека така најдобро можеме да го „извадиме“ продуктот. А сега соработуваме со продукција и многу луѓе се вклучени во процесот и е супер, работиме заедно, се поддржуваме, се сакаме, се разбираме... Супер е – вели Давид.

А на ова се надоврзува и Михаил:

-Го правиме истото што сме го правеле и тогаш, само сега обврските ни се поголеми и некои работи не ги правиме ние. Инаку, сè уште сме блиски и не чувствуваме некоја промена. Гледано од страна, да промената е голема, обврските ни се поглеми, повеќе работи има за работа, повеќе луѓе вклучени. Имаме големи одговорности. Но, блискоста што ја чувстваме е иста.

- Со обврските доаѓаат и поголемите одговорности – дополнува Давид.

За тоа како се носат токму со одговорностите, се вративме на, како што ќе се пошегуваат, нивниот нов омилен, интелектуален збор.

-Полупретенциозно... Не го кажавме две минути. Најдов простор и го кажав – рече Давид.

И некаде пред крајот на нашата дружба, ги прашав размислуваат ли некогаш за тоа како сакаат да изгледаат и звучат во иднина.

-„Овде сега мојот механизам,GESTALT, ве наоѓам по скопските ридови“, дел од песна... Не можеш да бидеш ништо добро, ако си премногу загрижен за иднината и за минатото. Ако не си во моментот не можеш да бидеш ниту добар гитарист, ниту добар новинар, ниту добар фоторепортер.  Од друга страна пак, треба да им понудиме нешто на оние што се од другата страна, во случајов „Авалон“, да можат да ја развијат иднината – вели Лука.

-Поединечно можеби сме просечни, но заедно сме најдобри. Кога твоето ќе се спои со нивното, се амплифицира не х3 туку х30! -вели Давид.

И да, тие навистина функционираат најдобро како целина, во која секоја од нивните посебни личности придонесува за идентитетот на „Funk Shui“.

Посведочивме за тоа каде се во моментот, споделивме заеднички моменти и реализиравме спомен, а ние искрено се надеваме дека повторно ќе бидеме сведоци, но на нови моменти на кои ќе се радуваат или кои ќе ги шокираат, за кои ќе живеат и уште повеќе на музика, која исто така ќе посведочи за едно време, време во кое творaт Funk Shui...

Објавено:
30 октомври 2018
Прочитано:
423 пати