уредник на хрватското издание на Buro 24/7

Семејството е точка од која сѐ почнува и сѐ завршува

Интервју со
Мирела Фориќ Срна
29 јануари 2016

Таа е една од најстилските и најуспешни жени на Балканот кога станува збор за мода. Мирела Фориќ Срна е првата дама на хрватската верзија на онлајн платформата Buro 24/7, која важи за една од најуспешните во регионот, каде секојдневно може да уживате во одлични модни содржини од целиот свет. Од неодамна, таа стана и гостин уредник на украинското издание на Вог, за што ќе каже дека ѝ е огромна чест, но и дека има уште многу новости на кои допрва треба да им се радува. Покрај тоа што е успешна деловна жена, таа е и сопруга и мајка на две прекрасни дечиња кои вели, ѝ го исполнуваат секој ден! Во ексклузивното интервју за Fashionel, таа говори за модата, стилот, успешната приказна на Buro 24/7, Мирослава Дума и за семејството како единствен и најважен двигател во животот.

Уживајте!

Неодамна хрватската верзија на онлајн платформата Buro 24/7 го прослави третиот роденден. Можете ли да направите кратка ретроспектива на работата на Вашиот портал?

-Можам да кажам дека сум неверојатно задоволна од постигнатото и сметам дека се позициониравме како врвен lifestyle портал во регионот. На секој проект му е потребно одредено време да се етаблира на пазарот, да ја пронајде својата публика и партнерите што одговараат, а Buro 24/7 денеска и тоа како ги исполнува тие норми. Во изминатите три години научивме многу, се развивавме во сите правци, ги учевме потребите на пазарот, упорно се држевме до својата филозофија која се темели на квалитет на содржините, визуелната презентација и тоа нè доведе до денешниот статус кој го уживаме на медиумско поле.

На кој принцип ја добивте лиценцата од Buro 24/7 за работа на хрватското издание на порталот?

-Buro 24/7 Хрватска е прва странска лиценца на порталот Buro 24/7 од каде почна и нашиот понатамошен развој во она што денеска стана вистинско медиумско царство со 10 светски франшизи и уште неколку во план. Овој проект ми го привлече вниманието бидејќи за прв пат на едно место можев да дознам сè што приватно ме интересира, од модерна уметност, литература, мода и lifestyle. Ја контактирав Мирослава и набрзо се најдовме на состанок. Од тој момент, се некако почна да тече природно. Многу брзо сфативме дека гледаме во ист правец и дека имаме еден вид на бизнис хемија која функционира. Многу сум ѝ благодарна на Мирослава што ме препозна како идеален партнер и овој регион како идеално подрачје за првата интернационална верзија на порталот Buro 24/7.

Честитки за ангажманот на украинското издание на Vogue. Колку тој ангажман е значаен за Вас?

-Ви благодарам многу. Ја сакам различноста, динамичноста и сите можности за учење на нови работи, а токму тоа ми го овозможува новата позиција. Vogue е мајка на сите модни публикации, па на титулата contributing editor гледам како на совршена можност дополнително да го промовирам Buro 24/7 и нашиот регион. Во план е подеднакво голем проект за Vogue за кој сè уште не смеам многу да зборувам, но кога сите детали ќе бидат познати, ќе дознаете.

 

Колку сте информирани за работата на македонската модна сцена? Постои ли интерес за соработка со македонски дизајнери?

-Ја познавам работата на Тони Матичевски кој има македонско потекло. Соработуваме со модната сцена од целиот регион, нешто повеќе со српските дизајнери со оглед на тоа што нивната сцена е повеќе развиена. По правило, ако материјалот што ќе го добиеме ги исполнува нашите естетски стандарди, тогаш нема пречки за соработка или објава на истото на нашата страница.

Можете ли накратко да ни раскажете како изгледаа Вашите почетоци во модниот свет?

-Моите вистински почетоци во модниот свет беа со отпочнувањето на порталот во Хрватска. Сè што правев пред тоа беше само хоби.

Важите за една од најдобро облечените жени во Хрватска со неверојатно чувство за стилски комбинации. Како ги одбирате парчињата?

-Сакам да го носам она во што се чувствувам убаво. Не сакам да давам некаков правец или правила за облекување. Сметам дека секој треба да го пронајде својот стил и да го направи уникатен. Само вие самите знаете во што се чувствувате добро, и она што функционира за мене, не значи дека ќе биде добро за некој друг.

Која е според Вас најдобро облечената жена на светот?

-Има повеќе. Најмногу ги ценам оние жени кои имаа комбинација на харизма, добри манири и стил кој не зависи од секој тренд што се сервира во магазините.

Неодамна Мирослава Дума одржа навистина интересно предавање во Загреб. Колку е таа инспирација за Вас?

-Воопшто, во животот, ме инспирираат паметни деловни жени кои сакаат да направат нешто позитивно и да остават некаква трага. Мирослава е таква жена. Со само 30 години, таа успеа да „помести планини" што се вели. Енергична е, љубопитна, упорна, интелигентна и мислам дека на крајот трудот ѝ се исплатеше.

Колку е голема одговорноста да се биде прв човек на успешна платформа како што е Buro 24/7 за Централна и Источна Европа и што таа носи со себе?

-Штом имате фирма и луѓе на кои треба да им дадете плата, постои голема одговорност. Мислам дека мојата одговорност не е ништо помала ниту поголема од останатите приватни фирми кои се борат со економските (не) прилики во регионот.

Што би ги советувале сите почетници во овој дигитален, моден свет?

-Своите содржини да ги базираат на квалитетни информации кои ги едуцираат читателите, да бидат оригинални и да не преземаат некој веќе виден концепт, бидејќи тоа само ќе ги успори во развојот. И секако, да бидат храбри и упорни.

Што за Вас претставува најголем успех во животот?

-Семејството е точка од која се почнува и се завршува. Стабилната семејна ситуација многу значи, тоа за мене е како „ветер во грб" за сите проекти на кои работам.

Верувате ли во трендови?

-Тешко е да не веруваш кога се сè повеќе присутни. Во сезона кога во тренд се 1970 – тите, тешко ќе најдете во било која продавница парчиња што не се инспирирани од таа ера. Тоа воедно е и голем проблем кај трендовите. Се создава една униформираност која е тешко да се избегне. Да се вратам на почетокот на прашањето. Верувам во прилагодување на трендовите на сопствениот моден израз.

Објавено:
29 јануари 2016
Прочитано:
3.086 пати