графички дизајнер

Уметноста не плаќа сметки

Интервју со
Горан Костовски Ind Og
16 ноември 2018

Изминатово лето познатиот бренд Ind Og прослави осум години постоење со лансирање на лимитирана капсулна колекција која повторно наиде на воодушевување кај сите оние кои ја познаваат работата на Горан Костовски. По тој повод, со него разговаравме за сите подеми и падови на брендот изминатите години и за популарната философија насловена како „Celebrate life“. Кога ќе го запознаете, ќе сфатите дека токму овие два збора најдобро го опишуваат, бидејќи на единствен начин го слави и ужива животот. На моменти страшно реален, но секогаш искрен и отворен за што и да стане збор. Oткри дека многу наскоро ќе ги израдува обожавателите со нова капсулна колекција чија тема, сосема соодветно за периодов, ќе биде загадениот воздух. Додека ги очекуваме новите парчиња со кул илустрации, читајте за сè она што ѝ се случува на културата во Македонија, колку денеска е тешко да си уметник, како да се остане позитивен во ова сивило и уште многу други работи кои овој петок ќе го направат поубав, или макар, пореален од Инстаграм.

-Летово прославивте осум години постоење на брендот со лимитирана серија под наслов „Celebrate Life“. Како Вие го славите животот?

Целата приказна на „Celebrate Life“ се движи околу „направи сам“ естетиката, а тоа е многу популарна естетика која ја користеле панк бендовите во 70 – тите во Калифорнија. Мене сè уште ме инспирира таа субкултура и затоа се држам до тие вредности. Мојата облека јас ја правам по мали погони, секогаш станува збор за лимитирани парчиња, најголемата серија била 30 парчиња. Кога сега ќе кажам осум години, тоа е навистина долг процес, особено ако го правиш тоа што сакаш без да очекуваш некаков фидбек или пари. Тоа е навистина многу. Досега имам нацртано над 400 илустрации во една година. За секоја колекција јас правам некакво пакување, а овој пат тоа беа торби специјално дизајнирани за маичките и многу ми е драго што тој проект го правевме заедно со мајка ми. „Celebrate Life“ пренесува позитивна порака, но зборува за социјалните теми. Јас се трудам секојдневно да бидам што е можно подобар човек, да правам корисни работи, да бидам дел од општеството. Да не фрлам ѓубре, да го собирам изметот на моето куче, да возам велосипед, да не кршам дрва... Иако некој ќе каже дека ова се клише работи, но всушност не е така. Во градов луѓето сè уште кршат клупи и канти и им е срам да го собираат изметот од животните. Се трудам да бидам подобра верзија од себе секој ден. Многу ме исполнува тоа што работам со млади луѓе како професор, моите студенти имаат многу убава енергија и секој ден уживам со нив. Ако нешто можеме да постигнеме и промениме тоа е само со едукација. Друго решение не постои.

-На што сработено досега најмногу се гордеете?

Кога си креативец е многу „грозно“ и убаво. Во исто време чувствувате среќа и тага. Може со месеци да цртам нешто и кога ќе му дојде времето да сфатам дека не ми се допаѓа. Тоа е големината кога твориш и кога создаваш уметност, никогаш не можеш да си 100 проценти среќен. Не можам да кажам на што сум најмногу горд, но пред сè сум најгорд што успеавме за осум години да стекнеме некое позитивно мислење и луѓето околу нас барем малку да се посреќни. Јас многу сочувствувам со луѓето и многу ми е жал кога 90 проценти од времето се жалиме. Ова е само некој вентил да ги натераме луѓео малку поинаку да размислуваат, ништо повеќе. Многу сум горд што платформата опстоја, без никакви донатори и што некако сама се одржа. Јас сум многу благодарен што некои компании ме ангажираат да работам на оваа тема и да го пласираат нивниот производ низ мојата призма. Тоа беше моментот на опстанок. Можеби ќе бев посреќен ако успеев да најдам некое спонзорство и да успевме да отвориме некое ателје, бидејќи целата моја работа е навистина приватна и треба да ме познавате за да вие имате парче облека или илустрација од мене. Јас се надевам дека во иднина ќе се отвори некаква можност и сето тоа ќе биде подостапно. Горд сум што го отворивме пазарот, бидејќи многу луѓе почнаа да печатат маици, да се занимаваат со ова. За жал, многу од нив не траат затоа што мислат дека веднаш ќе направиш пари. Не, нема пари. Ако сакате развивајте култура и прифатете го тоа, престанете да се жалите колку е лошо и дека нема мода и сè останато. Пробајте да направите нешто, никој нема да дојде и да ви го направи сами ако не се потрудите.

-Што Ве фасцинира во животот?

Во последно време ме фасцинира искреноста и мислам дека навистина се оттргнавме пред сè од себеси и живееме во некои стандарди што не се својствени со нас. Повеќето од луѓето не работат на себеси, ние пукаме од фрустрации и не се трудиме да го подобриме тоа. Јас знам зашто сум исфрустриран и се трудам да го поправам тоа. Ме фасцинира чистината. Некои луѓе навистина не заслужуваат да си искрен со нив, но многу е убаво кога ќе сретнеш луѓе со човечки вредности. Во животот многу изгубив затоа што не глумев и не бев лицемерен и можеби сега ќе бев друга верзија, но јас избрав да се следам себеси. Сакам да се врати човечноста, иако ова звучи малку утописки. Денеска секој гледа да преживее и луѓето не бираат средства за тоа, но не можеме да ги судиме за тоа.

-Како успевате да останете позитивен покрај сето сивило на денешницата?

Јас 90 проценти од денот се трудам да ги гледам добрите работи, но тие 10 проценти кои преовладуваат, ме „убиваат“. Доволно е да се уклучам на Фејсбук и да видам некоја ужасна вест за да го надмине сето позитивно. Позитивноста е процес кој треба да почнеме да го прифаќаме. Една моја другарка вели: Имам потреба да седам со луѓе кои се депресивни, кои сакаат малку да плачат, имам чувство дека сите се среќни на Интернет. Сите ја покажуваме нашата среќа по социјалните мрежи, па колку кафиња пиеме, па колку ни е убаво со пријателите... Позитивноста е нешто што секој од нас ја има, само не знае како да ја примени. Не е сега добро да зборам дека промената е до нас, а ние немаме дома пари сметките да си ги платиме. Не мислам дека да останеш позитивен е процес кој треба да го избегнеш, туку едноставно треба да си ја прифатиш реалноста каква што е и само тоа ќе ти даде надеж, а тоа е она што нè движи. Реално, треба да сме спремни за да се смениме. Може сè да ни е лошо, но ако ние не сме подготвени за промена, џабе е сè.

-Што ќе бевте да не станевте графички дизајнер?

Јас секогаш сакав да работам дизајн, маркетинг, реклами...Уште од дете бев фасциниран од поп културата и од она да чекам пред телезивор за да го снимам омилениот спот на MTV, тоа се работи што нема да се вратат. Или тоа да чекаш со месеци да ти стигне новото CD. Тие работи отсекогаш ме фасцинирале. Облеката исто така. Кога бев мал, во Скопје постоеја многу субкултури и таа улична култура ме фасцинираше и денеска сè уште се возбудувам кога ќе видам нови деца кои работат на некој друг, нов правец во музика, облека и сè останато и што не се дел од толпата. Денеска, секој може да биде што сака. Јас отсекогаш сакав да бидам графички дизајнер. Некако немав смелост да почнам да се занимавам со мода, до пред осум години, иако и денес не мислам дека правам мода, туку дека само пренесувам крик од самиот себеси. Цел живот си правев облека за себе и некако решив дека е време да дадам отказ од работа, не знаев што да правам со себеси, бев несреќен и така и почна сè. Мислам дека цело време мора нешто да ме движи за да бидам продуктивен и да почнам да се менувам. Можеби, ако не бев дизајнер, ќе бев психијатар. Многу ми се допаѓа човековиот ум како таков. Секако, ќе бев нешто што ќе ме правеше среќен. Во последно време, работата како професор ми е нешто неверојатно и ќе пробам да работам за да бидам подобар таму. На крај на денот, уметноста не плаќа сметки, затоа треба да работиме по неколку работи. Ако сакате да се занимавате со уметност, треба да сте спремни дека во одреден момент нема да имате пари за да преживеете. Тежок е патот на уметниците и најчесто, уметноста е привилегија на тие што можат да си ја дозволат и затоа е тешко да се работи било каква уметност.

-Од времето кога почнавте да се занимавате со ова па сè до денеска, има експанзија на вакви и слични брендови...Како да се остане оригинален или подобар од конкуренцијата?

Конкуренција искрено нема. Има некои обиди да се направат некои локални брендови за улична облека, но нема конзистентност, сè е некако хоби. Во државава не постои никаков кластер. Во Лондон на пример, има Fashion Council кој им помага на младите таленти да извадат нови колекции. Реално, ние тука имаме потреба од такви кластери кои ќе ни помагаат за ние да се развиваме. Имаме потреба од некои филантропски луѓе кои ќе веруваат во културата и ќе можеме да развиваме нешто друго за така да пораснеме како конкуренција. Уличната облека е нешто што веќе е многу комерцијално во светот. Штом Гучи стигна да прави дуксери и Луј Витон да прави соработки со скејт брендови и парчињата да се продаваат по 3,4 илјади евра, веќе уличната облека стана мејнстрим. Тоа малку ја изгуби поентата, бидејќи уличната мода ѝ припаѓа на улицата и на сите оние луѓе кои слушаат алтернативна музика, возат скејтови, велосипеди, фотографираат и слично. Јас се надевам дека во догледна иднина ќе има некакви инвестиции за креативните индустрии за ние да можеме да почнеме да се развиваме и да почнеме да збориме за конкуренција. Има кај нас добри дизајнери, но недостасува пласман на облеката и контакт со локалните клиенти. Луѓето кај нас мислат дека да купуваш облека од македонски дизајнери е нешто невозмжно, а не сфаќаат дека со тоа помагаат да нѝ се развива индустријата. Луѓето треба да разберат дека се дел од нешто взаемно.

-Кој е вашиот херој од реалниот живот?

Мајка мѝ која нè пораснала мене и сестра мѝ и која успевала да нѝ ги плати сметките, да нѝ одвои пари за преживееме, да нѝ купува облека, да нè праќа на одмори... Таа е мојот вистински херој. Херои се сите оние што придонесуваат за подобро општество и кои решиле дека нема да станат ужасни и злобни. Јас се надевам дека сите ќе станеме херои за ден, како што вели Дејвид Боуви. И навистина, секој од нас може да стане херој барем на еден ден. Да направиме нешто што никогаш не сме го направиле, а да биде од корист на идните генерации.

-Што е следно од Ind Og? Можеме ли да ја најавиме Вашата нова колекција дуксери?

Јас неколку месеци работам на нови дизајни. Се надевам дека веќе сериозно ќе почнеме да се занимаваме со воздухов и многу е тажно во 2018 – та година да зборуваме за загаден воздух кога луѓе се качуваат на Месечината. Воздухот е тема на мојата нова серија од дуксерот. Природата секогаш е тема на моите капсулни колекции. Ќе се осврнам на загадениот воздух и јас искрено мислам дека е време конечно сериозно да се позанимаваме со тоа, затоа што последните бројки се траорни и жалосно е мали деца да одат со маски. Секој од нас во текот на денот може да сподели превоз, да се вози со јавен превоз, со велосипед, барем нешто да направи. Не можеме постојано да обвинуваме некој, бидејќи секој од нас мора да тргне од себе. Ајде да тргнеме од некои мали ситници за и ние да станеме подобри. Илустрацијата овојпат е посветена на таа тема.

Објавено:
16 ноември 2018
Прочитано:
407 пати