Актер

Нема песна што не знам да ја пеам

Интервју со
Адриан Азири
27 ноември 2018

Македонската публика Адриан Азири најдобро го запозна по улогата на Наим во македонскиот ситком „Преспав“ и тој за кратко време ги освои симпатиите на публиката. Азири е познат по неговото карактеристично смеење, што всушност е и главното обележје на неговиот лик во популарната серија. Ќе каже дека иако можеби приватно има слични карактеристики со Наим, сепак, карактерот на Адриан е многу поинаков од оној на познатиот лик. За сите кои не знаеја, Адриан одлично свири на хармоника и уште подобро пее, па така ќе каже дека ако не станел актер, сигурно ќе бил музичар. За ликот на Наим, што да очекуваме од него во третата сезона и за Адриан приватно, разговараме во интервјуто во продолжение. 

-Публиката на „Преспав“ ликот на Наим го засака за многу кратко време и од епизода во епизода добиваше сè поголема популарност. Колку Вашиот карактер е сличен на оној на Наим?

Можеби имаме слични карактеристики, бидејќи секако мора да имаш нешто блиско до ликот што го реализираш, но не сме исти. Клучната карактеристика на Наим е смеењето кое што прв пат го искористив во претставата „Емигранти“ и на луѓето многу им се допадна. Кога се појавив на аудиција и кога се насмеав, продуцентот рече тоа е многу важно за ликот на Наим и тоа беше еден од најзначајните елементи и многу влијаеше за јас да ја добијам таа улога. Во однос на другите елементи што ги поседува ликот на Наим, морам да кажам дека тие се градеа од сезона во сезона во консултација со режисерите. Можеби јас во приватниот живот немам мафијашка линија како Наим (се смее), но сепак, имаме некои слични карактеристики. Ако всушност го анализирате подетално неговиот лик,  ќе сфатите дека тој е многу мирен човек, има добра душа, иако сака да наликува на опасен тип.

Фото: Преспав

-Отсекогаш ли знаевте дека сакате да бидете актер? Раскажете ни за Вашите почетоци...

Јас од мала возраст сакав да се појавувам пред публика. Имам завршено нижо музичко училиште за хармоника и концертите кои ги држевме на крајот на годината за мене секогаш беа голема инспирација за да продолжам понатаму. Чувството на трема беше нешто неверојатно. Додека учев средно училиште, сосема случајно добив понуда да играм во една претстава во која играа професионални актери и така некако почна мојата актерска кариера. Постарите колеги во тоа време ми велеа дека навистина ме бидува за тоа, дека знам да ги насмеам луѓето. И јас чувствував дека навистина можам и сакам да излезам на таа сцена и да покажам што знам. Во однос на музиката, тој талент го наследив од татко ми кој беше пејач и свиреше на хармоника, но и од мајка ми која беше играорка. Се дообразував на Академија, и на крај бидна нешто од мене (се смее).

-Дали хуморот Ви е силна страна и во приватниот живот? Го забавувате ли семејството?

Мене ме знаат по тоа што секогаш знам да направам добра атмосфера, да кренам адреналин, да им бидам како лек (се смее). Мене некогаш ми пречеше што луѓето ме препознаваат како актер што работи комедија, иако тоа е најтешкиот жанр според мене. Но, мислам дека се покажав и во други претстави што немаат врска со комедија. Моментално играм и во една серија во Белград, сосема поразлична од она што досега сум го работел.

-Им се допадна ли Наим на Вашите најблиски?

„Преспав“ има голем број на албанска публика. Од првата сезона каде што тој можеби помалку се појавуваше, дури имав и рекации зошто го нема повеќе. Во втората сезона, Наим се додаде во повеќе епизоди и во третата ќе се случи истото. Всушност, можеби и не треба  да биде во сите епизоди бидејќи си „тера“ бизнис во Саранда (се смее). Генерално, знам дека луѓето фамилијарно се собираат да гледаат „Преспав“ и постојано ме прашуваат дали се појавувам во конкретната епизода. Им земав список од продукција и сега сите знаат кога ќе го има Наим, иако секако, ги гледаат сите епизоди, само се шегувам.

Фото: Преспав

-Каква е ситуацијата со тетовскиот театар во моментов? Имате ли претстави?

Сега имаме нов директор во театарот. Претходно, имаше некои проблеми со финансиите и не можеа да се реализираат проекти, па за жал, театарот не работеше три години. Сега има некоја надеж дека ќе почне да се развива театарот и да се реализираат претставите. Веќе има три премиери, сега се подготвува четвртата. Досега не сум се нашол себеси во некој проект, сум оставал простор на моите помлади колеги да бидат ангажирани кои досега не биле во ниту една претстава.

-Што ќе бевте да не станевте актер?

Сигурно музичар. Свирам хармоника како хоби, иако имав можност да се занимавам и професионално. Порано одев со татко ми на сите домашни забави кај блиски пријатели и свирев со него. Татко ми отсекогаш се бореше против шундот и кичот и ова сега што го гледаме во нашите медиуми е просто неверојатно. Сите мои пријатели знаат дека нема песна што не знам да ја пеам, можеби не толку да ги свирам, но да ги пеам сигурно. Знам и многу македонски песни, босански севдалинки и сè останато. Често кога одиме со колегите од „Преспав“ и општо со сите мои колеги на забави, тие се воодушевени од мојот репертоар. Јас им предложив и на продуцентите на „Преспав“ малку повеќе да го истакнеме уметничкиот дух на Наим и тој повторно да засвири на хармоника, бидејќи во првата сезона тоа беше неговиот заштитен знак и се надевам дека тоа ќе се потенцира пак.

-Скопје или Тетово?

Поголемите настани се случуваат во Скопје, големите институции се тука, но и во Тетово не нѝ недостасуваат настани. Моментално јас живеам и во Скопје, и во Тетово. Јас сум скопски зет (се смее). Поради приватни причини не можам да останам во Тетово. Од друга страна, јас работам во тетовскиот театар и имам уметнички бистро бар во Тетово и таму постојано функционирам. За мене моментално и Тетово и Скопје се подеднакво важни.

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Најголемата љубов за мене се мојата сопруга и родителите, а се надевам за кратко време и моето бебе кое е на пат. Од професионалниот живот, јас би го одвоил покојниот Gene Wilder, јас пораснав со неговите филмови, со неговиот хумор. Францускиот глумец Louis de Funès и Jerry Lewis. Јас сум пораснат со таа енергија.

Објавено:
27 ноември 2018
Прочитано:
612 пати