Тони Зен: Внатрешниот изглед е најважен во овој материјален свет!

Интервју со •
31 јануари 2014

Доколку се прашувавте каде е она момче со ултра популарен стил меѓу младата популација, урбани песни и неверојатно позитивна енергија, не грижете се – овој пат не е на пуст остров, туку само зема „активен“ одмор од животот. Супер тренди, во сосема шик и стилски парчиња се појави и на попладневното интервју за Fashionel во омилениот Concept 37, за каде се шегува дека веќе го сметаат за вработен. Тој беше и повеќе од расположен за со нас да ги сподели тајните на здравиот и убав живот полн со енергија и стил. Иако паузира, тивко „готви“ нови музички, но и дизајнерски десерти за сите негови фанови. Во продолжение, само за нашите читатели тој говори за неговите стилски тајни, за доброто однесување и пред се, почитта кон себеси и она најважното – здравјето кое го става на пиедестал – Тони Зен!

На сцената се појави сосема „со твој стил“, со кој на младите им покажа дека и кај нас има музичари што навистина знаат да се облечат урбано и тренди. Од почетоците токму по Урбана димензија, па сѐ до последните остварувања, како еволуираше стилот на Тони?

Па дефинитивно со промени. Јас отсекогаш сум го сакал оној лежерен стил и парчиња облека во кои ми е удобно и во кои уживам, иако понекогаш сум правел експерименти. Една моја препорака до сите - што и да облекуваат, нека им биде пред се удобно и нека се чувствуваат убаво во она што го носат. Што се однесува до моите почетоци, секогаш одбирав спортски комбинации бидејќи и самиот бев фискултурец и уште кога бев средно, сакав да се облекувам во лежерни, раперски комбинации што секако вклучуваа широки парчиња облека. Можеби за останатите беше смешно бидејќи не беа навикнати на таква хип – хоп култура пред повеќе од 15 години. Сега веќе не е така - не импровизираме како што тоа беше случај тогаш кога купувавме неколку броја поголеми фармерки само за да ни бидат широки. Денеска секој има можност да си влезе во бутик и да излезе како рапер. Во тој стил се движам и денес, но со промени. Како што тече времето ни се изоструваат критериумите и вкусот и потоа се друго останува на изборот. Сите промени што сум ги правел, секогаш биле умерени. Сите промени сум ги правел затоа што јас сум го сакал тоа, никој не ме присилувал. Сакав да носам и класични костими со класични чевли и во времето кога имав суканици, значи сакам да кажам дека и кога сум бил приврзан за таа култура јас сум сакал да експериментирам. Последниве две, три години не сум толку посветен со мислите на тоа да правам вакви или онакви комбинации затоа што мислам дека доволно инвестирав во тоа, затоа што секој настан и појавување, сум сакал да имам добри комбинации. Штета што светов ни е таков материјален каков што е, и што луѓето се оценуваат според надворешноста, а не според она што го носат внатре, меѓутоа јас се трудам да направам некој баланс.

Колку според тебе изгледот на еден музичар – „интелект“ е важен за неговото пробивање на сцената и за стекнување на довербата и почитта кај публиката која многу често се случува да го копира и обожува стилот на омилените музичари?

Повторно ќе кажам дека е штета што е тоа така, но надворешниот изглед продава и е многу важен. Но, тоа важи за оние што се во таа голема музичка машинерија. Оние алтернативните артисти не гледаат на тоа воопшто и можат да носат една иста облека цело време и да настапуваат, да прават музика и да им оди одлично. Но, ако си веќе во тој шаблон, во таа индустрија кодот е тој. Ти мораш постојано да се менуваш, да носиш различна облека и да го следиш трендот. И нормално, она првото што луѓето го гледаат е надворешниот изглед и тој секако „пали“. Можеби во иднина воопшто нема да биде важно тоа како изгледаат луѓето од надвор, но сега за жал сѐ уште е така и треба време за тоа да се смени. Јас секогаш се обидувам да бидам искрен во облекувањето, да бидам природен и да ми биде удобно, без разлика на пригодата. Секогаш сакам да бидам во хармонија со амбиентот, со природата, со моето расположение. Она што е најважно е да не се обидуваат да експериментираат без претходно доволно да се информираат.

Кој светски музичар од твојот домен го сметаш за исклучително успешен и „повеќе од рапер“ кога станува збор за стилот или генерално, кои според тебе се мажи со стил?

Искрено, не знам, не сум посветил многу внимание на тоа. Од кај нас еве, иако не се во мојот домен, би ги издвоил Иво Јанковски и Бобо „Дајнерс“ кои имаат некаков „сенс“, имаат нешто во себе и знаат како треба со стилот. Има и други, но не можам сега да се сетам. Од надвор, мислам дека оние што се големи ѕвезди и не толку се грижат, затоа што сме виделе многу фотографии од нив во приватниот живот како функционираат со тренерки, маичка, капче и патики и не се вознемируваат да прават некои комбинации. Кога веќе треба да се појават на некои настани, околу нив има многу дизајнери, стилисти и шминкери што ги средуваат и потоа цел свет ги сака. Нивното вистинско битие кога се на прошетка или слично, кажува многу други работи. Јас мислам дека секој човек ја сака таа удобност и лежерност без да му се наметнува стил од некој моден експерт.

Светски дизајнер кој според тебе ги има вистинските „сетила“ за добро скроена комбинација и во чии парчиња би сакал да живееш секој ден?

Џон Варватос! Особено онаа кампања со моите фаворити, тие се мојот омилен хип – хоп бенд „The Roots“ и тоа за колекцијата есен/зима за 2011 година. Тоа е всушност мојот стил, тоа е она вистинското како треба да изгледа една оригинална и креативна модна кампања без сите оние клишеа и стереотипи на кои сме навикнати.

Кои се според тебе карактеристиките на впечатливиот маж, допадлив за девојките кој е олицетворение на вистинскиот „суперзен“? Добриот аутфит или пак широката насмевка и сјајот во очите, се пресудни за добар прв впечаток?

Ако мене ме прашувате, дефинитивно најважна е искреноста и оригиналноста пред се во однесувањето и начинот на прикажување на тоа што го носи човекот. На пример, некогаш ќе видите некој што носи нешто во што му е неверојатно неудобно и тој човек изгледа како да нема воопшто самодоверба. За разлика од нив, има луѓе што се облечени како што си сакаат тие и како што од внатре се чувствуваат и тоа апсолутно се гледа и од надвор преку нивната насмевка, очите и однесувањето. Покрај облеката, можам да кажам дека „купуваат“ и добро избрани реченици и кокетирањето. Тие се дефинитивно вистинските работи за оставање на добар впечаток. Вистинските човечки вредности во комбинација со добро одбрано парче на себе и бои што се добро искомбинирани - тоа според мене е идеално.

Како ти во моментов се грижиш за твоето тело, со оглед на тоа што порано беше многу активен на полето - фитнес центар во „твојот град Скопје“? Колку ги почитуваш основните правила за добро здравје и одржување во форма?

Јас сѐ уште вежбам, но можеби не толку интензивно како што беше случај порано. Во моментов може да се каже дека правам активен одмор, значи сите активности ми се намалени за 50 проценти. Знам да се опуштам, ќе излажам ако кажам дека тоа не е така. Знам да отидам од крајност во крајност. Секогаш се трудам да направам еден баланс, но секако за тоа треба време, бидејќи тоа е еден цел процес за да се одвикнете од лошите навики. Еве на пример, јас веќе една ипол година не јадам месо и тоа се чувствува можеби во однос на мускулатурата и масата, но ако ме прашате мене организмот многу подобро ми функционира. Ги почитувам оние како што рековте, основни правила за здравје, и кај сите луѓе каде што можам, пропагирам здрава исхрана. Доаѓа време кога мора да внимаваме што внесуваме. Има многу работи за кои треба да се размислува сериозно, има многу работи што се неважни и поради кои луѓето не посветуваат внимание на оние суштинските. Начинот на исхрана е број еден, начинот на дишење исто така. Ние треба прво да научиме како да дишиме, како да јадеме, како да комуницираме, а потоа сѐ останато. Поради целиот „метеж во сообраќајот“, поради социјалните мрежи, Интернетот и што уште не, се губат вистинските вредности во животот. Мислам дека ако продолжи така, не ни се пишува добро.

Дали и колку често твојата партнерка ти сугерира за твојот изглед и ти помага во комбинациите, или секогаш држиш се „под контрола“?

Па знае, често знае да ми сугерира. Може да се рече дека ги држам работите „под контрола“, но секогаш примам сугестии, ако сметам дека таа е во право и ако мислам дека тоа што го сугерира мене ми одговара. Тоа беше случај повеќе порано, сега не толку. Ми сугерирала, сме се погодувале во однос на стил, на комбинации и честопати и сме си сугерирале еден на друг.

Дали е можно во иднина да очекуваме некоја твоја колекција на капчиња, часовници, чевли или нешто од твоите обожавани парчиња, или едноставно рано е за твој „бренд“?

Да, може да очекувате. За часовници веќе имам соработка, за облека имаше некои комбинации порано, но остана така. Сега има една нова идеја, но не сакам ништо предвреме да најавувам. Она што можам да го откријам е дека има добра комбинација за колекција очила за сонце по мој вкус, со дрвени рамки, со интересни детали и тоа во соработка со многу добар словенски бренд. Тие секогаш бираат интересни артисти за нивните колекции, артисти што се поинакви од останатите. Линијата на очила за сонце ќе биде универзална, односно унисекс, бидејќи ќе може да ги носи секој, како што тоа е случај на пример со авијатичарските очила за сонце. Би направил и нешто само за мажите, но тоа е цела процедура и зависи од многу луѓе секако.

Џони Деп вели: „Моето тело е мојот дневник, а тетоважите се моите приказни“. Каква приказна раскажуваат твоите и му се гледа ли крајот на твојот „говор на телото“?

Токму така. И моите дефинитивно раскажуваат некакви приказни. Токму сега, ја цртам и левата рака, имам некои слики, замисли и концепти, имам мисла што сакам да ја реализирам и да ја пренесам на телото. Сите уметници што се на иста бранова должина со Џони Деп сметаат дека нивното тело е платно и прикажуваат слика каква што сакаат, си играат со нивното тело. Пак ќе кажам, тетоважите не се толку страшни како што е сето она што го внесуваме како течности и храна. Инаку јас сум за тетоважи и сакам да се срушат сите бариери околу нив, а можам да забележам дека се рушат постепено. Порано имаше едно мислење за нив, а сега е сосема поинаку. Сега се појавуваат многу ликови – Перо Антиќ има тетоважи, Тони Зен има тетоважи, еве го спомена Џони Деп и уште многу актуелни ликови имаат тетоважи. И сега е сосема поинаква приказна кога ќе видиме тетоважи на некои вакви луѓе и истите не не асоцираат на криминалци, наркомани или уличари како што тоа беше случај порано. Тоа сега е уметност и всушнос сите тие што прават тетоважи се уметници.

Можеме ли да кажеме дека омилениот бренд на Тони Зен е OBEY и дека тие воопшто не се „исти“ како останатите? Дали нивните парчиња во целост го отсликуваат твојот стил?

Не можам да кажам дека ми се омилен бренд, но тоа е дефинитивно мојот стил. Јас се пронаоѓам буквално во целата нивна пропаганда, концепт и идеја. Кога носам нешто, сакам да ја знам приказната зад тој бренд и нивните идеи, а не само да облечам нешто што е тренди и нешто поради што ќе ме сакаат другите. Нивната идеја е контрапропаганда на сѐ она што е политичко и истата има доза на сарказам и цинизам.

(Брендот OBEY е формиран во 2001 година како продолжение и на онака креативната работа на „пензионираниот“ скејтер – изумителот Шепард Феири. Оттогаш, преку урбаните парчиња облека за мажи и жени дел од популарната култура и преку остриот сарказам, Американецот го пропагира самозајакнувањето на личноста и шармантниот бунт против сите оние кои сакаат да го прилагодат светот на своите потреби.)

За крај, совет во однос на модата и стилот за нашите момци – читатели, со кој според тебе ќе почувствуваат целосна „слобода“ на личноста?

Јас секогаш го зборам истото – на прво место секогаш да Ви биде здравјето. Потоа, начинот на облекување и стилот, секогаш да си ги одредувате сами. Постојано да тежнеете кон добро расположение, а тоа може да се постигне само со внимавање на тоа што го внесуваме во организмот. Кога ќе се навикнете да внесувате убава и здрава храна, автоматски ќе изгледате убаво и надворешно, односно колку и облеката да е лоша, ќе изгледате убаво во неа. Многу е важно сите да одбираат парчиња по расположението, по карактерот, нормално по конституцијата и важно е секогаш да се чувствувате удобно во облеката. Добро е да се прават промени, но секогаш да внимавате како ги правите и дали ви одговараат, а не само колку да го следите трендот. Удобноста и добриот избор на бои се најважни.

Блиц прашања:

Костим без вратоврска - елегантно или не?

Да, зависи за која прилика. Со вратоврска изгледаш посериозно, како за на почеток на забава, а без, за некаде кон крајот.

Чевли и чорапи секогаш во иста боја?

Кога бевме на MTV Music Awards со Каролина пред 3-4 години, уште тогаш беа тренд чорапите со интересни дезени. Јас носев подвратени фармерки со шарени чорапи со „баклави“ со елегантни чевли и изгледаше супер. Но, за менталниот склоп овде на Балканот и кај нас, тоа не е кул. Според мене, се е ок, како сакаат, така нека носат.

Маж + шапка = тренди или само за на филм?

Во ред ми е, јас имам многу капи досега, сум имал отсекогаш, уште кога почнав да навлегувам во хип – хопот. И денеска имам многу шешири, летни капи, зимски капи...

Неколку евтини, ама модерни или инвестиција во еден, скап часовник?

Сега на постари години, еден, ама добар часовник. Претходно сум купувал повеќе, поевтини, и не е грешка ако помладите денеска имаат повеќе, ама се тренди.

Мажи + ланчиња и алки - секси или лош впечаток?

Никогаш не би носел. Освен часовник, капа, очила за сонце, други детали не би носел. Порано носев обетка, но веќе не. Но, ми се допаѓа кога на некој му одговара и знае да го носи.

Кое парче машка облека никогаш нема да излезе од мода?

Машкиот мантил со два реда копчиња. Мислам дека никогаш нема да излезе од мода, постоел отсекогаш и ќе остане да постои и да биде тренди.

Мажи што носат чанти – секси или тотален fail?

Зошто да не? И тоа ми се допаѓа кај некои мажи што знаат да ги носат и што им стои добро, без разлика дали е елегантна или некоја спортска, но можеби не е за нашава клима овде.

Добитна комбинација што секогаш пали?

Тренерки, блузон, патики и капче во зима, а во лето маичка на куси ракави, бермуди, апостолки и очила за сонце. Секогаш лежерно, удобно и едноставно.

Целосно црниот аутфит е секогаш добра идеја?

Да! Сум носел неколку пати комбинации во кои сѐ ми било црно и изгледало многу ок. Мислам дека црното и сивото никогаш нема да умрат за разлика од оние сега актуелни, пастелни бои.

Грижата на мажите за кожата е супер или карактеристика само на метросексуалците?

Задолжителна е кај секој човек. Секој треба да си прилагоди според себе, што му одговара и да го користи тој производ без разлика за што е. Прво да се провери, па потоа да се користи.

Твојот најголем адут што те прави поинаков од сите оние „исти“?

Па да, ние сите сме исти, јас цело време тоа го зборувам. Јас немам некој адут, имам можеби адути само во однос на информации. Имам повеќе информации, добра волја и позитивна енергија. Сите луѓе ги гледам како исти битија, само што секој е различно „подесен“.

Објавено:
31 јануари 2014