Креативец

Уметност од жица

Интервју со
Елена Доленц
19 септември 2016

Таа создава уметност која преку жица ги поврзува природата, митологијата и древните култури. Накитот што таа го изработува истовремено е нежен и женствен, а моќен и впечатлив. Секое парче е синергија на детална и посветена изработка и уникатен дизајн кој е олицетворение на потребата за индивидуален израз, дефиниција за естетика која е лична, своја и неповторлива.

Ве запознаваме со талентираната Елена Доленц, која својот храбар порив за создавање уметност го канализираше преку рачната изработка на автентичен накит што ја носи етикетата Ellie Jewelry.

Елена Доленц

Кој беше клучниот момент што Ве натера целосно да се посветите на изработката на накит?

-Уште како дете бев насочена кон уметнтоста, ме интересираа сликарството, музиката, фотографијата... Изработувањето накит се случи сосема спонтано, пред се поради личната потреба да носам накит поразличен од она што се нуди низ продавниците, но и поради можноста за заработка. Можеби ова второто беше клучниот момент, покрај љубовта кон накитот секако, посебно одкако како самохрана мајка морав да најдам начин за да имам доволно време за работа и за своите деца.


Како ги стекнавте вештините на рачна изработка на накит?

-Вештините ги стекнував сама преку постојана работа, низ импровизации и лични експерименти. Во поново време учам техники и од интернет.

Какви техники и материјали најчесто користите при изработката?

-Изработувам накит во повеќе техники, но она што најмногу сакам да го работам и најмногу го работам е ,,wire wrapping'' техниката, тоа е техника во која накитот се изработува од жица. Техниката може да се примени на повеќе различни начини, од едноставно виткање па се до ткаеење или чукање на жицата. Користам жици од бакар, месинг, алуминиум, никел... се зависи од моменталната инспирација или од желбите на купувачите, а во иднина планирам да започнам да изработувам и накит од сребро.
И секако во изработките главен украс се полускапоцените камења и кристали, од кои еден дел сама ги обработувам.

Каков тип на накит изработувате?

-Немам строго одреден стил, но и не сакам да се ограничувам. Работам според моменталните чувствата и си давам апсолутен простор да еволуирам во нешто сосема ново.

Имавте можност да се доквалификувате во рамките на бесплатната работилница што ја организираше нашата модна куќа Елена Лука преку нејзината фондација. Колку сте задоволни од соработката и објаснете ни како течеше целиот процес?

-Морам да изразам огромна благодарност до фондацијата и до модната куќа ,,Елена Лука'' за можноста да посетувам бесплатна обука за дизајнер на која научив многу . Иако обуките беа повеќе насочени кон дизајн на облека, сепак тоа искуство многу ми користи и при дизајнирање на накитот. За време на обуките имавме можност од близу да се запознаеме со целиот процес на изработка на облеката и модните додатоци, да научиме како да ја развиваме првичната мисла за да создадеме колекција и да развиеме силно чувство за проценка во случај кога работиме со клиенти.

Вие бевте дел и од вториот проект на Фондацијата Елена Лука за Финансиска поддршка на самохрани мајки. Во што конкретно се состои поддршката?

-Истовремено конкурирав и за финансиската подршка на самохрани мајки кои се претприемачи или сакаат да започнат сопствен бизнис. Подршката се состоеше во финансиски средства во висина од 100 000 денари кои што ги искористив за поквалитетни алати, машини и репрометеријали за изработка на накит, како и за уредување и отварање на сопствена занаетчиска работилница.

Колку ова искуство Ви помогна да се лоцирате на пазарот на трудот?

-Најголемата добивка од сето тоа е тоа што во текот на обуките и во текот на состаноците кои се одвиваа во фондацијата, се здобив со многу поголема самодоверба и увидов дека мојот талент навистина се развил од почетоците па до сега. Сето тоа ми помогна да ја увидам вредноста на моите изработки, а тоа е многу битен фактор во оваа работа, посебно во ова време кога ракотворењето и уметноста не се доволно ценети.

Иако после обуките правев пауза од работата околу два месеца, сепак позитивните промени се чувствуваат. Се случија нови познанства, неколку нови соработки, а сигурна сум дека во иднина ќе ги има во поголем број.

На што работите периодов?

-На мое огромно задоволство, неодамна добив понуда да работам на еден многу интересен проект, кој ми претставува вистински предизвик. Се работи за претстојниот фестивал на римската древна уметност ,,Scupini Romani", накитот за потребите на фестивалот ке го изработувам јас, а воедно ке учествувам и на самиот фестивал со мала работилница. Моментално работам на подготовките за фестивалот, но паралелно работам и на нова колекција која што ќе биде поразлична од останатите според тематиката, но и поради тоа што ќе употребам некои нови техники и материјали. Овој пат планирам накитот да биде крупен, силен и комплициран, но на крајот сепак многу нежен и женствен, да биде поколоритен и да изобилува со силни бои.

Каде може да се купи Вашиот накит?

Накитот може да се нарача преку facebook, на facebook профилот Еllies Art https://www.facebook.com/profile.php?id=100007491857360 

Таму се изложени фотографии од секое парче накит со опис на техниката и материјалот од кој се изработени. Исто така наскоро дел од изработките ќе можат да се купат и во бутик ,,EDEN" во Куманово и во галеријата на центарот за карпеста уметност во Кратово.

Со оглед на тоа дека изработувате уникатен накит, што најчесто Ве инспирира за секое парче да биде поинакво од останатите?

-Пресуден е самиот момент и моето лично расположение. Најмногу ме инспирира природата и во моите изработки, иако се изработени од жица, може да се препознаат форми и текстури на дрвја, цветови и пеперутки. Исто така големо влијание имаат митологијата и древните култури, па се изгледа како некој модерен спој на сите тие нешта.

Каде ви се насочени идните планови? Што следно да очекуваме од Вашата работилница?

-Во делот на изработката немам некои конкретни планови, целта ми е да продолжам да се развивам како уметник, а времето и околностите ќе ми ја одредат насоката, а што се однесува до продажбата и маркетингот, планирам да отворам интернет страница преку која накитот ќе биде подостапен на купувачите надвор од границите на нашата држава, секако се надевам и на повеќе соработки тука кај нас.

 

Објавено:
19 септември 2016
Прочитано:
1.207 пати