музичар

Одлучив пристојно да стареам

Интервју со
Бора Чорба
9 ноември 2016

Секој збор што би можел да се напише за овој човек е навистина излишен. Во ова ноемвриско дождливо утро ние имавме чест првото кафе да го испиеме со големиот Бора Чорба кој на интервјуто дојде и порасположен одошто го очекувавме. Заедно со неговата „Рибља Чорба“ со која забавуваат повеќе од четири генерации наназад, ќе имаат голем концерт на 19 – ти ноември во Метрополис Арената во Скопје заедно со „Ван Гог“ и „Црвена Јабука“. Тој ги повика сите нивни обожаватели на добра журка која знаеме дека со нив е загарантирана, а им порача на сите дека тоа ќе биде уште еден добар и чесен концерт. За Македонија, за семејството, свадбата на Санторини и животот, го читате интервјуто на Бора во продолжение.

Уживајте!

-Што има ново од последниот пат кога бевте тука?

Доста често доаѓам во Македонија, оваа година свиревме во Кратово, во Кавадарци, во Штип, во Скопје и сега повторно доаѓаме тука за големиот концерт што ќе се одржи на 19 – ти ноември. Секогаш е задоволство да се дојде тука.

-Какво значење има за Вас Македонија?

Кога некој ќе каже Македонија, јас секогаш помислувам на Вевчани и Лазарополе. Тие две места за мене се симбол за Македонија.

-Има ли денеска добри млади пејачи? Има ли добри песни?

Има добри музичари, но нема добри автори, за тоа ми е жал. Можно е на новиот албум да има една песна „Пушти коси, ветер да ги носи“, таа песна е фантастична и можно е да направам српска верзија, а за тоа се консултирав и со групата која за жал повеќе не постои. Имам впечаток дека порано луѓето повеќе се трудеа, дека новата технологија го уби авторството на некој начин. Некогаш луѓето само ги земаа гитарите, патуваа, свиреа секаде каде што имаше струја. Денеска само седат и типкаат на компјутер и мислат дека пишуваат песни. Тоа не е баш така едноставно – хартијата во рака и гитарата под „мишка“.

-Какво е Вашето искуство како дел од жирито на „Пинкови ѕвезди“? Велат дека бевте миленик таму...

Мислам дека нашето жири беше подобро (се смее). Тоа беше добро искуство, веројатно на луѓето им треба време да „влезат во игра“. Сега не сакам да коментирам ништо лошо.

-Какво е чувството кога знаете дека ја имате честа да забавувате четири генерации?

Тоа е голем комплимент. Децата кои не се ни родиле, кои не биле ниту во план, денеска во еден глас ја пеат „Лутка са насловне стране“. Тоа е многу голем комплимент и благослов.

-Како го поминувате времето со внукот? Какво значење имаат тие моменти за Вас?

Имам многу малку слободно време, а мојот Петар е во Белград. Секогаш се обидувам да најдам време за семејството. Тој е одличен, супер е тој, сега има само две години, па ќе видиме дали ќе биде некој музичар.

-Задоволен ли сте од животот што го живеете?

Како не би бил. Проживеав барем три обични животи (се смее). Се „шверцува“ и понатаму во животот.

-Кога бевте најсреќен?

Сега сум најсреќен. Во овие години сум многу среќен човек. Се чувствувам убаво.

-Како помина Вашата свадба во Грција?

Многу беше убаво на Санторини. Беше прекрасно. Уште подобро на Сејшелите на меден месец. Да не ја скршев клучната коска, ќе беше уште подобро (се смее).

-Колку е важен имиџот за една рок ѕвезда на Балканот?

Имиџ...Тоа е преценет поим. Јас сум таков каков што сум. Секако, внимавам на килограмите, ме уби оваа диета (се смее). Одлучив пристојно да стареам.

-Што може Вашите обожаватели да очекуваат на 19 – ти ноември?

Многу чесен концерт. И од „Јабука“ и од „Ван Гог“ и од Чорба.

-Планирате ли да ги изненадите фановите со некој нов материјал?

Да, со групата го подготвуваме 20 – тиот албум. Многу внимателно и многу студиозно работиме на тоа. Славиме 40 години постоење кое ќе го одбележиме со концерт на стадионот Маракана во јуни следната година. Се подготвуваме за американска и автралиска турнеја, но засега е најважно она што ќе се случи во Скопје на 19 – ти. Знаете, ние не правиме разлика помеѓу мало и големо место, исто ќе свириме и во Муртино и во Скопје и во Вашингтон, сеедно каде, без разлика дали дошле да не слушаат 10 или 15.000 луѓе, ние секогаш ќе дадеме сѐ од себе.  

-Што ќе им порачате на Вашите обожаватели, на сите млади луѓе низ светот?

Не верувајте на никого, ниту мене (се смее). Верувајте си само на себе и бидете свои.

Објавено:
9 ноември 2016
Прочитано:
840 пати