Нина Деан: Заслужувам секое утро да се разбудам среќна

Интервју со •
4 декември 2014

Фотографија на Даниел Цуклев Фотографија на Даниел Цуклев

Младата актерка, кореографка и танчарка, Нина Деан која е дел од семејството на Театар Комедија, својот наплив на енергија несебично го распоредува и на сцените на Театарот за деца и младинци, Драмски Театар и МНТ. Со голем ентузијазам и желба ги носи балерините и танцува со невидена леснотија во нејзиното балетско студио Ребис, пренесувајќи ги тајните вештини на танцувачките чекори на сите оние кои се дел од нејзините предавања. Љубовта кон животните е неизбежен сегмент од нејзиниот живот, а малиот црно – бел мачор причина плус за насмевка.

Фотографија на Даниел Цуклев Фотографија на Даниел Цуклев

Шармот кој го поседува оваа урбана девојка, топлината на нејзината насмевка, сталоженоста и специфичната убавина која сигурно ќе ве врати во златното холивудско доба се само мал дел од карактеристиките кои на прв поглед нè пленија од краткиот разговор со оваа талентирана актерка. Нина Деан, за fashionel.mk одговори на шест брзи и кратки прашања.

Која е Нина Деан?

-Не знам дали сите треба да знаат која е Нина Деан. На сцена носам многу различни чевли, а во приватниот живот сум мошне различна, така да нема да откријам која сум, оставам секој на свој начин да ме доживее и да ја почувствува мојата енергија.

Фотографија на Елена Џајковска Фотографија на Елена Џајковска

Твоето прво искуство на сцена?

-Првото искуство ми беше во претстава на Наташа Поплавска, кога бев многу мала, на мои седум или осум години. Во тој период се преселив од Нови Сад во Скопје и по тоа што ми раскажуваат сè поминало одлично. Значи професионално сум си ја завршила работата. Јас искрено многу не се сеќавам, бидејќи сум била мала. После тој мој настап, долг период не играв во претстави, туку се занимавав со балет. Моето прво професионално искуство на сцена се случи во трета година на Академија.

Фотографија на Кристијан Митревски Фотографија на Кристијан Митревски

Како се подготвуваш за секој нов театарски предизвик?

-Кога градам лик првенствено истражувам, гледам да најдам некоја автентичност со некој веќе постоечки лик, па потоа барам сличности кои најмногу потсетуваат на тој одреден лик, не копирам, не имитирам,  туку во основа ги барам сличности. Многу ми помага интернетот, литературата...

Фотографија на Елена Џајковска Фотографија на Елена Џајковска

Што е најлудата работа што ја имаш направено на сцена?

-Не можам сега во моментов да се сетам конкретно на некоја таква ситуација. На сцена во суштина не правам нешто што би можело негативно да го изненади партнерот. Луди работи правиме сите, но внимаваме сето тоа на крајот да има позитивен исход и кај публиката и кај партнерите. Мене не ми се допаѓа кога мене партнерот ќе ме изненади со некое движење или потег што би можел лошо да влијае на целата сцена, така освен импровизациите не можам да се сетам на ништо поконкретно.

Фотографија на Даниел Цуклев Фотографија на Даниел Цуклев

Која е твојата девиза за среќа?

-Секој ден го започнувам со помислата дека овој живот е прекрасен и дека имам сè што еден млад актер, па и млада личност да посака. Не се занимавам само со театар, го имам и балетското студио Ребис. Секојдневно се убедувам во тоа дека животот е навистина убав и вреди да се живее, без разлика на сите други споредни работи кои се случуваат. Сите имаме и по некој лош спомен кој се дел од нашите животни приказни, затоа во такви ситуации си велам сама на себе дека можам да продолжам понатаму, дека сум вредна и дека заслужувам секое утро да се разбудам среќна.

Фотографија на Бојан Бошковски Фотографија на Бојан Бошковски

Кој театарски лик е најблизок до вистинската Нина Деан?

-Јас секогаш сакам да се оддалечам од себе, кога градам еден лик. А, тоа не е возможно, бидејќи секогаш тргнуваме од себе во градењето на одреден лик. Веројатно во секој лик кој досега сум го одиграла има нешто мое. Лик кој е најблизок до мојот сензибилитет, можеби улогата на Беатриче од претставата „Многу врева за ништо“.

Објавено:
4 декември 2014