претприемач

Успех под превезот на емоциите

Интервју со
Нина Ангеловска
16 февруари 2018

Кон крајот на минатиот месец, во македонските медиуми одекна веста за двајца млади Македонци што се најдоа на листата на „Форбс“ – Жарко Димитриоски од „Еден на еден“ и Нина Ангеловска, ко-основач и извршен директор на „Групер“, нашиот нов соговорник.

Убаво беше што во морето политички превирања, загаденост, сиромаштија, економски, општествени, меѓучовечки и какви не проблеми, слушнавме и имаме позитивен пример и тоа од дома.

Факт е дека изминатиов период можевте и двајцата да ги видите речиси на сите медиуми, како ја раскажуваат својата успешна приказна. И ние го сторивме тоа, но на малку поинаков начин.

Ја повикавме Нина да биде наш гостин и да дознаеме повеќе за неа и надвор од значењето на „претприемач“ и „Групер“. Вели, ѝ годи што сме успеале да ја скротиме на неколку часа, иако темпераментот ѝ избива дури и кога само седи.

 

Нејзиниот ден започнува во седум часот наутро, а секоја минута е организирана.

-Ставам турско кафе. Знам колку време му е потребно да се свари, во тој период јас се туширам и излегувам точно на време за да го тргнам од рингла. Пијам кафе, тогаш и ја разгледувам агендата на денот. Така ми почнува денот и потоа се пуштам во брзото темпо на живот. Ако завршам со обврските до 18-19 часот, одам на вежбање. Доколку знам дека ќе се задржам повеќе, тогаш утрото го почнувам со трчање, што ми е одличен почеток на денот – вели Агеловска.

Ретко кога ја трга насмевката од лице, ја има како дел од неа за кој веројатно честопати и не е свесна дека го носи. Таа е нејзиниот заштитен знак што влева позитивност, но не ја намалува сериозноста што ја има при извршувањето на обврските.

-Навистина го ценам и своето и времето на другите. Идеалната зделка за мене би била, плати 30 минути, добиј 60.  Секој понеделник имаме состанок со тимот, каде што утврдуваме што ќе се работи на неделно ниво. Во последниве шест месеци, агендата ми е прилично амбициозна. Имам по пет минути помеѓу две работи. Но, не значи дека немам време и за блиските или пријателите. Сè е до организацијата. Ако знаете како да се организирате, тогаш ќе најдете и време. Никогаш не сум му рекла некому дека не можеме да се видиме. Ќе најдеме начин како – потенцира Нина.

 

Во Лондон ми најдојдоа емоции

И покрај тоа што признанијата не ѝ се нешто непознато, за ова од „Форбс“ помислила дека е “спам“ во мејл.

-Првпат ми пишаа мејл два и пол месеци пред да биде официјалното прогласување. Насловот на мејлот беше „Честитаме, вие сте номинирани за Форбс 30 под 30“. Си помислив да не е “спам“ па ги проверив информациите :). Тоа беше првиот пристап. Во него имаше прашалник, на кој требаше да одговорам. Прашањата беа различни, но од бизнис аспект. Тогаш почна да ми се раѓа мала надеж – признава Нина.

Инаку, првото интернационално признание што го добива е од германското списание „Хундред“, и со тоа се наоѓа меѓу 100-те најуспешни жени основачи на стар-ап сцената од Европа. Таа листа ја споделуваат со „Форбс“, па тогаш на шега си помислува „Замили навистина да сум дел од „Форбс“.

-После три недели, добив известување дека сум во А-листата, а потоа бараа да ја потврдат вистинитоста на одговорите што сум ги дала претходно. Се пошегував дека го фатив последниот воз за „Форбс“ под 30-тата – вели 29-годишната скопјанка.

При севкупната комуникација се потенцирало дека информациите и номинацијата се од доверлив карактер.Само родителите, момчето и сестра ѝ знаеле за ова што се случува.

- Како што се наближува моментот и сфаќаш дека си го поминал третиот круг, надежта и неизвесноста растат, секој ден  си легуваш со мисла дали утре ќе ми пратат мејл, ќе ми кажат ли дека сум дел од таа листа  – признава Ангеловска.

Многу бргу, тоа и ќе се случи:.

-„Честитки, вие сте финалист на Форбс 30 под 30“, гласеше последниот мејл. Тоа значеше дека си меѓу најдобрите педесет и те канат на настан, а воедно и те информираат дека таму ќе биде соопштено кои се најуспешните 30. Така што, кога отидовме за Лондон, не знаевме дали сме меѓу избраните. Имав само 10 дена да извадам виза, што беше тешко, но многу ми помогна амбасадорот на Британија, за што сум му многу благодарна. Оттаму ми напоменаа дека има уште еден кандидат од Македонија, но не смееја да ми откријат кој е. Интервјуто го имав веќе следниот ден, каде и се сретнавме со Жаре. Сфативме дека одиме на исто место – раскажува Нина.

На крајот, ја има и во листата на 30 најуспешни.

-Листата се објавува по американско време, а тоа значеше дека во Лондон ќе биде соопштена во еден часот по полноќ. Чекав, но од умор заспав со телефонот во рака. Во два часот по полноќ ме разбуди момчето, кој се покажа најумешен во пребарувањето, кој ја фатил листата уште при самото објавување на страната на “Форбс” :). Настанот на кој бевме се случи следниот ден, во попладневните часови и беше прекрасно организиран, вмрежување на 300 брилијантни луѓе од Европа. Но, времето пред тоа, мене ми беше многу повозбудливо. Многу ретко сум емотивна кога е бизнисот и успехот во прашање и за тоа што сум постигнала. Но, дента надојдоа емоции. Најчесто кога патувам или кога ќе се случи некој успех, се случува многу бргу, има веќе нешто следно што треба да се прави и многу ретко имам време да се навратам наназад, на почетоците, на тоа до каде сум стасала и слично... А таму размислував за тоа. Им пишав и на моите дома, „Ви благодарам што ме воспитавте вака, за жртвите, што ме едуциравте вака, што ми вбризгавте желба да се борам, да бидам ентузијаст, оптимист. Ме совладаа емоции... Исто и кога му пишав на мојот тим, бидејќи ни тие не знаеја. Цел ден ми беше многу посебен – се присетува Нина.

На прашањето, знае ли да ја понесе успехот и како успева да го одржи умот бистар ќе каже:

-Седум години го живеам „Групер“ животот, но убаво ми е... Мислам дека е најважно да си искрен кон себе. Да знаеш кој си, од каде доаѓаш, каков ти е карактерот и кои ти се основните вредности. Ако си на чисто со тоа, каква и фама да те понесе, што е и нормално во одредени моменти, сепак ќе успееш да стоиш цврсто на земја. На сите ни годи да добиеме признание. Утринава трчав и ме сретна еден човек, „Девојче бе, студи, каде си тргнала“, а тргнав со помислата дека ќе истрчам 4-5 километри. И си реков, во право е човеков, ќе истрчам три. Трчајќи налетувам на едно момче кое го шета кучето, и ми вели: „Браво, така се почнува денот. Добро утро! Браво девојко!“ И си реков, ма пет ќе ги истрчам. Најдобрите резултати се прават кога си добро мотивиран, кога некој те бодри и ти вели дека си добар. Тоа во мојата работа тоа се и признанијата. Најголема сатисфакција ми е кога ќе си поставам цел каде треба нешто да биде и ќе го постигнам тоа. Но, не сум приврзаник на тоа дека целта ги оправдува средствата. Сметам дека е многу важно како стигнуваме до неа - да бидеме чесни, транспарентни, вложени... Ќе има и жртви што треба да се направат, ќе нема да спиете, ќе немате секогаш време за најблиските и слично, но треба да се остане доследен и позитивен.

 

Постара сум од сестра ми осум години, но секогаш го барам нејзиното мислење

Родителите ѝ се голема поддршка, но и остри критичари. Вели, не ја штедат. Секогаш добива искрен “фидбек“.

-Сите сме на старт резестентни кон критика, но ако научиме како да ја прифатиме, ќе бидеме уште подобри. Тоа е умешност – да знаеш да прифатиш добра критика, но умешност е и да добиеш добра критика.

А уште една личност која знае да ги каже вистинските и искрени зборови е нејзината сестра Марина.

-Таа е помала седум и пол години од мене. Се обидувам да ѝ бидам поддршка и мотивација во секој поглед. Со оглед на тоа дека сум прилично повозрасна од неа во многу работи се огледува на мене, но мислам дека треба да се биде претпазлив за да не се создаде притисок дека истото се очекува од неа. Успехот не е секогаш да изградиш бизнис. Успехот за секого е различен. Воопшто не сметам дека сите треба да бидеме претприемачи. Баланс во животот треба да постои. Таа учи пограмирање, двете сме темпераментни, но таа е поразлична од мене. Си го сака тоа што го работи. Се надевам дека ќе ѝ бидам поддршка и понатаму, како што и таа ми е мене. Без разлика што сме разлика речиси осум години, ѝ ценам мислењето.

И покрај бројните обврски, сепак не се запоставуваат една со друга.

-Порано игравме јамб заедно. Во последно време, бидејќи јас сум зафатена, а и таа учи, агендите не ни се поклопуваат, особено откако не живееме веќе заедно. Сепак, се гледаме еднаш неделно, го поминуваме времето заедно, или таа доаѓа на гости кај мене, или јас одам, или играме борд игри, си го одржуваме односот ептен. На „Вибер“ имаме група со неа и нашите родители и тука најлесно се споделува сè. Пред целава збрка со „Форбс“, за Божиќ имав потреба професионално да одам во САД, но исто така и да си дозволам да останам некое време, па ја повикав и неа со мене. Така што, Божиќот го поминавме таму, останавме девет дена и имавме навистина квалитетно време поминато заедно – открива Нина.

Физички повеќе наликува на мајка си вели, но карактерно има карактеристики од двајцата.

-Тој избрзувачки темперамент можеби повеќе го препознавам кај татко ми, ма да и двајцата ме научиле да се борам. Додека растев, мајка ми беше исто многу зафатена и кога комунициравме секогаш требаше да се оди на главното, без завлекувања. А гени за бизнис имам од двајцата. Мајка ми е универзитетски професор, па повеќе ме насочувала во однос на едукацијата, да се борам за повеќе знаење, а од татко ми повеќе за бизнисот, што е одлична комбинација.

 

Знам да се ставам во кожата на другиот

За тоа, дали таа размислува за семејство и тоа како би изгледал нејзиниот живот тогаш ќе каже:

-Сум размислувала и со оглед дека во моментов сум лагодна и убаво ми е вака како што ми е, верувам дека неизбежно ќе биде да ги сменам приоритетите. Но, исто така верувам дека ќе успее да се најде баланс, за да не се случи тотално дефокусирање од едно кон друго и мислам дека тоа е клучно, за да се чувствуваш успешно и среќно, а притоа да немаш чувство дека нешто жртвуваш, иако и тоа си бара голема жртва. Би се фокурисрала многу на читање и гледање на како треба да се изведе тоа, бидејќи верувам да се има семејство е многу одговорна работа. Пример ми се моите родители и би сакала на тој начин да можам да влијаам на моите деца и да пренесам тоа што мене тие ми го пренеле. Сè уште немам свое семејство и деца, така што не можам да зборувам за таков успех, се надевам дека допрва ќе бидам пример и на тоа поле.

Честопати ја нарекуваат успешна жена, добила и признанија за тоа, но за тоа што за неа претставува успешна жена вели:

-Умереноста и балансот се клучни за сè, па така и за успехот. За секого успехот е различно нешто. За мене, да си комплетен како личност на сите полиња. Многу често, успехот  се карактеризира како дел од работата, но не е само тоа. Успех е да имаш и добри пијатели околу себе, да имаш семејство што се поддржува, да умееш да ги балансираш тие работи, да не ти трпи фамилијата. Но, балансот, добрата организираност и едуцираност се некои работи што ја одликуваат една успешна жена.

И покрај тоа што вели дека ретко кога е емотивна за работата или достигнувањата, сепак не крие дека е човек со многу емоции.

-Верувам дека умеам да ги искажам и да се справам со нив. Емоциите не бираат време и место, само треба да се изменаџираат добро. Во последно време читам многу за емоционална интелигенција, тоа е нешто што се тренира. Клучна е и за бизнис и за комуникација. Инаку, би кажала дека сум емпатична, знам да се поистоветам, знам да бидам и премногу емотивна. Но, сметам дека способноста да се ставиш во туѓа кожа е голема предност. И да простиш и да знаеш кога си згрешил. Инаку, претходно бев многу поемотивна, но со бизнисот, созревањето и искуството научив како да ги скротам.– посочува Нина.

И додава:

-Во брзото темпо и секогаш недостаток на време често се случува да морам многу брзо гу да ги менаџирам емоциите, односно сè помалку време се има за процесирање и анализирање. Знам да се радувам на мали работи. И многу сакам да славам работи, родендени, успеси. Сакам да ги споделувам убавите работи, да ги одбележувам. И на работа знаат да ме израдуваат колегите. По враќањето од Лондон ми дадоа подарок на кој пишуваше „Можеби за „Форбс“ си 30 под 30, но за нас си една и единствена“. Кога гледаш дека луѓето околу тебе те ценат, тоа ме прави емотивна, задоволна и среќна, а не само признанијата. А нешто што знае да ме извади од кожа е неодговорност, отсуство на ред. Ме растревожува кога не можам да се разберам со некого, кога давам конструктивна критика. Ако со некого не умеам да се разберам знае да ми пречи.

 

300 на саат, но секогаш насмеана

Кон вработените има пријателски однос, кој го негува.

-Мнoгу ми е важен тимскиот дух и мотивација. Се трудиме да изградиме динамична креативна култура, каде нема строга хиреархија, но секој си ги знае задачите, одговорностите и границите и си ги работи своите работи и тоа со љубов. Многу ми е важно да работат со желба, бидејќи повеќе од половина ден го минуваме заедно. Многу важна работа за мотивацијата, покрај тим билдингот, дружбите, игрите, е фидбекот -  дали работата е добро сработена или критиката ако не е. Повратната информација е важна за сите. Ако не прават добро - да видиме како треба, а ако е одлично, да се продолжи така. Многу почитувам иницијатива. Се чувствуваме како едно големо семејство. Убаво е кога гледаш дека другите им е убаво да се дел од оваа компанија – потенцира Ангеловска.

Внимава да не предизвика негативна емоција кај другиот. Ја прашавме каков впечаток има таа, како другите ја доживуваат. И покрај тоа што вели, не сака многу да зборува за себе, сепак смета дека темепераментот е тој што ја издвојува.

- Она како јас си се доживувам, а воедно мислам дека и другите ме доживуваат е како брз организам, “воркохолик“, што не излегува од границите на позитивното. Мислам дека се трудам да бидам фер и коректна со сите.  Многу ми е драго кога после некоја посета на универзитет или слично, ќе добијам порака дека сум ги мотивирала да го реализираат тоа што сакаат. Тоа ми предизвикува убави чувства. Ме доживуваат како 300 на саат, но секогаш насмеана.

Успехот кај другиот знае да предизвика и завист. Многумина на нејзиниот живот гледаат како на совршен.

-Мислам дека совршенство не постои. Ниту мислам дека треба да се прикажува на тој начин, бидејќи на секој нешто му недостасува и не му е сè секогаш совршено. Со многу напорна работа и труд успевам да се справам со сите предизвици, пречки кои секако ги има постојано. Но, не се жалам, си го сакам животот. Некои дури и приоѓаат со став, „Леле колку многу работиш..“, како да ме жалат. Но, тоа е мој избор, ми се допаѓа и напротив сметам дека напорната работа не ја исклучува забавата на патот (Anything can be done and it can be fun). Си го сакам брзиот живот, посветена сум на тоа, со сите несовршености.

 

Сакам парфеми, чанти и ланчиња

Нашата средба ја искористивме да направиме и фотографии во кои ќе ја видиме и во поинакви модни изданија, освен деловните. Позборувавме и за тоа каков купувач е, но и за тоа каква модна страст негува.

- Шопинг повеќе сакав порано, сега немам толку време, па идеално би било кога некој би можел да купи наместо мене. Што носам зависи од моментално расположение, но и од агендата што ја имам. Важно ми е да се чувстувам удобно и да бидам јас. Не сакам претеризам во ниту една сфера од животот, па ниту во облеката. Сакам парфеми, чанти, многу често знам да одберам некоја во интензивна боја. Генерално преферирам минимализам. Повеќе сакам сако со маичка, отколку со кошула. Сакам едноставни суптилни ланчиња. Имам едно кое ми е подарок од татко ми и многу ми е драго. Во секое парче си наоѓам некоја симболика, но не сум човек што се врзува за предмети или е суеверен. Не сакам облеката да го одвлекува вниманието. Јас не сум модна фигура, треба да изгледам професионално и средено, но да доминира тоа што имам да го кажам. Сакам квалитетни парчиња, ама едноставни. Ниту со коса експериментирам. Пред некоја година ја скратив и нема да менувам, одлично ми одговара на сегашниот темперамент.

А за тоа, дали забележува што носи тој што седи спроти неа, ќе каже:

-Претходно не многу, а сега можеби повеќе, бидејќи и изгледот, не само јазикот на телото, кажува многу за личноста. Можеби нема точно да се сетам што носел некој, но ќе ми придонесе за генералната слика. Тоа потсвесно го примам. Нешто што ми остава впечаток, и што може емотивно да ми врати слика е парфем и песна. Мислам дека тоа е многу личен избор. Наутро кога бирам парфем, го бирам по расположение. Некогаш врз изборот ми влијае името. Денеска го имам „Ла вита е бела“.

 

Што после „Форбс“?

После „Форбс“ продолжува со нови предизвици, но во нивната вистинска смисла на зборот.

 -Ќе има многу настани што ќе ги организираат од „Форбс“. Наскоро ќе се одржи еден настан каде за првпат ќе нè спојат нас од Европа, со оние од Азија, Африка и САД. Во Тел Авив ќе се случи настанот, а веќе е најавен и Самит на ниво на Европа. Вниманието што го добиваш со тоа што си на таа листа е неверојатно. Бенефициите се што добиваш многу контакти, можеш да оствариш потенцијални партнерства. Една од највредните работи е токму таа вмреженост (networking), каде што се запознаваш со успешни луѓе од цела Европа, па ти се отвораат нови врати, не само кон Европа, туку и пошироко.

Дали тоа значи дека и „Групер“ ќе излезе надвор од Македонија, додава:

-Тоа ќе видиме. Во моментов предизвик ми е како да жонглирам со сите топки. Едната е менаџирање на „Групер“, веќе е направена стратегијата за цела 2018 година, добро зацртани цели. Наскоро треба да имаме состанок на кој ќе презентираме што сме постигнале, што сакаме да направиме. Друг предизвик ми е Асоцијацијата за е-тргоцвија. Таму сум еден од основачите и претседател. Предизвикот ми е таму да ги елиминираме бариерите што постојат за е-трговија. да ја унапредиме трговијата, растот за сите учесници на пазарот. Сега ја правевме и програмата за годинава, а првиот проект на кој работиме е сопфатна анализата за состојбата со е-трговијата во земјава. Веќе има голем интерес, што значи дека имало потреба од нешто вакво и верувам дека на овој начин ќе постигнеме поголеми промени, на повисоко ниво. Во моментов работам и консултантски услуги за една голема интернационална компанија, за како да креираат раст и развој во полето на е-трговија и е-бизнис. Така што проширувањето на „Групер“ е во план, но за 2019 година, со оглед на тековните ангажмани и предизвици, за да можам да се постветам на тоа. Се трудам секогаш да стигнам секаде, но со сè побројните покани и понуди станува сè потешко. Се трудам да стасам и да одговорам на поканите за мотивациски говори, бидејќи ги доживувам како општествена одговорност. Особено после ова признание. Одговорноста е поголема и имаш стремеж да пренесеш информација, да направиш некој друг да успее, да мотивираш. Да им кажам, дека Македонија е сè уште во развој, но ако сакаш и знаеш, се дадеш, имаш пасија и спремен си на многу жртви, тогаш можеш да направиш и нешто поголемо!.

Објавено:
16 февруари 2018
Прочитано:
2.435 пати