Актерка

Очекувам покана за Оскарите за неколку години

Интервју со
Нина Маџиров
9 јануари 2017

Да се биде дете во генијалното уметничко семејство Маџирови е голема привилегија, но истовремено и исто толку голема одговорност. Кога вашиот татко е Зоран Маџиров, опкружувањето, па и пошироката јавност од вас ја очекуваат истата таа вонземска, уметничка енергија единствено карактеристична само за вашите семејни гени. Несомнено талентот, харизмата и нескротливиот уметнички дух се наследни во семејството Маџирови. Имавме прилика и непосредно да се увериме, по разговорот со ќерката на Зоран, Нина Маџиров која празниците ги искористи да се врати дома, а ние ја искористивме ретката можност да поразговараме со неа. Ретка можност, затоа што Нина студира на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес, каде веќе е при крај со студиите на актерска игра. Зошто се одлучила за актерството, кој е нејзиниот холивудски сон, за секојдневието во Лос Анџелес и за најголемата новогодишна желба, дознавате од интервјуто во продолжение.

Несомнено е голема привилегија, но и одговорност да се биде дете во семејство со генијални уметници. Колку тој факт ја предодреди твојата идна професија?

Јас верувам дека со причина сум се родила во уметничко семејство. И да, истовремено и одговорноста и привилегијата се големи. Уште од бебе сум заспивала со џез и класична музика, пораснав во опкружување во кое секојдневието беше микс на различни уметности. Некако сосема природно се роди мојата љубов кон глумата, постои од кога знам за себе. Од секогаш сум знаела што сакам да бидам.

Студираш на престижната Њујоршка филмска академија во Лос Анџелес, на отсекот за актерска игра. Тоа не само што звучи, сигурно и е многу возбудливо?

Да токму така, премногу возбудливо. На факултетот се чувствувам како дома. Тоа е академија каде се обрaзувале актери што денеска се навистина звучни имиња. Понекогаш кога се будам наутро и сфаќам каде сум и што учам, се чувствувам како личност со најголемата привилегија, како да можам да го освојам цел свет.

Како се случија твоите 5 минути и шансата да заминеш буквално во центарот на филмската индустрија?

Од секогаш сум знаела што сакам да бидам, но не сум била сигурна каде сакам да се образувам. Имав желба да студирам во Њуjорк, Прага или Париз, но кога ја планирав и замислував мојата иднина и кариера, ја замислував во центарот на филмската индустрија, во Лос Анџелес и знаев дека таму припаѓам. Така буквално посегнав по мојот сон.

А кој е твојот холивудски сон?

Мојот холивудски сон е голем, многу голем... Сонувам за мое место на големото платно помеѓу сите светски имиња од филмската индустрија. Имам многу голема мотивација за да го постигнам најголемиот успех. Немам мирен сон се додека не го постигнам тоа што го сакам.

Имаше ли веќе прилика професионално да те ангажираат за некој проект?

Бев дел од "Голден Раш" проектот, во кој што фотографот имаше генијална идеја преку еден феноменален уметнички микс да ги спои минатото и современата технологија, а на наше огромно задоволство проектот оствари огромен успех. Бевме на насловната страна на "Huffington Post" и ред други познати веб страни. Исто така, проектот беше изложен во познатата галерија Лагуна во Санта Моника. Сега фотографиите се изложени низ ходниците на самиот факултет.

Веќе започна сезоната на доделување на филмски награди, а наскоро следуваат и престижните Оскари. Ја чувствуваш ли лично еуфоријата?

Невозможно е да не ја почувствувате еуфоријата кога веќе живеете во Лос Анџелес. Особено после новогодишните празници. Градот е полн со билборди и реклами за самите филмски награди и филмови. Сите познати и актуелни филмски ѕвезди се присутни тука и позираат на црвените килими. Постојано се зборува и коментира за тоа, а јас и моите колеги очекуваме покана за Оскарите, за неколку години.

Како изгледа твоето секојдневие во Лос Анџелес?

Прво што правам наутро е кафе. Без кафе едноставно не можам да функционирам. Потоа денот претежно ми поминува на факултет. Дел сум од многу проекти на факултетот, во некои глумам, во некои сум продуцент, а и во претходните семестри режирав свој филм. Викендите често ги поминувам со пријателите, играјќи друштвени игри, гледајќи добри филмови или серии. Често одам на кино, на филмски премиери и музички концерти.

Како ти го доживеа Холивуд и Лос Анџелес воопшто, успеа ли лесно да се прилагодиш на тамошното животно темпо?

Искрено да, лесно се прилагодив бидејќи го имам она чувство дека секогаш тука и сум припаѓала. Дојдов овде со конкретна цел и тоа ми го трасира патот понатаму. Го сакам темпото и духот со кој дише овој посебен универзум. Има нешто посебно во Холивудското зајдисонце, секогаш ми дава надеж и мотивација знаејќи дека таму припаѓам.

Какво беше твоето детство?

Имав прекрасно детство. Родена сум во Њујорк и патував секаде низ светот со моите родители (Австрија, Германија, Италија...) Дел од моето детство го поминав во Струмица од каде имам прекрасни спомени и доживотни пријателства, а дел во Скопје каде завршив средно музичко училиште. Живеев четири години и во Загреб, Хрватска и токму таму почнав да глумам во драмски секции - познатото ЗКМ (Загребачко казалиште младих). Еден период живеевме и во Милано во кое се заљубив на прв поглед... Неизмерно сум им благодарна на моите родители што ми го овозможиле детството што го имав, бидејќи тоа е едно од нештата што ме дефинира како личноста која сум денес.

Постоеше ли друга опција и професионални амбиции покрај актерството?

Од секош сум имала преголема љубов кон музиката. Растев со музика, свирам клавир, компонирам своја музика. Но, истовремено знаев дека моја професионална определба сакам да биде актерството. Тоа е тоа што ме исполнува и сакам да го работам. Никогаш немало план Б, секогаш глумата била на прво место.

Кој е најзначајниот совет што си го добила од своите родители?

Ги има повеќе, но првите што ми дојдоа на памет се "Биди верна на своите цели" и "Никогаш не ги потценувај и не се плаши од своите моќи". Овие совети ме донесоа токму таму каде што сум денес, во Лос Анџелес следејќи го мојот најголем сон, а и верувам дека ќе ме однесат уште подалеку во мојата кариера и живот. Моите родители секогаш ме поддржувале во секоја моја одлука и јас сум им премногу благодарна за се.

Твојот брат Љубен некако очекувано остана во уметничките кругови, иако во поинаква насока од твојата – а можеби поблиску до онаа на вашиот татко. Што прави Љубен периодов?

Љубен е голем уметник и многу храбар човек. Уште од мал чукаше на тапаните на татко ми и создаваше музика на компјутер. Првите песни што ги напиша се "Мама" и "Пред Карневалот" - посветен за струмичкиот карневал. Сега има бенд „Контакт 59". Победија на Лузер Фест и го отворија Таксират Фестивалот. Во процес се на снимање на нивниот прв албум. Во мај започнува со неговите студии на МИ Факултетот (Musicians Institute) во Лос Анџелес.

Која е твојата најискрена новогодишна желба?

Најискрена новогошна желба е татко ми што побрзо да оздрави од повредите како последица на собраќајната несреќа која ја имаше пред три месеци. Тој е еден од моите идоли и сакам да го видам здрав, креативен, полн со енергија како што си беше. Сакам моето семејство повторно да го видам среќно и весело и што побргу да се вратат на патот кон среќата и успехот.

Каков би сакала да биде одговорот на прашањето: Која е Нина Маџиров, кога би те прашале после десет години?

Нина Маџиров е позната, успешна и талентирана холивудска актерка, со безброј награди и потекнува од Македонија.

Соработници:

Стајлинг: Елена Лука

 

Објавено:
9 јануари 2017
Прочитано:
3.752 пати