компаратист, поетеса, активист

#Ретвитни оброк не е романтична приказна

Интервју со
Ана Голејшка
28 јуни 2017

Секој петок, од 17 до 20 часот, Љубомир, Мила, Викторија, Гоце, Дејан, Владко, Светлана, Филип, Елена, Владо... и Ана, која е и наш соговорник, во куќата „Гласност“ го реализираат она што во јавноста е познато како #Ретвитни оброк. Во сабота во 12 часот пак, ги делат оброците на бездомниците кај спомен куќата на Мајка Тереза.

Ние им појдовме на гости и во живо видовме како тоа изгледа. После две и пол години се гледа дека совршено се „во игра“ и не губат време. Иако доаѓаат најчесто после работното време и често се изморени, ова за сите нив претставува задоволство, релаксација и љубов. И кога сте веќе таму и ги гледате како работат, нема шанси да не посакате да им се придружите. Да, секој што има желба да помогне, дури и не мора да знае толку добро да готви, може да ги посети и без да се најави.

Ана Голејшка нè пречека, а разговорот почна да тече спонтано и допревме многу теми на кои досега не се обрнало толку или такво внимание. Овие момци и девојки неодамна разговараа со државните институции да се покрене прашањето за активирање на Јавна кујна, а оттаму зборувавме и за сериозноста на #Ретвитни оброк, за медиумската (не)помош, поезијата, социјалните мрежи и современото време, како и личните желби и стравови на Ана.

Во продолжение следи нашиот разговор:

 Ана Голејшка

Од спонтана иницијатива, #Ретвитни оброк трае веќе две и пол години, а неодамна се одлучивте да одите и чекор понатаму и приказната да добие уште посериозен тон...

-#Ретвитниоброк расте со секоја наредна недела, во смисла дека почнуваме да отвараме прaшања од јавен карактер, што ни изгледаа невозможни пред да прераснеме во иницијатива. Сакаме да апелираме и до институциите кои можат да спроведат промена на закони, а со тоа да се намали фрлањето на храна, односно да се редистрибуира на загрозени семејства и бездомни кои немаат основни три оброци дневно. Во мојот ум, #Ретвитни оброк останува симбол на рециклирањето и споделувањето храна, а приватно го доживувам како стожер за идниот социјален ресторан, кујна и простор во кој ќе може да се нахранат многу луѓе, да се развијат готвачки професии и капацитети, ќе се зборува на убав, човечки јазик и ќе се јакнат вредностите. Од љубов кон храната и луѓето започна сево ова!

Се смени ли нешто во функционирањето на #Ретвитни оброк по медиумската застапеност, која реално и не ви недостасува?

-По многуте интервјуа, муабети, кампањи во кои РО влезе со учество како иницијатива создадена од луѓе - за луѓе, можам да кажам дека освен браво и „лајкови“, вистинскиот импакт не е достигнат. За две ипол години, како што постоиме, дури сега малку мрднаа нештата, односно се отворија прашања околу донациите на храна и рециклирањето. Значи, патот е долг и ќе треба време. Воедно, тешко е да се задржат луѓе кои постојано одвојуваат од своите петоци и саботи, на своја волја. Иницијативата е со столб од 20-тина постојани луѓе кои дисперзирано се мотивирани за да помогнат. Сепак, ова е огрански реализирана активност.

Имате ли помош од големите маркети или други компании при реализирањето на целта секој петок или сè е во ваши раце?

-Храната, односно намирниците најчесто ни ја донираат луѓе кои сакаат да учествуваат во готвењето, но немаат време или можност, па со тоа ни ја олеснуваат целата работа. Пред да имаме донации, готвевме секој со свој буџет и кој што има/може. Голема помош ни се неколку фирми и анонимни пријатели на #Ретвитни оброк кои со набавка на производи или готвење на оброци, прават навистина голема работа. Интересно, донациите не се од маркети, туку од фирми, ресторани, обични луѓе...

Кој е за тебе најтрогателниот момент од #Ретвитни оброк?

-Секоја сабота кога делиме храна, постои тоа чувство. Целосната емпатија што постои кај членовите и солидарноста, е нешто што мотивира. Средбите со бездомниците, бездруго се исто така тешки. По секој споделен оброк и сведочење на саботното делење, имате reality check кој не дозволува да заборавите што имате и што можете да дадете. А верувајте, имате што да дадете.

А најголемиот предизвик?

-Да се оддржи континуитетот, ентузијазмот, поддршката и готвењето, да се биде храбар во идејата да се променат навиките на македонските граѓани, да се биде свесен.  Да се прави добро без оглед на околностите.

Како да се победи одбивноста или стравот кон/од бездомниците?

-Единствено преку средби со тие луѓе. И тие се луѓе како нас. Како мене и тебе. Со свои животи и судбини. На пример, со чичко Ванчо кој доаѓа да земе оброци во петок, си правиме муабет. Ни раскажува за маките што го снашле. Човечката димензија има дом, а тоа е во очите, погледот, приказните. Сево ова не е така романтично и има своја негативна страна. Често се случува на делењето да има многу туркање, викотници, и да бидете сведок на непријатни ситуации. Одбивноста најчесто е поврзана токму со овие работи, како и нивниот изглед и неможност да одржуваат хигиена. Стравот се победува со соочување. Никој не сака да го снајде таков живот.

Јавноста првин те запозна преку поезијата. Во една пригода изјави дека „Поезијата е глумење лудило“. Какво или кое лудило го глумиш ти?

-Лудилото наречено живот, со сите глупости и радости во него. Поезијата е вентил кој често се отвора и му благодарам за тоа. Готвењето е терапија, соединување, страст што мора да излезе за да нахрани. Мојата глад се претвора во туѓата ситост. Живеам како што сакам – не би се менувала за ништо со никого. Секој ден имам реални состојби за кои размислувам и ме болат многу нешта, па преку пишувањето лудилото добива смисла. Интересно е што сум изјавила, хахаха!

„Љубов на улица“ излезе во 2013 година и тогаш имаше 25 години. Правиш ли анализа на својата поезија, колку еволуираше како автор за овие неколку години?

-Правам многу работи истовремено, па творечкиот опус си дреме во компјутер. „Љубов на улица“ е моето првенче и некогаш се прашувам зошто и како излезе. Еволуцијата во поезијата е можеби најпрекрасното нешто за кое никогаш не сум размислувала, а се гледа од авион. Љубовта и понатаму го гради секој мој стих, но е обременет од мојата возраст и искуства. Автор што расте е добар автор! Инаку, не верувам во шивачки и кројачки и премерувачки тези за поезијата. Мене поезијата ми е игра и исконска потреба. Таму нема ниедно правило, освен од мојот ум и јазик, и тук-таму некоја емотивна збеснатина што треба да стави печат.

Најчести теми за кои пишуваш се љубовта, градот, небото... И во сите твои приказни, ти си централниот лик. Зошто?

-Затоа што сум (его)центрик и сакам да го сместувам микроскоп(јето) длабоко во мојот свет. Од таму најпријатно гледам, составувам и живеам. Себеси најдобро се (пре)познавам и така си доаѓа. Го заградив она „его“ од предниот дел на зборчето, затоа што мислам дека е најдобро кога го држите за узди. Егото може да ве ре-создаде, но најлесно може да ве убие. Кај мене, служи исклучиво за медиумско набљудување на животот.

Социјалните мрежи за тебе се отворен, транспарентен медиум. Колку те чини таа транспарентност? Што значи за тебе таквата пристапност за - речиси сите?

-Не ме чини ништо лично, напротив. Максимално ја користам секоја социјална мрежа за себеизраз. Ставови, фотографии, раскази, случки, споделувања. Го пренесувам мојот револт, љубов, досада. Воедно – не сум пристапна за сите. Па, би полудела! Бришам пријатели кога гледам дека – не сме пријатели. Социјалните мрежи треба да ти го збогатат животот и надвор од него, а не да те претворат во црвче што живее во јаболкото наречено виртуелна реалност. За мене, тие се амбивалентната (и)сторија што допрва ќе го менува светот.

Честопати твоите објави се обоени со ретро нота, за детството, родителите, сестра ти, градот... Ти недостасува ли Ана од тоа време?

-Таа Ана живее во мене и многу си ја сакам. Носталгијата е мојот основен извор на задоволство. Меланхолијата исто. Разновидноста на чувства што ги имам, потекнуваат токму од тие ноти на животот. Растев и растам покрај прекрасни луѓе, голема фамилија, секакви авантури, проблеми, болка, и тоа ме прави ова што сум. Животот е овде и сега, но кога ќе се свртите и ќе видите едно чудо нешта, сте благодарни. Барем јас сум. За сите нешта што ми се случиле. Немам зборови со кои можам да ја опишам среќата и мирот што се создаваат во мене, само поради неверојатната сила и поддршка што ги имам од дома!

Каков став имаш кон животот?

- Животот е за да се живее и за да се прават убави работи. Да се чита, да се разбира, да се отвараат чакри. За мене, постоењето овде не е само тело што треба да се нахрани, добро извежба за да изгледа привлечно и да се средат ноктите. За мене, умот и она Отаде е прекрасна димензија. Сите сме смртни и кратотрајни овде. Прашинка. Затоа, додека сум на оваа планета, сакам да ја направам барем малку поубаво место за живеење. Животот е петтиот елемент. Само, додека да сфатиме, сме остареле и крив ни е „Цацко“ што не сме љубеле повеќе! Љубете се. И мијте заби.

Се чувствуваш ли некогаш неразбрана?

-Секој ден. Ама па што е разбраност? Неам поим! Забавно е и е жив удав кога не можеш да се снајдеш со неразбраноста во себе и околу себе. Но, тоа е и најголемиот извор на инспирација.

На прагот си пред нова животна декада... Која е границата помеѓу зрелост и детинетост?

-Прекрасно е. Врска немам како ќе биде, но е прекрасно. Ги имам сите бои пред себе и во себе и на мене останува добро да ги измешам и насликам нешто ново. Постои само метафизичка граница. Детскоста ја негувам и ќе биде така додека сум жива. Детскоста е различно од детинетоста. Едново е дух и радост, другово е инфантилност и страв од обврските на животот. Не се сметам себеси за најзрела, не постои ни тоа како категорија. Мислам дека сум во супер поредок на себеси. Само да поработам повеќе на импулсивноста и да ја доживеам новата декада како букет лалиња во вазна. Со раат. И со љубов.

Беше дел од една кампања неодамна, па те гледаме насекаде низ градот. Кога ќе се видиш на билборд, што си помислуваш?

-Баш сум убаво насмеана! :) Интересно е. Сама си го барав. Но, приказната зад ова е добра, има поента... Океј си Голејшка, продолжи понатаму.

Се фаќаш ли себеси во себеубедување?

-Секој ден. Па и се лажам себеси, тоа е нормален процес. Најмногу се себеубедувам дека ќе се посветам на физичка активност и дека ќе престанам да драмам. И џабе. Зарем побегнал некој од себеси?

Од што се плашиш?

-Од природата, оти е најубаво сурова. Од загуби. Не сакам кога губам УСБ, а камо ли да изгубам човек. Но, тоа е животот.

На што си горда?

-На се’ што искрено сум го постигнала и ме направило подобар човек.

Што мислиш за стереотипите?

-Дека постојат за да видиме до кај сме. До никаде не сме, ете тоа можам да кажам :).

Што би сменила веднаш, а што никогаш?

-Кога ќе ти дадат слобода да смениш нешто веднаш, ти се отвора Мис на универзумот идеја = Сакам мир. Секому и секаде! Индивидуално? Би сакала да се разбудам на јахта со шампањ во рака и Боуви да ми свири на укулеле. Инаку, никогаш не би си го сменила животот што го живеам овде. И онаа максима „никогаш не вели никогаш“ е „тапа“. Никогаш не ја дочитав Уликс! И нема да ја дочитам. Фала Џојс, многу те сакам(е).

Која е Ана?

-Ана е Голејшка.

Порака за крај...

-Љуби до бескрај. Живеј. Рециклирај. Кажи благодарам. Превоспитај. Научи нешто. Не биди прост. Читај. Многу читај! И на крај – не заборавај дека можеш да го промениш светот. 

 

Објавено:
28 јуни 2017
Прочитано:
1.604 пати