Проект „40-те се новите 20-ти"

Сакам да создадам свое семејство!

Интервју со
Наташа Мешковска
1 октомври 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Третата прекрасна дама со која имавме можност да разговараме и да направиме одлична фотосесија е жената која на 14 години стана првак во пливање на ниво на цела Југославија. Денеска, Наташа Мешковска (43), сѐ уште изгледа прекрасно, сѐ уште го има жарот во очите кога зборува за пливањето и за децата на кои им е ментор, за кои ќе каже дека ги обожава. Во искреното интервју со неа зборувавме за тоа на што ја научи животот, колку е тешко да се биде дама во спортот, што за неа значи љубовта, за сексот, семејството и уште многу други работи за кои читате во продолжение.

-Што научивте од животот досега?

Многу комплексно прашање (се смее). Животот сакале или не, нѐ учи на многу работи. Како велат: „Ако два пати повториме иста грешка, тоа веќе е недозволиво“. Од сите страни, буквално ни удира шамари, некогаш во добро, некогаш во лошо. Сега, на оваа возраст знам дека веќе не губам време со опкружување на луѓе кои ми се непотребни, бидејќи сепак ние луѓето сме енергетски суштества и комуницираме на ниво на енергија. Избегнувам да се дружам со луѓе кои ги ставам во групата „цицачи“, кои што ми ја одземаат енергијата, бидејќи во принцип, јас сум позитивен човек и сакам да се дружам со луѓе кои се на моето енергетско ниво. Тоа значи - да бидат опуштени, релаксирани, реализирани и секако, исполнети, што е многу важно за една личност бидејќи практично, за да бидеш успешен во животот, во работата, во семејството, во кругот на пријателите, од секој аспект, не можеш никогаш сам да успееш. За да се постигне успех на било кое поле, нам ни е потребна помош од опкружувањето, и човек не може да биде успешен ако се дружи со такви негативни луѓе. Може да биде успешен само ако е опкружен со луѓе кои го мотивираат, значи она што не покренува сите нас, особено мене, е љубовта и страста. Страста кон животот, кон новите предизвици, кон она што нѐ прави среќни, кон она што ни прави drive за да правиме нови чекори, нови проекти и секојдневно да се докажуваме, а љубовта е она чувство што и кога сме најуморни, од некаде ни ја дава и ни ја вади онаа нова енергија за нови потези. Јас сум човек што функционира на емоции. Ако ме прашувате на што ме научи животот од професионален аспект, имајќи ја во предвид мојата спортска кариера, уште од мала бев соочена на многу нови предизвици. Да се појавиш на еден натпревар како што е светско првенство или Олимпијада, каде те следат 100.000 луѓе, тоа е огромна одговорност. Јас ја имав таа можност многу млада, уште кога имав 16,17,18 години. Прво, животот ме научи на една дисциплина, второ многу е важно човек да научи да комуницира со луѓето, трето, ме научи дека во принцип Македонија е многу мала земја, а светот е многу голем и секогаш треба да се поврзуваме со останатиот дел од светот...Да учиме од другите традиции, од другите култури и од сето она што постои како такво, или практично, да учиме од различностите што постојат во светот.

-Поголеми ли се предизвиците во 40 – тите?

Па во 40 – тите, не знам како се мери дали се поголеми или помали, но дефинитивно се различни. Во секоја доба жената доживува и преживува различни искуства, во 20 – тите сме безгрижни, во 30 – тите почнуваме посериозно да гледаме на животот, најверојатно се наоѓаме на некакви раскрсници, тогаш одлучуваме што ќе биде со нас, што понатаму, како ќе се формираме како личности, со каков имиџ ќе продолжиме и што ќе биде нашата професија... Денеска, јас во моите  40 – ти, ги уживам бенефитите од сите тие претходни децении. Може ќе звучи како клише, но дефинитивно, 40 – тите се за жена прекрасен период од два аспекти. Прво, сѐ уште сме витални и добро изгледаме и се чувствуваме, а од друга страна пак, сме многу зрели и имаме поминато доста километража и знаеме што сакаме. Тој спој на тие две работи е придобивка од досегашното искуство и е вистински благослов.

-Дали 40 – тите се новите 20 – ти?

Никогаш не може да биде како во 20 – тите. Прво, почнете од спуштањето на капаците и сѐ што не влече кон земјината тежа (се смее), значи од физички аспект. Секоја доба си носи своја убавина, и  мислам дека мене никогаш нема да ми биде како во 20 – тите, бидејќи тогаш сум се занимавала професионално со спорт, а сега живеам поинаков живот, денеска сум од другата страна на медалот. Морам да признаам дека уживам во оваа деценија.

-Ве плаши ли стареењето?

Не. Сѐ уште не... Знаете зошто? Затоа што сѐ уште не се чувствувам старо, се чувствувам полетно, имам некоја младешка енергија, таков ми е имиџот и мојата професија е поврзана со тоа. Преку ден работам со студенти и предавам на факултетот, а навечер работам со деца и мојата работа не ми дозволува да бидам стара. До кога тоа ќе биде така, не знам. Сега за сега, ме одржува опкружувањето и самата професија во која работам. Мене канцеларијата ми е базенот, секој ден работам покрај вода, па ниту можам, ниту смеам да бидам стара. Мора да си детинест, за да навлезеш во нивната психологија и да можеш да работиш со нив. И треба да имаш една доза на среќа и секогаш да бидеш насмеана за да функционира тоа така.

-Се чувствувате ли секси?

Денеска, вие правите да се чувствувам секси (се смее). Како и секој човек, нездраво е секогаш да се чувствуваш секси, бидејќи животот ти носи секакви моменти, одговорности, нервози, но најубаво е кога жената изгледа секси и сите околу го забележуваат тоа, а таа не е свесна. Веројатно јас спаѓам во таа група.

-Колку е тешко да се биде дама во спортот?

Не е лесно затоа што во принцип, спортската фела е мачо фела. Сѐ уште доминираат мажите и јас се обидувам да наметнам некои нови критериуми за тоа како жената во спортот треба да се однесува и да изгледа. Тоа го научив сега, во овој период. Мислам дека понекогаш треба да удриш на маса за да те слушнат и да те забележат. Тоа сега почнувам да го правам јавно, гласно, на пример, суштински проекти кои го нудат пливањето како задолжителен предмет во основно, прво одделение. Е сега за мене некој да ме слушне, бидејќи сум жена со еден таков проект, кој би бил прекрасен и придобивка за сите, јас морам да бидам малку построга, погласна и поискрена, бидејќи гледам дека кај нас така функционираат работите.

-Што мислите за пластичните операции?

Мислам дека секој во денешно време, треба да го прави она што го прави среќен. Немам осудувачки став кон тоа, не осудувам никого, ако некоја жена навистина има потреба од тоа, ѝ значи и истото ќе ја направи среќна, зошто да не? Ако мене лично ме прашувате, уште не сум размислувала на таа тема. Јас сум жена со многу едноставен имиџ, тоа секако ми е врзано и за професијата, работам во спортот и треба да сум доста практична во она што го облекувам. За среќа, имам и спортско тело што ми е во добра состојба и на овие години, спортувам, се одржувам и уште немам донесено одлука за нешто такво.

-Си се допаѓате ли себеси?

Апсолутно да! Човек што не се сака себеси, не може ниту да ја шири таа убава енергија. Пред сѐ, мораш да се сакаш себеси... Мислам дека на оваа возраст некако не размислуваме за тоа, не ни е најважно во каков бренд ќе се облечеме и како изгледаме. Она што доаѓа одвнатре е најважно, задоволството, реализираноста, сигурноста во себе, градењето на ставови...Мислам дека тоа е примарно на оваа возраст кај секоја жена, а изгледот сам по себе доаѓа. Задоволството на една жена од животот што го живее и начинот на кој живее, се гледа. Тоа е само една површна работа, а содржината е сѐ останато.

-Како се промени Вашиот стил во овие години? Бирате ли поинакви парчиња?

Апсолутно да. Си дозволувам на оние моменти кога имам состаноци на факултетот или во некои деловни ситуации да се облекувам малку поелегантно и посериозно. Тоа значи еден добар костум или добра кошула, убав капут, убав мантил, добри чевли, високи потпетици...Тоа е промената во овие години.

-Која е Вашата дефиниција за убава жена?

Убава жена е онаа жена која е исполнета со љубов, на која и светат очите, а не знаете зошто, која секогаш е расположена за добра насмевка и кога ќе влезе во една просторија шири позитивна и убава енергија. Тоа е за мене убава жена. Секако, тоа е врзано и со реализираноста на професионален план и реализираноста во поглед на тоа дали има стабилно јадро, а тоа е семејството.

-Кои се Вашите омилени жени во 40 – тите години?

Во принцип не би споменувала имиња, но ќе кажам дека тоа се жени кои се јаки како карактери, свои, самостојни, жени кои не зависат од партнерот, туку се само еден мотор, двигател на себе и на своите деца. Такви ги има многу и во Македонија и во светот и морам да кажам дека им се воодушевувам на самохраните мајки, кои се екстремно посветени жени, затоа што успеваат во исто време да ги растат децата, да се посветат на нивното воспитување, а од друга страна да бидат професионални и успешни.

-Кои се Вашите приоритети денеска? Се променија ли?

Во овој период од животот се обидувам да создадам свое семејство, тоа ми е приоритет сега. Едноставно, таа желба сама од себе се наметна и ми дојде. Тоа е мојот приоритет, а останатото си има фатено свој терк. Имам неколку проекти со пливањето кои сакам да ги наметнам во Македонија. Тие проекти во овој момент се мој приоритет, тука би напоменала дека навистина има потреба малку повеќе да го наметнеме спортот како лајфстајл, како начин на живот, затоа што гледаме дека младината, децата кои се иднина на Македонија, имаат тешки проблеми околу здравјето и мислам дека само спортот може да биде превентива. Мојот приоритет е да ја подигнам свеста на сите Македонци, без исклучок, дека треба малку повеќе да се грижат за здравјето на децата преку спорт.

-Како се чувствувате кога наутро ќе се погледнете во огледало?

Секое утро си велам „Добро, денес е нов ден, одиме понатаму, што можеме да направиме за овие 12 часа“. Неверојатно е, имам голема енергија и знам од каде ми потекнува тоа. Во принцип, спортистите се луѓе што се зависници од адреналин. Јас, како замена на оние натпреварувачки моменти што сум ги имала 20 години наназад, постојано имам порив да создавам нешто ново, а во принцип тоа е нешто со што сите околу мене ќе имаат придобивки. Веројатно, заради тоа и одбрав да бидам професор, да бидам тренер, да работам со млади луѓе, затоа што имам потреба да го пренесам тоа долгогодишно искуство, да оставам белег... Енергијата е страшна работа, мислам дека многу често и не сме свесни каква енергија поседуваме и какви потенцијали имаме, сѐ додека самите не ги испровоцираме. Мене најчесто мотивација ми се луѓето околу мене и моето семејство, доста често патувам и тоа многу ме мотивира, бидејќи гледам дека во западниот свет нивото на свеста на луѓето е многу повисоко отколку кај нас. Ние мора да се отвориме кон светот и сите тие добри работи, да кажам во едукацијата, да ги примениме кај нас. Мислам дека тоа е мојот повик. Не треба ништо да измислуваме, сѐ е веќе измислено во 21 век, треба само да најдеме начин како тоа да го примениме.

-Го чувате ли детето во Вас?

Да. Како ме запишаа на пливање моите, ме однесоа на психијатар и тој рече „Ова дете мора да се занимава со спорт“. Јас бев многу енергична, ниту еднаш немав влезено дома преку врата... Татко ми и мајка ми на почетокот беа многу уплашени бидејќи бев неконтролирано енергично дете, мојата енергија е страшна и невозможна да се контролира, но подоцна, со текот на времето, се пронајдов во водата и продолжив со пливањето како спорт и тоа многу ме смири.

-Кое е Вашето животно мото?

Имаме една изрека во нашиот спорт, а таа е „Пливај и уживај“. Тоа е многу симболична изрека, бидејќи така е и во животот, и јас си ја применувам. Сакам во сѐ што правам, да бидам успешна, бидејќи по природа сум амбициозен човек, да не би била, не би имала такви успеси во спортот како што имав. Не би стигнала до 10 – то место во свет и мислам дека кога би била родена во Америка, можеби би била прва во свет, но тоа е друга приказна. Кога човек има амбиција, има и секогаш сопствено мото, така што тоа „Пливај и уживај“ за мене има две значења. Вистински да се плива и ужива и да се плива низ животот и да се ужива истовремено.

-Задоволни ли сте со себе денеска?

Апсолутно да. Не се каам за ништо и стојам зад сѐ што сум направила, меѓутоа човечки е да помислам дека можеби би можела многу повеќе, можеби би можела да реализирам некои работи кога би била подобро сфатена од средината во која живеам. Да бидеме реални, јас денеска се занимавам со спорт од другата страна, јас сум спортски педагог, но Македонија не е баш спортска земја. Јас се обидувам тие работи да ги променам, прво треба да почнеме, не од крајот, туку од почетокот. Треба да почнеме од најмалите, од децата, да ги едуцираме и воспитуваме тие да растат со спорт, а подоцна од таа масовност да имаме голема селекција која ќе ни остане во репрезентациите во сите спортови. Не смееме да оставиме тоа да биде инцидентно и самите родители да си ги финансираат своите деца спортисти, туку мораме да притиснеме тоа да биде државна стратегија, да застане државата за спортот како што застанува зад културата, не е поентата само да се градат спортски објекти, туку потребно е да се инвестира во децата кои имаат талент, за да тие деца се чувствуваат малку поинаку од нивните врсници, затоа што спортот бара многу одрекување, многу дисциплина, што не е едноставен процес, а затоа е важно да се има поддршка, пред сѐ, финансиска од државата.

-Има ли споредба со условите тогаш и денеска?

Јас на 14 години станав првак на Југославија. Во моментот кога станав првак, почнав да добивам стипендија од три просечни плати, комплетна опрема на три месеци, платени патувања на натпревари и подготовки и сѐ тоа ми беше покриено. Во денешно време, не знам на кое дете на 14 години државата му ги покрива сите трошоци. Денеска се потешки условите, а самото тоа го покажуваат резултатите што нашиве спортисти ги покажуваат денеска.

-Што мислите за љубовта?

Мислам дека сите ние сме составени од љубов. Нашата суштина е љубовта, без љубов ниту еден човек не може да живее. Без разлика за каква љубов станува збор, бидејќи ја добиваме на секојдневно ниво од различни аспекти и таа е нашата движечка сила. Знам дека сите овие работи се многу често кажани, но тоа е факт и тоа е така, а кога не би било така, не би ги повторувале, бидејќи сите длабоко во себе интимно знаеме дека само љубовта не тера да правиме екстремни работи што никогаш не би ги правеле. Значи кога се сака нешто или некој, ја имаме таа доза на мотивираност да буткаме планини (се смее). Мислам дека љубовта е сѐ.

-Сексот на 20 или 40?

На 40! Можеби и 50 (се смее). Многу интересна работа е тоа што преку сексот исто така можеш да се откриеш себеси како созреваш и како ти се менуваат ставовите и критериумите за животот. И што е најдобро, на оваа возраст знаеш што сакаш, така што дефинитивно сега!

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Елена Лука

Мakeup: Елена Лука

Објавено:
1 октомври 2015
Прочитано:
5.961 пати