Претседател на здружението „Ајнштајн“

Сè уште не сме доволно зрели за правилен и вистински пристап кон дислексичарите

Интервју со
Дамјан Николовски
1 ноември 2018

Дислексијата не е болест, туку е само состојба која предизвикува потешкотии во читањето и нуди голем број на таленти и дарби. Во нашето општество сè уште постојат заблуди на оваа тема, а токму нивното разјаснување е една од целите на здружението „Ајнштајн", благодарение на чија континуирана активност од 2013-та година, денес свесноста за дислексијата кај нашата јавност е на многу повисоко ниво. Октомври беше интернационален месец на дислексијата, па тоа беше и еден од поводите да разговараме со Дамјан Николовски, претседател на здружението, кој меѓу другото ни посочи со какви активности „Ајнштајн" го обележа минатиот месец.

Како здружението „Ајнштајн" го обележа октомври, интернационалниот месец на дислексија?

-Оваа година воедно го одбележуваме и нашето 5 годишно работење и посветеност кон дислексија, па затоа и решивме да организираме голем број на активности. Започнавме со организирање на две панел дискусии со цел да се слушнат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат наставниците, родителите на децата со дислексија, но и самите дислексичари. Овие трибини беа и дел од проектот Транспарентни информации за дислексијата финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија. Кон крајот на декември го организиравме и првиот практичен семинар за дислексија преку кој што 70 учесници се стекнаа со практични методи и алатки кои ќе можат да ги употребат при работа со лицата кои имаат дислексија. Во рамки на месецот октомври во соработка со Капитол Мол ја започнавме кампањата #КАЖNDИСЛЕХИЈА преку која што презентиравме факти за оваа состојба и цитати од светски познати лица со дислексија со цел да ја подигнеме јавната свест за дислексијата и да докажеме дека секое лице со дислексија има огромен потенцијал за успех во животот. Во рамки на оваа кампања исто така беа дизајнирани facebook cover фотографии со најчестите Македонски имиња напишани со испревртени букви, така што секој оној кој ќе си го пронајде своето име може да ја превземе и постави фотографијата на својот профил, а со тоа да ни помогне во нашата мисија. Официјално месецот октомври го завршуваме со конференцијата "Дали Македонското општество е подготвено да ги прифати потребите на дислексичарите?" чија што цел е пред државните институции да се покаже од колкава важност е нивното учество во креирањето на инклузивно општество за лицата со дислексија.

Може ли да ни направите паралела од почетоците на „Ајнштајн" до денес – забележувате ли поголема свесност за дислексијата, благодарение на вашите активности?

-Можеби ќе звучам малку не скромно, но од 2013 година па се до денеска за дислексијата е направено многу. Свесноста е на многу повисоко ниво во однос на нашите почетоци, кога започнавме да ја остваруваме нашата мисија во Република Македонија речиси и да не постоеше училиште во кое терминот дислексија беше познат. Денеска ситуација и многу поразлична. Нашите цели за првите 3 години од функционирањето беше да ја подигнеме јавната свест за оваа состојба кај наставниот кадар и во тоа успеавме. Се уште сме далеку од посакуваното ниво, но убеден сум дека според темпото со кое се движиме за некоја година ќе успееме да бидеме рамо до рамо со развиените држави каде што дислексијата се обработува повеќе од 1 век. Од друга страна покрај свеста кај наставниот кадар и општата јавна свест за дислексијата е на многу повисоко ниво за разлика од пред 5 години. Денеска да прошетате по улица и да прашате 10 лица дали знаат што е дислексија верувам дека барем 5 од нив ќе знаат што претставува дислексијата, што не беше случај пред неколку години. Но, сето ова не го постигнавме сами, тука беа сите медиуми, јавни личности и експерти кои навистина ни помогнаа кон остварување на нашата мисија.

Колку нашето општество покажува подготвеност и зрелост во правилниот пристап кон дислексичарите?

-Кога генерално би зборувале за целото Македонско општество сметам дека се уште не сме доволно зрели за правилен и вистински пристап кон дислексичарите. Ваквиот мој став се должи на пасивноста од страна на централната власт и институциите кои се задолжени за креирање на образовните политики во нашата држава. Со нашите почетоци сметавме дека ќе се соочиме со проблемот наставниците да ја прифатат дислексијата, но се испостави сосема спротивното наставниците покажаа голем интерес и желба да им помогнат на овие ученици. Но тие се соочуваат со законски бариери и процедури кои мораат да ги почитуваат, а за жал дислексичарите во македонското законодавство не постојат како категорија на граѓани. Како и што напоменав погоре од многу голема важност е вклучувањето на властите во овие процеси со цел обезбедување на правилен пристап кон дислексичарите.

Какво е искуството со инклузија на учениците со дислексија во образовниот систем во нашата земја? Во тој контекст, какви се позитивните пракитки во земјите со високоразвиен образовен систем?

-Во нашата држава во последно време почна да се зборува за инклузија на учениците со дислексија, што е навистина интересно а помалку и смешно затоа што учениците со дислексија се по секако вклучени во редовниот образовен процес. Од ова можеме да заклучиме дека кога се зборува за учениците не треба да се зборува за инклузија, затоа што учениците со дислексија не се ученици со посебни потреби. Кај нас постои една заблуда во однос на ова прашање и многу често доаѓа до мешање на поими па и затоа многу често учениците со дислексија се сметаат за ученици со посебни потреби. Во однос на позитивните практики на развиените држави се наоѓаме децении и децении наназад. Во Македонија сега почнува да се зборува за инклузија на учениците со дислексија, а во Соединетите Американски држави се случува сосема спротивното токму оваа година и се отвори првото бесплатно училиште само за ученици со дислексија. Ваквиот концепт предизвика поделени размислувања во однос на тоа дали со ваквото училиште се прави изолирање на учениците со дислексија или пак токму преку ваквото образование ќе се задоволат специфичните образовните потреби на дислексичарите. Според мене ваквиот концепт на образование може да донесе многу позитивен фидбек поаѓајќи од фактот дека овие ученици размислуваат на поинаков начин и кога би биле сите заедно во една средина мислам дека би можеле многу повеќе да ги изразат своите таленти и потенцијали. Но за сето тоа се потребни многу години за да е увиди ефектот на ваквиот тип на образование, па дури потоа можеме да зборуваме дали тоа е позитивно или негативно.

Кои се најголемите заблуди во однос на дислексијата?

-Ги има многу особено на нашите простори. Би започнал со тоа што се уште постојат луѓе кои мислат дека дислексијата е болест, а дислексијата е само состојба која предизвикува потешкотии во читањето и нуди голем број на таленти и дарби. Најчесто овие ученици се етикетираат како мрзеливи, глупави а не ретко и како лица со ментална попреченост. Сето ова се должи на неинформираноста на населението, но и тоа е разбирливо бидејќи за дислексија во нашата држава се зборува последниве неколку години. И на крај би кажал дека постои една тенденција учениците со дислексија да се поистоветуваат со лицата со посебни потреби, нешто што како општество не смееме да го дозволиме.

Со идентификување, бариерите поедноставно се совладуваат? Има ли јавни личности во нашата земја кои отворено зборуваат за своето лично искуство со дислексијата?

-Дефинитивно е така, морам да признам дека слабо стоиме на ова поле. Јавните личности се уште се плашат да зборуваат за дислексијата, како што тоа го прават познатите личности во светот. При самите почетоци на нашата работа една од доајените на македонското актерство актерката Катина Иванова застана јавно и почна да зборува за својата дислексија, што за нас како организација претставуваше голема предност и големо охрабрување за самите дислексичари. Од друга страна ја имаме и Албанската пеачка Лаура Крлиу која исто така зборува за својата дислексија. Во однос на останатите јавни не знам дали се плашат или се се уште не информирани за оваа состојба.

Посочете ни дел од стратегиите за самопомош на дислексичарите.

-Постојат најразлични стратегии за само помош во зависност од тоа во кој домен лицата имаа тешкотии. Пред се секој треба да си го пронајде најадекватниот стил на учење за самиот себеси дали тоа е аудитивен, визуелен или кинестетчки начин на учење или пак комбинација на сите три. Доколку некој учи најлесно аудитивно тогаш најлесен начин за учење ќе биде слушањето на лекциите на самиот час или предавањето да се сними со помош на диктафон или мобилен телефон и да се ислуша во домашни услови. За учениците што учат визуелно и имаат развиена визуелна меморија ова може да биде од корист при учењето. Некои ученици можат да се потсетат на изгледот на страницата на белешките што ги запишале, што навистина помага во решавањето на зададената задача. Користењето листови во боја, поголем проред, болдирања, подвлекување со маркери, стикери, шеми, дијаграми и илустрации при пишувањето на забелешките, на тој начин ќе можат многу полесно да ги запомните. Корисна метода тука е методот на концепт-мапирањето. Листата на стратегии за само помош е многу големи а најмногу информации може да се добијат на нашата веб страна http://www.dyslexia-info.com/category/poteskotii-vo-ucenjeto/tehniki-za-samopomos/ 

Што вклучува долгорочната стратегија на Вашето здружение?

-Стратешкиот план на здружението за периодот од 2017 до 2020 година не претрпе многу промени во однос на претходниот план. На самите почетоци фокусот беше поставен на одделенските наставници, за веќе во новата стратегија да преминеме кон предметните наставници и професорите во средните училиште. Во наредниот период исто така планираме да воспоставиме и соработка со повеќе високо научни установи со цел овозможување на адекватни образовни услови и за студентите со дислексија. Како и досега ќе останеме фокусирани на подигнување на јавната свест за дислексијата, затоа што и во развиените држави каде што дислексијата е издигната на највисоко ниво се уште се спроведуваат кампањи за подигнување на јавната свест. Со новите стратешки определби работата на здружението се расчлени на неколку области односно програми и тоа програма за подигнување на свеста за штетното влијание од современите технологии врз развојот на децата, програма за млади и младински ангажман и програма против булинг.

Објавено:
1 ноември 2018
Прочитано:
398 пати