Менаџер

Рута 66 – Адреналин и фантастични пејсажи помеѓу Источна и Западна Америка

Интервју со
Анета Денковска
3 декември 2018

За Рутата 66 велат дека е највозбудливата авантура помеѓу крајниот Исток и крајниот Запад на Америка. Фантастично патешествие за кое сонува секој моторџија. Ние имаме можност да ви ја пренесеме приказната директно од оние кои успеале да го искусат ова несекојдневно и возбудливо доживување. Анета Денковска беше дел од неодамна реализираната прва Балканска тура на фантастичната Рута 66, во функција на менаџер и претставник на компанијата Route 66 International.

Со Анета зборувавме за адреналинот и воодушевувачките пејсажи помеѓу истокот и западот, за неповторливите случувања и ситуации, за искуството да се биде помеѓу луѓе кои постојанот трагаат по нови возбудувања. Како таа ја доживеа Америка низ призма на ова животно патешествие, читајте во продолжение...

За Рута 66 велат дека е највозбудливата светска авантура, фантазија за секој моторџија. Вие имавте несекојдневна можност да бидете дел од неа. Со какво животно искуство се вративте?

-После патувањето се вративме со полна душа и насмеани лица. Идејата за Рутата 66 е сон за секој моторџија и честопати е тема на разговор во моторџиските кругови, особено на моторџиите кои беа дел од ова прва организирана Балканска тура, кои уште од многу одамна имале таква идеја да ја возат познатат Рута 66 и многу ми е драго што на нас како интернационалната компанија Route 66 International која има свои претставиштва во Норвешка, Кина и Малта, ни дадоа доверба да им го оствариме нивниот сон. Главни инцијатори бea највозрасниот и најискусниот моторџија кој беше дел од групата Јован Бојчевиќ и Ленин Јовановски еден од нашите најистакнати моторџии во Македонија и пошироко, кој беше и координатор на ова за првпат организирана Балканска група од 12 луѓе која ја именувавме како Macedonian Moto Touring Team Route 66. Имено, компанијата постои од 2003 година и истата организира тури во Америка-Рута 66, Австралија, Куба и Јужна Африка и преку истата патувале повеќе од 15.000 луѓе од целиот свет. Сопственост е на господин Арве Сталвик норвежанец , кој го запознав на една бизнис конференција во Прага во 2017 година. По остварениот контакт добив понуда да бидам дел од нивното големо семејство како претставник-менаџер за сите Балкански земји за ваков тип на тури.

Се работи за авантура која го поврзува крајниот исток со крајниот запад на Америка. Помеѓу „start" и „finish", колку држави поминавте и како изгледаше еден ден на автопат?

-Рутата 66 во Америка е наречена и како мајка на патиштата, пат кој ја поврзува Америка од крајниот исток до крајниот запад, од Чикаго до Лос Анџелес, меѓутоа поради временските услови, како и другите поповолни околности групата Macedonian Moto Touring Team Route 66 одлучи Рутата 66 да ја вози од Лос Анџелес до Чикаго односно од запад кон исток. Рутата 66-легендарниот пат поминува низ 8 држави (Калифорнија, Аризона, Њу Мексико, Тексас, Оклахома, Канзас, Мисури и Илиноис) и три временски зони. Рутата е 4.245км, но ние поминавме плус две држави Невада и Висконсин и повеќе од 4.700 км. Еден ден на мајката на патиштата-Рута 66 е возбудливо доживување кое на секого топло му го препорачувам, бидејќи предизвикуваа мешавина од адреналин и прекрасна глетка на природните убавини на Америка.

Несомнено дека Рутата 66 е пропратена со многу неочекувани ситуации...
-Поради искусните моторџии од групата, кои возеа професионално немаше никакви непријатни случки, кои можат да се случат на ваков тип на патување, се вративме живи и здрави и среќни и со бројни искуства...

Пред да се соочите со ова животно патешествие, претходеше ли посебен процес на подготовки?

-Со оглед дека сум само како продавач, посредник/менаџер на компанијата и луѓето од Балканот немав некои големи ангажмани во организацијата, бидејќи бевме пречекани и водени низ целотот патување од страна на двајца специјализирани водичи кои повеќе од 10 пати ја возеле Рутата 66, а кои се вработени во компанијата. Мојот ангажан беше пред се да ја продадам турата, да им помогнам на луѓето во поглед на бирање на мотор со кој би сакале да го поминат патувањето, дополнителните пакети од патувањето, организацискиот дел во поглед на вадење на визи, бидејќи добар дел од групата немаше Американски визи и нормално да дадам одговор на сите дополнителни информации и прашања.

Во ваквите животни авантури, друштвото со кое патувате има голема улога за целиот впечаток. Кој беше дел од Вашата екипа?

-Друштвото Moto Touring Team Route 66 беше навистина прекрасно. Групата беше составена од 7 искусни моторџии и 3 сувозачи кои се членови на различни клубови, но и имаше и индивидуалци, а тоа се Ленин Јовановски од Скопје, Јован Бојчевиќ од Скопје, Сашо Наумоски од Прилеп, Тони Гашовски од Битола, Вања Јовановски од Скопје, Живко Менкиноски од Охрид и Горан Ѓорѓевиќ од Скопје. Совозачи бевме јас и уште две дами Жане и Борика Крушарева. Како дел од групата на Moto Touring Team Route 66 покрај моторџиите и совозачите имавме и двајца со кола и тоа Владимир Закоски кој воедно беше и камерман, кој ја снимаше целата тура и кој моментално подготвува 66 минутен филм за нашата авантура и Димитар Карадакоски од Охрид.

Што лично Ви остави најголем впечаток?

-Најголем впечаток ми остави Оклахома, бев воодушевена од прекрасната природа која навистина беше рај за очите и Чикаго кој за мене претставува градот од соништата.

Како Вие ја доживеавте Америка низ призма на Рутата 66?

-Убавината на ова патување е што имате можност да ги видите сите лица на Америка од најнеразвиените делови како што е на пример најстариот град во Америка- Аcoma city, во кој луѓето живеат без струја вода и интернет, па се до луксузниот Лас Вегас, од опасниот град Albuquerque-New Mexico, до највкусната храна во Тексас, кое ве остава без здив.

Која е Анета?

-Уметничка душа полна со љубов и позитивна енергија, која што има три афинитети во животот и тоа кон правото, кое ми е наследено од моето семејство и тоа ми е примарно занимање, кон пишаниот збор кој секојдневно ме исполнува пишувајќи текстови и мисли на мојата Facebook страна и инстаграм профил која ја нареков Мемоарите на Ана, а која веќе две години постои и без која денот не ми е ден и нормално кон патувањата кое веројатно ми е од хороскопскиот знак стрелец кој е вечен авантурист.

Освен неуморната потрага по адреналин, што има најголем импакт во дефинирањето на Вашиот животен стил?

-Љубовта, позитивната енергија и добрата мисла пред се. За мене нема одговор Не. Пасивноста не е карактеристика на мојата личност, па веројатно таа е причината поради која сум на повеќе полиња истовремено активна. Секогаш се раководам врз основа на мислата кога се сака, се се може, а посебно кога тоа што го работите, го работите со љубов, искрено, чесно и кога нормално давате дел од себе тоа да стане успешна приказна.

Колку визуелната трансформација е карактеристична за Вас? Неодамна имавте една таква можност во соработка со студиото за убавина на Елена Лука?

-Секоја визуелна трансформација е добредојдена и е карактеристична за мене, бидејќи тоа ме буди и освежува. Како млад пистел пишувајќи ја мојата прва книга која наскоро планирам да ја издадам, сфатив дека колку човек е се повеќе креативен дали во пишување, дали во трансформирање на својот изглед и гардароба, тоа луѓето го чувствуваат и го наградуваат со внимание и пофалби. Понекогаш парите не играат улога во тоа, туку персоналната сатисфакција која нема цена, а која го мотивира човекот за да биде уште подобар. Да, пред да заминам во Америка имав можност да бидам дел од визуелната целосна трансформација во соработка со студиото за убавина на Елена Лука, која топло ја препорачувам на секоја дама, бидејќи чувството е бесценето. Со оглед дека целосно ми беше изменет изгледот, морав да сменам и добар дел од гардароберот , за да трансформацијата биде целосна, а за тоа се погрижи модното студио на Елена Лука, кое со сигурност можам да кажам дека со своите креации може да стои рамо до рамо со светските дизајнери, а кои беа прифатени и поздравени од страна на моите блиски луѓе тука, како и од страна на луѓето кои ги запознав на патувањето во Америка.

 

Објавено:
3 декември 2018
Прочитано:
407 пати