Музичар

Принц беше и сѐ уште е најкул нешто во универзумот

Интервју со
Александар Ристовски-Принц
25 јули 2017

Секоја генерација има своја авангарда, независно за која општествена сфера се работи. Во спротивно, нештата би биле сиви, монотони и во најмала рака досадни и статични.

Александар Ристовски или нашиот Принц, е еден од оние авангардни ликови на својата генерација кој е заслужен за „ренесансата" на македонската поп сцена во 90-тите години и почетокот на 2000-те.

Доволно храбар да наметне нови стандарди и доволно свој и автентичен да влијае на прогресот и трансформацијата на поп културата кај нас. Мултитаскинг музичар со импресивна колекција гитари и со музичко студио во полн погон – постојано.

Принц несомнено има голем удел во профилирањето на неговиот уметнички израз, па некако сосема природно од првиот момент кога се „соочил" со магијата на неговиот идол од детството, Принц останува да следи по неговото име и презиме, без исклучок.

Во ноември 2013-та година заедно со Дарко Тасев, Јане Тодорвски и Виктор Филиповски, во една декадентна состојба на македонската комерцијална музичка сцена, повторно отстапуваат од монотонијата со нов бенд „Барбарела".

Периодов пак, како што и самиот ќе каже во интервјуто што следува, работи со нова „луда" екипа на албумот „Шарена Банана" најавен за септември.

Имавме привилегија да се дружиме со Александар Ристовски – Принц во неговото студио, опкружени со амбиентот на она што е негово секојдневие – музика во сите нејзини форми.

„Барбарела" е урбана приказна која го освежи духот на македонската поп сцена. Го почувствувавте ли Вашето отсуство со враќањето на сцена како изведувач?

-Јас не заминав, би рекол медиумите ми се вратија. Јас постојано работев, но отсуството на музички редакции и музички уредници го направија тоа чувство. Да бев политичар немаше да ме снема.

Што работите периодов со „Барбарела"?

-Барбарела после 2 албуми, Барбарела и Флерт, мораше да паузира. Еден член се врати во својот град Охрид, а останатите двајца се презафатени. Комуницираме и понатаму и веројатно ќе направиме пак албум, но понатака. Сега имам нова екипа, луда екипа.

Нешто ново?

-Да, снимивме нов албум под наслов ''Шарена Банана''. Сѐ е завршено. Има 8 песни и звучат прилично различно од се до сега што сум снимил. Ќе излезе во септември.

Како во моментов би ја дефинирале македонската поп сцена?

-Македонската поп сцена е како и секаде, едно те исто и досадно без возбуда и предизвици. Сепак само живиот инструмент може да те крене и однесе на места каде што духот излегува од телото.

А каде е домашната алтернативна музика во однос на тоа што се работи во регионот?

-Тука на тоа поле отсекогаш сме биле јаки и сѐ уште сме јаки. Тука можеме да се мериме со кој сакате.

Имаме ли добра и ветувачка музичка платформа или како да ја создадеме?

-Имаме многу добри и оригинални бендови. Интересно дури и феноменално е како медиумите воопшто не ја свртуваат главата малку на страна и да погледнат што имаат до себе. Како некој паралелен универзум каде што на една страна имаш медиуми и блунтав поп кој на никој не му значи ништо, бар на постари од 11 години и од друга страна плејада на добра музика за која не знаат ни дека постои, а ги полни концертните сали во МКЦ и културните центри низ Македонија, а богами и низ Европа.

Што Ве исфрла од колосек?

-Снобизам, ограниченост, ''сељачизам и ренесанса''.

Како изгледа еден Ваш стандарден ден во студио?

-Немам стандарден ден, секој ден е различен и не се знае што ќе донесе. Како ми е ќеф.

Има ли наши млади артисти кои Ви го привлекуваат вниманието, а истовремено сметате дека се вредни и за вниманието на јавноста?

Сара Мејс, Black and Wise, Propaganda, Armadilo, Pluto Doubts, Новиот почеток, The John, South Park... Долг е списокот. Секако некои од овие не се млади, али звучат младо.

Според Вас, кој е најдобриот период во музичката историја, на глобално ниво и кај нас?

Нема најдобар има само најлош, а тоа е сега.

Имате ли своја миленичка меѓу гитарите?

Увек е една и единствена, Ибанез Артист.

Кој светски музички фестивал или концерт што сте го посетиле, Ви оставил исклучителен впечаток?

-Ги има многу, но би ги издвоил Candy Dulfer, Qeen I Chick Corea.

Зошто Принц толку Ви влијаеше како артист?

-Е зошто де?! Од првата секунда кога го видов беше и сè уште е најкул нешто што постои во универзумот.

Вашиот сценски имиџ секогаш е комплетен и тука акцент сакам да ставам на визуелната слика и сценската костимографија. Колку Вашата сопруга има улога и влијание во тој дел?

-Има многу секако, голем удел, се би било поинакво и многу потешко без неа.

Колку Вашите деца сакаат да „заглавуваат" во студио со Вас?

-Инструменти има низ цела куќа, па не мора да заглавуваат у студио. Си имаат некој свој филм. Јаков свири тапани, а Стефанија гитара и пијано.

Кој после нашево интервју доаѓа кај Вас во студио?
-Калина Велковска и Тања Тас. Нешто тајно снимаме. :) 

 

Објавено:
25 јули 2017
Прочитано:
1.439 пати