интервју

Повеќе делам облека со татко ми, отколку со мајка ми

Интервју со
Миа Милошеска
15 август 2018

Нејзиниот Инстаграм профил носи назив @wilmaflintstone_, а кога ќе го разгледате ќе видите девојче кое точно знае како сака да се претстави. Со една ретро нота, и по малку уметнички израз, ги искажува своите интереси за многу нешта што ја опкружуваат, па во тој контекст и модата.

- Сакам да се претставам себеси, но сакам и сè да е со мера. Да е во вистинско светло. Внимавам на фотографиите, како ги уредувам. Инстаграмот го гледам како начин на кој можеш да ја видиш автентичноста на еден човек, и сакам да изгледа сè како што треба. Генерално не ми се допаѓа што луѓето стануваат само познати поради фотографиите на Инстаграм, а особено ако се провокативни или немаат никаква смисла. Но, последнава година гледам дека се развиваат супер модни блогерки кај нас, дека почнаа да ги следат добрите модни трендови од светот, не само негативните – вели Миа Милошеска, нашиот нов соговорник.

Кога се сретнавме, имиџот што го негува, нас многу нè потсети на Дуа Липа, а ни таа не крие дека досега повеќемина ѝ го кажале истото.

Додека се договаравме за нашата средба, Миа беше и во Филаделфија, на Универзитетот за уметност, па затоа и впечатоците од таму беа едно од првите нешта за кои позборувавме.

-Се работи за pre-college програма за музички бизнис и технологија и можам да кажам дека општиот ментален склоп таму е поразличен и дека е многу тешко Балканец да се снајде во тие простори. Од друга страна, многу ми се допаѓаше што таму си буквално слободен да правиш што сакаш. Можеш да излезеш облечен како сакаш и никој да не ти упати некој чуден поглед. Наидов и на луѓе што следат мода, но и на оние на кои воошто не им е гајле. Но, на крајот, сакав да се вратам дома. Сепак, ќе признаам дека беше освежувачки да можеш да излезеш како што сакаш. Кај нас, сепак, сè уште постои одреден притисок по тоа прашање. Новите, „ребел“ генерации растат и работите почнуваат и тука да се менуваат – вели Милошеска, која додава дека токму тоа искуство извршило влијание и врз тоа како ќе се облекува и однесува тука.

Извесен период се занимава со фотографија, а сега речиси целото нејзино внимание го одзема музиката.

-Прилично сум голем фан на музиката како уметност. Знам дека можеби многумина го кажуваат тоа, но кај мене е навистина така. Во слободно време пишувам и поезија, а сум ангажирана околу промовирањето и работењето на бендот „Фанк Шуи“ – вели Миа.

Ја интересира сè околу сферата на рок музиката и делумно жали што нема некое посериозно познавање на музиката. Но, токму овој правец извршил и влијание врз нејзиниот интерес за модни парчиња.

-Уште сум млада и тоа како се облекувам многу зависи од тоа како се чувствувам, што следам, што слушам и верувам допрва и ќе се менува. Голема бендовска маичка на татко ми, ѕвонарки и некое големо палто, мантил или капут од татко ми, се работи што обожавам да ги носам. Половина од облеката што ја носам е некоја варијација на облеката на татко ми. Повеќе делам облека со него, отколку со мајка ми (се смее). Но, маичка на татко ми најчестo е моето главно парче за многу пригоди – открива Миа.

На нашата средба се појави во пастелнo фустанче со впечатливи ракави и во комбинација со патики и виолетова чанта. Токму ракавите биле клучниот момент поради кој се одлучила да го купи.

-Си го замислив со патики. Ми се допаѓа што во последно време со патики можеш да облечеш сè што сакаш.

А дека внимава на деталите, покажа и на закажаната средба со нас, носејќи дискретен, но внимателно одбран накит, очила за сонце...

-Не излегувам од дома без накит. И без часовник. Имам „среќно“ ланче, што не го вадам никогаш освен кога не ми одговара воопшто на комбинацијата.. Инаку, кога имав 10-12 години, добив на подарок една „Guess“ црна јакна, прилично рокерска, со шпицeсти ракави. Многу ми се допаѓаше како ми стоеше и тоа парче дефинитивно нема никогаш да го фрлам, би го чувала дури и за моето дете -  потенцира Милошеска.

На прашањето пак, што не би носела, без многу размислување вели дека тоа би бил краток топ со фармерки со низок струк и актуелните папучи со „пуфнасти елементи “. А за тоа, добива ли таа критика некогаш за нејзиниот изглед, ќе каже:

-Најчесто добивам негативни коментари дека се облекувам во темни бои, и што најголем дел од  плакарот ми е црн, но во последно време ме привлекуваат и понежни бои. Инаку, најголемо влијание врз мојот стил изврши кумата ми, Каролина Гочева, таа има голем уддел во тоа како се облекувам и речиси секогаш ја консултирам за таа тема.

Со оглед на тоа дека нашата рубрика е наречена „Приказни од градот“, ја прашавме Миа и кој дел од Скопје ѝ буди најмногу спомени и за кој дел од градот ја врзуваат најубавите приказни.

-Најверојатно секој тинејџер има спомени од МКЦ и од концертите и свирките таму. Концертот на пример, на „Slowdive“, лани на фестивалот „Здраво млади“ беше катарза.  Ја сакам уличката позади „Максим Горки што има многу зеленило, го сакам делот што е позади „Универзална“, тоа ми се омилени делови од Скопје.

Иако сè уште многу млада, Миа има изграден и јасен став за многу нешта.

- Да имам став за работите и свое размислување е пред сè е резултат на воспитувањето од моите родители. Уште од рана возраст, родителите ме третирале како возрасна и тоа ми помогна да имам и самодоверба и можам да се искажам и да кажам мислење. И токму тоа и ме направи тоа што сум денес.

Не крие дека како дете единец го уживала сето внимание од блиските, но токму во контекст на тоа и ќе се пошегува:

- Не е секогаш добро ни да имаш комплетно внимание :). Како мала посакував да имам брат или сестра, понекогаш и знам да почувствувам некаква празнина, но од друга страна, имам убави врски со луѓето околу мене, така што се чувствувам исполнето.

Посебно ја цени искреноста кај луѓето, бидејќи и самата има таков пристап кон оние со кои комуницира.

-Искреноста е нешто што многу го почитувам. Тоа и најмногу ми пречеше во Америка, луѓето се толку фини што во еден момент изгледа и чувствуваш дека е лажно. Но, исто така е важно, и другите да не замеруваат кога сум искрена, да знаат да прифатат критика.

Со цел живот пред неа, со безброј желби, сништа и врвови за достигнување, на крајот ја прашавме размислува ли за иднината и како себеси се гледа за пет години.

-Искрено, мојата генерација гледа што побрзо да со замине од тука, но јас одлучив дека сакам да останам овде, заедно со новата генерација да поработиме на градот, општеството и да се потрудиме да го подобриме – искрена е Миа.

Објавено:
15 август 2018
Прочитано:
3.399 пати