Проект „40-те се новите 20-ти"

Не се натпреварувам со годините

Интервју со
Ели Танасковска
24 септември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Во второто интервју од овој циклус, ќе запознаете една поинаква Ели Танасковска (48). Мајка, уредник во културно-уметничката програма на МТВ, професионално реализирана жена која го негува детето во себе, која не ги штеди своите насмевки и ведрина и со која поминавме неколку незаборавни заеднички часови додека го подготвувавме интервјуто и ја фотографиравме во малку поинакво издание од она во кое најчесто ја препознаваме.

Зборуваме за тоа како таа се чувствува во своите 40-ти години, за животното искуство, за нејзините приоритети и амбиции, за заводливоста и убавината на жените во петтата деценија, но и за проблемите и слабостите...

 

Што научивте од животот до сега?

Дека е големо школо. И таман ќе си помислиш дека си дипломирал, пак се враќаш во прво одделение. Постојано треба да учиш. Во животот научив дека семејството е најбитната работа, здравјето, среќата... Треба да имаш голема среќа, оти џабе е се ако немаш среќа. Луѓето околу тебе што ги сакаш, семејството што ти ја дава енергијата, битно е да си ја сакаш работата и да бидеш опкружен со луѓе што те разбираат и да се реализираш. Само реализираниот човек може да биде среќен.

Како се доживувате себеси?

За себе можам да кажам дека во различни периоди од животот сум била различна. Секогаш во животот ми недостасуваше амбиција. Јас сум од оној тип на луѓе кои што би можеле да направат се, но да бидат втори. Ќе помогнат се на тој што ќе биде прв и што ќе се искачи на врвот, но никогаш јас да не бидам на врвот. Да бидам некаде во позадината. Ми се случи еднаш, кога ме праша еден едукатор од Америка за „leadership", толку многу потенцијал имаш во себе за иновации, за креации, за инвентивност, зошто дојде на овој курс? Реков ми фали амбиција. Сметам дека немам доволно амбиција во себе за квалитетите кои ги поседувам. За човек кој што зборува 4-5 јазици, има толку специјализации, магистерски, докторат... мене ми е некако поубаво да бидам во сенка. Да не бидам некако толку напред истурена. Не сум „истурен" играч. Повеќе сум оној семеен човек. Можеби затоа што татко ми често патувал, мајка ми исто така често патувала, понекогаш со брат ми сме останувале дури и сами на десет годишна возраст. За мене семејството е навистина света работа. И сега, едната ќерка ми е во Канада, другата исто така три месеци беше таму и многу ми недостасуваат. Ми недостасуваат тие моменти на ручеци, зборување, вечерни седенки до сабајле. Еднаш годишно се гледаме. Дали ако дојдат тие или ако одиме ние, одржуваме близина. Па дури и „скајпот" е одлична работа и постојано сум во тек. Со повеќето од работите сум во тек дури повеќе со ќерката во Канада, отколку со ќерка ми тука. Но, ми фали да ја прегрнам, да ја стиснам со рака, тоа ми фали многу...

Што и е најбитно на жената во нејзините 40-ти години?

Самодовербата. Многу битна работа е. Колку човек порано осознае дека ја има или што е тоа што му фали за да ја има самодовербата, толку полесно ќе ги досегнува границите и целите.
Целта ќе биде поостварлива во оној момент кога ќе знаете дека сте сигурен сам во себе. Гледам луѓе околу себе, кои имаат голема самодоверба, а просечни квалитети, а успеваат само поради тоа што зрачат со таа самодоверба што ја носат во себе. И ги повлекува тоа. Како зараза се шири. Опасна работа е самодовербата. Некој се раѓа со тоа, некој го учи, некој го стекнува. Јас го поодив потешкиот пат, по заобиколница.

Што би направиле после 40-тите години во животот?

Јас веќе го правам тоа. Патувањата се нешто што ме исполнува. Среќа што мојата работа тоа ми го дозволува. Да запознаваш личности кои се од други култури. Патувањата на прво место. Знаеш како, можеби во тие години, човек сфаќа што му недостасувало кога е во 20-те години. Го брка тоа некако да го фати. Јас сум се смеела секогаш кога ќе речат кога си млад имаш премногу време, а немаш пари, а кога си во позрелите години имаш пари ама немаш време. Тоа е период кога треба да се ужива. Со едукација си завршил, децата си ги „извадил на пат", со надградбата на кариерата си завршил, и тука веќе следува еден период каде буквално треба да си го слушнеш внатрешниот пулс. Мене во моментов патувањата и спортувањето ми се приоритет. Секое искуство од тие патувања, е искуство само за себе. Јас имам талент за јазици. Многу лесно се снаоѓам во туѓи средини, па благодарение и на тоа што сум музикална, само малку да го слушнам гласот на човек од друг дијалект се прилагодувам и зборувам како него.

Го чувате ли детето во себе?

Никогаш не се откажувам од него. И ја знам причината зошто е тоа така. Јас се вратив од Шведска кога завршив прво одделение, сменив едно детство таму, а овде почнав друго детство.
На само осум години почнав и со детската радио драма и кога сите си играа јас одев на пливање, карате, практично скоро и да немав некое детство, кога зборувам за оној слободниот дел. Едноставно немаш време да си играш. Инаку најубавиот момент на сеќавање е токму детството.
Јас имав прекрасно детство во Влае во едни прекрасни улици каде што се играше и нардона и џамија и камај и каубојци и индијанци... Се „фаќав" себе си после неке време, на 12 или 13 години си играв со брат ми. Па дури и сега, сакам да седнам со детенце и да си поиграм и да се навратам во детството.

Кои се предностите на жените во 40-тите?

Знаат што сакаат. Не лутаат. Зрели се. Поминале едно животно искуство, виделе различни ситуации, умеат да компарираат, како тоа изгледало пред, а како изгледа сега. Решавањето или наоѓањето излез од различни ситуации е исто така многу важна работа и тоа колку и да се трудиш да го научиш како лекција е невозможно. И мора да ги поминеш сите тие фази на зреење и на крај кога ќе сфатиш самиот, од себе кога ќе почнеш, тогаш веќе знаеш дека она што ти го давале како лекција си го почувствувал на своја кожа.

Се сметате ли себе си за реализирана жена?

-Да. Се што сум сакала во животот сум исполнила. Почнувајќи пак од семејството, со тоа што почнав и со неколку спортови и имав супер резултати, а понатаму во животот ми останаа рекреација, ама пак не можам без пливањето. Се едуцирав толку колку што сметав. Магистер сум по Културни науки, запишав и докторат, ама некако си помислив дека не е сега време да продолжам со тоа кога сите имаат докторски, а имам и неколку специјализации. Се реализирав и во доменот на работата, тргнувајќи од најпочетната скала како репортер па од истражувачко новинарство, директор на телевизијата, главен и одговорен уредник, и сега уредник во културно-уметничката програма на МТВ. И исто како и годишните сезони, мислам дека баш сега е дојдено време за еден период кога треба да си ги собереме оние сочни плодови.

Се чувствувате ли секси?

Никогаш не сум се доживувала така, а сега ќе ви откријам и зошто. Затоа што сега со моите 176 висина не е никаков проблем, но јас кога растев се „строев" во класот втора по висина и многу ми беше срам што бев толку висока, со 54 килограми и огромна виткана коса и сите ќе те забележат.

Веројатно таа несигурност во себе и тоа што си поразличен од другите, ме правеше често да се сопнувам, да се затскривам зад другите... Никогаш до 15-та година немав облечено салонки. Дури и кога носев најниска штикла, крадев од татко ми бонсек, ги сечев, и од најниски ги правев дури и нагоре да „штрчат" за да бидам пониска. Обратно од сите (се смее). Исто во пубертетот веќе кога се формираат облините, јас толку многу се срамев што сум понапредна од другите девојчиња и веројатно тоа во детството го доживував како траума. Тој период на прерано влегување во пубертет или порано од останатите, мене тогаш не ме правеше секси. Сега себе пак не се доживувам така бидејќи целиот живот сум мислела дека сум требала малку поинаку да изгледам.

Уметноста на една жена лежи во уживањето во себе. Јас се насмевнувам на огледалото секој ден и сакам што се гледам среќна и здрава. Сакам да си ги видам и сите недостатоци. Умеам да ги сокријам, а да потенцирам она што е сензуално. Кога жената ќе научи да се сака себе си, да ужива, тогаш ќе забележи како и останатите ја гледаат поинаку.

Која е Вашата дефиниција за убава жена?

Сигурната жена, жената полна со самодоверба, жената која што ги зане или ги стекнала манирите во животот, е доминантна жена. Кога ќе речам доминантна или маркантна жена, многу повеќе мислам на начинот на кој го држи телото, како оди, како зборува, како гледа, како ја носи облеката... Една иста облека не ја носат сите жени исто, токму поради тоа. Во умеењето на однесувањето, да умееш и знаеш како да се однесуваш. Мислам дека луѓето се раѓаат со тоа. А потоа само го надградуваат. Еве јас можан да кажам од лично искуство во радио драма имавме една прекрасна личност Славица Тодорова, потоа и Софија Тодорова Врчаковска, и тоа е најважната институција во мојот живот. Протоколарна школа за однесување беше токму детската радио драма. Таму јас научив како да седам, да се однесувам, да зборувам, со каква интонација, како се седи со жените на дипломатите, се што научив во животот во однос на тој дел, научив токму во детската радио драма и тоа замислете од осум годишна возраст. Веќе на 13 години, ние практично имавме завршено една академија за протокол. И тоа понатаму станува дел од нас, не можете против тоа.

Сметате ли дека 40-тите се новите 20-ти?

Во оваа возраст знаеш што сакаш, а што не, што можеш најдобро. Сега никој не може да ме натера да го правам тоа што не сакам. Да прифаќам нешто што ме прави незадоволна! Да поднесувам нешто што ми е напор. Не! Знам што ме прави среќна, полетна, љубена, посебна и тоа е вистинскиот еликсир на младоста. Не се натпреварувам со годините, но едноставно ја сакам слободата на мојата енергија. Љубов и среќа...уживам во нив. Жената во 40-те е со многу поголема атрактивност во себе, со многу поголема самодоверба, сензуалност, па и многу повеќе љубов, зашто искуството си го носи своето и се излегува на површина.

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group

Мakeup: Елена Лука

Објавено:
24 септември 2015
Прочитано:
3.391 пати