Портпарол на ЗОО Скопје

Тина од ЗОО Скопје: Подарете љубов - не им давајте храна на животните во зоолошка!

Интервју со
Тина Мицковска
25 март 2019

Неодамна нè израдува информацијата дека скопската Зоолошка градина имала рекордна посетеност од 12.000 луѓе во еден ден! Во загаденоста од негативни информации во медиумскиот простор, оваа убава вест ни го сврте погледот кон убавите нешта во животот.

Воопшто не се двоумевме по убавата вест, да ја побараме Тина Мицковска која работи на позицијата за Односи со јавност во ЗОО Скопје, да седнеме на еден убав кафе муабет во кој таа ќе ни раскаже за сите актуелни и активности во најава.

Тина со миленикот на сите вработени во ЗОО, Козле

Несомнено дека зоолошката градина покрај забавна, има и едукативна и социолошка функција, па уште додека го договаравме интервјуто со Тина, знаевме дека ќе имаме широка лепеза на теми за разговор.

Веројатно сите сте почувствувале дека откако од урбаната градска џунгла, ќе преминете во светот на зоолошка, ве смирува некоја посебна, позитивна енергија, а ние тоа можевме да го посведочиме рано наутро додека сè уште немаше голема фрекфенција на посетители и додека првото утринско кафе го пиевме со Тина, а во меѓувреме вработените посветено ги обавуваа своите утрински обврски.

Уште поголема радост при нашата посета на зоолошката ни донесе и информацијата дека неколку часа пред нашата средба со Тина, добиле нов член на семејството, малото пони Лука, па денот не можеше да биде повеќе совршен од што е.

Тина не само што беше расположена да ни одговори на сите наши прашања, туку нè прошета низ зоолошка и ни овозможи да ги запознаеме и од една поинаква перспектива и жителите на зоолошката, но и вработените кои се грижат за нив и за кои посведочивме дека тоа го прават со безусловна љубов.

Разговорот со Тина го започнавме со темата, како таа стана дел од семејството на ЗОО Скопје, иако тоа не е ниту случајност ниту изненадување...

-PR работам со години и секако продолжувам да си ги работам тие фестивали за кои бев ангажирана и претходно, но бидејќи сум активист за правата на животните, доста често доаѓав во зоолошка и навистина се грижев што се случува со животните овде. Дознав дека воопшто немаат лице за односи со јавност, PR, па со години воопшто не се објавуваше ништо онлајн за нашата зоолошка. Ги прашав едноставно, дали ви треба PR и нормално откако доставив план како би работела на тоа поле во текот на оваа година, имав среќа и бев примена за позицијата за PR и портпарол.

И мора да се согласиме, дека сега скопската зоолошка е многу „повидлива" по медиумте, во споредба со порано.

-Луѓето навистина сакаат да дознаат што прават овде животните и да ги запознаат одблиску. Порано информаците биле пооскудни и не се зборувало многу за тоа што се случува во зоолошката, но сега ситуацијата е многу поразлична. Сега сите се информирани секојдневно што се случува со животните и многу ми е драго што знаат како се викаат жирафите, слониците, коњите, мајмуните... Се надевам дека во иднина така и ќе продолжиме. Секогаш сакам да ја доближам до јавноста реалната слика во зоолошката. Ги пренесуваме и добрите и лошите вести, животот и смртта се дел од циклусот. Пренесуваме и кога некое животно ќе угине. Не знам зошто во минатото за тоа многу не се зборувало, а реалноста е таква и циклусот на животот е таков. Затоа секогаш се трудиме да бидеме најтранспарентни и заедно со здруженијата за заштита на животни ќе работиме за подобрување на условите во зоолошка.

Работната позиција на Тина несомнено нуди големо задоволство, но истовремено бара и голема одговорност. Па ја прашавме нашата соговорничка кои се предизвиците со кои периодов особено се соочува...

-Периодов покрај тоа што работиме на тоа да бидат што подобри условите за животните, бидејќи сепак живеат во заробеништво и не им е лесно, сакаме да им направиме што повеќе реквизити и занимација и живеалиштата да бидат што поприродни. Работиме првенствено на тоа и има доста работа. Второ, најголем предизвик е да се едуцираат посетителите, дека НЕ СМЕАТ да се хранат животнте. Хранењето навистина предизвикува големи проблеми кај животните. Посетителите многу често им даваат да јадат зелка, а тоа може многу да им нашетети. Затоа апелирам постојано и тука сум волонтерски и секој викенд и ги советувам посетителите дека не смеат да се хранат животните. Но, за жал понекогаш тоа нема никакво влијание и затоа ќе мора да воведеме казни.

И покрај тоа што нивото на свеста кај посетителите е зголемено во однос на ова прашање, сепак предизвикот на оваа тема сè уште постои.

-Неколку месеци по ред пробуваме да ги едуцираме посетителите со разни кампањи, свеста се покрена, но сепак има голем број луѓе кои што тоа не го почитуваат. Затоа во план ни е да преземеме дополнителни мерки. Ќе продолжме со кампањи, ќе поставиме табли со кодекс на однесување, куќен ред на зоолошката, нови таблички со назнака „Забрането хранење" на повеќе јазици, ќе има и флаери и постери, па се надевам дека за неколку месеци уште повеќе ќе се зголеми свесноста.

Зоолошката има функција и да образува, да едуцира, социјализира, но и и да го поттикне хуманиот дух на граѓаните. Се почесто сме сведоци на различни хуманитарни акции во организација токму на ЗОО Скопје.

-Како тим сите сме многу емпатични. Кога работите во ваква средина со животни, нормално е човек да биде чувствителен. Затоа и со директорот се договоривме што повеќе да правиме хуманитарни акции, односно да ги отвориме вратите за секој кој ќе побара помош. Освен хумантарни акции, често организираме и работилници за деца со посебни потреби со пречки во развој како и со деца во социјален ризик. И понатаму ќе продолжиме со тоа темпо и за овие деца вратите на зоолошката се секогаш отворени бесплатно.

Во секое живеалиште и во секое семејство во зоолошката, се крие по некоја интересна приказна. Ја прашавме Тина, која е нејзината омилена?

-Не знам од каде да почнам. Има навистина доста интересни приказни. Мене на пример најинтересни ми се (иако за нив не се зборувало многу по медиуми) фамилијата на мајмуни Макаки со свински опаш. Се работи за една фамилија, јас што викам „македонска фамилија". Таткото Мики, мајката Мима и трите деца Муфка, Бобо и Кристина. И кога човек ќе застане кај нив да ги набљудува некое време, буквално ќе си се пронајде (се смее). Доста се интересни и мислам дека најголем дел од денот сакам да го поминувам кај нив, бидејќи Мики нè препознава сите вработени и често нè поздравува.

Нам особено пријатно нè изненади иницијативата на ЗОО Скопје за пролетно разубавување на истата, а во кое учество може да земе секој од нас. Побаравме од Тина да ни објасни конкретно за каква кампања се работи.

-Да, имаме проект односно кампања за пролетно разубавување на зоолошката „Креирај и донирај" на која што се пријавија доста македонски уметници пред сè, а потоа и граѓани кои што сакаат да помогнат, како и доста општествено одговорни компании кои ни помагаат. Први пристигнаа диносаурусите на Андреј Миневски како дел од кампањата и си го најдоа своето место. Од други скулптори очекуваме и многу други скулптури кои што ќе бидат поставени во зоолошката. Во потрага сме по донатори на бои и спрејови кои што ќе ни овозможат уметниците да ни насликаат околу 20-тина ѕидови во зоолошката, бидејќи се пријавија доста млади и талентирани луѓе кои што ќе цртаат графити, мурали и пејсажи. Ми беше многу интересно тоа што од повеќе градинки ни донесоа реквизити изработени од дечињата. Апелирам и во иднина кој сака да ѝ помогне на зоолошката и има добра идеја, слободно нека дојде или нека ни се обрати. Ќе го пречекаме со задоволство.

Иако уживавме во разговорот со Тина и воопшто во опкружувањето, сепак мораше да го привршиме интервјуто и да им ја препуштиме нашата соговорничка на секојдневните обврски. Па заокруживме со прашањето, што ново ќе донесе новата сезона во ЗОО Скопје?

-Моментално сме најзафатени со чистење и со средување на целата зоолошка, бидејќи почнува пролетната сезона. Во тек е чистењето и на двете големи езера, бидејќи мислам дека не беа исчистени повеќе од 13 години. Конечно се нафативме на тој голем потег, што навистина одзема доста време. Исто така се средува и делот околу езерцата. Ќе почне и изградбата на живеалиштето за фламингата, а го подготвуваме и проектот за „Дино паркот" кој што ќе биде една голема атракција, бидејќи се работи за еден голем проект што вклучува дури 40 диносауруси изработени во природна големина и мислам дека со тоа ќе привлечеме туристи и од страна не само од нашата држава. Чекаме и нови животни, ќе дојдат зебри, фламинга, а ќе има и голем настан за враќањето на шимпанзото Коко. Ни требаше доста време да го направиме соодветно живеалиштето за Коко бидејќи изработката на такви живеалишта бара многу работа и посвета на многу детали, кои што можеби не се приметуваат, но шимпанзата се доста интелигентни и буквално само ако една жичка не е на место може да има негативна последица. Се надевам дека најдоцна во април, Коко веќе би требало да се врати.

Локацијата која е планирана за големата атракција „Дино парк“

 

 

 

 

Објавено:
25 март 2019
Прочитано:
1.268 пати