Модел

Оној кој нема соништа е мртов човек!

Интервју со
Алек Наумовски
23 септември 2015

Продолжуваме со серијата интервјуа во кои нашите соговорници говорат за петте работи што според нив би можеле да го сменат светот. Деновиве разговаравме со познатиот македонски модел и еден од сопствениците на модната агенција Моделс Ин, Алек Наумовски. Тој говореше за љубовта како нешто совршено, чисто и нешто што апсолутно може да го смени светот. Ги спомена и предрасудите, комуникацијата и сонот, и сосема на крајот, нешто што особено ни се допадна – чоколадна продавница полна среќа! Како тој го замислува светот, прочитајте во продолжение.

1.Љубовта

– Во нејзината суштина каква што е, совршена, чиста, безгранична претставува одличен предуслов за промена кон подобро. Живееме во едно време на отуѓеност и затвореност кога и забораваме да даваме или споделуваме, во време на имагинарни пријателства и лажна грижливост. Кога сме сите ние сконцентрирани на пари, моќ, амбиција ...забораваме всушност дека ништо друго не може да ни ја исполни душата освен пријателска насмевка. Вреди да почнеме да се радуваме на сѐ она што нѐ опкружува и да даваме вистинска љубов. Воедно љубовта е исконска потреба да стимулира и придвижува кон себе – подобрување, па во таква форма прави голема  промена и на светот околу нас.

 

2.Предрасуди

- Многу пати сме прочитале дека не можеш да го осудуваш она кое не го разбираш. Прво и најважно од сѐ, никој од нас нема право да суди нечии постапки или начин на толкување на нивната  вистина. Дотолку побрзо паднат предрасудите како општо зло, толку промената и прифаќањето на светот ќе биде чувство на победа. Навистина е лесно да најдеш многу работи што ти пречат кај луѓето, но наместо тоа, да најдеме една или две позитивни работи и да се фокусираме токму на нив. Секако дека многу работи не ги разбираме, но да дадеме шанса и желба да ги прифатиме.

3.Сон

 – Желбите и соновите се нашите главни двигатели, обично велат дека оној кој нема соништа е мртов човек. Луѓето треба да научат да сонуваат и со отворени очи за подобра иднина, односно да разберат дека моќта за реализација на соништата лежи во нив самите. Секое остварување на нашиот сон е голем стремеж и поттик за натамошните акции во остварување и реализација. Затоа, дајте луѓе да сонуваме и да делуваме за подобро утре. 

4.Комуникација

Најдобрата форма која со сигурност би го спасила светот е дефинитивно добрата и отворена комуникација. Сите проблеми во светот настануваат затоа што луѓето комуницираат, а не се разбираат меѓу себе.

5.Чоколадото

Јас би отворил, не во толку далечна иднина, една продавница каде би имало чоколада и рецепти од цел свет. Самиот излог би бил во сите бои на чоколадото и би мирисало на километри. Најпрво би ја нудел црната чоколада во секоја нејзина форма, затоа што е најздрава и не би претставувала опасност за здравјето. За децата и старите би било бесплатно, и во секое чоколадо би имало по една скриена порака од типот ... „Како да го направиме светот поубав за нас самите“. На крајот на денот, нема поубаво чуство од омиленото чоколадо како се топи во уста. И секако, секој кој ќе влезе во продавницата додека не погоди барем една состојка на тоа што ќе го вкуси, нема да смее да си оди (се смее). Поубав свет од тоа, здравје!

Објавено:
23 септември 2015
Прочитано:
1.414 пати