Проект „40-те се новите 20-ти"

Никогаш не гледам реприза

Интервју со
Оливера Трајковска
17 септември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

„40-те се новите 20-ти" е проект што не случајно го започнуваме со интервју со Оливера Трајковска, дама во жестоките дебати пред камерите. Но, во нашето студио се запознавме со една поинаква Оливера. Ги видовме нејзините различни фацијални експресии, нејзината насмевка и опуштеност, нејзината женственост и личност надвор од професионалниот костум. Таа несебично застана пред нашиот фотообјектив покажувајќи ни ја нејзината смелост дека не се плаши од трансофрмација во нејзиниот изглед и дозволи да се запознае таква каква што ние ја замисливме.

За една поинаква Оливера читате во продолжение:

Што научивте од животот досега?

Со годините веројатно научив дека е нормално да викаш да и не, без додавки, сакам или не сакам, и ми се чини дека најголемото трошење во некои години кога имаш енергија за сѐ, е чувството дека треба да си љубезен. Излезот од било која ситуација и кога е „не“, за било што, дали ви се допаѓа фустанот, дали ви се допаѓа момчето, работата, најчесто има долги, просто, проширени реченици, а после некои години мислам дека ја добива вистинската форма кога точно знаеш – ова е да, а ова е не. Ако тоа не ти прави паника дека е поради годините, тоа е убаво искуство.

Ве плаши ли стареењето?

Не знам, не...Кога ќе помислам, ми се чини дека повеќе ме плашеле другите години, отколку што сега ме плашат. Во која смисла би ме плашело стареењето? Дека трагите на моето лице ќе ми го ускратат бавењето со мојата професија? Уште кој знае колку време во Македонија нема да се професионализира тоа што е во медиумскиот израз кога некој би ме видел дека сум намачкана повеќе од било кој кловн во театарска претстава, а компјутерот во режија едвај може да регистрира елементарни тонови...

Тоа значи дека никаков запис кој е трага од моите години, не можам да го променам на телевизија. Само малку лошо поставена камера една вечер ќе ве направи можеби 10 години постари, во друга ситуација со добро светло, тоа ќе го средите, но не мислам дека тоа е најважното околу мојата работа. Можеби само ми е жал дека после 25 години, не дека не сме во тренд, туку ние сме од друга планета и дека ми е срам било каде надвор да се претставиме – Со што се бавите вие?- Со телевизиско новинарство... Во моето студио нема камермани. Како да ви кажам...Сте почнале во националната телевизија во која не можеше да се дооди студиото единица, двојка, тројка... со манир на тогаш моќната куќа дека јас и гостинот треба да седиме во едно ќоше во огромно студио што веројатно треба да ја покаже моќта на телевизијата. Не мојата моќ како домаќин и што ќе направам во интервјуто, туку студиото, просторот... Потоа поминува време и сфаќате дека ништо уште долго време нема да се менува, дека уште долго време новите камермани што доаѓаат треба да ве снимаат како Сузе Спасовска одоздола, па нагоре... И тоа се компромиси и компромиси.

На крајот си велите, додека ние да научиме да ги направиме овие компромиси, светот отишол, барем во нашата работа, многу понапред. Во годините во кои можеби имате професионална зрелост, бидејќи е скап телевизискиот бизнис, никој нема да ви надомести во смисла на услови, дека тоа ќе можете да го правите на начин на кој што во западното новинарство, никој не би се откажал и не би отфрлил некого што има 25 годишни наслаги од бавење со телевизиско новинарство, а вие овде сте досадни и на Бога и на народот и себеси... Јас никогаш не гледам реприза, искуствено точно ги знам дупките низ кои сме поминеле за да стигнеме до некаде... Го договарате гостинот едвај во среда, а имате емисија во четврток и тоа нема да се промени. Претпоставувам дека кога на некој во Владата би му ја испратиле снимката од последното интервју на Камерун би си рекле: Луд човек. Претпоставувам дека Камерун знае кој е домаќинот кај кого оди, но еднакво знае дека тоа е глас на јавноста и тука нема бегање, сите непријатни прашања се за да бидат поставени, а не да бидат скокнати.

Што ѝ е најважно на жената во 40 – тите, што Ви е вам најважно?

Да ја форматирам меморијата... Некое паметење за искуства... – најубавиот летен одмор, најдобриот дечко или не знам што, но да ги форматирам на начин на кој што ќе сфатам кој е мојот круг што треба да го одржувам. Јас не верувам во пријателства што отпочнуваат во педесеттите , а некако си ги проверувате своите комуникации и најпрво одите до тие до матура... Колку има во тој список што треба да остане ваша трајна вредност, што е кругот што сте го создале во важно активните 20 – ти и 30 – ти и тоа е некако кругот што го сметате за ваше вистинско семејство во кое споделувате сѐ.

Грижата во овие години е здравјето на родителите и најблиските со секогаш калкулација дека проблемот таму, значи одземање на енергија и време, тој страв е да речеме моето ново искушение, и комодитетот да немам некакви проекции каде се гледам јас за некое време. Тука сум, тука се гледам денеска, нема потреби од такви големи проекции. Се обидувам да ги меморирам пораките од оние кои што поради некаков професионален или приватен пех, знаат да ви бидат вистински сигнал во животот. Пред извесно време сретнав една колешка со која работевме порано и ми рече дека сака да се видиме на кафе. Мојот одговор беше: Важи, ќе се чуеме, ќе се видиме....

И таа ми рече: Но, јас навистина мислам дека сакам да се видиме, а твојот одговор е еден од многуте кои секој ден се разменуваат. Се спасував во реакцијата, но кога дојдов дома си размислив како ние престануваме да веруваме во значењето на наједноставниот збор и умееме ли да препознаеме кога е тоа најобична куртоазија, а кога е тоа вистински избор на некого да сакаш да се видиш со некој со кој сакаш да ја споделиш енергијата, која е наследство од некое минато или ново искуство. Таквите ситуации ме извлекуваат од она секојдневие дека вие надвор излегувате и шетате некаква маска која треба да биде љубезност, секој кој сака да ви искоментира нешто вие тоа треба да го прифатите, јас имам проблем дека тоа е некаква скриена камера и најчесто не сум добар соговорник, дури и да се комплименти во прашање.

Што мислите за пластичните операции?

Пластиката ја сметам за најкултурниот избор во целата оваа серија ако ви речат дека ботоксот е како одење на козметичар, јас го сфаќам ова за прилично сериозно и сметам дека треба да се оди во сериозни раце, да се направи корекција навреме, бидејќи пластиката ќе поправи до толку за да му овозможи на твоето лице уште следните 20 години да може да се врати на претходната состојба. Не разбирам зошто е потребна пластика на 60 години. Јас сум имала пеницилински шок и сѐ ова што е со боцкање игли е неприфатливо.

Кога ќе одлучам да направам пластика, ќе се консултирам каде се најдобрите услови, мислам дека има некој Македонец за кој никој не знае, кој работи некаде во Хрватска, кој е во сериозни години и чии што клиенти се сериозни луѓе, ама ете од овде сите знаат за Глумичиќ во Загреб, а никој не знае за оној другиот.

...Мојот избор е најпримитивната и најзастрашувачка бања – Кежовица, каде што има безброј баби кои не знаат која сум, ниту ги интересира, но јас гледам во нив, и во животот немам видено толку алабастер кожа како што имам видено кај тие бабички во Кежовица. Не одам на фризер ниту пак на козметичар со извикано име затоа што сакам да бидам аполустно слободна, а тоа што ми пречи е во наводници, конкуренцијата на оние што сметаат дека за селебрити би требало да има посебни услови, па веројатно јас само би им пречела во тој концепт.

Го чувате ли детето во себе?

Не се договараш за тоа, ама свесна сум дека детето во мене некогаш ме носи во некои авантури, но јас сум била малку поинакво дете. Татко ми бил наставник и јас од кога знам за себе сум си играла со штикли и со дневник, па според тоа моето дете не било поврзано со детските палавости, туку со некаква одговорност што сум си ја замислувала во глава. Сега сум строга на начин на кој детето наставничка си било строго порано. Мојот ученик беше мојата сестра. Сѐ што сум правела во професијата било поврзано со стравот од пораз или срам. Значи, јас не сум се подготвувала за интервју за да го победам гостинот, туку да не бидам доведена во ситуација на безизлез дека некои работи не сум ги проверила и ќе загубам во интервјуто. Значи, мојот мотив зошто сѐ сакам да проверам, бил стравот да не бидам завлечкана во некакви слепи улици во моето интервју кои јас сум си дозволила да не ги проверувам, во добрите денови кога беше возможно интервју. Денеска си проверувате во стариот тефетр, ова сум го прашала минатиот пат, додаваш уште две прашања и се е целосно исто.

Како го замислувате животот по 40 – тата?

Не замислувам ништо. Не знам ни дали може да се замисли. Ако има таков рецепт за употреба на животот, би ни било бескрајно здодевно. Веројатно тоа е големото правило – кога ќе ги сфатите сите кваки и мудрости од животот, доцна е да почнете да ги применувате. Но, веројатно и затоа е возбудлива секоја деценија од животот на свој начин. Една има повеќе енергија, друга има повеќе мудрост... Како би изгледале на 25 кога би знаеле да рационализираме сѐ околу нашиот живот. Претпоставувам дека би ни било ужасно здодевно. Би мереле колку пати одиш во дискотека, колку во читална... едноставно нема такви мерки. Ги нема ни подоцна. Кога ќе ги превртам наназад годините, се сеќавам дека најубавите ги поминавме во Галија во неверојатна расправа за напредокот на општеството,( ова во наводници).

Помина време, а ништо специјално не се случи околу тој напредок на заедницата, јас само се сеќавам дека на таа голема маса на која менувавме влади, таму некаде на крајот седеше Амди Бајрам. Само тој Амди Бајрам е некаква политичка ѕверка и некако сѐ е тој Кока Колата во некакви парламентарни мнозинства, што сосема метафорично сакам да кажам ,тој е најдобриот показател што била формулата на успех. Јас лично можеби немам толку проблем со тоа, но единственото што си го велам е дека жалам за потрошените ноќи во Галија, ако на крајот епилогот е дека од големата маса, Амди Бајрам е некој што можеби го потпишувал резултатот.

Сметате ли дека 40 – тите се новите 20 - ти ?

Претпоставувам дека пред 20 години не би требало да кажувам дека моите фармерки од Панда од 88 година, сега со задоволство, поради разлика со останатите, ги облекувам и со тоа потврдувам дека моите димензии не се промениле од 88/89 година. Тоа пред неколку години веројатно би било непристојно да се зброува, бидејќи е најнормално жената за себе да зборува дека во 40 – тите страшно се променила, има проблеми.. . Да, имам проблеми. Станувам, имам некаква фиксација, на некои чудни места се појавуваат влакненца над кои јас немам контрола, па се учиш себеси да се проверуваш малку повеќе, ама тоа е. Секоја деценија си има свои причини поради кои треба да се загледаш во огледало. Ми се допаѓа трендот дека имаме слобода да се опишуваме така како што се чувствуваме. Тоа е предноста. Ако во мене има прилично делови од девојката од 20 години, тоа ќе го покажам на секој начин и во моето однесување, и во гардеробата, а притоа да не предизвикува таква стигма во која би ја опишале како немажена, луда, се облака како шипарица ...

Се чувствувате ли секси?

Има моменти кога да, но има и кога не. Тоа не е поврзано со годините. Сега скоро како да не размислувам за тоа. Некаде на почетоците во работата поради тој тип на стигма дека на жените им е полесно во новинарството, сум имала потреба на емисија да бидам постојано во некаков машки костум, да ја затворам жената во себе, за некако да им испратам порака дека во мене има професионалец... Не е поврзано едно со друго... Наспроти мене седи маж, ние сме во живо, дали тој ќе го препознае тоа секси во мене, па ќе го вознемирува, нервира или не знам што, до границата до која тоа не е злоуптреба на некој начин, е дозволено. Немам потреба да го затворам тоа во себе, иако порано тоа ми било многу важно. Јас не одрекувам ниту една од привилегиите дека во институција влегувате во пристоен костум и влегувате како жена која се почитува себеси. Со таа почит кон себе, вие покажувате и почит кон институцијата во која влегувате. Ми се случувало да откажам состаноци со министри, пратеници кога ќе сум сфатела дека денеска сум излегла за пиење кафе и дека мојот аутфит не е за да влезам на портирница во Собрание. Мојата претстава за тоа е дека треба да влезам како пристојно средена дама, дали тоа е истовремено секси, можеби и треба да биде и секси, но во основа мора да биде порака на мој респект или однос кон институцијата каде што влегувам.

За другите интереси...

Ми се случи еднаш во студио да има дебата, се сеќавам дека Чашуле и Нано Ружин беа гости, а имаше и фудбал. Јас постојано му велев на камерманот: Колку е резултатот, и кога тој ќе ми кажеше јас во шепот го прашував: За кого? А истовремено, гостите си зборат. Следната веќе ја откажав кога имаше фудбал. Омилениот тим ми е Реал. Не сакам англиско првенство. Не сакам германско, не сакам совршен фудбал со еден збор.Од исти причини не го сакам Федерер, бидејќи не сакам совршен тенис. Зошто би навиала Федерер да победи? Па тој секако ќе победи. Навивам за Надал. Има нешто кај Ѓоковиќ, на пример возбудлив ми е и тој Марин Чилиќ... Иако можеби е страшно ова што ќе го кажам, но не сум навивала за никаков македонски клуб. Мислам дека отидов кога играа нашите со југословенската репрезентација и си заминав после 15 минути бидејќи за мене беше несфатливо кога ги преброив милионите во нозете на српските репрезентативци и овие нашиве што глумат лудило помеѓу импресионираност кога играат и можноста да го поминат центарот. Сакам добри изданија во спорт и не го разбирам изборот на таа патриотска позиција во која пола натпревар се занимавате со судијата дека е неправеден ако не му оди на вашиот тим. Не сум навивач од тој тип. Колективните спортови сепак покажуваат дека нешто мора да порасне во некоја средина. Значи мора да надминат и многу грешки од т.н спортски менаџери со цигара во уста, за да се стигне до некаков успех. Поединечниот успех е поединечен. Каква врска има Србија со успехот на Новак Ѓоковиќ?

Сексот на 40 или на 20?

Тоа е една од приказните која е неограничена и не е поврзана со годините, туку е поврзана со чувството во себе. По мојата логика, во 20 – тите тој би требало да биде помалку промискуитетен... ама од искуството што го консумирам, сега изгледа дека младите во своите 20 – ти се попромискуитетни, со будење од сабајле без никакво чувство зошто тоа се случило, како и еден Ред Бул и еден секс... Тоа ме натажува зашто мислам дека ги оштетува за некакви искуства кои се вистинска болка, која тогаш изгледа ненадминлива. Мене ме запрепастува дека во 20 – тите крајно рационално пристапуваат кон тоа, како тоа да е нормална, моденра работа на овој свет. Тоа можеби е така во нивните правила, но јас мислам дека се оштетени за т.н големи страдања во 20 – тите во кои се ви е фатално. Во 40 – тите веројатно имате право да избирате како ги организирате своите слободи, во кое количество го практикувате тоа и со колку партнери го практикувате тоа, ако немате никаква специјална обврска и поради својот личен избор не повредувате никого. Ама сега сѐ повеќе ми велат дека пазарот е зафатен од конкуренција, нападнат од 20 – тите без биографија, а биографијата на 40 – годишните најчесто ги плаши мажите. Сето тоа го слушам и си велам одлично е како оправдување, ама си одам дома и си викам, каква смисла има оправдувањето кога јас во кафаната не се вртев за да ги регистрирам присутните, а не да испраќам сигнали. Значи најверојатно оваа приказна со конкуренцијата е само едно фино, измислено алиби на жените во 40 – тите...


Со кој соговорник би сакале да седнете на заедничка маса?

Тие со кои сакав да седнам се веќе мртви. Некои од нив ми понудија да го направиме тоа со обврска дека ќе се емитува кога тие ќе ми дадат дозвола, јас бев дрска и реков дека сум премлада за да снимам видео мемоари. Во такви работи, во организирани системи, не можеш да бидеш личен. Едниот од луѓето е Лазар Колишевски, баш поради мистичноста, затвореноста, тоа за мене ќе беше искуство во кое ќе треба да се чепка, да се трага, јас не сум добар соговорник за луѓе кои се затворени, ама ако тоа не е интервју кое се снима, кое не е во живо, мислам дека низ тој процес и јас ќе морав да се менувам и ќе дојдев до некои интересни разговори, особено зашто сум го запознала и мислам дека е изненадувачки неверојатна личност. Дури и тие што јавно плукаат по него, дел од нив кои го запознале, точно знаат дека поради јавната стигма не треба да кажат, но приватното искуство им е големо изненадување. Тој е навистина господин во секоја смисла. Јас знам дека тој до пред смртта, тој паралелно на двајцата македонски лидери од 90 – тите им испраќал долги писма, во истовреме и на Бранко Црвенковски и на Љубчо Георгиевски. Тој бил човекот што имал чувство дека секако во демократија едниот ќе замине, другиот ќе дојде да владее. Тоа што го пишувал не се лични совети, туку е документација, светло на минатото и додека сите го плукаа како тоје е папочно врзан за Белград, целата своја архива им ја предаде на МАНУ. До ден денеска, било кој да прашате дали е средена документацијата, велат дека можат да му позавидат и луѓето што работат во библиотека на ажурноста како се средува документација. Овие големи вмровци, сега зборувам за сите во МАНУ бидејќи тоа е тренд, немале образ да направат било каков јавен потег кон тоа што е тоа што го остави човекот што ја обележува комунистичката ера во Македонија. Вториот е Киро Глигоров, со кого не сакав да направам интервју од типот „Претседателе, како влеговме во Обединетите нации", туку сакав да направам човечко, топло, домаќинско интервју со човек кој беше потстанар во Собранието.

Ме сретнува Киро Глигоров на еден прием во Александар Палас и ми приоѓа на страна и ми вика „Ти Оливера, се омажи"?, и јас викам, „Не, претседателе", и ми вика „Значи, ти Оливера, многу бараш". Јас на тоа му велам, „Не, претседателе, тоа не е точно, никој не ми бара", и тој на тоа ми вели дека треба нешто да ми објасни... додека на страна го чекаат еден куп луѓе да го поздрават. „Оливера, едно да знаеш – „Маж во животот е компромис, а мушкарац е избор". Мислам дека во тоа има голема вистина. Инспирацијата за тоа што е вистинскиот мажјак не е иста со тоа кога размислувате за тоа што е партнерство и дека тој мора да има малку повеќе бои од таа што ја гледате во употребната вредност на мажјакот во вашата приказна. Ете, мислам дека тоа е една добра дефиниција.

Киро Глигоров е човекот кој што го напишал и го изговорил збогувањето со Иво Андриќ. Ете во таа Југославија Киро Глигоров е човекот кој зборувал на погребот на Иво Андриќ, до ден денеска ниту еден Македонец не го видел епитафот со кој Киро Глигоров го испратил нобеловецот Иво Адриќ. Никој од нив нема да ви каже каква била неговата страст кон театарот пред сѐ и дека за Љубиша Георгиевски бил подготвен да оди до Тузла. Сите тие се луѓе од крв и месо кои имаат разлина страст, еден обожава фудбал, друг сака уметност...

Тоа со уметноста мора да ве определува во својот човечки став за нештата. Не може да го сакате Борхес, а тоа на некој начин да не ве определува во се што одлучувате утре да го потпишувате, тоа е начин на гледање, тоа е визура. Тој што сака поезија, има друга слика како ја гледа стварноста пред себе и тоа е единствената причина поради која има малку екскјуз за Љубчо Георгиевски, бидејќи со сите кога зборувате за тоа дали ќе победи овој или оној, вие седнувате со Љубчо и тој вика: Фрустриран сум малку деновиве, немам кондиција да го читам Барџаев и јас повторно мислам дека е скриена камера во друштво на лудаци кои не ги ни читаат законите кои ги потпишуваат, овој констерниран дека немал кондиција да го чита Барџаев... Е сега, да имате амбиција да го читате Барџаев, мора да има траги кои на некој начин ве определуваат дури и во тоа што го правите во политиката. Лудило ли е тоа, маргини ли се, тоа во британското новинарство не би било неважно. Дали Дејвид Камерун го чита Барџаев или Шекспир, не е неважно.

 

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Елена Лука

Мakeup: Елена Лука

 

 

Објавено:
17 септември 2015
Прочитано:
5.825 пати