сопственици на издавачки центар „Три“

Среќните мигови се оние најтивките

Интервју со
семејство Саздови
15 февруари 2016

Рекле, во сложно семејство среќата сама по себе доаѓа. А семејството на писателката Винка Саздова може токму за тоа и да посведочи.

Месец февруари ми започна токму со нивната семејна приказна. Се упатив во книжарницата „Три“ да се запознам со авторката и нејзините синови – Александар, Бојан и Љубомир. Се подготвив, а одејќи натаму, не знаев што точно да очекувам. Треба да откријам, а потоа и да пренесам семејна приказна за луѓе што првпат ги среќавам и запознавам, а притоа се успешни, и уште повеќе, љубители на зборот.

Но, го прифатив предизвикот. А го прифатија и тие. Секој од нас си ја знае семејната приказна, но кога ќе се изговори гласно, кога ќе се раскажат нештата јасно (некогаш и по малку и подзатскриено), се добива нова перцепција. Се осознава одново. Те замислува. Те преплавува со емоции.

Ме дочекаа насмеани и подготвени, иако верувам дека ниту тие не знаеја точно што да очекуваат. Се запознавме, расположивме , правејќи фотографии што ќе посведочат за уште едно искуство и нивни заеднички момент на кој некогаш ќе му се навратат.

Се сместивме во книжарницата. Од сите страни зборови, илјадници приказни, а ние ја започнавме нивната. Започнавме со тоа како изгледа ден во нивното семејство кога се сите заедно.

-Двајца од нив, Бојан и Александар, веќе живеат одделно – ме упати Винка.

-Кај нас секој ден започнува со утринско кафе. Тоа е ритуал што го имаме сите, независно дали живееме одделно или сме заедно. Но, ете кога сме заедно, најчесто еден прави кафе за сите. А тој во моментов не е тука – вели Бојан, средниот од трите сина.

Бојан

-Таткото го прави кафето. Зад оваа семејна приказна стои еден прекрасен татко, кој сите нè обединува, бдее над нас и нè поддржува – потенцира Винка, за потоа веднаш да продолжи Бојан.

-Најчесто разговараме на општи теми, во првите пет минути, додека не се сврти разговорот на работа и тогаш се вжештува атмосферата (се смее).

-Така е и со семејните ручеци. Ќе почнеме да зборуваме за нешто општо, но сакале или не, пак ќе се наметне нешто поврзано со работата. Не можеме да го издвоиме тој дел никако – вели авторката.

Тоа беше повод да ги прашам, кои се предностите и ризиците да се има семеен бизнис.

-Па, ете, тоа се и предностите и ризиците (се смее). Работата те следи и дома и во моменти кога сакаш да се релаксираш и обратно. И тоа од дома те следи на работа – ќе каже Бојан.

-Постојано сме заедно. Тоа е голема предност. Исто така и тоа што можеме да се потпреме еден на друг, што си веруваме и надополнуваме. Но, имало и трескање на врати – искрена е Винка.

За тоа кој од нив е најавторитативен, сите се согласни дека тоа е Бојан.

Инаку, сите тројца постојано имаат насмевка на лицето. Бојан е најрасположен за разговор, Александар е највозрасен и духовит, а Љубомир, најмладиот од нив, е највоздржаниот. Зборовите се дозирани, а вниманието фокусирано.

(од лево кон десно) Бојан, Александар и Љубомир

-Да, Бојан е строг. Има став. Ние останатите знаеме и да попуштиме, но тој има принципи и се држи до нив. Најголем авторитет ни е – вели писателката.

Како најмлад од сите, го прашав Љубомир, на што најмногу им се восхитува на браќата и постои ли нешто на што им завидува.

-На тоа што се повозрасни од мене, што имаат своја канцеларија (се смее). Шега на страна, им се восхитувам на тоа што имаат повеќе искуство од мене, во секој поглед. Бојан е многу вреден, знае да размислува од друга перспектива кога е потребно. Александар пак, има моќ на визуелно размислување, дизајн.

А ти?

-Јас сум некаде помеѓу (се смее).

Љубомир

Ги прашав и сите поединечно, која е Винка Саздова. Немаше никакво двоумење во одговорите.

-Пред сè мајка, која беспрекорно се грижи за нас, иако веќе сите сме возрасни. Личност што нè поттикнува, нè поддржува во сите наши идеи, иницијативи, нè следи во нашите цели. За мене Винка е најголемата поддршка што ја имам во животот – вели Александар.

-Првите асоцијации се мајка, топлина, љубов. Тоа е основното. Некој што го следиме, што ни го отворил патот кон животот, нè крепи, насочува, бдее над нас . И за добро и за лошо, не дозволува премногу да се занесеме. Секогаш знаела што е вистинското за нас и јас лично сум ѝ најблагодарен за тоа – ќе каже Бојан.

- Вистински поддржувач во секоја смисла, и на професионален и на приватен план. Секогаш ги дава најдобрите совети кога треба. Кога е потребно, вистински нè насочува  -додава Љубомир.

А самата за себе Винка вели:

- Винка Саздова е жена, човек на вистинскиот пат. Човек кој чекори, трага, наоѓа, бара, кој вели - добро е, но и - секогаш може и подалеку и секогаш може повисоко. Винка е и човек кој научил дека големите нешта се во малите. Среќните мигови се оние најситните, најтивките. Тоа утринско кафе. Кога си млад, мислиш дека среќата доаѓа однадвор, дека некој треба да ти ја донесе на златна кочија, да ти ја истури сета љубов. А потоа, низ животот сфаќаш дека сè е во тебе, и вистината и среќата, само треба да ги отвориш тие ризници од себе. Тоа го научив и навистина сега сум среќна што Винка е човек што знае да ги живее малите, ситни нешта. И да ги љуби луѓето и да им го кажува тоа. Веќе одамна немам потреба повеќе да се претворам, или да кажувам работи што не ги мислам. Немам време, ниту сакам да бидам со луѓе што не ми значат, на кои јас ништо не можам да им дадам, со кои немам синергија...

Тројцата велат, имале среќа да учат од неа. А за тоа што го научиле од мајка си, која е животната лекција што ја паметат, ќе кажат:

-Првото што ми паѓа на ум е дека треба да си упорен. Да бидеш цврсто решен за тоа што сакаш да го правиш и на тој начин сè што сакаш ќе ти се исполни – вели Љубомир.

-Треба да се отвориш кон работите. Сè што е твое, ќе си дојде, треба само да шириш позитивна енергија – смета Бојан.

-Да веруваш, да сакаш и да даваш – концизен е Александар.

И слушајќи ги овие одговори, ја прашав Винка што мисли, успеала ли да ги научи на сè што сакала и знаела.

-Не мислам на ништо, толку убави чувства ме преплавија. Едноставно, ме трогнаа до солзи. Нема поголемо признание дека си успеал од ова да го слушнеш. За мене највисока вредност се децата, семејството. И тоа и ним сум им го кажала. Да ставам сè што сум направила во животот е неспоредливо со нив. Тоа е највисоката вредност, особено сега кога ги гледам возрасни, свои, прекрасни личности. Толку многу им се радувам и горда сум. Среќна и горда мајка сум. Јас своето сум го сторила. И понатаму сум тука. Нив ги гледам како  јавори што се извишуваат угоре, ја освојуваат слободата и светлината.

Колку слични, толку и различни, ги врзува и чувствителноста наследена од Винка. И не само тоа.

-Тоа што го наследив од мајка ми е дека морам да настојувам да го препорачувам тоа што мислам дека вреди или на некој ќе му помогне. Александар е спонтан на Винка, а Љубомир воздржан на Славчо. Ќе обмисли, па ќе каже – потенцира Бојан.

Но, никој не е толку упорен како Винка – ќе каже Александар, што кај сите мами насмевка, но и одобрување.  -Кога секој друг нормален човек би се откажал, Винка ќе тера и ќе биде упорна. И да добие од сите нас „не“ за некоја работа, како да не го добила. Па, потоа поединечно ќе почне да нè прашува. Па нели, донесовме одлука, ќе кажеме ние. Не, не сме донеле, упорна е Винка.

Нема потреба да се нагласува дека одлуката многу често на крајот од не преминува во да.

-И покрај тоа што кон себе сум многу строга, не можев да се оттргнам од мајчинското чувство да сакам да ги заштитам, во било кој сегмент од животот. Строга сум кон себе кога се работи за постигнување на цели, професионални, човечки. Сум знаела кои особини мене лично не ми се допаѓаат и многу упорно сум работела на таа тема. Нема шанси да објавам книга ако до крај не ми се допаѓа. Не си попуштам. Кон нив и воопшто кон луѓето сум попустлива, можам да простам многу, но себеси тешко си простувам. Во сите нив се гледам себеси. И понекогаш ми е криво зошто е тоа така. Ранливоста, чувствителноста кон нештата им е од мене. Мојот сопруг Славчо е поспокоен, Љубомир многу наликува на него. Знае да размисли, не користи многу зборови. Јас понекогаш за да објаснам нешто, користам многу зборови. А тој може една реченица да каже и тоа е тоа. На крајот, ние сме една душа –вели писателката.

Работливи, вредни, упорни и постојано опкружени со книги, но во животот се трудат да негуваат и некои други страсти, хобија, интереси.

-Шопинг – викна Александар.

И покрај тоа што делумно тој се пошегува и сакаше да вметне нишка на мода во нашата приказна, бидејќи сме моден портал, навистина не може а да не се забележи дека сите тројца внимаваат на својот изглед. Но, и многу спортуваат.

-И тоа ни е пренесено од родителите. Скијаме, планинариме. Како мали не го сакавме тоа, но сега го обожуваме – посочува најстариот од нив.

Разликата помеѓу тројцата браќа е по пет години. Секој со искуството и тоа што најдобро го знае придонесува за приказната на Саздови, и професионална и приватна, да биде успешна.

Но, морав да ја прашам Винка дали посакувала да има ќерка.

-Да, како не. За Љубомир мислев дека е ќерка. Какво разочарување беше тоа. После му се извинував. Но, моите синови, чудесни се! Еднаш еден сосед ми рече: „Винка ти ко да немаш машки деца. Ниту еднаш не сум слушнал кавга“. И навистина, кај нас никогаш немало тепачки, викотници... Нешто е во природата на децата, а нешто и од нас родителите, воспитувањето. Тука и бабите и дедовците имаа исто своја улога...

За тоа што е добра мајка, од своето искуство ќе каже:

-Добра мајка, всушност родител, е оној што силно дава љубов, го почитува своето дете и да му ја развива фантазијата. Не треба да му се наметнуваат премногу очекувања и да се покажува незадоволство. Треба самодовербата да му се јакне. Тоа е најважно. Секој родител посакува детето да му биде најдобро, но треба да го прифатиме онакво какво што е. Всушност, тоа е формулата и на љубовта. Имајќи љубов, детето се чувствува топло, посакувано, вредно. Фантазијата треба да му се развива, бидејќи е битно на кое ниво на свест ќе остане, ќе живее. Кога ќе излезе на улица дали ќе ги гледа дупките на патот или небото, птиците што летаат. Јас цело време им велев главата да им е во облаци, а нозете на земја, како што ми се мене. Среќна сум што со тоа успеав и со себе и со нив. Кога беа мали, многу реагираа. Ќе викнев, Сашо, бргу дојди да видиш! Што е мамо? Види го зајдисонцето. Аман мамо со тие твои сонца и месечини. Но, после тоа почнаа тие мене да ми ѕвонат и да ми велат иИзлези да видиш месечината каква е. Таа перцепција на свет се пренесе.

Сепак, Анастасија, ќерката на Александар внесува нова димензија во нивните животи:

-Анастасија е прекрасна, Боже каква е...Наскоро ќе наполни четири години и засега ни е единственото девојче во семејството. Миленичка ни е на сите. Еден од првите зборови и беше „кина“- книга. Од мала е со книгите. Црта прекрасно, а како зборува -  чудесно нешто... Со неа одново го откривам детското во себе, она што сите го забораваме, а не би требало никогаш да престанеме да го живееме детето во себе. Многу често ги менува расположенијата. Во еден момент плаче, во друг веќе се смее. Нема заглавување во чувствата. За разлика од нас возрасните, што сме ужасно здодевни. Ќе влеземе во една емоција и не излегуваме оттаму. Таа се воодушевува на сè. Е тоа е радост. Она што исто ме фасцинира кај децата е, она што е измислено е исто реално како и реалното. Кога си играме докторки, таа е навистина докторка. Исто како и со книгите. Ликовите во моите книги се реални како што сте сите вие. Најуспешни се книгите во кои читателите ќе се идентификуваат, ќе се препознаат себеси. Тоа е затоа што сите сме трагачи по себеси, по вистинските чувства. Сите приказни се исти навидум, но ние сите сме различни, па со самото тоа и приказните не се исти.

За тоа со кого таа би сакала да го испие последниот чај, одговорот е лесно да се претпостави.

-Па со нив. Со семејството. И со себе. Во книгата последниот чај е метафора за вистината, со кого да ја споделам вистината. А неа, самиот ја спознаваш. Дали можеш некому да му ја пренесеш е прашање. А ако мислите буквално, на последниот чај, на крајот на животот, не размислувам воопшто за тоа.

Освен љубовта кон книгите, едни кон други, нив ги поврзува и љубовта кон вистината, која пак понекогаш во ова модерно време ги прави да се чувствуваат како Дон Кихот.

- Многу страст, љубов, чистина вложивме во ова што го работиме, затоа што навистина го сакаме. Најмногу сум среќна што таа моја страст спонтано ја пренесов кај нив. Таа искра од мене, сега е оган што гори, се шири, распламтува. Некогаш ќе си кажам, чуму сето ова? Многу внимаваме на естетика, премногу енергија губиме за навидум безначајни нешта. Но, нема безначајни нешта. И малото е големо. Силно верувам во тоа што го правам и тоа до некого допира. Но, не го правам само затоа што допира некого, туку затоа што јас така сакам да живеам, со вистински вредности, со етика и естетика. Да знаеш кај си. Си дошол на овој свет и многу е важно да знаеш зошто си тука, што сакаш да направиш. Да ги допреш другите, со светлина и убавина – вели Винка.

Нивната мајка е една од најчитаните домашни автори. За тоа дали некој од нив ќе ѝ се придружи во пренесувањето на животот на хартија, повеќе се шегуваат, бидејќи ниту еден од нив за сега не размислува сериозно на тоа поле.

-Да, сум напишал по нешто, но ништо сериозно. Не сакам да ѝ ја земам славата (се смее). Се надевам дека имам наследено талент – вели Бојан.

-Многу, го поттикнувам да пишува поинтензивно, да не чека како мене, на 50 години. И тука е многу лична приказната. Јас многу пишував за себе, но никогаш не се осмелував нешто посериозно да седнам да направам, а камо ли да објавам. Затоа ги поттикнувам нив сега да почнат, бидејќи сепак е друго кога пишуваш на 20, 30, 50... „Последниот чај“ немало да го напишам на 25, но веројатно би напишала нешто друго. Ние сме со книгата, живееме со зборот и тоа е многу природно. Е сега, чиј вулкан или вруток ќе протече ќе видиме – се надоврзува Винка.

Ја прашав и за моќта на зборот, која е... И кој е зборот со најголема моќ.

-Зборот има многу голема моќ. Не сме ни свесни дека многу често кажуваме зборови, а не сме свесни колку можат да повредат. Моќен е и премолчениот збор, не само проговорениот. А токму тој ја има и најголемата моќ. Илјада зборови да кажам, а да не покажам со поглед, дека сакам, или нешто друго, тогаш тие зборови се празни. Најсилен е зборот во кој има чувства, а кој е премолчен

Некаде пред крајот, ги прашав момците како тие би ја опишале нивната семејна приказна.

 -Среќна е, бидејќи секојдневно соработуваш и си со луѓе во кои имаш стопроцентна доверба. Со луѓе кои секогаш ќе бидат тука за тебе и ќе го дадат својот максимум. Така е и на работа и во приватниот живот – вели Бојан, укажувајќи повторно на спонтан начин дека кај нив граница помеѓу работата и приватниот живот речиси и да не постои.

-Не поминува викенд, без да ѝ се јавам на мајка ми – искрен е Александар.

Александар

 -Енергијата што има меѓу нас е препознатлива и меѓу соработниците и меѓу луѓето. И мислам дека токму таа хармонија што владее тука, љубовта кон книгите, чистотата, се гледа и во нашата работа – се надоврзува Бојан.

А за тоа, како ја гледаат нивната семејна приказна за десетина години, Винка ќе каже:

-Исто како и сега, сплотени и со многу внуци и џева, како од италијанските филмови можеби (се смее). За десетина години нè гледам со умножена љубов. И да сме сите живи и здрави.

И додека го слушав разговорот и го пренесував на хартија, се фатив и самата како се смешкам. Нивната спонтаност и искреност не е лажна, па едноставно не е тешко да се вклопите. Тие се изненадија од тоа колку приказната ги натера да размислуваат, а ние од тоа дека една ваква приказна е реална. За десетина години можеби повторно ќе се сретнеме -  ние да посведочиме за умножената љубов, а тие да ни дозволат пак да бидеме дел од нивните спомени. 

Објавено:
15 февруари 2016
Прочитано:
4.494 пати