графички дизајнер

Сакам да одам против трендови и правила

Интервју со
Бојан Матејин
10 октомври 2018

Новите Приказни од градот ги раскажуваме заедно со Бојан Матејин. Овој 23-годишен скопјанец, со кого шетавме низ Градскиот парк, едно од неговите најомилени места, сподели со нас како ја доживува модата, кои се неговите омилени парчиња и какви приказни го врзуваат за Скопје.

На нашата средба се појави во комбинација во која доминира црната боја.

- Сметам дека „all black everything“ комбинација се вклопува во секоја можна пригода. Тоа е „low key“, секогаш изгледаш средено, сериозно и модерно. Сепак, не носам само црно. Ја сакам маслинестата боја многу, бордо и сенф нијансата. Но, каква и боја да е секогаш одам кон онаа “plain” варијанта. Наједноставно што може да биде. Keep it simple. Во последно време немам многу потешкотии, но дококу имам двоумење околу тоа што да облечам, знам да пратам слика на некој од другарите/другарките што е онлајн на фесбук или инстаграм, чисто мислење да ми каже. Некогаш и знам да изгуглам – пример ако сакам да носам розев дуксер си гуглам “pink hoodie man outfit”, колку и смешно да звучи – помага. А исто така, на крајот од денот, ако ТИ се чувствуваш убаво и самоуверено во тоа што го носиш.... не треба да те интересира многу туѓото мислење... – вели Бојан.

Оваа црна комбинација ја развесели со чорапи со принт.

-Во последно време да, можам да кажам шарени чорапи, мислам дека е одличен детаљ доколку се искомбинира перфектно со целата комбинација. И исто така, како и чорапи така имам и некои несекојдневни шарени гаќи, кои иако не се гледаат цело време, мене ме прават да се чувствувам убаво. Искрено, не следам многу трендови затоа што по природа, сакам да одам против правила, трендови и статии од типот на “оваа сезона хит ќе биде жолтата боја”. Мене лично ако не ми се допаѓа нема да се обидам да се вклопам во таа средина. Си имам креирано некој свој кежуал стил, обожавам дуксери, едноставни маици и блузи, Nike Air Force или Vans патичиња, добро чорапче (хехе)... и најважно од сè, што и да носиме треба да се чувствуваме удобно во тоа – додава Матејин.

Од дома не излегува без слушалки.

-Доколку ги заборавам, ме фаќа мала паника како ќе го преживеам патот до местото на кое што треба да бидам. Исто така - часовник – кој патем најчесто не ми ни работи затоа што заборавам да сменам батерија, го носам за баланс и некој вид акцент на стајлингот.

Низ разговорот Бојан беше расположен да ни раскаже и приказна на која вели секогаш ќе се сеќава и која секогаш ќе му предизвикува насмевка.

-Имам една војничката јакна од Pull & Bear, за која ме врзува посебна приказна. Си беше една луда ноќ во Романија - Крајова, испив неколку пијалаци и наредното утро мислев дека фамозната јакна сум ја заборавил во барот. Се јавував во барот три пати, се јавив на речиси сите такси компании во градот мислејќи дека можеби во такси сум ја заборавил, ги контактирав сите луѓе со кои што бевме излезени – за на крај да ја најдам во шкафот во соба – здиплена – 3 дена подоцна. Не ми е најомилено парче облека во моментов, ама барем има приказна – низ смеа раскажува.

Во моментов хит-парче му е црна тексасна јакна.

-Ја најдов во подрум. На татко ми е, стара сигурно 30-40 години. Тоа е едно од парчињата со кои не можам да се одделам периодов. И исто така од... сите дуксери.

Како некој што внимава како изгледа, го прашавме што мисли за женската мода во градот и колку внимание обрнува на тоа:

- Мислам дека е сосема океј. Барем во тие кругови на луѓе каде што јас се движам. Има некои моменти кога ќе помислам: „каде бе девојче...” ама мислам дека и тоа е океј, можеби тие се чувстуваат удобно така и јас не сум тој што ќе им суди. И многу ми се допаѓа што се враќа ретро стилот како и за жените така и за мажите. Инаку, многу сакам топ средена девојка без многу (или воопшто) шминка, добро средена коса, патиче, фармерка, наједноставна блуза или широк дуксер, очила за сонце, но не оние како огледало, затоа што “не гледам кај гледа” – искрен е Бојан.

А искреноста е присутна и кога зборува за Скопје.

- Омилен дел од градот за кој ме врзуваат многу приказни е дефинитивно Градски парк - и преку ден и преку ноќ, 24/7 сум расположен за прошетка или седенка со дрштво, муабети  и кафенце, или пивце. Има некоја позитивна енергија местото и секогаш се чувствувам многу добро и слободно, ме навраќа на детство и исто така (верувам како и на многумина) почетоците на моите “искачања” кога седевме во крукче околу “мече” или “кровче” со часови, цело друштво и секогаш имаше по некоја гитара. Го сакам Скопје. Тука сум роден и израснат. Има нешто незаменливо во него – вели Бојан.

Освен за модата, позборувавме и за неговите други интереси.

-Љубител сум на храна, готвење и експериментирање со рецепти – особено здравиот начин на исхрана. Вежбам и обожавам возење со велосипед. Исто така се занимавам и со графички дизајн. Уживам во добро погодено кафе + друштво, добра музика, зајдисонце/изгрејсонце, особено на добра журка или на плажа, нови патики, гушката од внукот, тазе леб со ајвар и сиренце, ретко јадам fast food но – добар бургер, пица, бурито или кинеско... ок, во храна генерално и ладно пиво... И уживам, не дека не, ама сакам комплетно да уживам во живот исполнет со многу убави моменти, среќа, позитивна енергија, опкруженост со убави, паметни, успешни луѓе, фамилија и другари, живот без предрасуди и омраза, живот во кој ќе живееш онака како што твојата душа си сака. Натаму треба да се стремиме сите – доста веќе со негативности, олабавете се малку. Повеќе дружете се за себе да станете некој и нешто, а помалку за туѓите животи. Релакс „муциња“! - порачува на крајот Бојан.

Објавено:
10 октомври 2018
Прочитано:
718 пати