уметничко лизгање

Уметничко лизгање во Македонија: Зад магијата на ледот се крие борбата за подобри услови

Интервју со
Јана и Лариса
4 јануари 2019

Јана Куковска и Лариса Богатиновска и уште десетици нивни другарчиња речиси секое утро стануваат во 5.30 часот и се подготвуваат за тренинг по уметничко лизгање. Се упатуваат во спортскиот центар „Борис Трајковски“, кон единственото лизгалиште во Скопје и со нетрпение очекуваат да започне новиот час во точно 6.15.

Ние се дружевме со овие мали херои едно саботно утро и можевме одблиску да посведочиме за љубовта што ја имаат кон овој спорт.

Јана

-Тренирам уште од шест години, сега имам 13. Го сакам уметничкото лизгање токму поради уметничкиот сегмент, а поради тоа што може да се глуми во спортот. Не се работи само за скокањето или победувањето како во некои други спортови или само за да ни биде убаво телото. Во уметничкото лизгање има и балет и гимнастика и спорт и глума – вели Јана, по што се надоврзува и Лариса:

-Јас тренирам од седум години, а сега имам исто така 13 години. Мене ми се допаѓа бидејќи во овој спорт има елеганција, постојат интересни пируети, скокови, чекори за изведба. Убаво ми беше кога го гледав тоа на телевизија, па посакав и да се запишам.

Ги прашав и кои се нивните идоли.

-Мојот идол е Хавиер Фернандез, затоа што глуми кога лизга, тој тоа совршено го покажува. Ако го споредите него со другите како лизгаат, се гледа разлика. Тој е многу интересен –објаснува Јана.

-Грејси Голд и Лена Костернаја, втората е отприлика на моја возраст и кај неа посебно ми се допаѓа елеганцијата што ја има при лизгањето - открива Лариса.

Лариса

Најчестите прашања со кои се соочуваат во секојдневието, а се поврзани со овој спорт се дали им е тешко и како успеваат да стануваат толку рано речиси секое утро. Инаку, тие и нивните другарчиња во понеделник, среда и петок имаат два тренинга дневно, вторник, четврток еднаш, а во сабота еден до два, недела им е единствениот слободен ден.

- На крај на сезона доаѓа понапорно, бидејќи има четири месеци кога вежбаме секој ден, а на почеток е порелаксирано. Мене ми е понапорно да станам во осум, да одам во школо, отколку да станам во 5.30 часот и да одам на тренинг – потенцира Јана.

На саботниот тренинг кој го држат двајца тренери, од Бугарија и Русија, се запознавме и со мајката на Лариса, Весна, со која позборувавме и за другата страна на приказната, која никој не ја гледа. Зад сјајот и магијата на ледот, се крие борбата за подобри услови и опстанок.

Олеснителна околност е што од 2015 година постои Федерација на лизгачки спортови во Македонија, но со тоа не се решаваат сите проблеми.

- Скап спорт е. Додека немаше Федерација, сè финансираме сами, а и сега во голема мера. Да тргнеме од тоа дека едни лизгалки што треба да ги купите чинат минимум 300 евра. Фустаните, патувањата, котизација за натпревар, престојот таму, сè што треба тоа ние го финансираме. Сега, Федерацијата сепак дава можности за олеснување и голема благодарност, бидејќи на тој начин овозможува и децата да напредуваат во овој спорт. Воедно, апел да се направи затворено лизгалиште, бидејќи тука постојат деца што многу се трудат и го сакаат овој спорт. Тука навистина се работи за преголема љубов, премногу голем труд вложуваат за ова некогаш да опстане и многу ми е криво што нема некој фидбек од некоја страна. А би било многу добро да е обратно, бидејќи гарантирам дека од овие деца би излегло некое светско „чудо“, шампион... – објаснува Весна.

Сакајќи да ѝ ја исполнат желбата на Лариса и да го следат нејзиниот интерес за уметничко лизгање, се впуштаат во потрага по тоа што Македонија нуди.

- Уметничкото лизгање изгледа убаво на телевизија, изгледа лесно, и лелеаво, фустанчињата се убави, девојките се секогаш убави и Лариса се заинтересира. Се распрашавме дали такво нешто има кај нас, ни го посочија „Борис Трајковски“, но тогаш немаше сè уште мраз. Кога ја запишав, таа одеше на кондициони тренинзи. Вежбаше трчање, стомачни, вежби за цело тело, тренерот им кажуваше дека ќе имаме мраз и дека тогаш ќе видат колку е тоа убаво. Потоа ги ставија пластиките, а таму можеа само основни чекори да учат, затоа што во спротивно би ги искршиле нозете. Откако го ставија мразот, тогаш навистина започна магијата и тоа е нешто што влегува под кожа, дури ниту самите деца не можат тоа да го објаснат. Тоа што стануваат толку рано говори за нивната љубов – посочува нашата соговорничка.

Во текот на годината имаат и натпревари, што дополнително ги мотиривираат децата.

- Секоја година одиме во Нови Сад, да ги испробаме кореографиите, да ги „загрееме“, да видиме колку можеме. Потоа одиме на „Skate Helena“, тоа е натпревар од европски карактер, одиме и во Софија, а и кај нас тука имаме државен натпревар. Сме биле и во Будимпешта. И секогаш е многу возбудливо – вели Лариса, на што се надоvрзува Весна.

- Федерацијата, која е составена од неколку домашни клубови, како и во сите спортови, така и тука, овозможува средства што спаѓаат во тие таканаречени ИСУ категории. Ние сме дел и од Светската лизгачка федерација, која ни помага со средства да дадеме можност на децата да одат на подготовки. Сме праќале деца на „Јуниор гранд при“, лани и преклани, благодарение на Федерација, каде ја претставуваме Македонија, а Светската федерација го овозможува тоа. Децата од 13 години па нагоре имаат можност да учествуваат. И овие натпревари се навистина важни за нив, но не од аспект на победа. Тука можете да видите како се бодрат. Уметничкото лизгање е индивидуален спорт, секој настапува за себе, но сепак меѓу нив постои таква поддршка, љубов и другарство што не се опишува. И уште нешто, она што го гарантирам е дека овие деца многу поинаку размислуваат од децата што на пример, не се занимаваат со ниту еден спорт.

А кога сме кај натпреварите, Јана и Лариса на Државното првенство лани и преклани го освоија првото, односно третото место. Истото ќе се одржи и годинава, кон крајот на февруари, каде се очекуваат бројни гости. Весна истакнува дека организацијата на претходните две била на високо ниво, што го потврдиле и самите учесници, кои посакале повторно да дојдат.

- Во моментов се подготвуваат за Европскиот куп во Белград на 17. јануари, а на 5. февруари за „Софија трофеј“ во Бугарија, натпревар на меѓународно ниво. Некои деца имаат по две кореографии, други по една, во зависност од годините. И повторно ќе нагласам, тие се конкуренти меѓу себе, но овде има деца што во секој момент се поддржуваат. И самите велат: „Како што ние се чувствуваме овде, така ниту со другарчињата во школо не се чувствуваме“. Само да се погледнат, се разбираат, а за тоа секако придонесува и фактот дека и долго време се заедно.

На крајот од разговорот ги прашавме Јана и Лариса дали би сакале нешто да биде поинаку.

-Не, нас ни е сè добро, задоволни сме и ништо не ни е тешко – без двоумење рекоа и двете.

И на таков ентузијазам, љубов и посветеност едноставно занемувате и немате што да додадете. Сјајот во нивните очи говори сè. Она што го посакавме тоа саботно утро, го повторуваме и овде, уште еднаш – што поскоро да добијат сала на затворено, за нивните соништа, талент и труд да можат да ги распостелат во вистински услови, бидејќи навистина го заслужуваат тоа.

Објавено:
4 јануари 2019
Прочитано:
1.395 пати