моден бренд од Бугарија

Посакуваме ателје во Париз

Интервју со
Knapp
13 јуни 2016

Една од предностите на социјалните мрежи е што можеме да дознаеме за нештата што нѐ интересираат и надвор од нашата држава. Така, сосема случајно налетав и на „Knapp", моден бренд од Бугарија.

Ме освои нивната колоритност, интересниот пристап и презентирање на нивната работа, па одлучив да ги исконтактирам.

За многу кусо време добив повратен одговор од Антонија и Кристина, девојките што творат зад ова име и можност за разговор, што посебно ме израдува.

Во продолжение, запознајте се со „Knapp"!

Knapp: Кристина и Антонија

После запознавањето, едно од првите прашања ми беше како започнала нивната приказна и колку време веќе опстојуваат на бугарскиот пазар.

-Па, приказната не беше сосема приказна, односно бајка, бидејќи секој почеток е тежок, освен ако не располагаш со неограничени можности и богат пазар, а Бугарија не е такво место, па не можевме ниту да претпоставиме дека некогаш сонот ќе ни стане јаве. Но, искрено, тимот на брендот се смени многу од почетокот, што беше пред околу 6 години. Тогаш започна приказната и тоа благодарение на ентузијазмот на четири девојчиња и помошта на двајца популарни мажи во нашата земја, што решија да инвестираат во нас – вели Антонија, креативен директор.

Антонија

Покрај Антонија, која и го менаџира „Knapp", со неа во тимот е и Кристина, со која се пријателки 23 години. Останатите девојки велат, се мајки и среќни семејни жени.

-Правиме сѐ заедно и не можам да си претставам и посакам подобро ниво на разбирање и комуникација од ова што ние го имаме сите овие години, што се познаваме и имаме иста визија за убавото – потенцира Антонија.

Во потрагата за нешто несекојдневно, се појавува и решението за тоа како ќе се вика брендот.

-Сакавме нешто кратко и специфично, нешто што може да се поврзе со скандинавските земји и стил, дури и при изговорот, како звук. Тогаш, една од девојките, која веќе не е дел од екипата и која е голем обожавател на Берлин и германскиот јазик, ја даде идејата за „Knapp", што на германски значи – тенок, тесен... Не се двоумевме многу, а покасно разбравме дека во малку поразлична форма на некои од скандинавските јазици „кnapp" значи копче, а на холандски значи блескав, популарен – ми објаснија девојките.

На фејсбук страницата на брендот можат да се забележат и креации, но и впечатливи модни додатоци.

-Се стремиме на клиентите да им понудиме готови идеи и комплетен стајлинг, што соодветствува на целосната наша концепција за стил и визија. Затоа, секоја сезона каниме различни наши колеги, што ги сакаме и почитуваме. Ги запознаваме со идеите за сезоната, по што тие изработуваат специјален накит и модни додатоци за облеката што ние ја создаваме. Така, процесот е затворен и веруваме дека и клиентите го препознаваат нашиот посебен однос и размислување – велат Антонија и Кристина.

При изработката на креациите, се трудат да користат природни материјали:

-Ткаенините што ги користиме зависат од колекцијата. За лето пред сѐ, претпочитаме памук и свила. За зима користиме најчесто волнени материјали и подебел памук, но сме имале и колекции, каде основен материјал била тантелата на пример. Од неодамна посветуваме внимание и на квалитетен полиестер, бидејќи се покажа дека постои еден дигитален принт, што сакаме да го искористиме за креациите, а нема како ги прескокнеме вештачките материјали во таков случај. Сметаме дека на тој начин ќе постигнеме добар баланс. Исто така, многу сакаме и неопрен.

Комбинациите на бои се едно од нештата што ќе ве привлечат кај креациите на „Knapp", секако, доколку сте љубител на таква естетика.

-Не беше отсекогаш така. Првата колекција ни беше во комбинација на сива и црна. И јас и Кристина отсекогаш сме биле добри во работата со бои, за тоа не охрабруваа и професорите во средното текстилно училиште, а после и на Уметничката академија. Едноставно, тој порив ни доаѓа одвнатре. Но, како што реков, не беше отсекогаш така. Ако ги погледнете нашите креации повнимателно, ќе видите дека се обидуваме да комбинираме наизменично – пошарени со поумерени колекции. Особено за есенско-зимските имаме некои прилично мрачни избори од последните години – посочи Антонија.

А за тоа дали ваквата естетика е блиска до нивниот личен стил, ќе каже:

-Со сигурност правиме нешта што вистински ни се допаѓаат и сѐ што излегува со потпис на "Knapp" е нешто што и ние би го носеле. Сепак, секоја од нас има различни периоди, па така го менува и начинот на облекување, исто како што и инспирациите доаѓаат неочекувано и водат до различни резултати.

За македонската модна сцена велат, за жал, не знаат многу. Иако, најчесто работат за бугарскиот пазар, за нив успеале да слушнат и во други држави.

-Тоа што не сме конфекција, достапноста во странство ја прави малку побавна. Но, сепак имаме многу порачки. Досега сме изработиле нарачки за приватни лица во Москва, Бразил, Холандија, САД. Често нѐ бараат и за изложби, на различни страни од светот.

Со оглед дека веќе шест години успешно функционираат, ги прашав и каква е пораката што ја испраќаат и целта што сакаа да ја постигнат до сега, а кон која се стремат и во иднина.

-Ние не ги сакаме парчињата и облеката што можат да се најдат насекаде, во многу големини и во многу примероци, па дури и да чинат многу. Претпочитаме да создаваме за жени што се стремат кон индивидуалност во стилот и визијата, кои се подготвени во големото пространство на облека да побараат парчиња и модни додатоци што по нешто се разликуваат, што се посебни. Сѐ што изработуваме е во ограничен број, понекогаш тоа се и уникати. Облеката ја шиеме и по нарачка, со индивидуални мерки, па се надеваме дека клиентите го ценат тоа  – искрени се девојките.

Токму жените што сакаат да се разликуваат се нивната таргет група.

-Креациите ни се наменети за жени што сакаат различна визија и нестандардни решенија. За оние што не купуваат неселективно и се подготвени да инвестираат време и средства во нешто што се изработува специјално за нив, што не стравуваат учествуваат во процесот на создавање. На пример, при порачка, нашите клиенти можат да направат промена на боја, должина или друг детаљ на облеката. За жени што имаат информација и се отворени кон различни провокации – самостојни и независни, што сакаат да се чувствуваат посебно.

Задоволни од досега постигнатото, се надеваат дека и во иднина ќе ги остварат новите соништа. За тоа каде се гледаат за 10 години, велат:

-Така препознатливи какви што се трудиме да бидеме и во моментов, но познати и на други пазари, не само на бугарскиот. Веројатно за 10 години ќе бидеме поголем тим и ќе имаме некои различни поимања за убаво и модерно, така што и нас ќе ни биде интересно да се видиме после толку години. Се надевам, во ателје или изложбен салон во Париз.

фото: Дилјана Флорентин (Диляна Флорентин)

Објавено:
13 јуни 2016
Прочитано:
1.559 пати