Оперски пејач

Посакувам Виена да биде мојата идна дестинација

Интервју со
Вејчеслав Поповски
2 мај 2017

Јавноста го познава уште од дете, благодарение на неговиот вонсериски талент. Сега е веќе тинејџер и забрзано чекори кон освојување на светската сцена. Вејчеслав Поповски е најмладиот оперски пејач од Македонија, кој покрај тоа што пее, исто така и создава и аранжира музика. Непосредно по Гала концертот „Летај песно" што неодамна се одржа во МНТ, имавме можност да поразговараме со овој млад, но истовремено сериозен музичар кој пред себе има многу професионални предизвици

Вејчеслав, навистина сериозно чекорите кон остварување на голема светска кариера на оперски пејач, иако сте сѐ уште тинејџер. Како се носите со ова динамично темпо во секојдневието?

Јас морам да кажам дека во целост и се имам посветено на музиката, како на пеењето пред сè, исто така и на создавање и аранжирање на музика. Активно работам на градење на мојот вокал со мојата професорка Александра Коцевска и изучување на нови арии, а во слободно време во изминатиот период работев на аранжманите за оркестарот за Гала концертот „Летај песно" кој заедно со моите колеги го оддржавме на 21.04.2017 година во Македонскиот Народен Театар.

Постојат ли откажувања од обичното секојдневие на еден тинејџер?

Откажувања секако дека има и тоа во перодот на пример додека ги работев аранжманите за песните за концертот знаев и со денови да не станам од компјутер, напорно работев изминатата година но сега сум многу горд, бидејќи успеав целиот тој труд да го изреализирам во еден прекрасен Гала концерт.

Што подразбира една комплетна подготовка за сценски настап?

За еден сценски настап секогаш е потребно да бидеш вокално спремен, да си сигурен во музиката која те следи, без разлика дали тоа дали е оркестар во живо, само пијано или матрица, сето тоа мора да биде тонски добро озвучено. Според мене гардеробата исто така е многу важна и јас лично од секогаш многу внимавам за сите мои настапи како ќе бидам облечен. Тоа ми дава голема самодоверба и сметам дека уметникот мора да и оддаде почит на публиката која е дојдена да го слуша и гледа.

Сте имале привилегија да настапите на сцени резервирани само за најдобрите. Кој од тие настапи би го издвоиле како посебен?

Јас почнав да пеам уште од 10 годишна возраст и сите овие години имав можност да настапам на многу сцени и во многу земји, но настапот на 20 годишнината од осамостојувањето на Република Македонија е настап на кој секогаш со големо задоволство се присетувам, зошто имав само 11 години, а настапив со најпопуларните пејачи во нашата земја пред огромна публика. Но, сепак настапите во Македонската опера и балет, Македонскиот народен театар, настапот во Холивуд, Америка, во Москва, Израел и многу други места ми се исто така многу драги, секој за себе на посебен начин го доживувам.

Кој е Вашиот најголем сон?

Кога во 2014 година во Македонскиот Народен Театар од страна Град Скопје ми беше доделена наградата 13 Ноември за сите мои освоени награди дотогаш, јас добив огромна желба на таа прекрасна сцена во нашиот најграндиозен објект да направам концерт. Таа прекрасна сала има посебна енергија која ја почувствував и од тогаш ме водеше идејата и го чекав вистинскиот момент кој оваа година се случи и на 21 Април и јас заедно со сите мои колеги кои веруваа во мене одржавме незаборавен концерт на кој многу сум горд, а се надевам и институциите и публиката која не поддржаа беа задоволни од сето она што го видоа и слушнаа. Во нашата земја до сега се нема оддржано ваков настан, каде ученици и студенти сами ќе се организираат и ќе одржат концерт во живо и ќе ги отсвират и испеат едни од светски најпопуларните поп евергрини My way, The Prayer, Parla piu piano,Caruso,Volare,The Winner Takes It All и др, а тука ќе ги додадам и нашите македонски безвременски Чија си на композиторот Славе Димитров и Кога те нема и секако мојата Летај песно на композиторот Кире Костов. За овој концерт јас самостојно ги подготвив аранжманите за сите преостанати 12 композиции за оркестарот од 30 музичари кој како состав го замислив. Мојата идеја за сите мои професори и стручни лица од музичкиот свет на почетокот звучеше неостварливо, но на крајот сите беа позитивно изненадени и задоволни.

Кои се Вашите актуелни професионални ангажмани?

Јас немам некои ангажмани дефинирани по агенда за цела година, имам многу идеи и со поддршка пред се на моето семејство ги реализирам полека една по една. Реализацијата на Гала концертот беше големо ангажирање во секој смисол како музички така и технички, работевме напорно со голема поддршка на невладиното здружение Акција&Реакција, Министерството за култура, ДУМБЦ„ Илија Николовски Луј", Македонскиот народен театар, Факултетот за аудио визуелни уметности ЕСРА-Скопје, Модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА, Healthy food by ZEGIN, UNICA, Kроација осигурување, Стопанска банка Битола и други. На сите јавно им се заблагодарувам бидејќи веруваа во нас и заеднички успеавме. Сега полека си ги средуваме импресиите и се спремаме за реализација на нови проекти.

Невозможно е да не се примети дека секогаш посветувате исклучително внимание и на сценскиот изглед и секогаш го почитувате дрес кодот за еден оперски пејач. Во повеќе наврати сте соработувале и со модната куќа Елена Лука за таа намена. Какво е искуството?

Еве сега се присетив на моето интервју за fashionel во декември 2013 година, уште од тогаш соработувам со Модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА кои за мојот настап за изведба на композицијата Caruso, за новогодишната емисија ми подготвија прекрасен костим и марама со брош која посебно ја одбележа креацијата. За Гала концертот безрезерно не поддржаа и јас и двете солиски Тиана Димова и Анастасија Аврамовска носевме нивни креации, исто така и прекрасната водителка Милена Антовска носеше креација на модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА. Во овој момент би сакал јавно да им се заблагодарам за поддршката која секогаш безрезервно ја добивам од нивна страна. За мене облекта секогаш зборува многу за уметникот и јас доколку не сум соодветно облечен не се чувствувам сигурен на сцената, како еден дел да ми фали и настапот не би бил комплетен. Поради тоа секогаш посебно внимание посветувам на гардеробата за секој мој настап.

Каде би сакале да го продолжите Вашето професионално образование?

Имав прекрасна можност да ја посетам преубавата Виена -Центарот на уметноста, градот кој живее со музиката на Моцарт, Штраус, Бетовен ...., местото во кое секој уметник доаѓа да ја започне својата приказна и од тогаш јас веднаш сфатив дека тоа е местото кое во целост ме плени и кој се надевам ќе биде мојата идна дестинација на образование и професионално надградување.

Бев гостин на прекрасен концерт во најубавата и најпознатата Golden Hall of the Musikverein Vienna, каде што се одржува традиционалниот Новогодишен концерт и ја имав таа можност да бидам во друштво со големи оперски ѕвезди од целиот свет кои пееја на Гала концерт кој беше со хуманитарна цел за децата болни од рак за детската болница „Света Ана" организиран од страна на наш македонец Г-дин Аки Нуредини кој живее и работи долги години во Виена.

Кој е Вејчеслав Поповски после 10 години од денес?

Јас сум уметник кој живее со музиката и за музиката, животот сакам да ми биде исполнет со многу патувања, многу отпеани опери, арии, концери и испишани партитури.
Секој мој сон е за мене нов голем предизвик на кој во целост му се посветувам, а секој голем успех е нова врата кон нов почеток и уште поголем предизвик.
Верувам само во многу работа, многу вложен труд и истрајност.
Моето мото е: Верувај во себе и никогаш не се откажувај!

Објавено:
2 мај 2017
Прочитано:
631 пати