Новинарка

Сè што сакам се содржи во црната боја

Интервју со
Кристина Апостолова
20 април 2018

Интегритетот на новинарот е врз плеќите на неговиот интелект во функција на основното право на јавноста да ја знае вистината. Неговата етика, слободна и суштинска мисла и професионално перо, ја чинат есенцијата на новинарската професија. Но, во секоја професионална сфера, вклучително и во новинарството, се издвојуваат поединци кои покрај тоа што се забележани како успешни во примарната професија, оставаат и силен визуелен впечаток преку својот индивидуален стил.

Во основа поради природата на професијата, новинарството бара практичен и функционален стил, што апсолутно не значи и безличен. Напротив, постои простор да се зборува за стилски идентитет на новинарот, што на крајот од денот е повеќе на релација со индивидуата отколку со професијата. На оваа тема разговаравме со Кристина Апостолова, долгогодишна новинарка, која покрај својот препознатлив новинарски ракопис поседува уште една препознатлива карактеристика: изостреното стилско чувство што ќе го насетите уште во првиот контакт со неа.

Ја поканивме да го отвори својот плакар пред нашата публика, на што таа со задоволство и несебично ни одговори...

- Сите сме ја слушнале изреката: „Стилот никогаш не излегува од мода". Стилскиот идентитет во новинарството е во втор план, визуелниот имиџ се наоѓа на пониско место на скалата на визуелниот впечаток. Од новинарот зборува неговата мисла, приказна, пишан или кажан збор... Иако новинарската професија бара малку полежерно и понеформално облекување, сепак, во одредени прилики треба да постои и да се почитува и одреден кодекс на облекување. Секако дека не сме сите уредници на модни магазини и дека не одиме секој ден на некоја од светските модни недели но, тоа не значи дека не треба да обрнеме основно внимание на својот изглед и впечатокот којшто ќе го оставиме. Едноставно, не нападно, а сепак, пријатно и убаво за око. Јас секогаш гласам за, без разлика на професијата, секоја личност да биде средена. Што се однесува до мене, визуелниот имиџ е значаен, но не и пресуден, како што веројатно знае да биде во некои други сфери, го започнавме разговорот со Кристина.

Од неа побаравме, новинарски концизно да ни ги посочи базичните карактеристики на нејзиниот имиџ.

- Женствен и шик. Унифицираност сведена на минимум. Иновативна класика – нешто што се согласува со сè, и што не морам да го менувам секој ден за да се вклопува во мојата облека. Еден пар златни белегзии и впечатлив ѓердан можат лесно дневната комбинација да ја префрлат во ноќна варијанта. А, белата кошула со малку иновативност во комбинирањето може да изгледа и деловно и атрактивно.

Стилот е реплика на нашиот карактер, но самите одлучуваме колку ќе бидеме или не, резервирани во однос на тоа другите да добијат можност да го прочитаат нашето расположение, нашата внатрешна состојба преку надворешноста...

- Да изгледате средено, дотерано, женствено, без да оддавате впечаток дека премногу сте се труделе околу тоа, дека не сте поминале половина ден размислувајќи што да ставите на себе. Со малку труд секогаш препознатливи. Јас не поседувам „среќна" и „тажна" облека во плакарот. Без разлика на расположението, и кога сум најеуфорична и кога сум најтажна, се трудам да изгледам средено. Тоа го правам речиси механички. И во најтурбулентите денови, мојот изглед не наседнува на моето расположение или моето расположение не може да го зафркне мојот изглед.

Честопати во градењето на личниот имиџ сме поминувале и низ експериментални фази, барајќи го нашиот автентичен одраз во огледалото. Во тој контекст ја прашавме Кристина колку нејзиниот имиџ се менувал низ годините и дали експериментирала во тој поглед...

- Јас сум мошне здодевна кога станува збор за експериментирањето со мојот изглед. Не го менувам така лесно. Иако, секако дека имало одредени промени во имиџот со текот на годините. Должината на моите здолништа и фустани со текот на годините станува подолга. Моите стапала почнаа да се бунат поради високите потпетици, иако јас засега успешно го „замолчувам" тој бунт. Во последната година почнав да внесувам и по некоја друга боја во мојот плакар освен црната и белата, иако и тоа го правам многу ретко. Единствено што никогаш не менувам е бојата на косата и фризурата - црна, рамна, со или без шишки.

Но, независно од нашите лични стилски преференции, кога присуствуваме на одредени настани што наметнуваат пропишан дрес код, тогаш бон-тон кодексот вели дека тоа треба да се почитува. А новинарството е професија во која честопати се соочуваме со такво искуство.

- Самиот настан секако дека го наложува изборот на облеката, но не постои одлучувачки фактор. Го почитувам секој настан или институција каде што се одржува некој настан и внимавам да се облечам соодветно. Не ми се допаѓа кога ќе видам фармерки и хеланки со патики или пак, кратки панталони и диско фустани таму каде што не им е местото, на премиери или други културни манифестации во институции како што се МОБ, Македонска филхармонија, театар итн...

Кога имате јасно дефиниран стил, секогаш постои белег што ја носи неговата препознатливост. За Кристина тоа е црната боја.

- Црната боја. Уште од мали нозе, кога родителите не облекуваа во што поживи, разиграни бои, мене окото секогаш ми „бегаше" кон црната боја. Магичност. Таинственост. Гламур. Класика. Елегантност. Едноставност. Минимализам. Сè што сакам се содржи во црната боја. Тука е и комбинацијата на фармерки со високи потпетици.

Неретко, во сечиј плакар постои и сентиментална приказна, парчиња кои носат емотивна вредност како спомен, како сеќавање, како потсетување...

- Има тука емоции. Љубител сум на убави нешта, ги имам и ги чувам со години. Постојат и парчиња со сентиментална вредност, но не се врзувам посебно за ниедно од нив. Имам работи кои ги чувам 10, 15 и повеќе години, и секогаш можам да им го најдам местото во комбинирањето во мојот стил. Чувам и непотребни парчиња кои не сум ги облекла, едноставно не им дошол вистинскиот момент. Налетувам на нив два пати во годината (кога се прават сезонските генералки на плакарите пролет/лето – есен/зима), и помислувам дека треба да ги подарам некому (што често го правам). Сепак, имам неколку парчиња облека кои љубоморно ги чувам и кои ги пребродиле сите трендови и модни сезони.

Секоја жена во својата дневна рутина има посебни ритуали на нега. Кај Кристина, тие ритуали се сведени на неколку основни фази.

- Малку ми е непријатно да одговорам на ова прашање, бидејќи јас и немам некоја рутина на дневна нега, освен онаа класичната – миење заби, лице и туширање. Верувам дека повеќето девојки/жени имаат барем некаков утрински и ноќен ритуал на нега на лицето и телото. Со години го користам кремот „Сатва" и тука завршува мојата нега што се однесува до лицето (што секако не го препорачувам како совет). Не поседувам ниту една колекција на кремови или балсами (дневен, ноќен, околу очи, за усни, тоник, итн). По нанесувањето на кремот за лице, ставам течна пудра, кармин и понекогаш маскара. Што се однесува до ноќното излегување го спроведувам истиот ритуал со додаток на некоја поинтензивна сенка. И да не го заборавам мојот најсакан пријател - парфемот. Иако не спаѓа во онаа класична дневна нега, за мене е важен дел од дневниот и ноќниот ритуал. За некои денот не започнува без кафе, за мене не започнува без парфем.

Вели дека во нејзиниот плакар се проткајува духот на различни декади, што пак има свое видливо влијание во дефинирањето на нејзиниот уникатен стил.

- Кога ќе го разгледам мојот плакар, секако ќе најдам парчиња кои биле дизајнирани под инфлуенција на некоја стилска деценија. Од модата во 60-тите години ги сакам мини трапез фустаните особено во комбинација со чизми, како и црно-белите и сребрени комбинации. Во 70-тите беше изразен хипи стилот и интензивните бои, а тие не се најдоа на мојата листа на стилови. Хеланките кои станаа ултимативен тренд во 80-тите денес се непишан закон за секоја девојка и жена. Од друга страна ги имаме луксузните парчиња од свила, анимал принтовите, широките панталони. Но, кога ќе се направи добар микс од сите стилски децении, внимателно и без да стане кармакаша, тогаш се добива уникатен стил. Во последните години сум вљубена во ретро фустаните, долги, лелеави, слоевити, со карнери или без. Голем обожавател сум на фустани и кошули од тантела, како и на светкави парчиња облека.

А постојат ли стилски правила што ги диктира возраста на жената...

- Никогаш не гласам за правилата. Мојот карактер и дух не почитуваат правила, без разлика на возраста. Се придржувам само на едно познато правило – помалку е повеќе. И го применувам колку и како што умеам јас. Инаку каков би бил тој посебен стил којшто некој го гради или го носи во себе ако ги почитува правилата?! Секако дека на 30-40-годишна возраст не треба да излезете со ултра кратко здолниште, кратки панталони, маица која едвај ги покрива градите или со гол стомак. Дотолку што мислам дека тоа не треба да биде секојдневен стил ниту за девојките кои имаат 20 години. Младоста и убавината можат да ги манифестираат на сосема друг начин.

„Слепилото" во модата секогаш завршува со губење на личниот идентитет. Кога стануваме роб на трендовите, без притоа да се свртиме кон нашите потреби и лична свест, игнорирајќи го сопствениот инстинкт, стануваме само копија во едноличната армија. Кристина стави акцент на овие поенти, кога ја замоливме да упати совет да нашите читатели.

- Не следете ги слепо трендовите, туку играјте си со нив, користете го она што ви одговара и облекувајте го она во кое ќе се чувствувате добро и самоуверено. И покрај постојаниот наплив на разноразни модни трендови како од светските дизајнерски имиња, така и од „хајстрит" брендовите или пак, од уличната мода, никако не бидете роб на трендовите односно на модата. На модните креатори и модните куќи тоа им е задача - секоја сезона да креираат и создаваат еден магичен моден свет. Да се купат 2-3 тренди парчиња е во ред, но слепото следење на модата не го препорачувам. Тоа несвесно ве става во еден магичен круг, кај некои дури станува и опсесија – да се биде тренди по секоја цена. Второ, на тој начин се создава една армија од луѓе облечени како во униформа. Според мене, досетливоста во комбинирањето на парчињата облека и креирањето на стилот го прави секого посебен, препознатлив. Интересна кошула (елегантна или шик), адекватен крој на фармерки, убави чевли со високи потпеци и впечатлив накит – непогрешлива формула за одличен визуелен впечаток. Исто така, не трудете се чевлите, чантата, каишот и обетките да бидат во иста боја. Инвестирајте во вечни парчиња на облека. Купувајте облека која можете да ја комбинирате повеќепати, и секогаш да изгледате како да носите нешто ново, а притоа ќе бидете и модерни.

Објавено:
20 април 2018
Прочитано:
899 пати