Артист

Танцот треба да биде задолжителен дел од образованието

Интервју со
Ивана Балабанова
27 јуни 2019

„Големите танчари не се големи поради нивната техника, туку поради пасијата со која танцуваат“! Ова е можеби најдобрата реченица со која можеме да ви ја претставиме нашата денешна соговорничка чија пасија за танцот е едноставно нескротлива. Сопственичка, кореограф и танчар во студиото Beatrix Crew, Ивана Балабанова живее за танцот. Неодамна, таа и нејзиното студио ја организираа јубилејната, петта по ред Beatrix Dance League каде неколку дена танчари од Македонија и целиот свет уживаа во магијата наречена танц. Таа беше дел и од музичкото шоу М2 каде секогаш покрај пеењето воодушевуваше и со фантастичните кореографии по кои и денеска е позната. Секојдневно, таа ја пренесува нејзината љубов кон танцувањето на малите и големи таленти во студиото, а од разговорот во продолжение ќе сфатите за каква љубов станува збор.

-Како се вљуби во танцот?

Паметам дека уште кога бев многу мала уживав да ги гледам индиските филмови во кои има многу танцување, а во тоа време беа актуелни и ирските танци кои од кои гледав перформанси на телевизија и се обидував да ги повторам брзите движења на нозете. Можеби многу голема улога има и мојата нана која од мала ме вовлече во светот на уметноста, музиката и танцот со сите нејзини домашни перформанси. Сепак, кај мене дома сите се љубители на танц и музика и некако отсекогаш сум била опкружена со тоа, па можеби природно се случи сè. Потоа кога веќе започнав да танцувам, штом еднаш заиграв, желбата само се разгоруваше повеќе со секој изминат ден.

-Вистина ли е дека танцувањето лечи сè?

Не би можела да речам дека лечи сè, но, несомнено ѝ помага на душата да биде среќна. Танцот е еден неверојатен канализатор на енергија, медиум преку кој можеш да исфрлиш секаков вид на емоција и како таков, ја лечи душата.

-Накратко, твоите импресии од Beatrix Dance League 5…

Beatrix Dance League 5 е проект кој е создаден со многу љубов и со намера да споделува љубов. Како дел од организацискиот тим, а и поради огромниот обем на работа и обемната програма немав многу шанса овој пат да се вклучам во работилниците или во забавниот сегмент, затоа се чувствувам дека не успеав да доживеам сè како што имаа прилика останатите. Сепак, насмеаните лица, позитивните коментари, сите благодарности кои ги добив од учесниците ми го полнат срцето и само ме потсетуваат зошто ја започнавме оваа приказна. Лигата му е потребна на Скопје, на Македонија. Среќна сум што со тимот успеавме да создадеме настан кој задоволува светски стандарди, но, и кој донесе на сцената многу новитети и концепти. Среќна сум и што благодарение на лигата, на наше тло имавме прилика да учиме од светски реномирани кореографи и танчари како Дилан од Англија, Кензо од Холандија, Батала од Германија, Јаја од Америка и Парадокс од Холандија.

-Која е приказната на Beatrix?

Уф, интересно прашање. На истово би можела да одговорам раскажувајќи ја историјата на Beatrix, што се случило неколку пати до сега, но, и многу едноставно би можела да речам дека Beatrix е приказ на едно семејство, во кое сите актери се неповрзани по крв, но се поврзани силно со многу љубов и поддршка. Приказната за Beatrix започна како една скромна желба за искрен танц, а прерасна во промотор на урбана култура, активна работа и волја за пренесување на квалитетни врености и поткрепа за младите. Денес Beatrix е центар кој брои голем број на членови, но многу повеќе од тоа, Beatrix е колектив од деца, млади и родители, кои преку самиот систем кој ги филтрира оние кои се способни и желни да работат на себе, да допринесуваат и да бидат проактивни, создава заедница која носи промени.

-Има ли таленти во танц во Македонија?

Талентот е несомнено присутен и тоа во голема мера. Вистина е дека ние Македонците сме родени за танц и музика. Уште повеќе, со начинот на кој се одвиваат нештата, со достапноста на информации и можности за доедукација, јас сум вчудоневидена од неверојатниот напредок на децата. Во мое време го немаше тоа. Денес едно дете игра поквалитетно од искусен танчер кој е над десет години на сцената.

-Што е она што го сметаш за твое најголемо достигнување?

Има многу награди и достигнувања кои ми се драги. Двете вицешампионски места на Светското првенство во модерни танци, трите танцови претстави: „Издигнување“ (Танц Фест 2013), „Делови“ (катна гаража „Македонска Фаланга“ 2016) и „Тишина“ (2018 МОБ), сите танцови лиги, успешни проекти со УНИЦЕФ, VIP, наши артисти... но сепак, она што го сметам за мое најголемо достигнување, а е нешто што континуирано се повторува е што знам дека сум имала учество во раѓањето на љубовта за една прекрасна уметност во срцата на многу млади. Тоа и нивната среќа што се дел од нашето семејство, како и мотивацијата и волјата да вложуваат во себе како последица на нашата работа.

-Какво влијание има танцот врз општеството?

Сметам дека секое дете треба да танцува и стојам зад тоа дека танцот треба да биде задолжителен дел од образованието. Пред се’, тој е еден совршен начин да преку игра и забава се пренесат поуки за здрав живот, дисциплина и грижа за себе. Совршен медиум за создавање на тимски вредности, емпатија, волја за соработка, грижа за останатите, поткрепа, поддршка..тој е навистина промотор на позитивни вредности секогаш кога се практикува соодветно и како таков е неопходен.

-Која е Ивана кога не танцува?

Многу е тешко да се погледнеш себеси од страна, како би кажала нешто што ќе биде целосна вистина. Сепак, начинот на кој јас се доживувам, на страна од она како ме доживуваат останатите, е како една прилично едноставна девојка, која е водена од огромна љубов и волја да делува на светот, а како контраст,  честопати уморна од премногу луѓе и настани и која ужива во самотијата и квалитетното време поминато со себе. Љубител сум на долги разговори од кои можеш да извлечеш поука, филмови и книги, квалитетна музика, уметност од секаков тип.. Сакам да уживам во животот и се радувам на мали нешта, а она што најмногу ме радува е кога меѓу луѓето ќе најдам човек, кој има обѕир за останатите, волја да биде поткрепа и поддршка и кој се бори за подобро утре на сите.

-Кога ќе го споменеме М2, на што прво се сеќаваш? Какви се твоите спомени од тој проект и зошто не продолжи со кариерата?

Кога бев дел од М2 бев поприлично мала. Се сеќавам на ладните денови во тогашно Колосеум и тоа колку бев уморна. Мислам дека сега не би била дел од такво шоу повторно. Пред сè, поради тоа што музиката ми е толку драгоцена, што немам потреба да ја изведувам наоколу, туку само сакам да ми ја храни душата секогаш кога имам прилика за тоа. Не продолжив со музиката поради танцот. Во исто време се занимавав со музика, танц и фотографија, а паралелно со школо, факултет. Сфатив дека треба да се одлучам за едно како би можела да бидам доволно добра во истото. Го одбрав танцот. Но, ќе бидам искрена дека ми фали повторно да пеам. Често си компонирам своја музика. Не сум музички едуцирана, но, како и кога бев мала, штом седнам пред пијаното, дирките се тука и можностите се бесконечни, па така и веројатноста да создадеш нешто што ќе ти се допаѓа. Би сакала еден ден да и се вратам повторно, но овој пат комплетно за своја душа.

-Кореографија или танцување?

Сметам дека секој кореограф треба прво да биде квалитетен танчер како би можел да почувствува на своја кожа и преку својот систем да исфилтрира сè, за да го пренесе соодветно. Исто така, многу од кореографиите се создаваат преку слободното танцување. Затоа, не би можела да се одлучам. Верувам дека во еден момент, нема веќе да бидам во можност да танцувам како порано или сега, па ќе треба да се посветам исклучиво на кореографија, но се додека можам ќе ги правам и двете.

-Колку е важен стилот за еден танчар? Колку внимание му посветуваш ти?

Стилот е нешто што треба да биде одраз на душата. Во времево во кое живееме сите се трудиме да следиме некои трендови, а она што забораваат луѓето е дека или ги живееш нештата или живееш туѓ живот. Најважното е да се чувствуваш добро во своја кожа. Јас знам да се облечам и како што би изгледало дека треба еден танчар, а некогаш сосема спротивно од тоа. Мојот гардеробер е полн со контрасти и широк дијапазон на различни парчиња. Идејата е секогаш во душата и во тоа како се чувствуваш, и само тогаш ти ја носиш облеката, а не таа тебе (се смее).

-Придобивки и заблуди околу танцот?

За мене, танцот е најголемиот учител. Преку него научив како да сакам посилно, како да верувам, како да се борам, како да вложувам и инвестирам во себе, како да се организирам и да делувам, како да помагам на останатите и на општеството...и уште многу, многу нешта. Заблуди околу танцот има многу. Прво околу тоа дека не може да биде повеќе од хоби. Потоа, околу тоа дека танцот треба да биде платформа за осојување на награди и признанија од секаков тип на натпревари и организации. Одговорно тврдам дека танцот не само што не е хоби, туку е цел живот за некои од нас и стил на живот. А наградите не значат ништо во споредба со чувството на радост кога танцуваш. Само оној кој стигнал до таму и кој е способен да си ги остави срцето и душата на сцена, без да размислува на опкружувањето во моментот додека танцува, само тој го достигнал врвот и е веќе победник, пред сè за себе.

Објавено:
27 јуни 2019
Прочитано:
827 пати