блогерка за органска козметика

Органската козметика дава бавни, но долготрајни резултати

Интервју со
Вики Андонова
29 мај 2018

Љубителите на козметиката, посебно органската, минатата недела имаа можност да присуствуваат на еден интересен настан. Вики Андонова, родена скопјанка која веќе долги години живее во Рим и се занимава токму со органска козметика, пред домашната публика ја претстави својата прва книга „Природно убави со Биодевојка“, во издаваштво на „Арс Либрис“, каде се собрани најдобрите домашни рецепти за нега на кожа и коса.

Одлучи тоа да го направи на непосреден и несекојдневен начин, претставувајќи на самото место, со помош на публиката, како да направите некој од споменатите рецепти.

Ова беше добар повод одблиску да поразговараме со неа. Рим го посетува првпат како турист, и се вљубува на прв поглед.

-Уште тогаш знаев дека ќе се вратам и таму ќе живеам. За мене навистина, сите патишта водат до Рим. Вљубена сум комплетно во целиот град, но има едно делче кое го викаат Вила Боргезе, тоа е како природен парк во центарот на Рим, каде обожувам да седам и да читам - ни рече Вики.

И навистина се врати и веќе 12 години живее таму, каде животот сосема ѝ се менува. Еден ден, шетајќи низ центарот на градот, поминува покрај аптека, каде има залепено најава за промоција на органска козметика, што ќе ја заинтригира и повеќе нема ништо да биде исто. За нејзиниот живот таму, заблудите и вистините околу органската козметика, како и уште по некој рецепт, читајте во продолжение:

 

Органска храна, па и козметика, добиваат сè повеќе на популарност. Како Вие гледате на релацијата помодарство наспроти реалната потреба?

-Сметам дека допрва доаѓа ерата на органската козметика. Секогаш им препорачувам на луѓето дека доколку длабоко во себе почуствуваат потреба да преминат од комерцијална козметика на органска, да го сторат тоа. Не затоа што е популарно, затоа што некој друг го направил тоа или јас сум кажала, туку затоа што имаат внатрешен поттик да го направат за свое добро. И дури тогаш тоа ќе биде вистински избор. Сметам дека допрва ќе има сè повеќе приврзаници кон органската козметика, бидејќи реално, благодетите што ги има врз косата, кожата, лицето, телото, се навистина одлични и многу подобри во споредба со традиционалната, односно комерцијалната козметика.

Често можеме да слушнеме и прочитаме во медиумите дека после одредено време треба да се смени кремата или шампонот поради заситување на кожата. Важи ли истото и при употреба на органска козметика?

-Индивидуално е. Зависи од типот на кожата, козметиката и како таа ќе реагира на кожата. Сакам да кажам дека има огромна разлика помеѓу комерцијалната и органската козметика. Кај првата, како база се користени нафтени деривати, парабени, силикони кои прават лажен мазен изглед на кожата, а всушност таа е задушена, не може да дише, да размени вода со надворешните околности и доаѓа до различни проблематики. Од друга страна, органската козметика се прави од масла, органски путери, кои се во склад со самата кожа, на некој начин ја потпомагаат во процесот на регенерација, помагаат за подобрување на еластичноста, изгледот на кожата. Дали ќе се засити – можно е после некој период, бидејќи кожата се навикнува на одредени состојки, има потреба од нешто друго. А и со годините доаѓа потреба од промена. Кожата на 20, 30, 40 години нема исти потреби и бара нови состојки, кои со годините се губат, па треба надворешно да се надокнадат.

 

Често се мешаат поимите природна и органска козметика. Во што се состои разликата?

-Природна козметика е онаа што во својот состав има природни состојки, но може да има и по некоја хемиска состојка. Зборот природно е често злоуботребуван - козметика што не е природна се нарекува природна, само затоа што во неа содржи неколку такви состојки. Органска козметика пак, е онаа што е серфтифицирана од страна на органски сертификатор. Ги следи стандардите исклучиво на тој сертификатор и направена е од органски состојки, масла, емулгатори што се во согласност со органската козметика, конзерванси што се одобрени од тој сертификатор, така што доколку еден производ содржи нафтени деривати, силикони, и по некоја органска состојба, не можеме да го наречеме органски производ.

Антицелулитен пилинг со лимон и цимет

Овој пилинг не само што одлично ја стимулира циркулацијата и со тоа ја подобрува состојбата со целулитот, туку и фантастично мириса:

6 супени лажици шеќер, 4 супени лажици сол, 3 кафени лажиици цимет во прав, 6 супени лажици масло, 15 капки етерично масло од лимон

Во еден сад или директно во тегличката во која што ќе се складира, најнапред ставете ги шеќерот, солта и циметот и убаво промештајте. Потоа додадете го маслото и повторно убаво промешајте, за сите состојки убаво да се спојат и да добиете хомогена смеса. На крајот, додадете го етеричното масло и повторно кратко промешајте.

Начин на употреба: Пилингот се употребува на благо навлажнета кожа, после туширање, со кружни движења од периферијата на екстремитетите кон центарот на телото. Се измива обилно со млака вода.

Рок на траење: Доколку правилно се чува и се зема само со чиста лажица или со дрвена шпатула, пилингот трае до 6 месеци.

Се верува дека органската козметика е скапа, па тоа е често причината поради која многумина не ја користат...

-Понекогаш органската козметика е доста поскапа од комерцијалната. Но, не мора секогаш да значи. Понекогаш и комерцијалните производи, што притоа немаат добар состав, се многу скапи. Но, зошто органската има повисоки цени – поради поквалитетни состојки. Едно е да користите органско ладно цедено масло, а друго силикон. Цената на силиконот е многу помала и со малку пари добивате производ. Од друга страна, цената на маслото е повисока, а и потребно е одредено количество за да направите крема на пример. Самиот сертификат што го даваат за органска козметика чини исто така многу, па затоа и е скапа. Но, за среќа, во последно време има и достапна органска козметика, ја има и кај нас на пазарот. Во светот сè повеќе се јавуваат нови козметички линии што се достапни. Тоа зависи и од земјата. На пример, Германија е земја број еден што инвестира во органска козметика  на национално ниво и ги потпомага сите органски производители. Така што, во Германија можете да најдете голем број убави, а евтини органски производи.

 

Постојат ли ограничувања за употреба на органска козметика во однос на возраста?

-Не, таа одговара за сите. Од бебиња до возрасни личности. Сепак, важен е составот. Во детската козметика нема да има колаген или Q10, состојки што би ги користеле на пример луѓе над 40-тата.  Потребно е време за да се прочисти кожата од комерцијалната козметика за да се видат резултатите од органската. Јас прекинот го направив нагло. Првин почнав со производ за коса. Мислев дека органската козметика е заблуда, бидејќи после првите неколку користења, косата ми беше ужасна. Но, што се случуваше всушност? Со секое миење, паѓаа силиконите од косата. Тој е отпорен на високи температури и не е воопшто разградлив. Кога тие со миење паѓаат од косата, влакното задушено од него, излегува на виделина – помасна коса или влакно што е испукано. Со секое миење видов каква ми е вистинската состојба на косата. Ако со комерцијалната козметика добиваме брзи резултати, но привидни, за органската треба повеќе време, но резултатите се долготрајни.

Долго време го водите блогот, излезе и книга, но може ли наскоро да се очекуваат и производи со ваш потпис?

-Дванаесет години јас постојано читам за органската козметика, се консултирам и со хемичари од Рим, постојано истражувам на таа тема. Но, сакав да имам и официјално образование, па се запишав во приватно училиште за да се усовршам. Инаку, по професија сум музичар. Но, при крај сум со студиите по природна и органска козметика во Рим. За речиси месец дена ќе ја имам дипломата за завршен втор степен, првата веќе ја имам за напреден степен на природен и органска козметика. Но, не само тоа. Во рамки на образованието учев и формулации, односно учам како се прават креми, серуми, кои состојки со кои одговараат. Создавањето свои козметички производи ми е голема желба и се надевам дека некоја компанија ќе ме поддржи. Пред три години мечтаев за книга, ја замислував и тоа се реализираше. Така се надевам ќе биде и за козметиката.

 

Како вие ги доживеавте Италијанките и нивниот однос кон негата?

- Секоја жена е убава, без разлика на националноста. Самата појава, душа, начин на кој зборува ја прави убава. Секоја на свој начин е оригинална и ја изразува својата женственост. Таму, органската козметика е многу поразвиена, и голем број на комерцијални марки се на акција – земи две плати едно, бидејќи не им се продаваат..

 Пилинг за тело од какао

Овој пилинг е полн погодок за сите љубители на чоколадото. 

5 лажици какао во право, 5 лажици шеќер, 6 лажици бадемово масло, 1 ќесичка банила во прав.

Во една тегличка ставете ги какаото, шеќерот и ванилата во прави и промештајте. Потоа додадете го маслото и повторно убаво промешајте, за сите состојки да се соединат. Вашиот пилинг е готов.

Начин на употреба: Се нанесува на благо навлажнета кожа по туширањето, со нежни кружни движења и темелно се одмива само со млака вода. 

Рок на траење: Доколку правилно се чува и се зема со чиста лажичка, пилингот трае до 6 месеци.

 

фото: Маја Аргакиева

Објавено:
29 мај 2018
Прочитано:
624 пати