Стефан Лупино: Од ноќна птица до Лупинизам

Интервју со •
27 ноември 2014

Наоѓајќи го своето место во познати кругови на медиуми, славни личности и моќници во 80-тите, Стефан Лупино беше во самиот вител на ноќниот клупски живот во Њујорк. Токму тој сегмент од крвотокот на градот кој живее 24/7 беше отскочна даска, неговите фотографии да се најдат на насловните страни на дел од најпознатите списанија ширум светот како Vogue, Europeo, L’Espresso и Playboy. Неодамна овој уметник кој работи како моден фотограф, скулптор и сликар имаше своја изложба во Галерија 8, а ние ја искористивме приликата за да му поставиме неколку прашања. Поради уникатниот пристап во работата и неповторливото мајсторство во занаетот, критиката воведува и уметнички правец во негова чест наречен лупинизам.

„Јас веќе ни сам не знам кој сум, навистина. Живеам во петтата димензија, не знам кој е Стефан Лупино, ама знам дека сега е мошне актуелен правецот лупинизам. Целата моја енергија и креативност е наталожена токму во лупинизмот. Сега само на тоа мислам на ништо друго“, ни кажа Лупино.

Дури и тогаш во раните фази на својата кариера, тој почнува да ги асимилира магичните карактеристики на различните знаци, форми и бои и впечатоците на Њујоршките куратори и уметници. Многу свесно се нурнува во таа средина која е јадро на Њујоршкиот уметнички свет и полека почнуваат да пулсираат како едно битие.

„Јас и денес живеам во Америка, јас сум тука во моментов ама моите мисли, мојата креатива, моите работи се во Америка. Размислувам на американски начин, веќе мошне долго време иако патувам по целиот свет. Њујорк е навистина центар на светот и поголемиот дел од моето творештво е производ токму од таму, не можам да кажам дека е инспирација, туку како еден вид извор каде е собрано се. Њујорк ми е како централа сиве овие години“, раскажува уметникот.

Фотографските кадри станаа негов медиум на изразување. Мошне долг период Лупино е задоволен со својата работа како фотограф користејќи ги сите механички и технички алатки кои ќе му помогнат да ја долови суштината на живите фотографии, за на крајот кај него да се развие потребата за нешто повеќе, за една поинаква форма на изразување каде тој ќе се чувствува вистински свој и ќе биде единствен сведок на своите искуства.

„Модна фотографија работев за Вог, но тоа мене никогаш не ме интересирало, тоа е артифицијално и такви работи не ме интересираат. Тоа го работев само како хоби, истото се однесува и за мојата работа со Плејбој. Тоа не е мојата вистинска вокација, туку  еден вид забавно хоби. Меѓутоа кога фотографирав, моите фотографии имаа свој препознатлив белег и го носеа печатот на лупинизмот. Фотографиите од почетокот на мојата кариера, тоа беа вистинските фотографии, а тоа по што луѓето најмногу ме препознаваа тоа ми е мене неважно. Првите фотографии се оние уметнички, вистински, тука би ги вброил и оние хуманитарните кои ги работев со деца“ вели фотографот.

И покрај тоа што ја имал привилегијата да ги фотографира Мик Џегер, Брајан Фери, Кристофер Вокен, Били Ајдол и да биде во друштво со дел од познатите светски личности, сепак вели дека тој факт не го импонира и дека никогаш не го фасцинирала работата со славните, бидејќи таквите соработки според Лупино го ограничуваат на некој начин.

„Никогаш не сакав да работам со познати личности, бидејќи таквите соработки не ти дозволуваат да бидеш свој. Менаџерите и агенциите ти наметнуваат нивни концепти и правила и едноставно ја ограничуваат твојата креативност. И кога сум имал такви можности гледав да ги одбегнам колку можам. Впечаток ми има оставено Брајан Фери, тој ме покани и на својот концерт. Потоа би го споменал Мик Џегер со кој се сретнавме во времето кога јас го фотографирав ноќниот живот во Њујорк. Се дружев со Кристофер Вокен, па дури и Мајк Тајсон и многу други кои во тоа време се најдоа во моите фотографии и видоа нешто што ги пленеше.  Били Ајдол да не го заборавам, тој ми е пријател, ама сето ова нема  некое големо значење за мене“, ни раскажа Стефан.

Неговата визија ја доловува суштината на животот – која како основа ја има еротиката. Еротиката е тематската срцевина во сите дела на Лупино. За него, сè почнува од еротиката, од неа се создава сета грдотија и убавина, таа заведува, привлекува, одбива, рефлектира, таа е парадоксална, непостојана и постојано расте, се шири и надградува. Неговите дела го слават спектарот на животот и љубовта, убавината на боговите и божиците, ги разголува лезбејките, бисексуалците, танчарите, моделите, раскажува љубови од епски и историски размери како онаа на Цезар и Клеопатра, а третира и икони на 20 – тиот век како Мерилин Монро.

Изработката на скици и цртежи на парчиња хартија, кај него почнаа да раѓаат необични идеи. Стотиците скицирани слики прикажуваат различен аспект за неговите визии на животот и сето тоа визуелно го претставува преку неговата уметност го доведоа до она што е денес.

„Последниве десет години се занимавам со скулпторство и со сликарство. Се инспирирам од силуетите, меѓутоа сметам дека најдобрите фотографии, во однос на скулптура и уметнички слики ми се реализирани со машки модели. Најдобро фотографирам машки актови, а жените секогаш ми беа главна инспирација, но сепак сметам дека машките актови и портрети ми се најдобри. Децата исто така ми се допаѓа да ги сликам, потврда за тоа е соработката со детското издание на Вог Бамбини во Италија“, сподели скултурот.

Во последниве неколку години светот  напредува со константни промени во сите сфери на општественото живеење и воопшто не наликува на сликата од 1980 – тите. Но, во чекор со земјената оска на вртење се менува и Лупино. Неговиот внатрешен порив, за современиот свет ја манифестира неговата креативност преку уметнички слики и скулптури. Неговите дела мошне често се споредуваат со оние на Пикасо и Дали. Тој не наметнува вештачки ограничувања на неговиот дизајн, во неговиот уметнички израз се си има своја форма и приказна која комплетно може да се вметне во неговото творештво кое е окарактеризирано како амалгам од три уметнички правци – фотографија, скулптура и сликарство. Неговата уметничка игра на силуети и варијации во поглед на дизајнот се претопија во акрилот и маслото на метарски долгите платна но се излеаја и во металот, бронзата, железото  и дрвото на неговите мегаломански скулптури високи и по четири метра.

„Сега почнав да ги промовирам моите дела од областа на скулптортвото и сликарството. Минатата година имав една изложба во Њујорк и сега планирам неколку мали изложби ширум светот за да се запознаат луѓето целосно со лупинизмот. Моите дела се големи, комплексни, треба внимателно да се пренесуваат, требаат бродови, камиони, не можам јас моето творештво да го пренесам во куфер. Последната скулптура што ја изработив тежеше 360 килограми, дел од нив се високи има по четири метри. Всушност во просек се високи по два метра и имаат 200 килограми и за да се одржи изложба треба навистина голема организација. И моите уметнички слики се големи. Платното на кое цртам е со ширина од 1.70 сантиметри. Во просек по метар и половина“, ни кажа сликарот.

Неговите скулптури, направени од дрво и метал се истовремено атрактивни и одбивни. Во создавањето на нивната композиција, издлабеното дрво е во комбинација со остри, метални компоненти. Инкорпорацијата на овие елементи во декоративната уметност – мебелот,  вродува со создавање на нов производ – столици кои се уникатни и оригинални како во однос на изгледот, дизајнот, структурата, така и во однос на намената, бидејќи тие се на некој начин кралски, раскошни што ги прави единствени и не враќаат во времето на Луј XIV. Неговите бронзени, величествени дела прво ги обликува со глина, а потоа ги опсипува со бронза. Самата изработка се карактеризира како уметнички дела кои се безвременски, закотвени во едно време, а со големината се издигнуваат до ѕвездите што не тера да помислиме дека можеби неговите скулптури сакаат да ни ги откријат тајните на едно волшебно и магично патување.

„Се што имав мое се вложив во моите цртежи и скулптури, целиот мој свет е вложен во тоа. Систематски работам на ова, а фотографирам понекогаш повеќе за забава. Би фотографирал и обична девојка или жена која би го посакала тоа од мене само под услов таа да вреди, да има нешто во неа, енергија која би ме привлекла и мене и мојот објектив“ вели за крај Лупино, кој воедно напролет најави голема изложба специјално за македонската публика.

Лупиновата интерпретација на реалноста, неговите трансформации на обични во вонсериски дела се фалсификувани преку неговата употреба на различни медиуми и алатки што ги користи, спој на боја и платно метал и дрво, фотографски бленди и објективи, сите заедно ја создаваат неговата визија. Неговите интерпретации на хумор и иронија, љубопитност и симболика се толку одлично изразени во неговото творештво. Ставовите на уметникот за длабочината и американската сеприсутност во светот на неговата работа, зборува за него самиот. Вас ви преостанува да се обидете да го слушнете!

 

Објавено:
27 ноември 2014