музичар

Стравот е најголемиот непријател на човекот

Интервју со
Роберт Билбилов
23 јуни 2016

Роберт Билбилов е дефинитивно еден од најталентираните македонски музичари на сите времиња. Тој стои зад некои од најголемите македонски хитови било кога направени, но и самиот има импресивно портфолио кога се авторските песни во прашање. Ние имавме чест да направиме едно поинакво интервју со него и фотосесија заедно со неговиот син Давид. Разговаравме за тоа како најчесто сакаат да го минуваат заедничкото време, што Давид наследи од него, кој е најважниот совет што сака да му го пренесе и уште многу други интересни теми. Дека Давид меѓу другото сака да биде и актер, беше и повеќе од очигледно, благодарение на неговата хиперактивност и уживање во секој момент од фотосесијата. Во продолжение, читате за убавините на единствената татко – син врска, но дознавате и нови и интересни работи за Роберт Билбилов.

Уживајте!

 -Како најчесто го поминувате времето со Давид? Што тој најмногу сака да прави?

Секогаш е различно, зависи од времето и од расположението, но најчесто сме во некој од нашите трговски центри, некаде на ручек, а кога беше мал, задолжително одевме во игротеки.

-Како на почетокот се соочивте со предизвиците да бидете татко?

Тогаш беа поинакви времињата, јас имав само 24 години и бев во екот на сите случувања, имав ноќни свирки, преку ден работев во студио, а од сабајле го чував Давид и ми беше задоволство, бидејќи тој ме полнеше со енергија, па така компензирав со сите случувања и предизвици што ги имав тогаш.

-Што тој наследи од Вас?

Многу работи, вака физички е повеќе од очигледно, но има и доста карактерни особини, на некои се радувам, а на некои не (се смее).

-Кои се Вашите најголеми стравови?

Стравот е најголемиот непријател на човекот, но прво мораш да го лоцираш проблемот и да го елиминираш, или намалиш на минимум. И јас имам свои стравови, но се тековни и наоѓам начин да ги надминам.

-Кој е најважниот совет што сакате да му го дадете на Давид?

Секогаш да биде свој, да ги сака и почитува луѓето кои се околу него... и да не верува никому...

-Какви таленти има тој, во која професија се пронаоѓа себеси?

Давид досега има добиено неколку дипломи, беше на цртање, беше на глума, одеше на пливање, тенис, англиски и слично... Денешниве деца се многу поразлични од нас и дефинитивно се поинтелигентни, но што ќе одбере Давид како професија, оставаме на него, не сме од типот да форсираме...

-Што значи љубовта за Вас?

Движечка сила со која живеењето има смисла.

-Кога и каде бевте најсреќен?

Секој период од животот си носи убави и лоши моменти, но најсреќен си секогаш кога си реализиран и со луѓето околу себе, само таму ја наоѓам среќата и само тогаш сум најсреќен.

-Какви приказни може да очекуваме од Вашето ново студио?

Приказни без крај...

-Работите ли на некој друг музички пазар, освен на македонскиот?

Своевремено, работев доста на други пазари, но никогаш не го запоставив нашиот. Едно време бев и презаситен од работа и решив да се сконцентрирам на нашата естрада, бидејќи тоа очајно нѝ треба на сите нас, па ги „засукав“ ракавите и ќе дадам сѐ од себе за да го променам тоа. Следете ме, само така и вие помагате...

-Која е песната за која сметате дека остави најголем впечаток во Вашата кариера?

Па искрено, имам неколку, но во последно време „Тажна љубов, среќна песна“ е песната која сите ја примија, но тоа не значи дека е и мојата најдобра. Најдобра песна е онаа која ќе ја прими народот, односно треба да ги „фатиш“ во период кога се расположени за таква песна. Едноставно е, а многу комплицирано ако седнеш да ја направиш.

-Кои се Вашите херои од реалниот живот?

Пријателите...

Роберт и Давид се облечени во комбинации од Springfield и Okaidi

Објавено:
23 јуни 2016
Прочитано:
4.424 пати