Модна блогерка и идна модна дизајнерка

Париз е сонот што ќе стане реалност

Интервју со
Даниела Ѓуровска
5 јули 2017

Неодамна на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, се одржа традиционалната завршна мода ревија на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека, кои годинава креираа на тема „Метаморфоза". Благодарение на соработката на факултетот со Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје, тројца дизајнери кои се издвоија како најдобри, ќе имаат можност да престојуваат една недела во Париз, токму за време на тамошната модна недела во септември.

Меѓу другото и ова беше една од темите на кои разговаравме со Даниела Ѓуровска, една од трите студентки, која ќе има можност директно да ја почувствува динамиката на модната индустрија во еден од највлијателните модни центри.

Дани, неодамна традиционално беше организирана годишната завршна модна ревија на ТМФ на која секако се претстави и ти со твои модели. Која беше годишнава тема на која творевте и каков идентитет им даде на твоите креации?

- Овогодинешната тема на ревијата беше „Метаморфоза". На истата тема на која заедно со моите колеги направивме и изложба во склоп на изминатиот Моден викенд во Скопје, и откако ќе земеме краток одмор во текот на летово се враќаме на работа која ќе резултира со учество повторно на Модниот викенд во Скопје, но овој пат со ревија за која сум премногу возбудена и веќе имам некои нови идеи кои би сакала да ги реализирам. Секогаш се обидувам преку моите креации да се изразам себеси. Mојата колекција е инспирирана од Сијамска риба, која при малку истражување за истата открив информации дека во аквариум таа не би можела да живее со друга риба и колку и да звучи смешно, јас најдов поврзаност и во тоа со мојата колекција, бидејќи парчињата кои ги правам се за една самостојна храбра жена, која знае кон што цели во животот, на која секоја препрека и е поттик за понатака повеќе да се труди да успее. Овој пат не сликав на моделите, единствено парче кое рачно беше насликано е чантата која беше изработена за изложбата и секако се вклопи во колекцијата и ја искомбинирав со еден од моделите.

Твојот индивидуален успех на групната мода ревија, беше награден со патување во Париз. Кога патувате и каква ќе биде вашата агенда таму?

-Тоа е едно од најдобрите признанија кои ги добив досега во овие 4 години за време на моето студирање. Премногу сум благодарна на Францускиот институт во Скопје, секако Технолошко Металуршкиот факултет каде студирам и мојата професорка и ментор Лидија Георгиева . Секогаш сум сакала да го посетам Париз и верувам дека тоа ќе се случеше, но можноста да биде толку брзо и ни помалку ни повеќе за време на Модната недела во Париз е „dream came true". Ќе одам заедно со мои две колешки и воедно другарки Ангела Доневска и Христина Христова, а патувањето е планирано како што кажав за време на Модната недела односно крајот на септември. За влез на самите ревии се уште не знаеме дали и која ревија би имале можност да ја посетиме, но самото тоа што сме во таков моден центар за време на таков моден настан каде целиот град е модно шоу е и повеќе од доволно. Ќе посетиме неколку фирми при самиот престој и се надеваме дека со тоа можеби и ќе ни се укаже и некоја дополнителна шанса. Кога одблизу ќе видиме како функционираат работите во модната индустрија во Париз мислам дека и во таа една недела ќе го "врежеме" секој момент поминат таму.

Кои се твоите очекувања?

- Надоградување на се она што сме го научиле во овие 4 години, враќање со малку поинаква перспектива за тоа што претставува модата како индустрија, многу нови познанства, иако би биле само една недела што можеби не е така долг период, но доволно за да се искористи секој момент и секако многу фотки кои ќе завршат на dgjurovska.wordpress.com .

Периодов си ангажирана и на една интересна работилница во Јавна соба. За што конкретно се работи?

-Мислам дека изминатата и оваа година се навикнав на еден динамичен живот кога станува збор за работа без разлика дали е за блогот, ревија, работилници или некој друг проект. Непосредно пред завршување на подготовките за ревијата со колегите го видовме отворениот повик за учество за работлница во Public room предводена од Тамара Георгиевска како ментор и понесени од ентузијазмот за работа решивме да се пријавиме. На мое задоволство бев одбрана да учествувам на истата. Самата работилница беше за дизајнирање на декоративно осветлување (лустери) и клуб масичка. Јас бев во групата каде работевме на декоративно осветлување. Бевме собрани 5-мина од различни области односно дизајн на облека, ентериер и архитекти и можам да кажам сум презадоволна од исходот на работилницата. Добивме производ кој не претставува сите, а сепак се сведе на едно идејно решение. Работењето во група е предизвик, сите од различни области, различни карактери и не е така лесно да се најде заеднички јазик, но сепак успеавме да комуницираме на иста бранова должина. Почнавме со истражување на пазари кај нас и насекаде во светот, преку одлучување на стилови кои ни се нaм најпривлечни до реализирање на лустер кој ќе го пласираме на изложба најверојатно во склоп на следниот Skopje Design week.

Паралелно веќе подолго време функционираш и како модна блогерка. Колку твоето професионално образование има удел во градењето на твојот лик како блогер?

-Кога ќе се осврнам на овие некоку години го гледам и самата својот прогрес, а ме радува фактот дека и оние кои ме следат го потврдуваат истото. Дизајнирањето и блогерството ги споив во едно, во овој период од животот планирам да ги водам паралелно за понатака не знам како ќе течат работите... Како што образованието ми помогна да увидам некои работи со цел да подобро се изразам како блогер така и блогерството направи да модниот свет во Mакедонија успеам да го запознаам можеби и порано отколку да едниствен начин ми биде учеството на некој проект преку факултетот или слично. Секогаш го велам тоа и навистина е така, блогот е мојот "издувен вентил", платформа на која се изразувам себе си и го пласирам она што го работам. Нема ништо што повеќе ме мотивира од искрен коментар од девојките кои ме следат дека наоѓаат инспирација во тоа што го правам, најголем поттик ми е тоа. Имам уште многу да работам на себе и како дизајнер и како блогер и можеби тоа што сум „разделена" на две страни го правам прогресот полека, но се надевам дека сум на добар пат.

На денешнава фотосесија за fashionel.mk твојот аутфит вклучува еден интересен моден додаток – ранче или чанта или пак и двете?

-Чантата беше изработена за изложбата во склоп на Модниот викенд. Истата има повеќе начини на кои може да се носи, сама како ранче или чанта, или заедно со големиот ранец кој конкретно со оваа комбинација не го носам. Ме инспирира мултифунционалноста, дава можност и ги гледаш работите на еден поинаков начин кога размислуваш како би можело едно парче да добие нова димензија на најлесниот начин. Изработена е од еко кожа во бела боја, превртена кожа во зелена боја и рачно е сликана со текстилни бои. Насликав медуза која сама по себе ме потсетува на еден процес на метаморфоза, но истата е инспирирана од една фотографија која ја направив во аквариумот во Барселона при едно патување изминатата година.

Кој е твојот најголем професионален предизвик?

-Ќе бидам искрена и ќе кажам дека целта ми е нешто големо, можеби и нереално, но сакам да верувам во својот потенцијал да се надоградувам и еден ден да имам свој бренд многу колекции позади себе кои нема да бидат само бројка туку и поим за успех. Верувам дека по завршување на студиите можеби ќе работам во некоја модна куќа, но предизвик ми е DGjurovska да биде сам свој бренд. Да успеам не само во Македонија туку и надвор од тука па дури и подалеку од границите на балканот. Нескромно е, но со посветеност, работа, надоградување и труд верувам дека се може да се постигне во животот. Ние сами си ја креираме судбината не постои лимит доколку сами не го поставиме.

Со оглед на тоа дека веќе ги завршуваш студиите, каде и како планираш понатаму професионално да се развиваш?

-На почетокот на оваа година си ветив сама на себе дека оваа ќе биде најуспешната година во мојот живот до сега, и чувствувам дека сум на добар пат да го реализирам тоа со сигурни чекори на секое поле.
Дека со својата диплома можеби ќе работам во некоја модна куќа или пак конфекција не велам дека не е возможно, но тоа би било како една отскочна даска понатака. Да се застане на свои нозе треба време, искуство и голем труд. Од една страна кога би можела веднаш би работела во свое атеље, но од друга мислам дека тоа би следело за некоја година од сега, кога јас и финансиски би можела да го издржам тоа, а секако и да се надоградам како дизајнер. Имам уште многу да учам и верувам дека има од кого и во нашата држава, а секако пракса или пак работно искуство некаде надвор од државата би било најдоброто нешто за да понатака успеам во својата кариера. И би сакала да напоменам дека мојот сон да бидам дизајнер беше врежан во мене отсекогаш, но мојот ментор и професор Лидија Георгиева ме убеди во тоа, сите овие години таа не само на мене, на сите колеги кои се трудат кои имаат желба за работа ни помогна да успееме барем до овој степен, не изведе на прав пат, во смисла да ни укаже на се она добро и "лошо " и сите предизвци кои ги носи оваа професија. Благодарна сум што толку таа со цело свое знаење искуство успеа да го разгори жарот за работа во нас уште повеќе.

Објавено:
5 јули 2017
Прочитано:
1.188 пати