пејачка

Секоја минута на сцена ми го продолжи животот

Интервју со
Виолета Томовска
19 октомври 2016

„Македонско девојче“, „Заиграј со мене ти“, „Љубов голема“, „Молитва“, се само еден, многу мал дел од песните на Виолета Томовска преку кои си обезбеди вечност.

Иако веќе во осмата деценија од животот, со својата позитивност, хумор и секогаш дотеран изглед, ни внесе веселост во овој октомври. Со задоволство ја прифати нашата покана за разговор. Со кафе и неброени спомени, се навративме во детството на оваа дама, на најрадосните и најтажните моменти од животот, на музичките почетоци и тоа како се работело некогаш...

Но, се осврнавме и на секојдневието и тоа што ѝ мами насмевки. На прашањето како изгледа еден нејзин ден, низ насмевка ни вели:

-Кога-како. Наутро се будам со кафе. Знам дека не е добро да се пие толку, но за среќа имам низок притисок. Потоа, почнуваат задачите во денот, кои ги планирам од претходниот или неколку дена однапред, во зависност каде сум поканета, сѐ уште... :) Имам и доста средби со жените од здружението „Животна искра“, потоа имам настани и со други невладини организации, се трудам... А секако, да не го заборавам и друштвото на помалите внуци. Така што, денот ми поминува динамично – признава Томовска.

Инаку, таа има три внуци. Марија е најстарата, додека Лука и Матеј, кои вели секојдневно се со неа, имаат 13 и 11,5 години.


За Битола, детството, модата...

Времето што го поминува со нив честопати ја враќа и во нејзиното детство во Битола, каде што е родена, што мошне се разликувало од денешното.

- Во Битола се сеќавам, се славеа повеќе имендени, во Скопје пак, повеќе слави. Татко ми се викаше Христо и славеше именден на Божиќ, кој се празнуваше со многу внимание. Куќата комплетно се чистеше, се вадеа нови килими. Жените се натпреваруваа која поубави колачи ќе направи... Исто така, Велигден ми беше многу убав празник... Во тоа време, кога јас растев, немаше секој ден месо, односно во сите куќи, но населението беше поздраво. Моите готвеа многу убаво. Татко ми беше и угостител и знаеше од време-на време да зготви нешто прекрасно. Тие впечатоци ми се силни. Растев многу убаво, во друштво на брат ми Никола и сестра ми Параскева. Јас сум најстарата меѓу нас...Убаво е кога растеш во заедница. Мајка ми беше домаќинка и ни посветуваше многу внимание – се присетува Виолета.

А тука веднаш се надоврза и на навиката секогаш да биде убаво и складно дотерана, која ѝ ја наметнала токму нејзината мајка.

-И во времето кога јас растев, луѓето сосема се грижеа за облеката. Се знаело како се облекуваш за секој ден, како кога се празници. Мајка ми имаше желба од ништо нешто да ни направи. Тогаш немаше конфекции. Таа, иако не беше шивачка, сепак долг период ми шиеше, дури и кога станав позната. Она што ми останало во сеќавање е дека за големи празници, секогаш се облекувавме во нова облека. Секогаш нови чевли, чорапи или хулахопки... Бевме уникатни за разлика од другите дечиња, бидејќи тоа што ќе ни го направеше таа немаше да се купи, а и онака немаше. Но, многу беше интересно тоа што никогаш немавме скинат чорап. Во тоа време носевме чорапи со ластик или хулахопки од памучен конец, кои често знаат да се искинат на прстот. Но, таа знаеше во слична боја со хулахопките да стави парче, како навлака до нивото каде прстот удираше во работ, за каде и да се соблечеме да немаме скинати чорапи. Ѝ текнуваа идеи... Многу убаво плетеше, многу убави пораки имам од неа во животот – со насмевка раскажува пејачката.

Но, со доаѓањето на Виолета во Скопје и музичките почетоци, почнуваат и нови модни видици.

-Кога дојдов во Скопје во средно училиште, веќе почна да се проиизведува конфекција, но немаше голем избор, па пак бев зависна од мајка ми. Или ќе ми се допаднеше материјалот, но не и моделот или обратно, па ми беше најубаво таа кога ќе ми направи нешто. Кога почнав да патувам со КУД „Орце Николов“, веќе имав можност да видам и други опции, каква е модата и надвор. Да видам отворени бутици, што сѐ уште ги немаше кај нас. Модните куќи почнаа многу покасно. Ние имавме „Астибо“, „Македонка“ и „Тетекс Тетово“. Учествуваа на модни саеми, а јас често бев нивни музички гостин, па имав можност и да си купам нешто од нивните колекции. Се сеќавам на еден фестивал пеев во еден фустан од „Астибо“, со народни мотиви, малку разголен, како за на сцена. Многу беше убав... Инаку, се омажив многу рано, на 19 години, да не останам немажена (се смее). Маж ми беше камерман, па и тој многу патуваше, и јас. Имавме динамичен живот. Имав можност да одам на многу турнеи. Почнав да купувам облека од странство. Секогаш бев практична при купувањето, да можам да комбинирам со повеќе работи, а особено на овие години внимавам на тоа. На пример, на едно здолниште, два блејзера, за да можам да менувам. Некои работи пак, си стојат сѐ уште, бидејќи сум немала како да ги комбинирам, но и не било проблем, бидејќи сум била млада – раскажува Томовска.

Вели, сака и накит и марами и често ги вклучува во комбинациите, за да почувствува дека има повеќе гардероба.

-Младите денес имаат многу можност за избор, за што ми е драго. Има модни куќи како „Елена Лука“, многу бутици, многу дизајнери. Но, економската моќ е мала. Човек може да има врвен стил, но нема економска моќ за да може да си го дозволи во секојдневието. Ако една млада жена нема униформа на работа, таа мора да размислува како секој ден да биде различна. Сите знаеме дека ситниците и деталите прават работите да изгледаат поинаку, но сакам да кажам дека е напорно. Често гледам дека на веселбите посебно внимание се обрнува на изгледот, но жал ми е што тие работи само од веселба на веселба ги носиме. Да имаме поинаква економска моќ би било многу поубаво. И во светот има сиромашни, како и оние со добра егзистенција, но не добар вкус. Убаво е тоа што го носиш да го носиш со мерак и да се чувствуваш убаво. Да не предизвикуваш потсмев. Да е во склад со годините. Ако не ти стои тесен фустан, не го носи, само бидејќи ти е мерак. Јас бев и дел од една ревија на „Елена Лука“ од хуманитарен карактер и носев прекрасен костим, што многу убаво ми прилегаше. Освен мајка ми, се облекував и во бутикот на моја Зили, но госпоѓата почина пред неколку години. Таа ми шиеше, ми даваше идеи, и јас си правев комбинации по мој вкус. Треба да се знае за која пригода како да се облечеш, да ги познаваш приликите и материјалите. Тоа се основни работи. Половина успех е од појавата – смета Виолета.

Едно кратко време на фестивалите, медиумите одбираа најдобро облечен изведувач, што според неа, било поттик за секој уметник.

-За да бидеш атрактивен, треба да си целосно таков. Многу е важно да си ја познаваш фигурата. И да знаеш кога е период да го смениш стилот, кој со годините, возраста и менувањето на телото се менува. Со убав избор на облека, зрачиш и тоа веднаш се забележува. Сум се трудела да носам и бои, иако последниве години носев црно поради смртта на сопругот. Но, сега полека се враќам на старо, пред сѐ и поради младите, за да им пружам насмевка, како што ме знаат. Животот е пред нив и треба човек да се однесува нормално. Сите сме денес, утре не.


Најголем страв и радост

На прашањето што ѝ е најголем страв во животот, а што радост, воопшто не размислуваше.

-Имам врежан страв од природни непогоди. По земјотресот од неодамна, јас отидов во Битола кај моите, затоа што секое тресење е враќање. Кога беше тој катастрофалниот во 1963 година, јас имав 17 години и бев под рушевини. Останува трага. Ја доживеав и поплавата во1962 година. Сред бел ден, небото се затемни и коритото на Вардар беше два метра над границата. Најстрашно е кога се слушаат крици од животни, особено ако сте во поруралните средини.... Ги носи водата. Тоа се страшни работи – се присетува Виолета.

А најголемата радост ѝ е животот.

– Човек треба секојдневно да се радува бидејќи е жив и го има семејството околу себе. И многу здравје. Тоа се основни работи. Сега е многу потежок животот од времето кога растев јас. Не дека тогаш немаше лоши работи, но и во тие нека се знае редот. Секој човек кога ќе доживее нешто потешко на поле на здравје, потоа поинаку гледа на животот. Јас на 38 години, во 1983 година, кога бев најпопуларна, од „нигде-никаде“ дознав за болеста. Имав напад на бубрег, па бев на боледување. Пред тоа на еден концерт почувствував нешто на градата. Си реков, додека сум слободна да одам до онкологија да прашам еден професор само за мислење. Само да ме посоветува. Со мене беше постарата ќерка која тогаш имаше 17 години, а ја замолив да дојде, да не ми се појават повторно болки во бубрегот. Кога ме виде докторот, почна да вика каде сум до сега. Но, јас немав никаква потреба од лекар. Во ист ден, отидов на пункција и мамографија. Тогаш немаше гужви како сега. Ги добив резултатите попладне, и пишуваше: малигно и на двете дојки – објаснува Виолета.

Но, и покрај лошата дијагноза, таа не ја симнувала насмевката од лицето.

- Си реков што сака нека биде, нема да се нервирам. Никому ништо не реков. Во тоа можевме да одиме каде сакаме да се оперираме и лекуваме. Маж ми само ми рече, бирај помеѓу Париз, Лион или Љубљана. „Ајде во Љубљана“ му одговорив со насмевка. Во вторник се снимав, во петок веќе заминав. Експресно. Во саботата цел тим беше договорен да се оперирам. Немав потребни скенови и ја одложивме операцијата. Но, после сите наоди им реков: „Ајде гледајте да не доаѓам пак“. Се оперирав билатерално на двете дојки. Оваа година ќе бидат 33 години како сум оперирана. Се навикнав со протези... Во сето тоа ми помогна и сопругот. И тој беше силен, дури и посилен од мене. Месец дена по тоа, почнав да пеам. Беше тоа модна ревија во Струга, со Сашка Петковска. Сите сакаа одблиску да ме видат, ама тогаш најубаво изгледав. Си направив самата план, дека кога ќе се вратам во Скопје ќе продолжам со животот нормално. Кој и да ми се јавеше - ќе се јавев, кој сакаше да дојде - дојде. Не се криев. Подобро тоа, отколку да се озборува. Тогаш започна и иницијативата за „Животна искра“, а јас продолжив да пеам. Дури отидов и на турнеја во Австралија 40 дена, и покрај тоа што примав терапии. Мислев на работата, многу работев, мислев на семејството, да не почувствуваат ништо, колку што се може. Секој човек треба да се преиспита за своите емоции – вели Томовска.

Таа додава дека  после тој пресврт во животот, се смениле размислувањата.

-Во младите години бев и за радост и за тага „плачка“. Тоа не води кон ништо, ќе се затвориш во себе и само зло си правиш на организмот. Реков, ќе мислам кога ќе дојде многу тешко. И затоа животот ми е голема радост и најблиските, затоа што навистина има за кој да се бориш, да живееш. Секојдневно се случуваат и многу други радости. После тоа, многу убави работи ми се случија. Ќерките завршија со школувањето, па внуци дочекав, па свадби од внуците. Треба да се почитува животот и да се сака, со сѐ може помалку, само со здравје не. И редовни контроли. Сега барем тоа е возможно. Но, кај нас, најниска е психолошката поддршка, за сите пациенти. Тоа што јас го правев сама и со моето семејство, треба да го прават институции. Во светот е бесплатно, кај нас тоа се плаќа. Поддршката треба да е бесплатна, да биде во рамки на онкологија, да имаат психолошка поддршка сите пациенти – смета Виолета.

„Животна искра“ ја создава 1993 година. На почетокот се само 30-тина жени, но со голема желба и ентузијазам.

-За овие години многу направивме. Во 1995 година за првпат отидовме да ги посетиме децата заболени од рак, со приредби, подароци. Подоцна се создаде здружение „Пеперутка“, па „Борка“, па многу други здруженија и за други заболувања. Сега, од пет асоцијации се создаде Алијанса на пациентски организации (АПО). Вратата е отворена и за уште многу други асоцијации... Веќе станавме членови и на Европската организација за пациентски асоцијации, одиме напред, но ни треба поддршка и од институциите. Имаме и многу предавање и во Скопје и надвор. Мислам дека со АПО, свеста кај граѓаните ќе биде на повисоко ниво, без разлика дали имаат или немаат заболувања. На прво место се кардио-васкуларните заболувања, а на второ, канцерот...Стресно е времето, сѐ е од стрес. А дополнително, секоја минута помината на сцена и отпеана песна, ми го продолжи и животот и се уште е така.

За „Молитва“

По 55 години поминати на сцена, Виолета е пензионирана, но слободен уметник. Вели, начинот на кој денеска се работи и во времето на нејзината најголема популарност, се мошне различни.

-Јас сум пензионер, но никој не ми брани да пеам, па затоа и сум слободен уметник :). Кога ќе ми подарат убава песна, кога ќе ме поканат -  настапувам. Сега работите се многу поинакви. Кога бев ексклузивец на РТБ, заедно со мојот драг колега Кирил Манчевски, многу се работеше и беше голема сигурност. Тие се грижеа за настапите, концертите. Тогаш беше отворен југословенскиот пазар и се правеа големи тиражи. Милион беше ништо. „Македонско девојче“ кој знае во колку тиражи е продадена... Настапував со оркестарот на Кочо Петровски. Пред секој настап потпишувавме договор. Имавме хонорар кој ни доаѓаше на жиро сметка. Од продукцијата се јавуваа и добивавме извештај. Тие ги гледаа тиражите на секое тримесечје и знаевме колку сме продале и колкав износ ни следува. Плус, имавме големи концерти што се правеа во Белград, кои повторно ни беа платени. Плочите се продаваа и бевме наградувани за бронзена плоча (25.000), сребрена (50.000) и златна плоча (100.000) тираж. Се правеа и европски турнеи два пати годишно по 45 дена, а и јас патував како претставник од Македонија. Од РТВ Загреб правеа „Звуци на родниот крај“, со забавни и народни песни, исто така низ Европа. Така, јас соработував со сите големи доајени и замислете колку сум патувала! – се присетува пејачката на убавите времиња.

И во Македонија тогаш се правеле многу музички настани.

-Се работеа многу концерти, дури и по два во денот, сѐ во живо. Се тепаа луѓето за карти. За празници секогаш бевме повикувани, или кога ќе дојдеа угледни личности во Македонија на гости. Сега работите се многу сменети. Немам ништо против доаѓањето на пејачи од страна, и јас сакам да ги слушам, сакам сѐ што е убаво за слушање, но би било убаво да е поразнолико и со наши изведувачи, не е важно дали се забавни или народни. Мора да си го почитуваме своето – смета Виолета.

За тоа дали „Молитва“ е песната што ја одбележала нејзината кариера ќе каже:

-Пред „Молитва“ јас имав многу песни, но не го одрекувам и тоа. По смртта на Кирил Манчевки, кој беше и наш венчан кум, а потоа и Кочо Петровски, кој создаде за мене безброј песни, мислев дека никогаш нема веќе да запеам, дека никогаш повеќе нема да биде исто. И долго време немав снимано ништо. Еден ден ми се јавија од црквата „Св. Климент“ во Торонто за турнеја, заедно со „Македонски мерак“ кои беа многу популарни тогаш. Со тешко срце прифатив, но си реков дека можеби најпаметно е да одам. Нивната желба да соработуваме заедно ме врати на сцената. По една година од тогаш, излезе моја касета, со песни од сите музичари од „Македонски мерак“. „Молитва“ ја напиша Миле Барбаровски, заедно со „Рајски дарови“, на текстови од неговиот брат Георги Барбаровски. Името на касетата беше „Заиграј со мене ти“, а „Молитва“ беше последна. Дури и не беше планирана да се снима, бидејќи се разликуваше од останатите. Но, кога ја слушнав знаев дека мора да ја снимам и мора да ја има на касетата. Таа песна е прекрасна порака за младите, да бидат посилни од нас. На многу свадби ме замолиле да ја отворам свеченоста токму со таа песна. И покрај тоа што не е хитовска, со денешен ритам. Секогаш ја пеам со други емоции, на друг начин. 

Со некој со толку животно и професионално искуство зад себе, разговор никогаш доста. Непосредна и отворена, Виолета ни помогна да допреме малку поблиску до неа, а се надеваме дека нејзината животна приказна ќе биде поттик на сите на кои им е потребно. И доказ дека жените во било која деценија во животот можат да изгледаат убаво.

На крајот се разделивме со зборовите дека ќе се видиме повторно. Ако не на некоја непосредна средба, тогаш се надеваме на концерт за 60 години на сцена. 

Објавено:
19 октомври 2016
Прочитано:
1.716 пати