актери

Сите сме Андрија и Анѓелка!

Интервју со
Андрија Милошевиќ и Анѓелка Прпиќ
24 декември 2015

Во серијата празнични интервјуа, ви презентираме едно ексклузивно со актерите и продуцентката на серијата „Андрија и Анѓелка“, која за многу краток период го освои цел регион.

Андрија Милошевиќ и Анѓелка Прпиќ успеаја во нешто што денес ретко на кој му успева: Да ги насмеат сите. И децата, и тинејџерите, и мама и тато, па и баба и дедо. И Словенците, и Србите, и Црногорците, и секако нас Македонците...

За успехот говорат бројните прегледи на нивната „Фејсбук“ страница и „Јутјуб“ профил, како и податокот дека во Србија серијата е најпребарувана на „Гугл“ и сè поради тоа што во нивните ликови се содржи секој од нас и обратно.

И покрај големите обврски, успеаја да одвојат малку време за нас и да ни одговорат на неколку прашања, како и преку нашиот медиум, за првпат да ѝ се обратат на македонската публика и да ѝ посакаат Среќна Нова година!

Уживајте!

Како изгледа кога вечниот „Дон Жуан“ игра потенцијален „папучар“?

Андрија Милошевиќ: Не сметам дека сум Дон Жуан, а исто така не мислам дека Андрија кого го играм е папучар. Тој е еден традиционален маж на Балканот, кој мудро знае да процени кога е паметно да ја послуша жената. А тие моменти се безброј!

Посакувате ли да имате жена каква што е Анѓелка во серијата?

Андрија Милошевиќ: Јас веќе имам жена која што ја сакам. Сите тие типично женски однесувања кои често ги нервираат типичните мажи, за што суштински и најмногу зборуваме во нашата серија, се дел од играта и убавината на машко-женските односи, од памтивек.

Колку Анѓелка е прототип на денешната модерна жена?

Анѓелка Прпиќ: Не знам дали може да се рече дека е прототип, но гледам дека, ваква каква што е, е многу присутна. Постојано ми приоѓаат девојки и нивните партнери со коментари дека се исти како и нашите ликови. Тоа значи дека сите ние, креативната екипа што учествува во создавањето на серијата, сме го „фатиле“ тој просек на маж и жена од овие простори и што е уште поважно, сме направиле живи, реални ликови со кои луѓето се идентификуваат.

Дали Анѓелка и дома постојано му „соли памет“ на сопругот?

Анѓелка Прпиќ: Тоа мора да го прашате мојот сопруг (се смее). Мислам дека не сум тип на таква жена што „дрнда“ по дома, но типично женски, понекогаш инсистирам на ситници. И да, во некои работи знам многу да барам и да имам високи очекувања, тоа стои.

Сметате ли дека „Андрија и Анѓелка“ на некој начин се современа верзија на култната серија „Позориште у куќи“?

Зорица Поповиќ: Тоа е прекрасен комплимент за нас како продуценти, како и за целиот тим што работи на создавањето на серијата. Ваквата споредба секако ни годи, затоа што тоа беше култна серија што траеше пет сезони и која и денес ја паметиме. Сепак, не сакаме да бидеме така претенциозни и нескромни. Ова е поинаква форма, но ако зборуваме за сличностите тоа пред сè се две работи: жанр – комедија и мрежата на меѓучовечки односи во секојдневниот живот на една двојка, со тоа што кај нас односот помеѓу Андрија и Анѓелка е клучен и околу него сè се врти. Ок, и односот на бабата и зетот веројатно е уште една асоцијација.

Чија беше иницијативата за создавање српска верзија на серијата? Постои ли план за емитување во сезони?

Зорица Поповиќ: „Андрија и Анѓелка“ се српска верзија на најадаптираното сценарио во светот „Un gars una fille“, за кој мојата продукциска куќа „Fresh production“ и продуцентската куќа „Belkbuk“ на мојот партнер Филип Ѓориќ уште пред три години доби права од сопственикот на лиценцата Аванти. Сепак, ни требаше време од пилот-епизодата да дојдеме до емитувач, а после тоа и до првата сезона на телевизија. После успехот кај гледачите кој дојде многу бргу, после 10-тина епизоди, па можеби и помалце, потпишавме договор за снимање на уште 100 епизоди.

Што би си посакале еден на друг за Нова година?

Анѓелка Прпиќ: На борец и лав каков што е Андрија не му е потребна новогодишна магија, бидејќи тој самиот си ги остварува желбите. Исклучително ги почитувам таквите луѓе, па затоа му посакувам доволно инспирација и енергија за сè што намислил. Нас што уживаме во нашата работа ќе нè направи среќни, барем додека не се спушти завесата, или додека не го смениле каналот.

Андрија Милошевиќ: Неа Господ ја прати со овој вид на посебност која жените од овие простори ја имаа во славните времиња на нашата историја, на кои и денес најмногу се гордееме. Ѝ посакувам да ужива на патот на кој талентот ја носи, секогаш да има голема сила за сè што ѝ е најважно во животот. Ѝ посакувам да си ги исполни соништата и никогаш да не почувствува страв од она што е и што претставува, туку да напредува и да се развива во секоја смисла – и како актерка и како жена опркужена со љубов и среќа. Таа заслужува и повеќе, ама мора нешто да се остави и за следната година (се смее).

Имате ли желби за себе?

Анѓелка Прпиќ: Во желбите сум скромна, но затоа сонувам „на големо“! А научив дека Дедо Мраз некогаш ги исполнува желбите, ако и ние малку се потрудиме.

Андрија Милошевиќ: На себе си посакувам исто што и на сите други: навистина да бидеме еднакви, да се почитуваме, сакаме, колку и талогот од луѓето на овој свет нè притиска кон спротивното.

И за крај, што би им посакале на нашите читатели?

Анѓелка Прпиќ: Сакам секогаш да имате можност на избор. Да ве ценат на работа. Дома да ви се радуваат. И сето тоа да ве чини доволно безгрижни да уживате во секој ден и да остане таман „неостварено“, колку што е потребно, за да секој ден ве турка напред!

Андрија Милошевиќ: Сакам да бидете здрави, да се вртите само кон сонцето, околу вас да бидат најдобрите луѓе, да живеете со насмевка на лицето. Ви посакувам од срце да се сакате и да ги чувате семејствата, што повеќе време да поминувате со своите деца и родители, бабите, дедовците, вујковците, чичковците, братучедите, блиските и далечните, затоа што така ќе бидете посилни и поспособни да победувате во битките што животот постојано ги организира во оваа наша арена.

 
Pozdrav Makedoniji

Za sve fanove iz Makedonije koji nas podržavaju i vole

Posted by Andrija i Anđelka on Friday, November 13, 2015
Објавено:
24 декември 2015
Прочитано:
4.386 пати