актер

Актерот Дениз Абдула vs Новинарот Ланчо Пашазотоф

Интервју со
Дениз Абдула
22 јануари 2018

Кога некој ќе спомене „Фчерашни новости“ првата асоцијација веројатно ви е Ланчо Пашазотоф. Добро, можеби сепак втора, прва е Бранко Огњановски, но она во што сите ќе се согласиме е дека овој лик бргу се издвои и стана омилен кај публиката.

Нашиот нов соговорник, актерот Дениз Абдула, стои зад ликот на омилениот Ланче. Наспроти нервозниот новинар од терен на „Фчерашни“, ние го запознавме скромниот и расположен Дениз.

После празниците, кога вели се потрудил максимално да се одмори и да ги одбегне сите метежи, со нашето интервју го започнува периодот во кој го чекаат многу нови предизвици.

И двајцата се согласивме, навраќајќи се на празниците, дека овој период во државава го одбележа токму хитот од „Фчерашни новости“ насловен како „Крисмас сонг“ или „Ќе се вратиш ти за Крисмас“, па разговорот го почнавме во таа насока.

-Воопшто не се надевавме дека песните ќе имат таков одзив. Истото можам да го кажам и за ликот што го толкувам. Знаеме дека телевизијата и социјалните мрежи се најмоќните сојузници кои носат гледаност, за волја на вистината, но ова беше неочекувано – раскажува Абдула.

Скечот каде Ланчо говори за условите во кои работат новинарите, несфаќајќи дека е во програма, има преку милион прегледи на Фејсбук, а ќе допре и до бугарската публика, која преку социјалните мрежи ги следи “новостите од “Фчерашни““.

Неретко се случува луѓето да мислат дека е навистина вработен во „Телма“ како новинар. Но, Дениз во екипата на „Фчерашни“ доаѓа благодарение на кастинг, а неговиот лик воопшто немал име.

-Името го создадовме за време на  вториот скеч и тоа како последица на недослушување од моја страна. Спроти мене на снимањето беше тонецот Пикац (Поздрав до Пикац :)). Го снимивме целиот прилог и на крај новинарот мораше да се одјави. Имавме некои имиња кои искрено, не беа ништо посебно :).  Тонецот во еден момент кажа “Иванче“, но јас, бидејќи бев подалеку од него, го слушнав како да кажа  “Ланче“ и почнав да се смеам. Нè фати  хистерија, сите  рековме  дека тоа е тоа. Ликот ќе го викаме Ланче или Ланчо.  Генерално, сè во таа емисија доаѓа спонтано – открива 28-годишниот актер.

фото извор: facebook.com/pg/FcerasniNovosti

Инаку, тој досега бил дел од 14 краткометражни и долгометражни филмови, меѓу кои „Соба за пијано“, „Лимонада“, До балчак“, „„Ослободување на Скопје“ „Џган“, „Роденден“, хрватската серија „Генерал“ и српскиот филм „Јужни ветар“... Соработувал со големи режисерски имиња меѓу кои и Лили Абаџиева, како Ромео во претставата „Ромео и Јулија“, „Вера, љубов, надеж“ на Лука Кортина, „Животот на Молиер“ на Александар Поповски и други, но нашата публика најмногу го препознава како Ланчо.

Неговата мајка е државен службеник и никој во неговото семејство не се занимавал со актерство. Љубовта се родила во училишните денови. Но, иако актерството е денес во фокус, сепак тоа не е негова прва љубов. Музиката е.

- Завршив нижо и средно музичко, отсек гитара. Отидов во драмското студио на Магдалена Ризова. Таму бев додека учев средно музичко и сè  до запишувањето на ФДУ. Гитара сè уште свирам, компонирам нешто колку да си речам себеси дека компонирам, но немам толку време да посветам колку што музиката и на вежбањето. Во последната претстава „Вера, љубов, надеж“ научив да свирам труба благодарение на композиторот на претставата  Љупчо Константинов и сум му многу благодарен за тоа  - објаснува Дениз.

Признава дека актерството до некаде ја задоволува онаа потреба на единците да бидат во центарот на вниманието.

- Да, постои до некаде нешто во тоа дека единците го сакаат вниманието. Јас сум единец, растен со еден родител и сметам дека голем дел од оние што израснале без брат, сестра или било каква друга психичко-општествена причина  ја одбрале уметноста како нивен повик. Има и исклучоци, се разбира.

Не крие дека љубовта кон филмот полека ја надминала онаа кон театарот.

-Последната претстава на која работев е „Вера, љубов, надеж“ на Лука Кортина во „Драмски театар“. Тоа е претстава која ја сработив после четири години не работење театар, (затоа што пауза прави само тој што ќе се изнаработи). Не сум вработен во ниту едена културна институција, во изминатите години институциите кои ги раководеа директорите, се правеа дека не постојам, а и сега не е нешто посебно сменето. Но, мислам дека со добра претстава, режисер и текст ќе ми се врати вербата во него. Наскоро треба да започнам со работа на еден театарска претстава, така што, тоа ме теши – најавува Абдула.

Но, македонската, а и балканска публика, имаше можност да го гледа и во „Сенки над Балканот“. Од тоа искуство, кое ќе продолжи бидејќи го очекува снимањето и на втората сезона, носи само позитивни впечатоци.

- Работата со Драган Бјелорглиќ ми беше убаво и многу кратко искуство, се работеше за мала улога во две епизоди. Во втората сезона можеби тоа ќе се смени, ете на пример, јас така си се тешам по дома :). Кога некој од надвор ќе те забележи, па макар било и толку блиску, на 600km од Скопје, е убаво, па макар и да имаш само секунда :). Серијата е одлично сработена и доживеа голема популарност. Не сум некој што сака постојано да гледа серии, но морам да признам дека оваа ја изгледав. Навистина заслужува и треба уште една сезона… - смета Дениз.

Добра шанса препознава по текстот и пораката што тој ја остава, по тоа каква е поврзаноста со општеството. Но, исто така не крие дека работата со големи имиња носи и трема.

-Трема имам. И не само пред големи имиња додека работам, туку и пред секој нов снимачки ден и пред секоја претстава што треба да ја одиграм. Уште малку, и после со тек на годините, ќе ми биде гајле за работите :) Се шегувам. Си ја сакам професијата.

На страна од неа, неговиот најголем предизвик е да се искачи на Монт Еверест.

-Тоа ми е еден од најголемите предизвици последниве две години со кои сакам да се соочам. Таа желба ја носам веќе неколку години и свесен сум колку е тешко. Планинарењето и искачувањето не ми се непознати, но не на толку долги стази. Сепак се надевам ќе си го реализирам сонот.

Професионално, предизвик е работата со добри режисери што точно знаат што сакаат и како да работат.

-Предизвик ми е да работам со Слободан Унковски, досега не сум имал можност за тоа. Исто така, сакам да останам доследен, да имам слобода да изберам и да можам да си кажам што ми се допаѓа, а што не – вели Абдула.

Кога е модата во прашање пак, ги сака брендовите и стилот што го потсетуваат на детството. На нашето дружење дојде со блузон на кој пишуваше „Слејв“ (Роб). На прашањето, дали има работи на кој тој им робува, ќе каже:

-На некој начин сите сме робови на нешто. Штом работиме за пари, за некакви идеали, слепо веруваме во религијата, убиваме, се делиме, осудуваме и си ставаме граници, линии и дискриминираме без никаква разумна причина, предводени од “мисиркин мозок“ тогаш  сме робови на глупоста. Сакале или не.

Исто така, смета дека одговорноста на актерите во општеството никогаш не треба да се занемарува.

-Актерот треба секогаш да го кажува проблемот во едно општество, дали на претстава и филм или во приватниот живот. Тоа е вистинската функција на театарот, филмот и генерално културата. Јас така сметам. Уметникот во секоја ситуација треба да биде на страната на општеството и разумот. Сметам дека актерот никогаш не треба да биде во функција на политичарите или да биде нивна алатка. Критика на проблемот! Да не го затскриваме и да создаваме лажна слика, кога реалноста е друга. Живееме повеќе во фикција, за жал. Апсурдот  сè повеќе зема замав – вели Дениз.

Ова младо и позитивно момче е искрено водено од стремежот и желбата за успешни проекти, да остане доследен на себе, не плашејќи се од напорната работа и не напуштајќи ја скромноста, што искрено се надеваме и му посакуваме да го донесе до посакуваните дестинации и успеси.

 

Објавено:
22 јануари 2018
Прочитано:
4.665 пати