Некст Тајм: Тексасната јакна ни е задолжително парче од имиџот

Интервју со •
19 јуни 2013

Од својата најмала возраст па се до 14 години тие изгледале идентично, нивната мајка Сузана ги облекувала исто, па ретко кој можел да ги препознае. Денес, иако физички се разликуваат еден од  друг, имаат слични моменти од моден аспект во кој сеуште останале исти.  Fashionel  беше на гости во нивниот дом, а тие како добри домаќини, од своите плакари ги извадија омилените парчиња гардероба и ни раскажаа интересни од моменти од своето  детство и нивните ставови околу модата и шопингувањето.

Мартин: Точно е тоа дека не облекуваа исто. Паметам,  бевме 7-мо одделение и ни купија  тогаш актуелни патики со воздушно перниче и кога одевме на училиште на сите им кажувавме дека се оригинал. Имавме исти јакни, исти фармерки или буквално бевме идентични. Тоа траеше се до 8-мо одделение кога почнавме да имаме поинакви мислења едниот од другиот. Мајка ни тогаш престана да ја има улогата на „стилист“ и одлуката да почнеме да се облекуваме различно беше моја и на Стефан.

Кога се работи за шопинг, за гитаристот Мартин, градот Солун е местото од кое најмногу купува облека. Друштво му прави мајка му, но не дека таа одлучува што ќе се купи, туку едноставно тој сака да биде во нејзино присуство.

Мартин: Кога се појавивме на музичката сцена повеќе го негував рок стилот на облекување, но со текот на времето,  еве сега,  сакам да носам лежерни или кежуал парчиња во кои ќе се чувствувам удобно. Не ги сакам кошулите и сакоата иако ги имам како задолжителни  за некои настапи. Знам во шопинг да отидам заедно со мајка ми, не дека таа ни ги избира парчињата гардероба но, ете често  купуваме заедно. Одиме до Солун,  најголемиот број облека ми е од таму, а купуваме и по пат на интернет продажба и искрено не можам да се сетам кога последен пат сум купил нешто од Македонија. Не ја вреднувам гардеробата по цена, ако нешто е убаво и знам дека ми прилега сигурно ќе го купам. Омилена ми е тексасната  јакна,  ја имаме и јас и брат ми и тоа ни е најомиленото парче во нашите плакари.

Откога се појавија на забавната музичка сцена, имаат уникатен и специфичен имиџ. Пејачот Стефан вели дека сериозноста на нашата забавна музичка сцена не стигнала до тој степен да мораат да ангажираат личен стилист, па се водат според своите модни видувања во кои немаат сомнеж.

Стефан: Сметам дека не  ни е потребен стилист и нескромно ќе кажам дека доволно добар ни е вкусот за да ангажираме некој што ќе се грижи за нашиот имиџ. Но, доколку би се одвивале нештата попрофесионално на нашата забавна сцена тогаш можеби би размислил за професионална соработка.

Toj има свој омилен бренд, а на шега знае да каже,  дека сака да стане и заштитно лице на истиот. Сугестии околу купување и спојување комбинации не прима речиси од никој, па дури ни од девојка му Драгана Чуприна.

Стефан: Во мојот плакар има најмногу фармерки и маички од неколку мои омилени брендови од кои можам да кажам дека сум зависен. Девојка ми Драгана знае да ми сугерира што ми стои а што не,  но во принцип ако јас мислам дека нешто ми прилега, тогаш нема да послушам ничие мислење.

И за крај ни одговорија што би било пресудно Мартин и Стефан да ја променат фризурата?

Стефан: Мислам дека фризурите не прават автентични на естрадата и позитивно e што ги имаме. Брат ми Мартин секојдневно размислува да ја потстриже но јас сигурно нема да го направам тоа зашто ако биде така мислам дека не би се разликувал меѓу останатите.

Објавено:
19 јуни 2013