Ракотворец

Timeless Filigree – сентиментален танц со сребрената жица

Интервју со
Маја Стевческа
23 јули 2018

Со Маја Стевческа се запознавме пред две години, за време на креативните обуки што ги обезбеди модната куќа Елена Лука, преку проектот „Економско зајакнување на млади девојки и жени". Беше невозможно, а да не се забележи нејзината доминантна креативна енергија и елан таа да добие опиплива форма. Беше сигурна во ставот дека наскоро ќе го искористи својот талент, стимулирана во окружувањето за време на обуките и ќе стартува сопствен бизнис, иако тогаш уште недефинирано во кој правец. После две години, поторно се сретнавме со Маја. Средбата ја закажавме во нејзиното ателје за изработка на филиграни, едно магично мало катче во нејзиниот дом каде таа создава свој свет од сребрена жица. Помеѓу шарените саксии со цвеќиња и бесконечната имагинација како креатор на новите идеи, со широка насмевка нè пречека Маја, сега веќе искусна филигранистка со серификат за нејзиниот талент...

Маја, ние се запознавме на креативните обуки што преку Фондацијата Елена Лука беа организирани во нашата модна куќа. Во меѓувреме, до нашата денешна повторна средба, како се развивавте професионално?

-Во меѓувреме изработував накит во техниката Crochet, за мојата колекција Little Miss Mia, но бидејќи по природа сум љубопитна, жедна секогаш да научам повеќе и да се унапредувам себеси, решив да се запишам на курс по филигранство.

Направивте еден исклучително храбар, но пресметан исчекор и стартувавте сопствен бизнис. Иако сè уште сте во самиот зародиш, сепак може ли да го споделите искуството – кој за Вас лично е најмотивирачкиот поттик за оваа одлука?

-Да, убаво кажавте. Направив храбар и решителен чекор, бидејќи бев сигурна дека на овој начин можам да заработувам за своето семејство, што се покажа како правилна одлука. Ме мотивираше слободата на самата работа. Односно, јас, како мајка на три деца, да можам во било кое време од денот да им бидам посветена, а работата да не го трпи тоа и обратно, да можам во било кое време од денот да бидам креативна и да работам.

Филигранот во процесот на креирање, го бара не само Вашето внимание, прецизност и посветеност, туку и љубов, сентиментална релација, танцување по „нотите" на сребрената жица...

-Филигранот на нашиве простори се изработува и опстојува со векови и може да се каже дека важи за наш бренд. Самиот процес на изработка на едно парче накит е доста тежок и макотрпен и бара многу концентрација, љубов и креативност и е целосна рачна изработка, од спремањето на видовите сребрена жица до финиширањето на самиот производ. Моите изработки се уникатни, изработени да одговараат на сечиј стил и вкус, традиционални, модерни, а со самото тоа стануваат и безвременски. Многу често пред да започнам со изработката на едно парче накит, во главата имам една слика за изгледот на тоа парче, но во текот на изработката добивам нови идеи, па накитот на самиот крај е сосема различен од првобитната замисла. Често знам да се заиграм, па правам интересни комбинации на сребро со разни природни материјали како кожа, свила, полускапоцени камења и сл. Во самиот накит вметнувам и охридски бисери, циркони и т.н. Во секој случај, највозбудлив ми е моментот кога една жена или девојка со воодушевување ќе стави на себе мое парче накит. Тогаш знам дека сум успеала да го постигнам она за што ја работам оваа работа, а тоа е да направам ние жените да се чувствуваме посебно и магично во секој момент и прилика. Засега моите изработки можат да се видат и купат на мојата Facebook страница Timeless Filigree и на веб страницата www.mayastevceska.com а наскоро ќе можат да се купуваат и на неколку локации низ Скопје и на познати интернет страници надвор од Македонија.

Какви се можностите во нашата земја за преквалификација или доквлаификација која би водела до поголеми можности за самовработување? Што говори Вашето лично искуство?

- Моето лично искуство кажува дека се нудат многу можности за преквалификација. Конкретно, кога решив да се запишам на курсот за филигранство кој го посетував преку Агенцијата за вработување на Скопје, се нудеа можности за бесплатно изучување на стари занаети, курсеви за странски јазици, компјутери и сл. Се со цел невработените да добијат повеќе шанси да дојдат до сигурна работа

Зошто одлуката за сопствен бизнис падна токму на изработка на филиграни?

-Велат дека за да бидеш продуктивен, треба да ја работиш работата што ја сакаш и која те исполнува. За мене изработката на филигран е токму тоа, мојата работа од соништата и токму затоа се решив да го спојам убавото со корисното.

Каква беше Вашата прва средба со филигранот, посетувавте специјални обуки...

-Подолг период наназад кај мене тлееше желбата да го научам филигранството. Кога дознав дека Занаетчиската комора на Скопје во соработка со Агенцијата за вработување организираат курсеви по филигранство, без размислување се пријавив. Првиот контакт со тенката сребрена жица, за мене беше љубов на прв поглед. Толку се вљубив во оваа техника, начинот на изработка на накитот, слободата која ја имам во дизајнот. Беше посилно од мене и знаев дека ова ќе стане мојата животна преокупација. Успешно ја завршив обуката кај нашата позната филигранистка и инструкторка Елена Поповска, на која сум и неизмерно благодарна што несебично ги сподели тајните на овој уникатен занает.

Деликатниот процес на изработката на филиграни бара и посебен, инспиративен амбиент. На каква музичка позадина сакате да творите?

-Музиката е дел од моето секојдневие. Не седнувам да работам без музика. По природа сум многу романтична, ведра, весела, па така, во зависност од тоа како сум расположена, слушам латино, балади, некогаш инструментална музика, а често и актуелни странски поп хитови.

Постојат ли доволно платформи во нашата земја за промоција на ракотворците и нивните уникатни изработки. Какво е Вашето искуство во оваа насока?

-Секако дека постојат. Но, не секому се достапни. Често самото учество на некоја од нив е прескапо за самиот уметник да може да си го дозволи. Но, за среќа ја имаме најголемата и најбесплатната платформа - интернетот и социјалните мрежи, каде секој уметник може да си го пронајде своето место под сонцето и ја има целата слобода да може да се презентира себеси на начин на кој тој смета дека е доволно добар за него.

 

Објавено:
23 јули 2018
Прочитано:
481 пати