алтернативен македонски бенд

Рокенрол се учи на улица и во подрум!

Интервју со
Steel Temple
5 август 2015

Steel Temple е еден од најпрогресивните македонски хард рок и метал состави, што годинава прославува 15 години јубилеј.

Со огромна база на лојални фанови, голем број концертни искуства, еден издаден албум и еден во подготовка и оригинален звук, својот јубилеј го прославија на заедничка сцена со легендарните Judas Priest на фестивалот Belgrade Calling што во јуни традиционално се одржа во Белград.

Филип Филиповски - вокал, Дениз Адил - гитара, Дарко Поповски Блуз - клавијатури, Маријан Петровски - бас, Урош Вељковиќ - тапан, се јадрото на еден од најзначајните состави во историјата на поновата алтернативна домашна музичка сцена.

Сите искуства од средбата со Роб Халфорд и останатите членови на Judas Priest со Fashionel ги сподели Урош Вељковиќ, тапанар во составот на Steel Temple. Со него зборувавме и за прогресот што изминативе 15 години го доживува овој метал состав, за актуелните случувања на македонската алтернативна сцена, за нивниот имиџ, за стереотипите со кои се соочуваат, како и за подготовката на новиот албум. Читате во продолжение:

Немаше поубав начин да го прославите вашиот јубилеј, од заедничката сцена со Judas Priest на неодамнешниот Belgrade Calling. Што значеше овој настан за Steel Temple?

- Феноменално искуство е да се запознаат твоите музички идоли од младоста и да се свири на иста сцена со нив, поготово во моментите кога истите тие те гледаат од страна на твојот настап. Ние сме многу задоволни од нашиот настап и публиката одлично не прифати.

Како лично ги доживувате 15-те јубилејни години? Што вели ретроспективата на најзначајните моменти за Steel Temple?   

- Одлична вожња низ 15 години дружба, свирење и се останато што следува со турнеи. Најзначајни моменти, може да се издвојат неколку, како на пример делењето на иста сцена со гиганти како Whitesnake, Helloween и Judas Priest. Издавањето на првиот албум исто така, во 2004, и промоцијата на нашиот ДВД концерт во Кинотека, концертите во Бугарија, Грција итн...

Периодов сте доста активни. Имавте и не помалку значајни гостувања во Грција и Бугарија. Какви впечатоци носите од таму?

- Премногу нови пријателства стекнавме со грчки и бугарски бендови. Свиревме во Солун со три грчки одлични бендови и сме презадоволни од настапот а и од гостопримството кон нас. Во Пловдив на Полинеро рок фест го претставивме металот на нашата земја во исто така одлично светло со публиката презадоволна по настапот, така да тие работи ни се најважни после секој концерт.

Каква беше еволуцијата на Steel Temple од почетоците до денес, кога важите за еден од највлијателните алтернативни бендови на домашната сцена?

- Почетоците беа со прилично скромна опрема. Но, многу повеќе вежбавме, правевме проби секој ден со саати. Сега се нема толку време. Имаме голема еволуција во звукот, почнавме ко хард рок бенд , но до сега сме сменети многу. По нашите песни може да се примети тоа. Природна ни е таа еволуција, ништо на сила. Така се осеќавме во моментот кога почнавме да мењаме саунд. Уште на првиот албум има различни стилски песни, по кои се гледа правецот кон кој тежнееме во подоцнежните изданија.

Направете ни една паралела на македоската некомерцијална музичка платформа пред 15 години и денес. Знае ли нашата публика да процени квалитет и да го издвои од инстантната „уметност"?

- У глобала таа категоризација со комерцијален и некомерцијален дел е малце чудна. Каде е границата. Сите андерграунд бендови денес „шиткаат" маици, капи, прават спотови, зборам и за кај нас. Добро пред 15 години не до толку, но сега со интернет ерата во која сме, промоцијата е на завидно ниво. А за останатите кои се во инстант летни хитчиња фелата, не сакам ни да разговарам, зашто кај нив е празно, нема уметност. Овие албуми кои се творат во андерграундот остануваат. Затоа годишно на македонската сцена има околу 40 алтернативни албуми, и околу 5 поп албуми издадени на крајот на денот. Тоа збори само за себе.

Кои светски музичари имаа најголемо влијание во дефинирањето на вашиот музички правец?

- Да почнеме да набројуваме? ОК. (се смее) По не некој специфичен ред и разно измешани стилски во зависност од тоа што слушале различни членови на бендот: Kamelot, Motley Crue, Iron Maiden, Arch Enemy, Pantera, Uriah Heep, Whitesnake, Judas, Sabbath, Purple, Led Zep, Beethoven, Mozart, Divlje Jagode, Lamb Of God, Sanatorium... Значи, стилски измешана музика за на крај да излезе некоја наша спојка во песните.

Steel Temple со Judas priest на Belgrade Calling

Колку медиумите ви помогнаа или одмогнаа во лоцирањето на вашата позиција на домашната и интернационалната алтернативна музичка мапа? Што имате да им порачате?

- Има портали кои доста ни помогнале. Кога збориме за интернет промоција по форуми на времето, и по ФБ и јутјуб е нормално, најдобрата промоција. Меѓутоа пак треба да си создадеш фан база. Инаку ништо. Луѓе што ќе помогнат во ширењето на бендот и музиката. А на времето коа немаше промоција по интернет, снимавме спотови, но ни ги вртеа на само 2-3 телевизии. Фала и на тие шо не не' вртеа, се надевам среќни се шо нема ни една музичка емисија ниту македонска добра музика по телевизиите ко на времето. Но, на кој му треба ТВ кога имаш интернет. Од неколку балкански портали исто така имаме голема покриеност. Дури и еднаш излеговме во бугарскиот Metal Hammer magazine, кој е светски познат.

Факт е дека некомерцијалната сцена воопшто, секогаш се соочува со финансиски пречки во својата реализација и многу често тоа е причината што нивната порака не успева да стигне до пошироката публика. Кој е вашиот став на оваа тема?

- Немаме некој посебен став од очигледниот. Мора да се издржи и истрае некој период од неколку години за да биде нешто, па да видиш на што си. На почеток штеди и вложувај во опрема, вреди за понатаму со надеж дека ќе ти се исплати од тоа што ќе го свириш. За жал на крај во нашата држава свирењето ваква музика се сведува на хоби.

Последниве неколку години, „рок имиџот" комерцијално се популаризираше, дури и целата модна индустрија се дефинира во тој правец. Ве нервира ли тоа?

- Нe' нервираат трендови. Вметнале дисторзија во песна и мислат дека се рок. НЕ. Дури не седнеш со нас да пораснеш на улица и да пиеш некое пиво на Форум, не си рокенрол. Рокенрол се учи на улица и во подрум, гаража, просторија со влага. А не во некое фенси студио.

Каков е амбиентот за време на вашите проби?

- Интересен. Некад кога немаме многу време само свириме без муабет и брзаме да си одиме. Но, кога имаме време, има многу зезање еден со друг, пиење по некое добро пиво, вино, ракија, интересни паузи меѓу песни со добри шеги, некад на сметка еден на друг... у глобала весело.

Сте се соочиле ли некогаш со стереотипи поради вашиот имиџ?

- Да. Многу пати. Дофрлувања низ град, но тоа малку поодамна... Веројатно му текна на народов дека сме „here to stay".

Кога да го очекуваме вашиот втор албум и може ли да ни откриете детали околу целата музичка приказна и тематика поврзана со истиот?

- Албумот ќе излезе многу набрзо, до крај на летово, а се планира и концертна промоција. Тематски, не е концептуален албум, но има текстови поврзани со живот, смрт, социјални неправди, љубов, итн...

Фановите се клучни во развојот и „одржувањето" на еден алтернативен бенд, особено во вакво опкружување во кое ние живееме. Што им порачувате на луѓето што ве поддржуваат?

- Им благодариме од се срце, ќе продолжиме да ги изненадуваме со изданија, концерти, а наскоро и merchandise. Нека продолжат да не' поддржуваат зашто за нив и свириме, не само за себе. Огромна почит до сите наши фанови, сегашни и идни, и нека останат будни, допрва ќе следуваат интересни работи од нас. Благодарност огромна од цел бенд за интервјуто и поздрав до Fashionel.


*Колоквијалниот речник на артистот е задржан во интервјуто

Објавено:
5 август 2015
Прочитано:
548 пати